Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живот на изненадувања во Јеховината служба

Живот на изненадувања во Јеховината служба

Животна приказна

Живот на изненадувања во Јеховината служба

РАСКАЖАЛЕ ЕРИК И ХЕЈЗЕЛ БЕВРИЏ

„Заради ова те осудувам на шест месеци затвор.“ Со овие зборови што ми одѕвонуваа во ушите, ме одведоа во затворот Стрејнџвејс во Манчестер (Англија). Беше декември 1950, и имав 19 години. Штотуку се бев соочил со еден од најтешките испити во мојот младешки живот — одбив да бидам регрутиран за воена служба (2. Коринќаните 10:3-5).

БЕВ полновремен пионер—министер на Јеховините сведоци, што требаше да значи изземање од воената служба, но британскиот закон не го прифаќаше нашиот статус. Така се најдов во затворска ќелија сам. И си мислев на татко ми. На индиректен начин, се најдов в затвор заради него.

Знаете, татко ми, затворски службеник, беше јоркширец со цврсти убедувања и принципи. Поради неговите искуства во војската и во затворската служба, имаше длабока антипатија кон католицизмот. Неговиот прв контакт со Сведоците беше во раните 1930-ти години, кога излезе на врата за да се ослободи од нив — и се врати со нивните книги в раце! Подоцна се претплати на списанието Утеха (сега Разбудете се!). Сведоците го посетуваа секоја година за да ја обноват неговата претплата. Кога имав околу 15 години, тие го вклучија татко ми во една друга дискусија, и во неа јас се приклучив од страната на Сведоците. Тогаш почнав да ја проучувам Библијата.

Во март 1949, на 17-годишна возраст, го симболизирав моето предание на Јехова така што се крстив. Подоцна истата година ги запознав Џон и Мајкл Чарук, нови дипломци на мисионерската школа Гилеад, кои беа на пат кон Нигерија. Бев длабоко импресиониран од нивниот мисионерски дух. Сеедно дали беа свесни за тоа или не, тие ми го всадија тој дух во срцето.

Додека ја проучував Библијата, изгубив интерес да се запишам на универзитет. За една година откако си заминав од дома за да работам во Царинската и даночна служба во Лондон, сметав дека не би можел да го исполнам моето предание на Бог ако продолжам да работам во државната администрација. Кога прекинав со мојата канцелариска работа, еден постар колега од канцеларијата ми честиташе што ја напуштив „работата што ја уништува душата“.

Пред ова се соочив со еден друг испит — како да му кажам на татко ми дека сакам да ја прекинам световната работа за да станам полновремен министер. Една вечер, додека бев дома на одмор, му ја објавив одлуката како гром од ведро небо. Чекав татко ми вербално да експлодира. На мое изненадување, тој само ми рече: „Што си дробиш; тоа сркај си. Но, ако не успееш, немој да трчаш кај мене“. Во мојот дневник за 1 јануари 1950 стои: „Му кажав на тато за пионерењето. Сосема ме изненади неговиот разумен став кој ми помогна. Не можев а да не заплачам поради неговата љубезност“. Си дадов отказ во државната администрација и ја прифатив доделбата полновремен пионер.

Доделба со „куќичка“

Потоа дојде мојот следен испит на оддаденост на Бог. Добив пионерска доделба, да делам една „куќичка“ во Ланкашир со Лојд Грифитс, сохристијанин од Велс. Полн со идеали и сништа за таа куќичка, стигнав во градот Бејкап, едноличен и накиснат од дожд. Набрзо се приземјив кога сфатив дека таа куќичка е една визба! Беше полна со глувци и лебарки за да ни прават друштво ноќе. Малку ми требаше да се свртам и да се вратам дома. Наместо тоа, во тивка молитва побарав сила за да се соочам со овој испит. Одеднаш, почувствував како ме обзема мир и почнав објективно да гледам на ситуацијата. Ова ми беше доделба од Јеховината организација. Ќе имам доверба во Јехова за помош. Колку сум само благодарен што истрајав тогаш, зашто ако престанев, животот ќе ми се сменеше засекогаш! (Исаија 26:3, 4).

Околу девет месеци проповедав во она што тогаш беше економски депресивната долина Розендејл, по што бев ставен в затвор заради тоа што одбив воена служба. По две седмици поминати во затворот Стрејнџвејс, ме преместија во затворот Луис, на јужниот брег на Англија. На крајот таму бевме пет Сведоци, и можевме да го одбележиме Меморијалот на Христовата смрт во затворска ќелија.

Еднаш ме посети татко ми. Тоа сигурно ја испита неговата гордост — добро познат затворски службеник го посетува својот син затвореник! Секогаш ќе бидам благодарен за тој гест. Конечно, дојде денот на моето пуштање, во април 1951.

Кога ме пуштија од Луис, фатив воз за Кардиф (Велс) каде што татко ми во тоа време служеше како главен службеник во затворот. Јас бев најстар од четирите деца — три момчиња и едно девојче. Морав да најдам работа со скратено работно време за да можам да се издржувам и сепак да бидам пионер. Се вработив во една продавница за облека, но главната цел во животот ми беше христијанската служба. Отприлика во тоа време мајка ми нѐ напушти. Тоа беше голем удар за татко ми и за нас децата, на возраст од 8 до 19 години. За жал, нашите родители се разведоа.

Оној што наоѓа добра сопруга . . .

Во собранието имаше неколку пионери. Меѓу нив беше и една сестра што секој ден доаѓаше од рударската долина Ронда заради работата и проповедничката активност. Се викаше Хејзел Грин — извонредна пионерка. Хејзел ја знаеше вистината подолго од мене — нејзините родители ги посетувале состаноците на Библиските студенти (сега познати како Јеховини сведоци) уште во 1920-тите. Но, нека таа ја раскаже својата приказна.

„Не ја сфаќав Библијата сериозно сѐ до 1944, кога ја прочитав брошурата Religion Reaps the Whirlwind (Религијата жнее бура). Мајка ми ме поттикна да отидам на еден покраински собир во Кардиф. Речиси без никакво спознание за Библијата, се најдов во главниот трговски центар со транспарент околу вратот на кој се најавуваше јавно предавање. Го преживеав тоа искуство и покрај тоа што бев исмејувана од некои свештеници и од други. Се крстив во 1946 и во декември истата година почнав да пионерам. Потоа, во 1951, во Кардиф се појави еден млад пионер, штотуку излезен од затвор. Тоа беше Ерик.

Одевме заедно на проповедање. Добро ни одеше. Имавме исти цели во животот — да ги унапредуваме интересите на Божјето Царство. Така, во декември 1952 се венчавме. Иако обајцата бевме во полновремена пионерска служба и имавме ограничени средства, никогаш не ни недостигаа основните работи. Понекогаш ќе добиевме подарок од некоја жена Сведок што ќе се погодеше случајно да нарачала премногу џем или сапун при купувањето — и тоа токму кога ни беа потребни! Многу ги ценевме ваквите практични гестови. Но, нѐ чекаа поголеми изненадувања.“

Изненадување што ни го смени животот

Во ноември 1954 Хејзел и јас добивме едно неочекувано изненадување — молба од канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Лондон да бидам патувачки надгледник, да посетувам различно собрание секоја седмица. Бевме уверени дека тоа е грешка, па затоа не му кажавме на никого во собранието. Сепак, го пополнив формуларот и им го пратив, и желно исчекувавме. По неколку дена дојде одговор: „Дојдете во Лондон на обука!“

Во лондонската канцеларија, не можев да поверувам дека јас, на 23-годишна возраст, бев таму со толку истакнати браќа кои за мене изгледаа како духовни џинови — Прајс Хјуз, Емлен Вајнс, Ерни Бивор, Ерни Гајвер, Боб Гог, Глин Пар, Стен и Мартин Вудбарн и многу други, од кои повеќето се веќе починати. Тие положија цврст темел за ревност и интегритет во Британија во 1940-тите и 1950-тите.

Покраинско дело во Англија — никогаш здодевно

Со патувачкото дело започнавме во снежната зима 1954/1955. Бевме доделени во Источна Англија, рамнинска област изложена на студените ветрови на Северното Море. Во тоа време во Британија имаше само 31.000 Сведоци. Таа прва покраина ни беше едно тешко поучно искуство; но, не им беше секогаш лесно ни на браќата што ги посетувавме. Со моето неискуство и јоркширската директност понекогаш навредував некои. Низ годините морав да научам дека љубезноста е поважна од ефикасноста и дека луѓето се поважни од процедурите. Сѐ уште се обидувам, но не секогаш со успех, да го следам Исусовиот пример да бидам освежување за другите (Матеј 11:28-30).

По 18 месеци поминати во Источна Англија бевме доделени да служиме во една покраина во североисточниот дел на Англија — Њукасл на Тајн и Нортамберленд. Ги сакав срдечните луѓе од тој живописен предел. Голема помош ми беше гостувачкиот обласен надгледник Дон Вард од Сиетл (Вашингтон). Тој беше дипломец на 20. клас на Гилеад. Како говорник имав обичај без некаков напор да ги изрецитирам информациите со едно страшно брзо темпо. Тој ме научи да зборувам побавно, да правам паузи и да поучувам.

Друго изненадување што ни го смени животот

Во 1958 добивме писмо што ни го смени животот. Бевме поканети да ја посетиме школата Гилеад во Саут Ленсинг (Њујорк). Го продадовме нашиот мал автомобил Остин седум од 1935 и купивме карти за да отпловиме за Њујорк. Најпрвин присуствуваме на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци во Њујорк Сити. Оттаму заминавме за Петербург (Онтарио), на шест месеци пионерење пред да се упатиме на југ кон школата Гилеад.

Меѓу инструкторите на школата беа Алберт Шредер, кој сега е член на Водечкото тело, како и Максвел Френд и Џек Редфорд, кои се веќе починати. Дружењето во кругот на 82 студенти од 14 земји беше многу изградувачко. Почнавме по малку да си ги разбираме меѓусебните култури. Мешањето со студенти од странство кои се бореа со англискиот јазик ни даде предвкус за проблемите со кои ќе се соочиме кога ќе учиме друг јазик. За пет месеци нашата обука заврши и бевме доделени во 27 земји. Потоа дојде промоцијата, и за неколку дена се најдовме во Њујорк Сити, чекајќи го нашиот брод, Кралицата Елизабета, за да се вратиме во Европа.

Наша прва странска доделба

Каде беше нашата доделба? Португалија! Стигнавме во Лисабон во ноември 1959. Тогаш дојде испитот на нашата приспособливост кон нов јазик и култура. Во 1959 во Португалија имаше 643 активни Сведоци, во население од речиси 9 милиони луѓе. Но, нашето проповедничко дело не беше законски признато. Иако имавме Сали на Царството, однадвор немаше натписи на нив.

Откако мисионерката Елза Пикони нѐ поднаучи португалски, Хејзел и јас почнавме да ги посетуваме собранијата и групите околу Лисабон, Фаро, Евора и Беха. Потоа, во 1961, работите почнаа да се менуваат. Ја проучував Библијата со еден млад човек по име Жоао Гонсалвеш Матеус. Тој реши да заземе став како неутрален христијанин во спорното прашање за воената служба. Кратко потоа, ме повикаа во полицискиот штаб на сослушување. Изненадување! По неколку дена бевме известени дека имаме 30 дена за да ја напуштиме земјата! Истото се случи и со мисионерите Ерик и Кристин Бритен, како и со Доминик и Елза Пикони.

Дадов молба да бидеме сослушани, и ни беше дозволено да се видиме со командирот на тајната полиција. Тој јасно и гласно ни кажа зошто сме замолени да си заминеме и наведе едно име — Жоао Гонсалвеш Матеус — мојот библиски студент! Ни рече дека Португалија, за разлика од Британија, не би можела да си го дозволи луксузот на приговор на совеста. Затоа моравме да ја напуштиме Португалија, а од Жоао изгубив секаков траг. Потоа, по 26 години, колкава само радост беше кога го видов со неговата сопруга и трите ќерки на свеченото отворање на новиот Бетел во Португалија! Нашата служба во Португалија не беше залудна! (1. Коринќаните 3:6-9).

Која беше нашата следна доделба? Изненадување! Соседна Шпанија. Со солзи на очи, во февруари 1962 се качивме на воз во Лисабон и се упативме кон Мадрид.

Приспособување кон друга култура

Во Шпанија моравме да се навикнеме на таен начин на проповедање и одржување на состаноците. Кога проповедавме, обично никогаш не одевме во две соседни куќи. Откако ќе сведочевме на една врата, одевме на друга улица, во друга зграда. Тоа ѝ отежнуваше на полицијата — или на свештениците — да нѐ фатат. Не заборавајте, живеевме под фашистичко, католичко диктаторство, и нашето дело на проповедање беше забрането. Како странци, зедовме шпански имиња како заштита да нѐ бидеме препознаени. Јас станав Пабло, а Хејзел — Хуана.

По неколку месеци поминати во Мадрид бевме доделени во патувачкото дело во Барселона. Посетувавме различни собранија во градот, често минувајќи по две до три седмици во секое. Посетите траеја толку затоа што моравме да ја посетиме секоја група за студија на книга како да беше собрание, и тоа обично значеше по две групи седмично.

Неочекуван предизвик

Во 1963 бевме замолени да почнеме со обласното дело во Шпанија. За да им служиме на речиси 3.000 активни Сведоци, моравме да ја покриеме целата земја, посетувајќи ги деветте покраини што постоеја во тоа време. Некои од нашите најнезаборавни тајни покраински собири ги одржавме во шумите во близина на Севилја, на една фарма во близина на Хихон и покрај реките во близина на Мадрид, Барселона и Логроњо.

Како мерка на претпазливост кога проповедавме од куќа до куќа, го проверував планот на блиските улици за да знам каде да бегаме во случај нешто да тргне наопаку. Еднаш, додека проповедав во Мадрид, еден друг Сведок и јас бевме на еден од погорните катови кога одеднаш од долу чувме викање и врескање. Кога слеговме, таму имаше група тинејџерки, членки на една католичка група наречена Ихас де Мариа (Ќерки на Марија). Тие ги предупредуваа соседите за нас. Не можевме да резонираме со нив, и знаев дека ќе мораме веднаш да си заминеме или полицијата ќе нѐ фати. Затоа побегнавме — и тоа набрзина!

Тоа беа возбудливи години да се биде во Шпанија. Се обидувавме да ги храбриме тамошните фини браќа и сестри, вклучувајќи ги и специјалните пионери. Тие ризикуваа да одат в затвор и честопати поднесуваа немаштија за да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство и да основаат и изградуваат собранија.

Во тој период и ние добивме лоша вест. Хејзел објаснува: „Во 1964 умре мајка ми, верен Сведок. За мене беше жалосен удар тоа што ја изгубив без да можам да се поздравам со неа. Тоа е една од цените на мисионерското дело што и многу други ја платиле“.

Најпосле слобода

По години прогонство, во јули 1970, нашето дело беше конечно законски признато од владата на Франко. Хејзел и јас бевме возбудени поради отворањето на Салите на Царството, првата во Мадрид а втората во Лесепс (Барселона). Тие секогаш имаа големи натписи, честопати осветлени. Сакавме луѓето да знаат дека ние сме законски признати и дека тука ќе останеме! Во тој момент, 1972, во Шпанија имаше речиси 17.000 Сведоци.

Отприлика во тоа време добив една многу охрабрувачка вест од Англија. Во 1969, во Шпанија нѐ беше посетил татко ми. Тој беше толку импресиониран од начинот на кој шпанските Сведоци постапуваа со него што кога се врати во Англија, почна да ја проучува Библијата. Потоа, во 1971, ми кажаа дека татко ми се крстил! Беше трогателен момент кога бевме на посета дома и кога тој, како мој христијански брат, побара благослов на нашиот оброк. Чекав повеќе од 20 години да дојде тој ден. Брат ми Боб и неговата сопруга Ајрис станаа Сведоци во 1958. Нивниот син Филип сега служи како покраински надгледник во Шпанија со сопругата Џин. Ни причинува големо задоволство што ги гледаме како служат во таа прекрасна земја.

Најново изненадување за нас

Во февруари 1980, еден член на Водечкото тело ја посети Шпанија како зонски надгледник. На мое изненадување, сакаше да ме придружува во службата. Не ни знаев дека тој, всушност, ме проверува! Потоа, во септември, бевме поканети да се преселиме во светското седиште во Бруклин (Њујорк)! Бевме запрепастени. Ја прифативме поканата, иако ни се кинеше срцето што ги напуштавме нашите шпански браќа. Во тоа време таму имаше 48.000 Сведоци!

Кога си заминавме, еден брат ми даде како подарок џебен часовник. На него беа изгравирани два стиха — „Лукас 16:10; Лукас 17:10“. Рече дека тие ми беа мото. Во Лука 16:10 се нагласува дека треба да бидеме верни во мали работи, а Лука 17:10 вели дека сме „бескорисни робови“ и затоа немаме причина да се фалиме. Секогаш бев свесен дека сѐ што правиме во Јеховината служба е само наша должност како предадени христијани.

Изненадување со здравјето

Во 1990 почнав да чувствувам проблеми со срцето. На крајот мораа да ми стават стент за да се отвори една затната артерија. Во овој тежок период на физичка немоќ, Хејзел ме поддржуваше на многу начини, честопати носејќи ги торбите и куферите кои јас бев преслаб да ги носам. Потоа, во мај 2000, ми вградија пејсмејкер. Колкаво само олеснување беше тоа!

Низ последниве 50 години, Хејзел и јас видовме дека Јеховината рака не е кратка и дека неговите намери се исполнуваат во негово одредено време, а не во наше (Исаија 59:1; Хабакук 2:3). Во животот имавме многу радосни изненадувања, а и неколку жалосни, но Јехова нѐ поддржуваше низ сите нив. Овде, во светското седиште на Јеховиниот народ, секој ден сме благословени со тоа што сме во контакт со членовите на Водечкото тело. Понекогаш се прашувам: ‚Навистина ли сме овде?‘ Тоа е незаслужена љубезност (2. Коринќаните 12:9). Имаме доверба дека Јехова и понатаму ќе нѐ штити од Сатановите сплетки и ќе нѐ чува за да можеме да уживаме во времето на неговото праведно владетелство над Земјата (Ефешаните 6:11-18; Откровение 21:1-4).

[Слика на страница 26]

Затворот Стрејнџвејс (Манчестер), каде што почнав да ја одлежувам затворската казна

[Слика на страница 27]

Со нашиот Остин седум во покраинското дело во Англија

[Слика на страница 28]

Таен собир во Серседилја (Мадрид), во 1962

[Слика на страница 29]

На нашиот штанд за сведочење во Бруклин