Што има вистинска вредност?
Што има вистинска вредност?
Поседувањето нешто со вистинска вредност може да биде возбудливо. Но, што би можело да биде тоа? Голема сума пари? Скап или егзотичен накит? Слава и истакнатост? Многу луѓе високо ги ценат овие работи. Поседувајќи ги нив, можат да си обезбедат средства за издршка, да си го направат животот посмисловен или да задоволат некоја внатрешна потреба од признание и достигнување. Дали тежнееме да стекнеме такви работи, надевајќи се дека со нив ќе ги исполниме целите и стремежите за иднината?
ЛУЃЕТО претежно ја оценуваат вредноста на нешто на темел на тоа дали ги задоволува нивните потреби или лични желби. Нам ни се драги работи кои создаваат чувство на благосостојба и нудат изглед за безбедна иднина. Високо ги цениме работите што донесуваат непосредно олеснување, утеха или признание. Сепак, да се смета нешто за вредно врз основа на нашите променливи желби или интереси е површно и кратковидо. Всушност, вистинската вредност се одредува според она што сфаќаме дека е наша најголема потреба.
Која е нашата најголема потреба? Ништо нема вредност без една примарна состојка — животот. Без живот, не постоиме. Цар Соломон од древниот Израел напишал: „Мртвите ништо не знаат . . . во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10, СП). Ако нѐ затече смрт, принудени сме да напуштиме сѐ што поседуваме. Значи, нашата најголема потреба е да прибавиме нешто што ќе ни го сочува животот. А што е тоа?
Што ќе ни го сочува животот?
‚Сребрениците се заштита‘, рекол цар Соломон (Проповедник 7:12). Со доволно пари можеме да си набавиме храна и удобен дом. Парите можат да ни овозможат да го имаме задоволството да патуваме во далечни места. Можат да ни ги обезбедат потребните работи кога повеќе не ќе можеме да работиме поради старост или немоќ. Постојат многу користи од поседувањето пари. Сепак, парите не можат да ни го сочуваат животот. Апостол Павле го опоменал Тимотеј: „На оние кои се богати во сегашниов систем на работи наредувај им да не бидат вообразени и својата надеж да не ја полагаат во несигурно богатство, туку во Бог“ (1. Тимотеј 6:17). Со никакви пари на светот не можеме да си купиме живот.
Разгледај го искуството на еден човек по име Хитоши. Бидејќи растел во сиромаштија, Хитоши имал силна желба да биде богат. Толку многу верувал во моќта на парите што мислел дека со нив може да се купат дури и луѓе. Потоа на вратата на Хитоши дошол еден човек и го прашал дали знае дека Исус Христос умрел за него. Ова прашање предизвикало љубопитност кај Хитоши бидејќи мислел дека никој не би умрел за човек како него. Присуствувал на едно јавно библиско предавање и бил шокиран кога ја чул опомената да ‚се задржи едноставно око‘. Говорникот објаснил дека „едноставно“ е она око кое е далековидо и фокусирано на духовни работи (Лука 11:34). Наместо заморно да работи за пари, Хитоши почнал да ги става духовните вредности на прво место во својот живот.
Материјалните поседи можат исто така да ни донесат извесна стабилност и безбедност. Изобилството може да нѐ ослободи од тегобната грижа за секојдневните потреби. Убав дом во добро соседство можеби ќе ни даде чувство на успех. Модерната облека и добриот автомобил можат да ни донесат восхит од другите.
Благослов е да се „ужива во својот труд“ (Проповедник 3:13). Поседувањето вишок може да им овозможи на нашите сакани да ‚почиваат, јадат, пијат, уживаат‘. Меѓутоа, материјалните работи имаат само краткотрајна вредност. Во едно предупредување за лакомоста, Исус Христос рекол: „Дури и кога некој има изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15-21). Поседите, без разлика на сумата или вредноста, не можат да ни гарантираат живот.
Лиз, на пример, била омажена за еден финансиски успешен човек. Таа раскажува: „Имавме прекрасен дом и два автомобила, и нашата финансиска состојба ни дозволуваше слобода да уживаме сѐ што светот имаше да понуди во врска со материјалните работи . . . Иако е чудно, јас сепак бев загрижена за парите“. Понатаму објаснува: „Имавме толку многу да изгубиме. Изгледа дека колку повеќе имаш толку помалку безбеден се чувствуваш“.
Славата и истакнатоста исто така имаат висока вредност за многумина бидејќи можат да им донесат фалба и чест. Успешна кариера во денешниов свет е дострел на кој може да се позавиди. Негувањето посебни таленти или вештини би можело да ни помогне да си стекнеме име. Другите може да нѐ фалат, високо да го ценат нашето мислење и да бидат желни да ја стекнат нашата благонаклоност. Сето ова може да донесе восхит и задоволство. Меѓутоа, на долги патеки, тоа исчезнува. Соломон ја имал сета слава и моќ што би можел да ја има еден цар, но жалел: „Ни мудриот ни безумниот немаат траен спомен . . . Заборавот ќе ги покрие двајцата“ (Проповедник 2:16). Славата или истакнатоста не донесуваат живот како награда.
Еден скулптор по име Чело почнал да цени нешто што е многу повредно од славата. Затоа што бил надарен, се квалификувал за школување кое ги подобрило неговите вештини. Наскоро работата му донела фалба во печатот и од страна на уметничките критичари. Многу негови скулптури биле изложени во големите градови низ Европа. Чело раскажува: „Морам да признаам дека извесно време уметноста ми беше најважното нешто во животот. Меѓутоа, сфатив дека понатамошното стремење по мојата кариера би било исто како да се обидувам да им служам на двајца господари (Матеј 6:24). Бев уверен дека најважното нешто што можев да го правам е да ја проповедам добрата вест за Божјето Царство. Затоа донесов лична одлука да се откажам од мојата работа како скулптор“.
Што има најголема вредност?
Затоа што ништо нема смисла или вредност без живот, што е тоа што можеме да го стекнеме а ќе ни гарантира дека и понатаму ќе живееме? Целокупниот живот потекнува од Јехова Бог (Псалм 36:9). Навистина, „преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). Тој им дарува вечен живот како дар на оние што ги љуби (Римјаните 6:23). Што мораме да правиме за да се квалификуваме за овој дар?
Добивањето на дарот вечен живот зависи од тоа дали имаме близок однос со Јехова. Според тоа, неговата наклоност има поголема вредност од сѐ што би можеле да поседуваме. Кога ја имаме, тогаш имаме и изглед за вистинска и трајна среќа. Меѓутоа, без Божјата наклоност, се соочуваме со вечно истребување. Затоа, јасно е дека сѐ она што ќе ни помогне да постигнеме еден добар однос со Јехова има огромна вредност.
Што мора да правиме
Нашиот успех зависи од стекнувањето спознание. Изворот на точно спознание е Јеховината реч, Библијата. Само таа ни кажува што мора да правиме за да му угодиме на Бог. Затоа, треба внимателно да го проучуваме Писмото. Марливиот напор да научиме сѐ што можеме за Јехова Бог и за Исус Христос има за резултат ‚спознание кое значи вечен живот‘ (Јован 17:3). Таквото спознание е богатство што треба високо да го цениме! (Пословици 2:1-5).
Спознанието што го добиваме од Божјата реч нѐ опремува за следниот чекор — да практикуваме вера во Исус Христос. Јехова одредил сите што доаѓаат кај него да го прават тоа преку Исус (Јован 14:6). Всушност, „во никој друг нема спасение“ (Дела 4:12). Нашето конечно преживување не зависи од ‚сребро или злато . . . туку од скапоцената крв на Христос‘ (1. Петрово 1:18, 19). Мораме да ја покажеме својата вера со тоа што ќе веруваме во Исусовите учења и ќе го следиме неговиот пример (Евреите 12:1-3; 1. Петрово 2:21). И колку само е вредна неговата жртва! Од примената на нејзините користи зависи вечната иднина на целото човештво. Кога таа целосно ќе се примени во наша корист, ќе ни се даде навистина вредниот дар — вечен живот (Јован 3:16).
Исус рекол: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Да го љубиме Јехова значи да ги „држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3). Неговите заповеди бараат да останеме одвоени од светот, да задржиме чесно однесување и лојално да го поддржуваме неговото Царство. Тоа е начинот на кој ‚избираме живот‘ наместо смрт (Второзаконие 30:19). Ако ‚му се приближиме на Бог, тој ќе ни се приближи нам‘ (Јаков 4:8).
Гаранцијата за Божјата наклоност вреди многу повеќе од сите богатства на светот. Оние што ја имаат, се најбогатите луѓе на Земјата! Затоа, да настојуваме да го стекнеме богатството што има вистинска вредност — Јеховиното одобрување. Секако, да ја земеме при срце опомената на апостол Павле: „Стреми се кон праведност, побожна оддаденост, вера, љубов, истрајност, благ нарав. Води ја добрата борба на верата, цврсто зграпчи го вечниот живот“ (1. Тимотеј 6:11, 12).
[Слики на страница 21]
Што има висока вредност за тебе? Парите, материјалните поседи, славата или нешто друго?
[Слика на страница 23]
Треба внимателно да го проучуваме Писмото