Го правиме најдоброто што можеме!
Го правиме најдоброто што можеме!
„ПРАВИ ГО најдоброто што можеш.“ Еден член на Водечкото тело на Јеховините сведоци некогаш му го дал овој практичен совет на еден мисионер. Но, зошто да му се даде таков основен совет на еден искусен министер? Зарем повеќето мисионери не се бестрашни души кои секојдневно се справуваат со бубачки, змии, жештина, болести и разни тешкотии?
Всушност, мисионерите на Јеховините сведоци се обични мажи и жени, христијани чија длабока љубов кон Јехова и кон нивните ближни ги натерала да служат во странски земји. Тие настојуваат да му служат на Јехова најдобро што можат, очекувајќи сила од него (Ефешаните 6:10).
За да научиме повеќе за мисионерското дело, да си замислиме дека поминуваме еден ден во посета на еден типичен мисионерски дом во Западна Африка.
Еден ден во мисионерското дело
Скоро е 7.00 часот. Стигнуваме во мисионерскиот дом токму навреме за да учествуваме во дискусијата за библискиот стих за тој ден. Десетте мисионери срдечно нѐ пречекуваат и ни прават место на масата за појадок. Додека се запознаваме, една од мисионерките, која многу години е на својата доделба, почнува да ни раскажува едно смешно искуство што го доживеала во службата. Но нашиот разговор се прекинува кога претседавачот на дискусијата за тој ден ја потсетува веселата група дека е време да се разгледа дневниот стих. Дискусијата ќе се води на француски. Иако не го зборуваме тој јазик, од начинот на кој се изразуваат странските мисионери е јасно дека многу добро напредуваат во совладувањето на јазикот.
По библиската дискусија, следи срдечна молитва и потоа е време за појадок. Додека се послужуваме со обилна порција житни снегулки, мисионерот кој седи до нас нѐ поттикнува да ставиме врз нив парченца банана. Објаснуваме дека не сакаме банани, но тој ни гарантира дека ќе се премислиме штом ќе пробаме од бананите што растат тука. Затоа додаваме неколку парченца во нашите житни снегулки. Во право е! Овие банани се вкусни — слатки како сладолед! Исто така нѐ уверуваат дека францускиот леб со кој нѐ послужуваат бил испечен рано утрината во една мала продавница веднаш преку улицата од мисионерскиот дом.
После појадокот, денот ќе го поминеме со една мисионерска двојка, кои ќе ги наречеме Бен и Карен. Сме чуле за продуктивното подрачје на оваа западно-африканска земја и желни сме да се увериме во извештаите.
Кога пристигнуваме на автобуската станица, наоѓаме околу десетина луѓе што чекаат. Нашите мисионерски другари набргу започнуваат жив разговор на една библиска тема со една жена и нејзиниот син. Бидејќи не знаеме француски, можеме само да стоиме и да се смешкаме! Токму кога жената зема примероци од Стражарска кула и Разбудете се!, пристигнува автобусот и тогаш сите се обидуваат во исто време да се качат во него! Додека се качуваме, разбрануваната толпа нѐ турка одзади. Предизвик е да ја задржиме рамнотежата одејќи кон задниот дел од автобусот. А штом возачот ќе тргне, држи се оти отиде! Одвреме-навреме, автобусот нагло застанува и уште повеќе луѓе се напикуваат во него. Им се насмевнуваме на другите патници, а и тие ни се насмевнуваат. Е, да можевме да комуницираме повеќе со нив!
Додека автобусот брзо се движи, погледнуваме низ прозорецот кон раздвижената улица. Две жени одат една до друга со тешки товари на главите. Едната од нив балансира голем сад со вода. Еден досетлив човек си послал ќебе на тротоарот и врз него си ставил неколку дрангулии што се надева дека ќе ги продаде. Насекаде има луѓе што купуваат или продаваат скоро сѐ што може да се купи или продаде.
Наеднаш, Бен, кој стои до мене, чувствува дека нешто му ја колве ногата. Што би можело да биде? Автобусот навистина е пренатрупан, но ете го пак тоа колвење. Успева некако да погледне надолу. Во една торба до неговите нозе има жива патка која повремено ја вади главата од торбата и го колве! Бен објаснува дека сопственикот на патката најверојатно ја носи на пазар за да ја продаде.
Кога пристигнуваме на нашето подрачје, се радуваме кога дознаваме дека ќе посетиме едно типично африканско соседство. Приближувајќи се кон првата куќа, Бен силно плеска со рацете за да му се најави на станарот. Луѓето во овој дел од светот на тој начин „чукаат на врата“. Се појавува еден млад човек и ни објаснува дека е зафатен но нѐ замолува да се вратиме подоцна тоа утро.
На следната врата, среќаваме една жена која зборува на дијалект што Бен не го разбира. Таа го повикува својот син и го замолува да го преведе она што го кажува Бен. Кога Бен завршува, жената зема една брошура со библиски теми и нејзиниот син ветува дека ќе ѝ ја објасни. Во третата куќа има неколку млади луѓе седнати во дворот. Двајца од нив бргу ги ослободуваат своите столчиња за да можат посетителите да седнат. Следи жива дискусија за користењето на крстот во обожавањето. Се прават подготовки за да се продолжи разговорот следната недела. Сега е време повторно да го посетиме зафатениот млад човек што го сретнавме во првата куќа. Тој веќе некако слушнал за нашата дискусија со младите луѓе подолу по улицата. Има многу библиски прашања и замолува за библиска студија. Откако го проверува својот распоред, Бен се согласува да наврати во истото време следната недела. На патот назад, за ручек во мисионерскиот дом, Бен и Карен објаснуваат дека мораат многу внимателно да ја планираат својата активност за библиски студии затоа што можат многу лесно да започнат повеќе библиски студии отколку што можат да водат.
Ги пофалуваме за нивниот течен француски. Бен објаснува дека тој и Карен служат шест години како мисионери и францускиот јазик почнува полесно да им оди. Не беше лесно да се учи нов јазик, нѐ уверуваат, но упорноста се исплати.
Во 12.30, сите мисионери се собираат на масата за ручек. Дознаваме дека секој ден, различен мисионер е одреден да ги подготвува оброците наутро и напладне и да ги мие садовите после тоа. Денес, една мисионерка подготвила
многу вкусен оброк од пржено пилешко и помфрит, со салата од домати — нејзин специјалитет!Кои се плановите на Бен и Карен за попладнето? Тие објаснуваат дека целата земја се крие од сонцето од 13.00 до 15.00 часот, така што мисионерите обично го користат тој дел од времето за проучување или за попладневна починка. Не сме изненадени кога Карен ни кажува дека не треба многу време новите мисионери да се навикнат на тој обичај!
После попладневната починка, се враќаме во службата на подрачјето. Еден заинтересиран човек кого Бен се обидува да го најде веќе извесно време сѐ уште не е дома, но кога Бен плеска со рацете на врата излегуваат двајца млади мажи. Тие ни кажуваат дека станарот спомнал за посетите на Бен и препорачал тие да го набават помошното средство за проучување на Библијата Спознание кое води до вечен живот. Среќни сме што можеме да им оставиме примерок од таа книга. Потоа, фаќаме автобус што ќе нѐ одведе до едно подрачје каде што Карен ќе води библиска студија со една заинтересирана жена.
Додека се возиме низ преполните улици, Карен ни кажува дека жената ја нашла еден ден додека двете се возеле во такси со неколку други патници. Карен ѝ дала на жената да прочита еден трактат за време на патувањето. Жената го прочитала трактатот и потоа побарала друг. Другиот го прочитала со уште поголем интерес. На крајот од возењето, Карен се договорила да ја посети жената во нејзиниот дом и почнала продуктивна библиска студија со брошурата Што бара Бог од нас? Денес, Карен ќе ја обработува петтата лекција од таа брошура.
Во потполност уживавме во нашиот ден во службата на подрачјето, но ни останаа некои прашања во врска со мисионерското дело. Нашите домаќини нѐ уверуваат дека кога ќе се вратиме дома, ќе ни подготват лесен оброк и ќе ни одговорат на прашањата.
Како го одржуваат темпото
Додека се гоштаваме со пржени јајца, француски леб и сирење, дознаваме нешто повеќе за мисионерскиот живот. Понеделник обично е ден кога мисионерите се одмораат или се грижат за лични работи. Повеќето мисионери одвојуваат време тој ден да им напишат писма на фамилијата и на пријателите. Вестите од дома им се многу важни, и мисионерите уживаат да праќаат и да добиваат писма.
Поради тоа што мисионерите живеат и работат во блиски меѓусебни контакти, битно е да задржат добра комуникација дружејќи се со другите мисионери и дискутирајќи за духовни работи. За таа цел, освен одржувањето редовен распоред за лична библиска студија, секој понеделник навечер мисионерите заедно ја проучуваат Библијата со помош на списанието Стражарска кула. Бен истакнува дека кога мисионери од различни заднини живеат заедно, неизбежни се мали разлики во мислењето, но духовната подготовка на семејна студија им помага да одржат
мирољубива и обединета атмосфера. Тој нагласува дека исто така е од помош ако себеси не си придаваме преголема важност.Понизноста е исто така неопходна. Мисионерите се испратени не за да им се служи, туку за да служат. Нашите пријатели забележуваат дека една од најтешките работи да се каже на секој јазик е: „Жал ми е“, особено кога некој се извинува за нешто што го рекол или направил ненамерно. Бен нѐ потсетува на библискиот пример на Авигеја, која се извинила за лошото однесување на својот маж и на тој начин успеала да изглади една ситуација која можела да води до катастрофа (1. Самоил 25:23-28). Способноста да се ‚живее мирољубиво‘ е еден важен дел од тоа да се биде добар мисионер (2. Коринќаните 13:11).
Еднаш месечно мисионерите одржуваат состанок за да дискутираат за работи што влијаат врз семејството, како и за промени во распоредот. После тоа, сите уживаат во еден посебен десерт. Нам ни се чини дека тоа е една многу практична — и вкусна — подготовка.
Откако завршува вечерата, накратко го разгледуваме мисионерскиот дом. Забележуваме дека, иако домот е скромен, мисионерите соработуваат за да биде беспрекорно чист. Има фрижидер, машина за перење и шпорет. Карен ни кажува дека во тропските земји, како оваа во Западна Африка, може да се добие и клима уред. Соодветното сместување, здравата храна и едноставните здравствени мерки на претпазливост им помагаат на мисионерите да останат здрави и продуктивни.
Сосредоточи се на позитивното
Импресионирани сме од сѐ што видовме. Можно ли е мисионерското дело да е за нас? Како можеме да знаеме? Нашите домаќини ни посочуваат некои работи за размислување.
Прво, ни велат, христијанските мисионери не трагаат по авантури. Тие бараат луѓе со искрени срца кои сакаат да научат за Божјите прекрасни ветувања. Мисионерите посветуваат најмалку 140 часови месечно во службата на подрачјето, затоа љубовта кон службата е неопходна.
‚Но‘, се прашуваме, ‚што е со змиите, гуштерите и бубачките?‘ Иако тие можат да се најдат на многу мисионерски доделби, ни вели Бен, мисионерите се навикнуваат на нив. Тој додава дека секоја мисионерска доделба има своја единствена убавина, и со текот на времето, мисионерите се сосредоточуваат на позитивните аспекти од нивната доделба. Условите што порано би ги сметале за „поинакви“, наскоро стануваат вообичаени, а во некои случаи дури и пријатни. Една мисионерка која со години служела во Западна Африка пред личните обврски да ја натераат да се врати дома рекла дека ѝ било потешко да ја напушти својата доделба отколку да ја напушти сопствената земја со години пред тоа. Нејзината мисионерска доделба ѝ станала дом.
Дали си подготвен?
Бен и Карен нѐ натераа да размислуваме за многу работи. Како е со тебе? Дали некогаш си размислувал да служиш како мисионер на странско подрачје? Ако да, можеби си поблиску до таа цел отколку што си замислувал. Една од важните работи што се бараат е да се има љубов кон полновремената служба и да се ужива да им се помага на луѓето. Запомни, мисионерите не се супер херои туку обични мажи и жени. Тие го прават најдоброто што можат за да извршат едно многу важно дело.
[Слики на страница 27]
Секој ден започнува со дискусија за еден библиски стих
[Слики на страници 28 и 29]
Сцени од Африка
[Слика на страница 29]
Животот на мисионер може многу да исполнува