Проблемите на човештвото — дали некогаш ќе исчезнат?
Проблемите на човештвото — дали некогаш ќе исчезнат?
„ЕДНА четвртина од светското население живее во сиромаштија, 1,3 милијарди опстануваат со помалку од еден долар на ден, 1 милијарда се неписмени, 1,3 милијарди немаат пристап до чиста вода за пиење и 1 милијарда луѓе секој ден се гладни.“ Така вели еден извештај од Ирска во врска со состојбата во светот.
Колку жално обвинение за неспособноста на човекот да најде трајно решение за светските проблеми! Тие проблеми изгледаат уште потрагични кога сфаќаш дека поголемиот број од луѓето опишани во тој извештај се незаштитени жени и деца. Зарем не е запрепастувачки што дури и сега, во 21 век, нивните права и понатаму се „кршат секој ден во толкав обем што дури не им се знае бројот“? (The State of the World’s Children 2000 — Состојбата на децата во светот — 2000).
„Нов свет во текот на само една генерација“
Детскиот фонд при Обединетите нации изрази уверување дека „мракот што овие неправди . . . го фрлаат врз животите ширум светот, може да биде отстранет“. Оваа организација вели дека ужасните услови што овие милијарди несреќни луѓе сега мораат да ги поднесуваат не се „ниту неизбежни ниту непроменливи“. Всушност, таа упати повик „сите луѓе да создадат еден нов свет во текот на само една генерација“. Таа се надева дека тоа ќе биде свет во кој целото човештво ќе биде „ослободено од сиромаштија и дискриминација, ослободено од насилство и болест“.
Оние што изразуваат вакви чувства својата инспирација ја наоѓаат во фактот што уште сега грижливи луѓе вршат огромна работа за да ги олеснат жалните последици од „навидум бескрајната низа од конфликти и кризи“. На пример, во текот на изминатите 15 години, Chernobyl Children’s Project (Проектот за децата од Чернобил) „помогнал да се намали страдањето на стотици деца заболени од рак како последица од нуклеарниот облак“ (The Irish Examiner, 4 април 2000). Агенциите за хуманитарна помош, и големите и малите, навистина играат огромна улога во животите на безбројните жртви на војните и несреќите.
Сепак, оние што се вклучени во таквите хуманитарни цели се реалисти. Знаат дека проблемите со кои се соочуваат „се пораширени и подлабоко вкоренети отколку што беа пред само една деценија“. Дејвид Бег, генерален директор на Ирскиот добротворен концерн, вели дека „имало одличен одѕив од персоналот, застапниците и донаторите“ кога Мозамбик бил погоден со катастрофални поплави. „Но“, додава тој, „не можеме сами да се справиме со вистинскиот обем на тие катастрофи.“ Во врска со напорите за помош во Африка, тој отворено признава: „Малкуте свеќи на надеж што ги имаме слабо треперат“. Мнозина ќе се согласат дека неговиот коментар дава точна проценка и на светската ситуација.
Можеме ли реално да очекуваме да го видиме тој „нов свет во текот на само една генерација“ на кој сите се надеваат? Иако сегашните хуманитарни напори се навистина за пофалба, сигурно е разумно да разгледаме и еден друг изглед за праведен и мирољубив нов свет. Библијата укажува на тој изглед, како што ќе биде разгледано во следната статија.
[Извор на слика на страница 2]
Страница 3, деца: UN/DPI фотографија на Џејмс Бу