Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали би било препорачливо еден вистински христијанин да присуствува на погреб или на свадба во црква?
Нашето учество во каков и да е облик на лажната религија не му е угодно на Јехова и мора да се избегнува (2. Коринќаните 6:14—17; Откровение 18:4). Црковен погреб е религиозна служба што веројатно вклучува некоја проповед во која се застапени небиблиски идеи, како што се бесмртност на душата и небесна награда за сите добри луѓе. Исто така, може да вклучува и практики како што се прекрстување и придружување во молитвата на свештеникот. Свадбената церемонија што се одржува во црква може да се состои и од молитви и други религиозни активности спротивни на библиските учења. Ако еден христијанин е дел од некоја група каде што сите други учествуваат во некој чин на лажната религија, може да му биде тешко да се спротивстави на притисокот да се придружи. Колку е само немудро некој да се изложува на таков притисок!
Што ако некој христијанин се чувствува принуден да присуствува на погреб или на свадба што се одржува во црква? На пример, сопругот неверник може да инсистира неговата христијанска сопруга да биде со него во една таква прилика. Може ли да му се придружи како пасивен набљудувач? Од обѕир кон желбите на својот сопруг, можеби сопругата ќе реши да отиде со него, одлучна да не учествува во ниедна религиозна церемонија. Од друга страна, пак, таа може да реши да не оди, резонирајќи дека емоционалниот притисок од околностите би можел да биде преголем за неа, можеби да ја наведе да ги компромитира побожните начела. Таа лично треба да донесе одлука. Дефинитивно, таа ќе сака да биде решена во срцето, имајќи чиста совест (1. Тимотеј 1:19).
Во секој случај, ќе ѝ биде од корист да му објасни на својот сопруг дека таа не би можела совесно да учествува во која и да е религиозна церемонија или да се придружи во пеењето песни или да ја наведне главата кога ќе се кажува молитва. На темел на нејзиното објаснување, можеби тој ќе заклучи дека поради присуството на неговата сопруга може да настане една непријатна ситуација за него. Можеби тој ќе избере да отиде сам од љубов кон својата сопруга, од почит кон нејзините верувања или од желба да избегне непријатност. Но, ако тој инсистира таа да оди со него, таа би можела да оди само како набљудувач.
Не треба да се превиди ефектот што нашето присуство на некоја служба во религиозен објект би можел да го има врз соверниците. Можно ли е тоа да ја повреди совеста на некои? Можно ли е да ослабне нивниот отпор да избегнуваат да учествуваат во идолопоклонство? „Да се уверите во поважните работи“, опоменува апостол Павле, „за да бидете непорочни и да не ги спрепнувате другите сѐ до денот на Христос“ (Филипјаните 1:10).
Ако во таа прилика се работи за некој близок телесен роднина, можеби ќе има и додатни притисоци од семејството. Во секој случај, христијанинот мора внимателно да ги одмери сите фактори што се вклучени. Под извесни околности можеби тој ќе заклучи дека нема да настанат никакви проблеми ако присуствува на црковен погреб или на свадба како набљудувач. Меѓутоа, околностите може да бидат такви што ако биде таму, можната штета врз неговата совест или врз совеста на другите ќе ги надмине можните користи од присуството. Сеедно каква е ситуацијата, христијанинот треба да се увери дека одлуката нема да го спречи да задржи добра совест пред Бог и пред луѓето.