Целосно опремени како учители на Божјата реч
Целосно опремени како учители на Божјата реч
„Бог . . . навистина соодветно нѐ оспособил да бидеме министри“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 3:5, 6).
1, 2. Какви напори за проповедање се прават понекогаш, но зошто обично пропаѓаат?
КАКО би ти било да добиеш работа која не си оспособен да ја извршиш? Замисли си: Материјалот што ти е потребен е распослан пред тебе, а алатките ти се при рака. Но, немаш поим како да ја извршиш задачата. Што е уште полошо, баш оваа работа е итна. Луѓето сметаат на тебе. Колкава фрустрација би било тоа!
2 Оваа дилема не е сосема замислена. Разгледај еден пример. Понекогаш некоја црква на христијанскиот свет се обидува да организира и да извршува служба од врата до врата. Таквите напори обично пропаѓаат, згаснувајќи за неколку седмици или месеци. Зошто? Христијанскиот свет не им помогнал на своите приврзаници да се оспособат за работата. Дури и свештениците не се оспособени за тоа дело на проповедање, честопати и покрај годините образование што го стекнале на световните училишта и семинарии. Зошто можеме да го кажеме ова?
3. Кој израз е употребен трипати во 2. Коринќаните 3:5, 6, и што значи тој?
3 Божјата реч објаснува што е тоа кое го оспособува вистинскиот проповедник на христијанската добра вест. Апостол Павле бил инспириран да напише: „Не дека сме соодветно оспособени сами од себе па сметаме дека нешто доаѓа од нас, туку нашата соодветна оспособеност доаѓа од Бог кој навистина соодветно нѐ оспособил да бидеме министри“ (2. Коринќаните 3:5, 6). Забележи го изразот што овде е употребен трипати — „соодветно оспособени“. Што значи тој? Vine’s Expository Dictionary of Biblical Words (Вајновиот толковен речник на библиски зборови) вели: „Кога се користи за предмети [оригиналниот грчки збор] означува ‚доволно‘ . . ; кога се користи за лица, значи ‚способен‘, ‚достоен‘“. Значи, оној што е ‚соодветно оспособен‘ е компетентен и достоен да ја преземе дадената задача. Да, вистинските министри на добрата вест се оспособени да го вршат ова дело. Тие се компетентни, подобни, односно достојни да проповедаат.
4. а) На кој начин покажува примерот на Павле дека оспособувањето за христијанската служба не е ограничено на малкумина од елитата? б) Кои се трите средства преку кои Јехова нѐ оспособува како министри?
4 Но, од каде доаѓа таа оспособеност? Од личните таленти? Од извонредниот интелект? Од некое специјализирано образование на престижни школи? Изгледа дека апостол Павле ги имал сите тие работи (Дела 22:3; Филипјаните 3:4, 5). Сепак, понизно признал дека неговата оспособеност како министер не доаѓа од школите за високо образование туку од Јехова Бог. Дали таквата оспособеност е само за малкумина од елитата? Павле на коринтското собрание му пишувал за „нашата соодветна оспособеност“. Ова сигурно укажува дека Јехова се грижи сите негови верни слуги да бидат компетентни, да бидат во состојба да ја вршат работата што тој им ја доделил. Како Јехова ги оспособува вистинските христијани денес? Да продискутираме за три средства што тој ги користи: 1) неговата Реч, 2) неговиот свет дух и 3) неговата земна организација.
Јеховината Реч нѐ оспособува
5, 6. Каков ефект има Светото писмо врз вистинските христијани?
5 Прво, на кој начин Божјата реч помага да се оспособиме како министри? Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Значи, Светото писмо нѐ прави ‚потполно способни, целосно опремени‘ да го извршиме ‚доброто дело‘ на поучување на луѓето за Божјата реч. Но, што е со сите оние приврзаници на црквите на христијанскиот свет? Тие имаат пристап до Библијата. Како може една книга на некои луѓе да им помогне да станат способни министри, а на други не? Одговорот лежи во нашиот став кон Библијата.
6 За жал, многумина што одат в црква не ја прифаќаат библиската порака „како што таа навистина е, како реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13). Христијанскиот свет изградил срамно досие во овој поглед. Откако со години студирале на теолошки институции, дали свештениците се опремени како учители на Божјата реч? Не баш. Па некои студенти се запишуваат на семинариите како луѓе што веруваат во Библијата, а дипломираат како скептици! Потоа, наместо да ја проповедаат Божјата реч — во која повеќето од нив веќе не веруваат — тие ја насочуваат својата служба на други полиња, заземајќи страна во политички дебати, унапредувајќи социјално евангелие или истакнувајќи човечки филозофии во своите проповеди (2. Тимотеј 4:3). За разлика од нив, вистинските христијани го следат примерот на Исус Христос.
7, 8. Како се разликувал Исусовиот став кон Божјата реч од ставот на верските водачи во неговото време?
7 Исус не дозволил неговото размислување да го обликуваат верските водачи од тоа време. Сеедно дали поучувал мала група, како што биле неговите апостоли, или огромни мноштва, Исус добро ги користел светите списи (Матеј 13:10—17; 15:1—11). Оваа практика го издвоила од верските водачи во тоа време. Тие силно го одвраќале обичниот народ од задлабочувањето во длабоките работи Божји. Всушност, било вообичаено еден учител во тие денови да смета дека некои библиски стихови се премногу длабоки за да дискутира за нив со некој друг освен со својот најблизок ученик — па дури и тогаш, само тивко и со покриена глава. Тие верски водачи биле речиси подеднакво суеверни во врска со дискутирањето за извесни делови од Библијата како што биле суеверни и за изговарањето на божественото име!
8 Христос не бил таков. Тој верувал дека не само неколку избрани, туку сите луѓе треба да размислат за „секоја изјава што излегува од Јеховината уста“. Исус не бил заинтересиран да ѝ даде некаков клуч на спознание на некоја елитна група изучувачи. На своите ученици им рекол: „Она што ви го зборувам во темнина, кажете го на светлина; и она што ви се шепнува, проповедајте го од покривите“ (Матеј 4:4; 10:27). Исус имал горлива желба да го сподели спознанието за Бог со колку што е можно повеќе луѓе.
9. Како ја користат Библијата вистинските христијани?
9 Божјата реч би требало да биде средишна точка на нашето поучување. На пример, кога држиме говор во Салата на Царството на Јеховините сведоци, обично не е доволно да прочитаме избрани стихови од Библијата. Можеби е потребно да објасниме, да илустрираме и да ја покажеме примената на некој стих во контекстот. Нашата цел е да ја извадиме библиската порака од печатената страница и да ја всадиме во срцата на нашите слушатели (Неемија 8:8, 12). Библијата треба да се користи и кога се дава совет или кога се дава дисциплина за исправање. Иако припадниците на Јеховиниот народ зборуваат на различни јазици и доаѓаат од различни слоеви, сите тие ја почитуваат книгата над книгите — Библијата.
10. Каков ефект може да има врз нас библиската инспирирана порака?
10 Кога се користи со таква почит, библиската порака има моќ (Евреите 4:12). Таа ги поттикнува луѓето да прават промени во својот живот, на пример, да ги напуштат небиблиските практики како што се блуд, прељуба, идолопоклонство, пијанство и кражба. Таа им помогнала на многумина да ја соблечат старата личност и да ја облечат новата (Ефешаните 4:20—24). Да, ако ја почитуваме повеќе од секое човечко мислење или традиција и ако верно ја користиме, Библијата може да нѐ направи способни, целосно опремени како учители на Божјата реч.
Јеховиниот дух нѐ оспособува
11. Зошто е Јеховиниот дух соодветно наречен „помошникот“?
11 Второ, да подискутираме за улогата што ја има Јеховиниот свет дух, односно активна сила, во тоа да нѐ направи целосно опремени. Никогаш не смееме да заборавиме дека Јеховиниот дух е најголемата сила што постои. Јехова го овластил својот љубен Син да ја примени таа извонредна сила во корист на сите вистински христијани. Исус погодно го опишал светиот дух како „помошникот“ (Јован 16:7). Тој ги поттикнал своите следбеници да го молат Јехова за тој дух, уверувајќи ги дека Јехова великодушно ќе им го даде (Лука 11:10—13; Јаков 1:17).
12, 13. а) Зошто е важно да се молиме светиот дух да ни помогне во нашата служба? б) Како покажале фарисеите дека светиот дух не дејствувал во нив?
12 Секојдневно треба да се молиме за светиот дух, особено за да ни помогне во службата. Каков ефект може да има таа активна сила врз нас? Таа може да влијае врз нашиот ум и срце, помагајќи ни да се промениме, да растеме и да ја замениме старата личност со новата (Колошаните 3:9, 10). Таа може да ни помогне да изградиме скапоцени особини слични на Христовите. Многумина од нас можат напамет да ги цитираат Галатите 5:22, 23. Во тие стихови се набројани плодовите на Божјиот дух. Првиот од нив е љубовта. Оваа особина е неопходна за нашата служба. Зошто?
13 Љубовта е големата мотивирачка сила. Љубовта кон Јехова и кон ближниот ги поттикнува вистинските христијани да ја споделуваат добрата вест (Марко 12:28—31). Без таква љубов, не би можеле вистински да се оспособиме како учители на Божјата реч. Забележи го контрастот меѓу Исус и фарисеите. Во Матеј 9:36 за Исус се вели: „Штом ги здогледа мноштвата, се сожали на нив бидејќи беа одрани и расеани како овци без пастир“. Што мислеле фарисеите за обичниот народ? Рекле: „Ова мноштво кое не го познава Законот е проклет народ“ (Јован 7:49). Тие фарисеи немале никаква љубов кон народот, туку само огромен презир. Јасно, Јеховиниот дух не дејствувал во нив.
14. Како треба Исусовиот пример на покажување љубов во службата да нѐ поттикне нас?
14 Исус имал сочувство кон луѓето. Бил свесен за нивната болка. Знаел дека тие биле малтретирани, одрани и расеани како овци без пастир. Во Јован 2:25 се вели дека Исус ‚знаел што е во човекот‘. Затоа што бил Јеховиниот Вешт работник во текот на создавањето, Исус имал длабоко разбирање за човечката природа (Пословици 8:30, 31). Тоа разбирање ја продлабочило неговата љубов. Нека таквата љубов секогаш биде мотивирачката сила зад нашата проповедничка активност! Ако мислиме дека би требало да се подобриме во тој поглед, да го молиме Јехова за свет дух и потоа да работиме во согласност со нашите молитви. Јехова ќе ни одговори. Тој ќе ја испрати оваа незадржлива сила за да ни помогне да бидеме послични на Христос, кој бил најмногу оспособен да ја проповеда добрата вест.
15. Како зборовите од Исаија 61:1—3 се применуваат на Исус и истовремено ги разоткриваат книжниците и фарисеите?
15 Од каде дошла оспособеноста на Исус? „Јеховиниот дух е врз мене“, рекол тој (Лука 4:17—21). Да, самиот Јехова го наименувал Исус со помош на светиот дух. На Исус не му биле потребни натамошни препораки. Дали верските водачи од негово време биле наименувани од светиот дух? Не. Ниту, пак, биле опремени да го исполнат Исаија 61:1—3, што Исус го прочитал на глас и го применил на себеси. Те молиме, прочитај ги стиховите за да увидиш самиот дека лицемерните книжници и фарисеи не биле дораснати на тоа. Тие немале добра вест за да им ја објават на сиромашните. А како би можеле да проповедаат ослободување на заробените и враќање на видот на слепите? Во духовна смисла, и самите тие биле слепи и заробени од човечки традиции! За разлика од тие луѓе, дали ние сме оспособени да ги поучуваме луѓето?
16. Каква увереност можат да имаат Јеховините слуги денес во врска со нивната оспособеност како министри?
16 Точно, ние не сме студирале на школите за високо образование на христијанскиот свет. Не сме ни наименувани за учители од некоја теолошка семинарија. Тогаш, дали не сме доволно оспособени? Во никој случај! Нашето наименување како негови Сведоци доаѓа од Јехова (Исаија 43:10—12). Ако се молиме за неговиот дух и работиме во согласност со својата молитва, тогаш ја имаме најголемата оспособеност. Се разбира, ние сме несовршени и не успеваме да го достигнеме примерот што го дал Големиот Учител, Исус. Сепак, зарем не сме му благодарни на Јехова што го користи својот дух за да нѐ оспособи и да нѐ опреми како учители на неговата Реч?
Јеховината организација нѐ оспособува
17-19. Како ни помагаат петте седмични состаноци што ги обезбедува Јеховината организација да се оспособиме како министри?
17 Сега, да продискутираме за третото средство преку кое Јехова нѐ опремува како учители на неговата Реч — неговото земно собрание, т.е. организација која нѐ обучува да бидеме министри. Како? Помисли само на програмата на поучување што ја уживаме! Само во текот на една седмица, присуствуваме на пет христијански состаноци (Евреите 10:24, 25). Се собираме во мали групи на Собраниска студија на книга за да уживаме во темелно проучување на Библијата со помош на некој прирачник што е ставен на располагање преку Јеховината организација. Слушајќи и коментирајќи, учиме еден од друг и меѓусебно се охрабруваме. Исто така, добиваме лична поука и внимание од надгледникот на студија на книга. На Состанокот за јавност и на Студијата на Стражарска кула добиваме понатамошна богата духовна храна.
18 Нашата Теократската школа за служба е наменета да ни даде упатства за тоа како 1. Петрово 3:15). Дали некогаш ти била доделена задача на тема што ти изгледала прилично позната, но потоа си открил дека си научил нешто ново за неа? Ова е вообичаено искуство. Ништо не го изострува повеќе нашето спознание за некоја тема отколку кога ги поучуваме другите за неа. Дури и кога нам лично не ни е доделена презентација, сепак учиме да бидеме подобри учители. Кај секој ученик забележуваме добри особини, и можеме да размислуваме како да ги имитираме тие особини.
да поучуваме. Подготвувајќи ги ученичките говори, учиме како да ја користиме Божјата реч за да поучуваме за најразлични теми (19 И Состанокот за служба е наменет да нѐ опреми како учители на Божјата реч. Од седмица во седмица уживаме во живи говори, дискусии и прикази наменети за нашата служба. Каква презентација да употребиме? Како можеме да се справиме со посебните предизвици во нашата јавна служба? Кои гранки на проповедање што можеби уште треба да ги испитаме се отворени пред нас? Што ќе ни помогне да бидеме поделотворни учители кога правиме повторни посети и кога водиме библиски студии? (1. Коринќаните 9:19—22). Овие прашања се обработуваат и детално се дискутираат на Состанокот за служба. Многу точки од тој состанок се темелат на статии од Наша служба за Царството, една друга алатка што се обезбедува за да нѐ опреми за нашето животоважно дело.
20. Како можеме да извлечеме целосна корист од состаноците и собирите?
20 Со тоа што се подготвуваме и присуствуваме на нашите состаноци и потоа наученото го применуваме во нашето дело како учители, добиваме опсежно обучување. Но, тоа не е сѐ. Имаме и поголеми состаноци — собири и конгреси — кои се наменети да нѐ опремат како учители на Божјата реч. И со какво само нетрпение очекуваме внимателно да ги слушнеме и да ги примениме тие совети на дело! (Лука 8:18).
21. Кој доказ покажува дека нашето обучување е делотворно, и кому му ја припишуваме заслугата за тоа?
21 Дали обучувањето што го обезбедува Јехова се покажало делотворно? Фактите нека зборуваат самите за себе. Секоја година, на стотици илјади луѓе им се помага да ги научат основните библиски доктрини и да живеат во согласност со она што Бог го бара од нив. Нашиот број расте, но никој од нас не може да си ја припише заслугата за тоа лично на себе. Мораме реалистично да гледаме на работите, како и Исус. Тој рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“. Слично на апостолите од старо време, ние сме претежно неучени и обични луѓе (Јован 6:44; Дела 4:13). Нашиот успех зависи од Јехова, кој ги привлекува луѓето со искрени срца кон вистината. Павле убаво го кажал тоа: „Јас посадив, Аполо залеа, но Бог правеше да расте“ (1. Коринќаните 3:6).
22. Зошто не треба никогаш премногу да се обесхрабриме целосно да учествуваме во христијанската служба?
22 Да, Јехова Бог е активно вклучен во нашето дело како учители на неговата Реч. Можеби не се чувствуваме секогаш оспособени како учители. Но, запомни, Јехова е тој што ги привлекува луѓето кон себеси и кон својот Син. Јехова е тој што нѐ оспособува да им служиме на тие нови преку својата Реч, својот свет дух и својата земна организација. Да се одѕвиеме на Јеховиното обучување со тоа што ќе ги применуваме добрите работи што тој сега ни ги дава за целосно да нѐ опреми како учители на Божјата реч!
Како би одговорил?
• Како нѐ опремува Библијата за делото на проповедање?
• Каква улога игра светиот дух во нашето оспособување како министри?
• На кои начини ти помогнала Јеховината земна организација да се оспособиш како проповедник на добрата вест?
• Зошто можеме да бидеме сигурни кога учествуваме во службата?
[Прашања]
[Слика на страница 25]
Како учител на Божјата реч, Исус покажувал љубов кон другите