‚Речта Божја врши силно влијание‘
Објавителите на Царството известуваат
‚Речта Божја врши силно влијание‘
ПОВЕЌЕТО луѓе на сончевиот карипски остров Јамајка се запознати со Библијата. Всушност, King James Version може да се најде во речиси секој дом, и некои луѓе искусиле дека „речта Божја е жива и врши силно влијание“ (Евреите 4:12). Ова силно влијание може да ги промени животите, како што е покажано со следново искуство.
Еден човек по име Кливленд штотуку се вратил од работа кога го посетил еден Јеховин сведок. Откако размениле неколку мисли од Писмото, Сведокот му го оставил помагалото за проучување на Библијата Спознание кое води до вечен живот. Кливленд не ни претпоставувал колкаво влијание ќе има Божјата реч во неговиот живот.
Тој се молел по трипати на ден, барајќи од Бог да му помогне да го најде правилниот начин да го обожава. Бил убеден дека неговите родители не обожавале на исправен начин, но откако ги испитал другите религии се разочарал. Иако имал слушнато за Јеховините сведоци, се сомневал дека тие ја имаат вистината. И покрај тоа што се колебал, Кливленд се согласил да ја проучува Библијата со Сведокот што дошол на неговата врата. Зошто? Затоа што сакал да докаже дека Сведоците не се во право!
Наскоро Кливленд дознал дека неморалните врски што ги имал со две различни жени не му се допаѓале на Бог (1. Коринќаните 6:9, 10). По само две студии, собрал сили да ја раскине врската со овие жени. Исто така, почнал да присуствува на христијанските состаноци во Салата на Царството. Но, ова се покажало како уште еден испит.
Кливленд бил многу активен во фудбалскиот тим во неговата средина, а натпреварите му пречеле да присуствува на состаноците. Што направил? И покрај силниот притисок од соиграчите, тренерот и пријателите, Кливленд одлучил да го напушти фудбалскиот тим. Да, Божјата реч почнала да врши влијание, и тоа на добро!
Влијанието на Божјата реч повторно станало очигледно кога Кливленд почнал да го споделува библиското спознание со другите (Дела 1:8). Како резултат на тоа, двајца од неговите поранешни соиграчи почнале да присуствуваат на состаноците на Јеховините сведоци. Откако Кливленд се квалификувал да стане објавител на добрата вест, нашол голема радост во службата, користејќи ја Божјата реч за да им помогне на другите.
И понатаму поттикнуван од влијанието на Божјата реч, Кливленд на крај го симболизирал своето предание на Јехова со крштавање во вода и има предност да служи како полновремен министер и слуга помошник во собранието.
Во Јамајка и ширум светот, илјадници луѓе дознале дека Божјата реч навистина е „жива и врши силно влијание“.
[Карта/слика на страница 8]
(Види во публикацијата)
ЈАМАЈКА
[Извор на слика]
Карта и Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.