Учи и поучувај за христијанскиот морал
Учи и поучувај за христијанскиот морал
„Меѓутоа, зарем ти кој учиш друг, не се учиш самиот себе?“ (РИМЈАНИТЕ 2:21).
1, 2. Кои причини ги имаш за да сакаш да ја проучуваш Библијата?
ИМАШ многу причини да ја проучуваш Божјата реч. Веројатно сакаш да ги запознаеш фактите од неа — за луѓето, настаните, местата и за други работи. Сакаш да ја дознаеш доктриналната вистина, која е спротивна на религиозните заблуди, како што се тројството или пеколниот оган (Јован 8:32). Исто така, треба да сакаш подобро да го запознаеш Јехова за да можеш да бидеш посличен на него и да одиш пред него на чесен начин (1. Цареви 15:4, 5).
2 Една сродна и значајна причина да ја проучуваш речта Божја е да се опремиш да ги поучуваш другите — твоите сакани, познаниците, па дури и оние што можеби уште не ги познаваш. За вистинските христијани тоа не е работа на избор. Исус на своите ученици им рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации . . . учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).
3, 4. Зошто да поучуваш како што заповедал Исус е работа достојна за почит?
3 Проучувањето на Библијата со желба да ги поучуваш другите е достојно за почит и може да биде извор на трајно задоволство. Долго време поучувањето е една почитувана професија. Една енциклопедија вели: „Меѓу Евреите, многу возрасни ги сметале учителите за водачи кон спасение и ги поттикнувале децата да им искажуваат чест на своите учители, дури и повеќе отколку на своите родители“ (Encarta Encyclopedia). Особено достојно за почит за христијаните е да се поучуваат себеси на тој начин што ќе ја проучуваат Библијата и потоа ќе ги поучуваат другите.
4 „Во поучувањето учествуваат повеќе луѓе отколку во која и да е друга професија. Околу 48 милиони мажи и жени низ целиот свет се учители“ (The World Book Encyclopedia). На световниот учител му се доверени умовите на младите луѓе и тој може да влијае врз нив во годините што доаѓаат. Ефектот е уште подалекосежен кога си ѝ послушен на Исусовата заповед да ги поучуваш другите; можеш да влијаеш врз нивната вечна иднина. Апостол Павле го истакнал ова кога го поттикнал Тимотеј: „Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување. Остани во овие работи, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Да, твоето поучување вклучува спасение.
5. Зошто христијанското поучување е од највисок квалитет?
5 Да се поучуваш себеси и другите е нешто што е овластено и водено од највисокиот Извор, Суверенот на универзумот. Самиот тој факт го прави ова поле на поучување повозвишено од кое и да е световно поучување, сеедно дали станува збор за поучување за основните предмети, за вештини за вработување, па дури и за медицински специјалности. Христијанското поучување вклучува студентот лично да научи да го имитира Божјиот Син, Христос Исус, и да ги поучува другите да го прават истото (Јован 15:10).
Зошто да се поучуваш себеси?
6, 7. а) Зошто мораме најпрвин да се поучуваме себеси? б) Во која смисла Евреите во првиот век промашиле како учители?
6 Зошто се вели дека најпрвин мораме да се поучуваме себеси? Па, ако најпрвин не се поучуваме себеси, нема да можеме исправно да ги поучуваме другите. Павле го нагласил овој факт во еден пасус кој поттикнува на размислување и кој имал важност за Евреите во тоа време, но пренесува сериозна порака и за христијаните денес. Павле прашал: „Меѓутоа, зарем ти кој учиш друг, не се учиш самиот себе? Зарем ти кој проповедаш ‚Не кради‘, крадеш? Зарем ти кој велиш ‚Не врши прељуба‘, вршиш прељуба? Зарем ти кој изразуваш гадење од идолите, пљачкаш храмови? Зарем ти кој се гордееш со законот, со своето престапување на Законот го обесчестуваш Бога?“ (Римјаните 2:21—23).
7 Со помош на реторични прашања, Павле изнел два престапа на кои директно се осврнувале Десетте заповеди: Не кради, и не врши прељуба (Излез 20:14, 15). Некои Евреи во времето на Павле биле горди што го имале Божјиот закон. Тие ‚усно биле поучени од Законот и биле уверени дека биле водичи на слепите и светлина на оние кои се во темнина, учители на бебиња‘ (Римјаните 2:17—20). Меѓутоа, некои биле лицемери бидејќи тајно краделе или вршеле прељуба. Тоа го обесчестувало и Законот и неговиот Автор на небото. Можеш да видиш дека тие не се квалификувале да ги поучуваат другите; всушност, не се поучувале дури ни себеси.
8. На кој начин можеби некои Евреи од времето на Павле ‚пљачкале храмови‘?
8 Павле спомнал пљачкање на храмови. Дали некои Евреи буквално го правеле тоа? Што имал Павле на ум? Искрено кажано, со оглед на ограничените информации во овој стих, не можеме да бидеме догматични во врска со тоа како некои Евреи ‚пљачкале храмови‘. Претходно, градскиот писар на Ефес изјавил дека соработниците на Павле не биле „пљачкаши на храмови“, што укажува дека барем некои луѓе мислеле дека Евреите биле подложни на тоа обвинение (Дела 19:29—37). Дали тие лично ги користеле или вршеле трговија со скапоцените предмети што дошле од паганските храмови а биле запленети од победниците или од религиозните зелоти? Според Божјиот закон, златото и среброто на идолите требало да бидат уништени, не биле наменети за лична употреба (Второзаконие 7:25) a. Затоа Павле можеби алудирал на Евреите што ја игнорирале Божјата заповед и ги користеле или профитирале од предметите што потекнувале од паганските храмови.
9. Кои погрешни практики во врска со храмот во Ерусалим можеби биле исто како да се пљачка храмот?
9 Од друга страна, пак, Јосиф зборувал за еден скандал во Рим, кој го предизвикале четворица Евреи, чиј водач бил учител на Законот. Тие четворица убедиле една Римјанка, еврејски прозелит, да им го предаде златото и другите скапоцени работи како прилог за храмот во Ерусалим. Кога им го дала, богатството го искористиле за себеси — исто како да пљачкале од храмот. b Други го пљачкале Божјиот храм во таа смисла што принесувале жртви со недостатоци и на негово тло унапредувале алчен комерцијализам, претворајќи го храмот во „разбојничка пештера“ (Матеј 21:12, 13; Малахија 1:12—14; 3:8, 9).
Поучувај за христијанскиот морал
10. Која суштина на Павловите зборови запишани во Римјаните 2:21—23 не треба да ја промашиме?
10 Без оглед на тоа дали практиките на кои алудирал Павле во првиот век вклучувале крадење, прељуба и пљачкање храмови, да не ја промашиме суштината на неговите коментари. Тој прашал: „Меѓутоа, зарем ти кој учиш друг, не се учиш самиот себе?“ Вредно е да се забележи дека примерите што Павле ги навел биле поврзани со моралот. Апостолот овде не се сосредоточува на библиски доктрини ниту на историја. Поучувањето на себеси и на другите, на што укажувал Павле, било поврзано со христијанскиот морал.
11. Зошто треба да обрнеш внимание на христијанскиот морал додека ја проучуваш Божјата реч?
11 Да ја примениме лекцијата од Римјаните 2:21—23 значи да учиме од Божјата реч за христијанскиот морал, да постапуваме во согласност со она што го учиме, и потоа да ги поучуваме другите да го прават истото. Според тоа, додека ја проучуваш Библијата, внимавај на показателите за Јеховините мерила, на кои се темели вистинскиот христијански морал. Медитирај за советите и за лекциите што ги наоѓаш во Библијата. Потоа, смело применувај го она што го учиш. Ова, пак, навистина бара храброст, комбинирана со решеност. Лесно е несовршените луѓе да измислат оправдувања, причини зошто некоја ситуација дозволува, па дури и бара, да се игнорира христијанскиот морал во одреден случај. Можеби Евреите што Павле ги спомнал биле искусни во такво префинето резонирање со цел да се оправдаат или да ги залажуваат другите. Но, Павловите зборови покажуваат дека христијанскиот морал не треба да се минимизира ниту да се игнорира по личен избор.
12. На кој начин доброто или лошото однесување се одразуваат на Јехова Бог, и зошто е корисно да го имаме на ум овој факт?
12 Апостолот истакнал една главна причина зошто да учиш за моралот што го наоѓаш во Библијата и потоа да го применуваш. Лошото однесување на Евреите се одразувало на Јехова: „Зарем ти кој се гордееш со законот, со своето престапување на Законот го обесчестуваш Бога? Зашто ‚поради вас се хули на Божјето име меѓу нациите‘“ (Римјаните 2:23, 24). Подеднакво е точно и денес дека ако го игнорираме христијанскиот морал, ние го обесчестуваме неговиот Извор. И обратно, ако цврсто се држиме за Божјите мерила, тоа добро се одразува на него, му донесува чест (Исаија 52:5; Езекиел 36:20). Свесноста за ова може да ја зајакне твојата решеност кога се соочуваш со искушенија или со ситуации во кои игнорирањето на христијанскиот морал би можело да изгледа најлесен или најзгоден начин на постапување. Покрај тоа, од зборовите на Павле учиме и нешто друго. Освен што ти лично си свесен дека твоето однесување се одразува на Бог, додека ги поучуваш другите помогни им и тие да увидат дека начинот на кој ги применуваат моралните мерила што ги учат ќе се одрази на Јехова. Не се работи само за тоа дека христијанскиот морал донесува задоволство и заштитува нечие здравје. Тоа се одразува и на Оној што го воспоставил тој морал и што охрабрува на него (Псалм 74:10; Јаков 3:17).
13. а) На кој начин ни помага Библијата во врска со моралот? б) Изнеси ја сржта на советот во 1. Солуњаните 4:3—7.
13 Моралот влијае и врз другите луѓе. Тоа можеш да го видиш од примерите во Божјата реч, кои ја илустрираат вредноста на применувањето на Божјите морални мерила и последиците од нивното игнорирање (Битие 39:1—9, 21; Исус Навин 7:1—25). Исто така, можеш да најдеш умесен совет за моралот, како што е: „Зашто ова е тоа што го сака Бог: вашето осветување, да се воздржувате од блуд; за секој од вас да знае како да завладее со својот сопствен сад во осветување и чест, а не во лакома сексуална страст каква што имаат нациите кои не го познаваат Бог; никој да не оди толку далеку да ги повредува и да ги загрозува правата на својот брат во врска со ова . . . Зашто Бог не нѐ повика со допуштање на нечистота, туку на осветување“ (1. Солуњаните 4:3—7).
14. Што би можел да се прашаш во врска со советот во 1. Солуњаните 4:3—7?
14 Речиси секој може да види од овој текст дека сексуалниот неморал е кршење на христијанскиот морал. Сепак, можеш да гледаш зад она што е очигледно. Некои стихови нудат можности за опсежно проучување и медитирање, и од тоа стекнуваме увид. На пример, би можел да размислуваш за тоа што мислел Павле со зборовите дека впуштањето во блуд може некого да наведе да „ги повредува и да ги загрозува правата на својот брат во врска со ова“. За кои права се работи, и како подоброто разбирање на ова ќе ти даде додатен поттик да го сочуваш христијанскиот морал? Како би можеле резултатите од таквото истражување уште повеќе да те опремат да ги поучуваш другите и да им помогнеш да му искажуваат чест на Бог?
Проучувај со цел да поучуваш
15. Кои алатки би можел да ги користиш за да се поучуваш себеси преку личното проучување?
15 Јеховините сведоци имаат алатки што ги користат при истражување на прашања или спорни теми што се појавуваат додека проучуваат со цел да се поучуваат себеси и другите. Една алатка што е достапна на многу јазици е Watch Tower Publications Index (Индекс на публикации на Watch Tower). Ако ти е достапен, можеш да го користиш за да пронајдеш информации во библиски темелените публикации на Јеховините сведоци. Можеш да истражуваш според темите или според списокот на библиските стихови. Друга алатка што им е достапна на Јеховините сведоци на многу од главните јазици е Watchtower Library (Библиотека Watchtower). Оваа компјутерска програма на CD-ROM содржи голема збирка публикации во електронски облик. Нејзината програма овозможува да се истражуваат теми и дискусии за стихови. Ако ти е достапна некоја или обете алатки, користи ги редовно додека ја проучуваш Божјата реч за да ги поучуваш другите.
16, 17. а) Каде можеш да најдеш просветлувачки коментари за правата спомнати во 1. Солуњаните 4:6? б) На кои начини може блудот да ги загрози правата на другите?
16 Да го земеме примерот наведен погоре, 1. Солуњаните 4:3—7. Се јавило прашањето во врска со правата. Чии права? И како би можеле да бидат загрозени тие права? Со спомнатите алатки за проучување, веројатно можеш да најдеш неколку просветлувачки коментари за овие стихови, па и за правата што ги спомнал Павле. Такви коментари можеш да прочиташ во Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), Том 1, страници 863, 864; Pravi mir i sigurnost – Kako ih pronaći?, страница 142; Стражарска кула, 15 ноември 1989, страница 31 (англ.).
17 Додека проучуваш, ќе увидиш дека тие публикации покажуваат колку се вистинити зборовите на Павле. Блудникот греши против Бог и се изложува себеси на болести (1. Коринќаните 6:18, 19; Евреите 13:4). Маж што се впушта во блуд ѝ загрозува различни права на жената со која греши. Ја лишува од чиста морална положба и од добра совест. Ако таа е немажена, тој го загрозува нејзиното право да стапи во брак како девица и правото на нејзиниот иден сопруг да очекува таа да биде таква. Тој ги повредува родителите на жената и нејзиниот сопруг, ако е мажена. Неморалниот човек го одзема правото на сопственото семејство да биде на глас како морално чисто. Ако тој е член на христијанското собрание, му донесува срам на собранието, и наштетува на неговиот добар глас (1. Коринќаните 5:1).
18. Како извлекуваш корист од проучувањето на Библијата во врска со христијанскиот морал?
18 Зарем таквите коментари за правата не помагаат да ти се разјасни тој стих? Таквото проучување сигурно има голема вредност. Додека го правиш тоа, се поучуваш и себеси. Твоето сфаќање на вистинитоста и силниот ефект на Божјата порака расте. Ја зацврстуваш својата решеност да се држиш за христијанскиот морал сеедно какво искушение може да се појави. И помисли само колку поделотворен можеш да бидеш како учител! На пример, додека ги поучуваш другите за библиската вистина, можеш да го пренесеш увидот за 1. Солуњаните 4:3—7, зголемувајќи го нивното разбирање и ценење за христијанскиот морал. На тој начин, твоето проучување може да ти помогне тебе и на многумина други да му искажете чест на Бог. Овде спомнавме само еден пример, од писмото на Павле до солуњаните. Постојат многу други аспекти на христијанскиот морал и, соодветно на тоа, многу други библиски примери и совети, кои можеш да ги проучуваш, применуваш и за кои можеш да поучуваш.
19. Зошто е неопходно да се држиш за христијанскиот морал?
19 Не постои оправдано сомневање дека држењето на христијанскиот морал е нешто мудро. Во Јаков 3:17 се вели дека „мудроста одозгора“, од самиот Јехова Бог, е „пред сѐ чиста“. Ова јасно укажува дека треба да се следат Божјите морални мерила. Всушност, Јехова бара оние што го претставуваат во поучувањето за Библијата и самите да бидат добри примери „во чесноста“ (1. Тимотеј 4:12). Начинот на живот на раните ученици како што биле Павле и Тимотеј сведочи за тоа; тие се воздржувале од неморал, а Павле дури и напишал: „Блуд и секаков вид нечистота или алчност да не се ни спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе; ниту срамотно однесување, ниту глупави зборови, ниту срамотни шеги“ (Ефешаните 5:3, 4).
20, 21. Зошто се сложуваш со она што го напишал апостол Јован, а се наоѓа во 1. Јованово 5:3?
20 Иако моралните мерила изнесени во Божјата реч се јасни и конкретни, тие не се неподнослив товар. Тоа му било јасно на Јован, апостолот што живеел најдолго. На темел на она што го набљудувал низ децениите од својот живот, тој знаел дека христијанскиот морал не бил штетен. Напротив, се докажал добар, корисен — благослов. Јован го нагласил тоа, пишувајќи: „Да го сакаме Бога значи да се придржуваме до Неговите заповеди без тие да ни претставуваат бреме“ (1. Јованово 5:3, Радосна вест).
21 Меѓутоа, забележи дека Јован не ја претставил послушноста кон Бог преку христијанскиот морал како најдобар пат само затоа што нѐ спасува од проблемите, од лошите последици ако постапуваме поинаку. Тој ги става работите во исправна перспектива најпрвин така што признава дека тоа е израз на нашата љубов кон Јехова Бог, скапоцена прилика да ја покажеме нашата љубов кон него. Навистина, да се поучуваме себеси или другите да го љубат Бог бара да ги прифатиме и да ги применуваме неговите возвишени мерила. Да, тоа значи да се поучуваме себеси и другите за христијанскиот морал.
[Фусноти]
a Иако ги опишал Евреите како неосквернети луѓе, Јосиф го преформулирал Божјиот закон вака: „Нека никој не хули на боговите што другите градови ги обожаваат, ниту да ги пљачка туѓинските храмови, ниту да зема богатство што било посветено во името на некој бог“ (курзивот е од нас) (Jewish Antiquities — Еврејски старини, Книга 4, поглавје 8, пасус 10).
b Еврејски старини, Книга 18, поглавје 3, пасус 5.
Се сеќаваш ли?
• Зошто мораме да проучуваме за да се поучиме себеси пред да ги поучуваме другите?
• Како може нашето однесување да се одрази на Јехова?
• Чии права би можел да загрози еден блудник?
• На што си решен во врска со христијанскиот морал?
[Прашања]
[Слика на страница 22]
‚Неговите заповеди не ни претставуваат бреме‘