Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие излегле на крај со трњето во своето тело

Тие излегле на крај со трњето во своето тело

Тие излегле на крај со трњето во своето тело

„Ми се даде трн во телото, ангел на Сатана, да ме удира“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 12:7).

1. Кои се некои од проблемите со кои се соочуваат луѓето денес?

ДАЛИ моментално се бориш со некое искушение? Ако да, тогаш не си сам. Во овие „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“, верните христијани излегуваат на крај со силно противење, семејни проблеми, болести, финансиски грижи, емоционални проблеми, загуба на сакани поради смрт и со други предизвици (2. Тимотеј 3:1—5). Во некои земји, на животите на многумина им се закануваат недостиг на храна и војни.

2, 3. Каков негативен став би можел да произлезе од проблемите слични на трње со кои се соочуваме, и зошто тоа би можело да биде опасно?

2 Некој може да се чувствува потполно совладан од таквите проблеми, особено ако истовремено го погодат повеќе тешкотии. Забележи што се вели во Пословици 24:10: „Ако покажеш малодушност [се покажеш обесхрабрен, NW] во ден на беда, твојата сила е мала“. Да, обесхрабрувањето поради искушенијата може да ни ја одземе силата што ни е многу потребна и може да ја ослабне нашата решеност да истраеме до крајот. Како?

3 Па, обесхрабрувањето би можело да предизвика да ја изгубиме својата објективност. На пример, лесно е да ги преувеличиме своите проблеми и да почнеме да се сожалуваме. Некои може дури и да викаат кон Бог: „Зошто дозволуваш да ми се случи ова?“ Ако во нечие срце пушти корен таков негативен став, тоа може да му ја нагризе радоста и самодовербата. Еден Божји слуга би можел толку да се обесхрабри што би можел да се откаже од ‚добрата борба на верата‘ (1. Тимотеј 6:12).

4, 5. Како во извесни случаи е вмешан Сатана во нашите проблеми, но сепак, во што можеме да бидеме сигурни?

4 Јехова Бог сигурно не ни ги предизвикува искушенијата (Јаков 1:13). Некои искушенија нѐ снаоѓаат едноставно затоа што се обидуваме да му бидеме верни. Всушност, сите што му служат на Јехова стануваат мета на неговиот главен непријател, Сатана Ѓаволот. Во краткото време што му преостанува, тој злобен ‚бог на овој систем на работи‘ се обидува да го наведе секој што го љуби Јехова да се откаже од вршењето на Неговата волја (2. Коринќаните 4:4). Сатана максимално ѝ нанесува страдања на целата заедница од наши браќа низ целиот свет (1. Петрово 5:9). Секако, Сатана не ги предизвикува директно сите наши проблеми, но може да ги искористи проблемите со кои се соочуваме, настојувајќи и понатаму да нѐ ослабне.

5 Сепак, сеедно колку може да биде силен Сатана или неговото оружје, можеме да го победиме! Зошто сме сигурни во тоа? Бидејќи Јехова Бог се бори во наша корист. Тој се погрижил неговите слуги да не бидат во незнаење во врска со Сатановите тактики (2. Коринќаните 2:11). Всушност, Божјата реч зборува многу за искушенијата што ги погодуваат вистинските христијани. Во случајот на апостол Павле, Библијата го користи изразот „трн во телото“. Зошто? Да разгледаме како Божјата реч ја објаснува оваа фраза. Така ќе видиме дека во никој случај не сме единствените што имаат потреба од Јеховина помош за да триумфираат над искушенијата.

Зошто искушенијата се како трње

6. Што мислел Павле со „трн во телото“, и што можеби бил тој трн?

6 Павле, откако бил искушан до крајност, бил инспириран да напише: „Ми се даде трн во телото, ангел на Сатана, да ме удира за да не се возвишам премногу“ (2. Коринќаните 12:7). Каков бил овој трн во телото на Павле? Па, кога трнот е влезен длабоко под кожата, сигурно боли. Значи метафората укажува на нешто што кај Павле предизвикувало болка — сеедно дали била физичка, емоционална или и двете. Можеби Павле страдал од некоја болест на очите или од некоја друга физичка слабост. Или, пак, можеби трнот ги вклучувал оние поединци што ги оспорувале препораките на Павле како апостол и го доведувале во прашање неговото дело на проповедање и поучување (2. Коринќаните 10:10—12; 11:5, 6, 13). Без разлика што бил, тој трн останал и не можел да биде отстранет.

7, 8. а) На што укажува изразот „удира“? б) Зошто е многу важно да излеземе на крај со кој и да е трн што нѐ измачува сега?

7 Забележи дека трнот продолжил да го удира Павле. Интересно е тоа што грчкиот глагол што Павле го употребил овде е изведен од зборот за „зглобови на прсти“. Тој збор е употребен буквално во Матеј 26:67 и фигуративно во 1. Коринќаните 4:11. Во тие стихови ја пренесува идејата да се биде тепан со тупаници. Со оглед на тоа што Сатана има огромна омраза кон Јехова и кон Неговите слуги, можеме да бидеме сигурни дека Ѓаволот бил среќен што Павле бил удиран од трн. Денес, Сатана е исто толку среќен кога на сличен начин и нас нѐ измачува трн во телото.

8 Затоа, исто како Павле, треба да знаеме како да излеземе на крај со таквото трње. Самиот живот ни зависи од тоа! Сети се, Јехова сака да ни го продолжи животот засекогаш во неговиот нов свет, каде што никогаш повеќе нема повторно да нѐ напаѓаат проблеми слични на трње. За да ни помогне да ја добиеме оваа прекрасна награда, Бог ни дал многу примери во својата света Реч, Библијата, покажувајќи дека неговите верни слуги успешно излегле на крај со трњето во нивното тело. Тие биле обични, несовршени луѓе, исто како нас. Разгледувањето на некои примери од овој голем „облак од сведоци“ може да ни помогне „со истрајност да трчаме во трката што стои пред нас“ (Евреите 12:1). Медитирањето за она што го поднеле тие може да ни ја изгради довербата дека и ние можеме да излеземе на крај со кој и да е трн што Сатана може да го употреби против нас.

Трњето што го погодило Мефивостеј

9, 10. а) На кој начин добил Мефивостеј трн во своето тело? б) Каква љубезност покажал цар Давид кон Мефивостеј, и како би можеле да го имитираме Давид?

9 Размисли за Мефивостеј, синот на Давидовиот пријател Јонатан. Кога Мефивостеј имал пет години, дошле вести дека татко му Јонатан и дедо му, цар Саул, биле убиени. Негувателката на момчето ја фатило паника. Таа ‚го дигнала . . . но заради брзината на бегството детето паднало и останало хромо‘ (2. Самоил 4:4). Овој инвалидитет сигурно бил голем трн кој Мефивостеј морал да го трпи додека растел.

10 Неколку години потоа, од голема љубов кон Јонатан, цар Давид покажал срдечна љубезност кон Мефивостеј. Давид му го предал сиот Саулов имот нему и го назначил Сауловиот слуга Сива да се грижи за таа земја. Исто така, Давид му рекол на Мефивостеј: „Ти секогаш ќе јадеш на мојот стол‘ (2. Самоил 9:6—10). Несомнено, срдечната љубезност на Давид го утешила Мефивостеј и помогнала да се ублажи болката поради неговиот инвалидитет. Колку само убава лекција! И ние треба да покажуваме љубезност кон оние што се борат со некој трн во телото.

11. Што тврдел Сива во врска со Мефивостеј, но од каде знаеме дека неговото тврдење било лага? (Види ја фуснотата.)

11 Подоцна, Мефивостеј морал да се бори со уште еден трн во телото. Неговиот слуга Сива го наклеветил пред цар Давид, кој тогаш побегнал од Ерусалим поради побуната на својот син Авесалом. Сива рекол дека Мефивостеј нелојално останал во Ерусалим со надеж дека тој ќе го приграби царувањето. * Давид поверувал во клеветата на Сива и сиот имот на Мефивостеј му го предал на тој лажливец! (2. Самоил 16:1—4).

12. Како реагирал Мефивостеј на својата ситуација, и како е тој добар пример за нас?

12 Меѓутоа, кога конечно се сретнал со Давид, Мефивостеј му кажал на царот што навистина се случило. Тој се подготвувал да му се придружи на Давид кога Сива го измамил и доброволно се пријавил да оди на негово место. Дали Давид ја исправил оваа грешка? Делумно. Им го поделил имотот на двајцата. Значи, ова бил уште еден потенцијален трн во телото на Мефивостеј. Дали бил многу разочаран? Дали протестирал против одлуката на Давид, жалејќи се дека е неправедна? Не, тој понизно се сложил со желбите на царот. Се сосредоточил на она што било позитивно, радувајќи се што законскиот цар на Израел се вратил безбедно. Мефивостеј навистина дал извонреден пример со тоа што поднел инвалидитет, клевета и разочарување (2. Самоил 19:24—30).

Неемија излегол на крај со своите искушенија

13, 14. Какво трње морал да поднесе Неемија кога се вратил повторно да ги изгради ѕидините на Ерусалим?

13 Помисли на фигуративното трње што го поднел Неемија кога во петтиот век пр.н.е. се вратил во градот Ерусалим, кој бил без ѕидини. Го нашол градот практично без никаква одбрана, а тамошните еврејски повратници биле дезорганизирани, обесхрабрени и нечисти во очите на Јехова. Иако бил овластен од царот Артаксеркс повторно да ги изгради ѕидините на Ерусалим, Неемија набрзо дознал дека неговиот налог им бил одбивен на владетелите од соседните земји. „Им беше многу одвратно, бидејќи дојде човек, за да се заземе за доброто на Израелците“ (Неемија 2:10).

14 Тие противнички настроени туѓинци сториле сѐ што било во нивна моќ за да ја запрат работата на Неемија. Нивните закани, лаги, клевети, заплашување — вклучувајќи и користење шпиони што ги испратиле за да го обесхрабрат — сигурно биле како постојано трње во неговото тело. Дали подлегнал на сплетките на тие непријатели? Не! Положил целосна доверба во Бог, без да попушти. Така, кога конечно биле повторно изградени, ѕидините на Ерусалим дале трајно сведоштво за Јеховината љубезна поддршка на Неемија (Неемија 4:1—12; 6:1—19).

15. Кои проблеми меѓу Евреите длабоко го вознемирувале Неемија?

15 Како управител, Неемија морал да се бори и со многуте проблеми меѓу Божјиот народ. Овие тешкотии биле како трње што длабоко го вознемирувало бидејќи влијаело врз односот на народот со Јехова. Богатите изнудувале големи камати, а нивните посиромашни браќа, за да ги платат долговите како и персискиот данок, морале да се откажат од својата земја, па дури и да си ги продаваат децата во ропство (Неемија 5:1—10). Многу Евреи го прекршувале Сабатот и пропуштале да ги поддржуваат Левитите и храмот. Исто така, некои се ожениле со „Азотки, Амонки и Моавки“. Колку само ова го болело Неемија! Но, ниеден од ова трње не го навел да се откаже. Тој секогаш одново се покажувал дораснат на приликата како човек што ревносно ги поддржувал Божјите праведни закони. Слично на Неемија, да не дозволиме неверното однесување на другите да нѐ одврати од нашата лојална служба за Јехова (Неемија 13:10—13, 23—27).

Многу други верни излегле на крај со трњето

16-18. На кој начин биле погодени од семеен раздор Исак и Ревека, Ана, Давид и Осија?

16 Библијата содржи и многу други примери на луѓе што излегле на крај со мачни ситуации кои биле како трње. Еден вообичаен корен на такво трње биле семејните проблеми. Двете жени на Исав ‚станале извор на огорчение за Исак и Ревека‘, родителите на Исав. Ревека дури рекла дека ѝ здодеал животот заради тие жени (Битие 26:34, 35; 27:46). Помисли и на Ана и на тоа како нејзината соперничка Фенина ‚ја натажувала‘ поради тоа што Ана немала деца. Можеби Ана била често на ваков начин измачувана во приватноста на нивниот дом. Фенина и јавно ја натажувала — несомнено пред роднини и пријатели — додека семејството присуствувало на празникот во Сило. Ова било како трнот да се забивал сѐ подлабоко во телото на Ана (1. Самоил 1:4—7).

17 Размисли и за она што го поднел Давид поради неразумната љубомора на својот тест, цар Саул. За да си го спаси животот, Давид бил принуден да живее во пештери во пустелијата Енгеди, каде што морал да се искачува по стрмни и опасни карпести премини. Неправдата сигурно го измачувала, затоа што не сторил ништо лошо против Саул. Сепак, Давид со години морал да живее во бегство — и сето тоа поради љубомората на Саул (1. Самоил 24:15, 16; Пословици 27:4).

18 Замисли си го семејниот раздор од кој бил погоден пророкот Осија. Жена му станала прељубница. Нејзиниот неморал сигурно бил како трње што го прободувало в срце. И колкава само болка сигурно и понатаму поднесувал кога родила две вонбрачни деца од нејзиниот блуд! (Осија 1:2—9).

19. Какво прогонство го снашло пророкот Михеј?

19 Друг трн во телото е прогонството. Размисли за искуството на пророкот Михеј. Праведната душа на Михеј сигурно многу се измачувала кога гледал како злобниот цар Ахав се опколил со лажни пророци и како Ахав верувал во нивните очигледни лаги. Потоа, кога Михеј му кажал на Ахав дека сите тие пророци зборувале од еден „лажлив дух“, што сторил водачот на тие измамници? Го ‚удрил Михеј по образот‘! Уште полоша била реакцијата на Ахав на Јеховиното предупредување дека походот за повторно да се врати Галадскиот Рамот бил осуден на пропаст. Ахав наредил Михеј да биде фрлен в затвор и да биде држан на скудна храна (1. Цареви 22:6, 9, 15—17, 23—28). Сети се и на Еремија и на начинот на кој се однесувале со него неговите убиствено настроени прогонители (Еремија 20:1—9).

20. Какво трње морала да поднесе Ноемина, и како била наградена?

20 Загубата на некои сакани е уште една тешка ситуација што може да биде како трн во телото. Ноемина морала да ја поднесе болната загуба на својот сопруг и на двајцата синови кои умреле. Додека сѐ уште ги чувствувала тие разорни удари, се вратила во Витлеем. Им рекла на пријателите да не ја викаат Ноемина туку Мара, име што ја одразувало горчината на сѐ што доживеала. Но, на крајот, Јехова ја наградил нејзината истрајност со внук, кој станал алка во лозата на Месијата (Рута 1:3—5, 19—21; 4:13—17; Матеј 1:1, 5).

21, 22. Како бил Јов погоден од загуба, и како реагирал?

21 Помисли само на тоа колку мора да бил шокиран Јов кога чул за ненадејната и насилна смрт на своите десет сакани деца, а да не ја спомнуваме загубата на целата негова стока и слуги. Одеднаш, како да се срушил сиот негов свет! Потоа, додека Јов се тетеравел од овие удари, Сатана го удрил со болест. Веројатно Јов си помислил дека ќе умре од оваа опасна болест. Неговата болка станала толку неподнослива што смртта ја сметал за олеснување (Јов 1:13—20; 2:7, 8).

22 Како сето ова да не било доволно, неговата жена, во својата тага и болка, дошла кај него и му рекла: „Проколни Го Бога и умри!“ Каков само трн било ова во неговото болно тело! Потоа, тројцата пријатели на Јов, наместо да го утешат, го нападнале со навидум вистинито резонирање, обвинувајќи го за тајни гревови и претпоставувајќи дека поради тоа е несреќен. Нивните погрешни аргументи — така да се каже — го набивале трњето уште подлабоко во неговото тело. Сети се и на тоа дека Јов не знаел зошто му се случувале тие ужасни работи; ниту, пак, знаел дека ќе му биде поштеден животот. Сепак, ‚покрај сѐ тоа, Јов не згрешил ниту изустил некаква навреда против Бога‘ (Јов 1:22; 2:9, 10; 3:3; 14:13; 30:17). Иако бил погоден од многу трње одеднаш, никогаш не се откажал од својот пат на интегритет. Какво охрабрување!

23. Зошто верните за кои дискутиравме можеле да поднесат различно трње во телото?

23 Со претходните примери списокот воопшто не е исцрпен. Библијата содржи уште многу примери. Сите овие верни слуги морале да се борат со своето сопствено фигуративно трње. И со колку само различни проблеми се соочиле тие! Сепак, нешто им било заедничко. Ниеден од нив не се откажал од својата служба на Јехова. И покрај сите свои мачни искушенија, тие го победиле Сатана со силата што им ја дал Јехова. Како? Следната статија ќе одговори на ова прашање и ќе ни покаже како и ние можеме да излеземе на крај со нешто што ни е како трн во телото.

[Фуснота]

^ пас. 11 Таква амбициозна сплетка не била својствена за еден понизен човек, полн со ценење, каков што бил Мефивостеј. Несомнено, тој добро го знаел верното досие на својот татко Јонатан. Иако бил син на цар Саул, Јонатан понизно го признал Давид како Јеховин избран цар над Израел (1. Самоил 20:12—17). Како богобојазлив родител на Мефивостеј и лојален пријател на Давид, Јонатан не би го поучил својот млад син да има амбиции кон царска моќ.

Како би одговорил?

• Зошто можат проблемите со кои се соочуваме да се споредат со трње во телото?

• Што спаѓало во трњето кое морале да го поднесат Мефивостеј и Неемија?

• Кој од библиските примери на мажи и жени што поднеле различно трње во телото, посебно те трогнува, и зошто?

[Прашања]

[Слики на страница 15]

Мефивостеј морал да излезе на крај со инвалидитет, клевета и разочарување

[Слика на страница 16]

Неемија издржал и покрај противење