Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Извинување — клуч за да се постигне мир

Извинување — клуч за да се постигне мир

Извинување — клуч за да се постигне мир

„ИЗВИНУВАЊАТА се моќни. Тие решаваат конфликти без насилство, лекуваат раскол помеѓу нации, им овозможуваат на владите да го признаат страдањето на нивните граѓани и ја враќаат рамнотежата во личните односи.“ Вака напишала Дебора Танен, авторка на бестселери и социолингвист на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон (Д.К.).

Библијата потврдува дека искреното извинување е честопати ефикасен начин за да се поправи некој нарушен однос. На пример, во Исусовата парабола за расипничкиот син, кога синот се вратил дома и од срце се извинил, таткото го примил назад со раширени раце (Лука 15:17—24). Да, човек не треба никогаш да биде премногу горд да ја проголта својата гордост, да се извини и да побара прошка. Се разбира, на искрено понизните луѓе не им е толку тешко да се извинат.

Моќта на извинувањето

Авигеја, една мудра жена во древниот Израел, дава пример за моќта на извинувањето, иако се извинила за злото што го нанел нејзиниот сопруг. Додека живеел во пустелијата, Давид, кој подоцна станал цар на Израел, заедно со своите луѓе го заштитувал стадото што му припаѓало на сопругот на Авигеја, Навал. Сепак, кога Давидовите момчиња го замолиле за леб и вода, Навал ги избркал со мошне навредливи забелешки. Испровоциран, Давид повел околу 400 луѓе против Навал и неговото домаќинство. Кога ја дознала ситуацијата, Авигеја тргнала да го пресретне Давид. Кога го видела, паднала ничкум пред неговите нозе. Потоа му рекла: „Господару, нека вината падне врз мене! Дозволи ѝ на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на твојата слугинка“. Авигеја потоа му ја објаснила ситуацијата и му дала на Давид подарок од храна и пијалак. На тоа, тој ѝ рекол: „Врати се со мир во својата куќа. Ете, го послушав твојот глас и се обѕрнав на тебе“ (1. Самоил 25:2—35).

Понизниот став на Авигеја и нејзините зборови на извинување поради грубото однесување на нејзиниот сопруг го спасиле нејзиното домаќинство. Давид дури ѝ се заблагодарил што го задржала да не навали на себеси вина за крв. Иако Авигеја не била таа што постапила лошо со Давид и со неговите луѓе, ја прифатила вината во името на нејзиното семејство и склучила мир со Давид.

Друг пример за човек што знаел кога да се извини е апостол Павле. Еднаш морал да се брани пред Синедриумот, еврејскиот врховен суд. Разбеснет од вистинитите зборови на Павле, првосвештеникот Ананиј им наредил на оние што стоеле до Павле да го удрат по устата. На тоа Павле му рекол: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан. Зарем ти истовремено седиш за да ми судиш по Законот, а го престапуваш Законот, заповедајќи да ме тепаат?“ Кога набљудувачите го обвиниле Павле дека го навредил првосвештеникот, апостолот веднаш ја признал својата грешка велејќи: „Браќа, јас не знаев дека е првосвештеник. Зашто напишано е: ‚Не зборувај зло за владетелот на својот народ‘“ (Дела 23:1—5).

Она што Павле го кажал — дека оној што е наименуван како судија не треба да прибегнува кон насилство — било точно. Сепак, се извинил затоа што без да знае му зборувал на првосвештеникот на начин што можел да се смета како недостиг на почит. * Извинувањето на Павле го отворило патот за Синедриумот да сослуша што имал да каже. Затоа што бил свесен за несогласувањето меѓу членовите на судот, Павле им рекол дека му се суди поради неговото верување во воскресение. Како резултат на тоа, дошло до голема расправија, зашто фарисеите биле на страната на Павле (Дела 23:6—10).

Што можеме да научиме од овие два библиски примера? И во двата случаи, искрените изрази на жалење го отвориле патот за понатамошна комуникација. Значи зборовите на извинување можат да ни помогнат да твориме мир. Да, тоа што ќе ги признаеме своите грешки и ќе се извиниме за направената штета може да даде прилики за изградувачки дискусии.

‚Но, јас не направив ништо лошо‘

Кога ќе дознаеме дека некој бил навреден од нешто што сме рекле или направиле, можеби ќе мислиме дека тој човек е неразумен или премногу осетлив. Сепак, Исус Христос ги советувал своите ученици: „Ако, значи, го носиш својот дар на олтарот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред олтарот и оди си; прво помири се со брат ти, а потоа, кога ќе се вратиш, принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24).

На пример, некој брат можеби смета дека си му згрешил. Во таква ситуација, Исус вели дека ти треба да одиш и да се ‚помириш со брат ти‘, сеедно дали ти сметаш дека си му згрешил или не. Според грчкиот текст, зборот што Исус го употребил овде ‚означува заемно попуштање по заемно непријателство‘ (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words — Вајнов толковен речник на зборови од Стариот и Новиот завет). Навистина, кога двајца се скарани, можеби и двете страни се, до некоја мера, виновни, зашто и двајцата се несовршени и склони да грешат. Ова обично бара заемно попуштање.

Работата не е толку во тоа кој е во право а кој не, туку кој ќе преземе иницијатива за да се помират. Кога забележал дека христијаните во Коринт ги изведуваат другите слуги на Бог на световни судови поради лични несогласувања, како што се кавги во врска со финансии, апостол Павле ги укорил: „Зошто, место тоа, не дозволите да ви се нанесе неправда? Зошто, место тоа, не дозволите да бидете измамени?“ (1. Коринќаните 6:7). Иако Павле го рекол ова за да ги одврати сохристијаните да не ги изнесуваат своите лични несогласувања пред световните судови, начелото е јасно: Мирот помеѓу соверниците е поважен од тоа да се докаже кој е во право а кој не. Имајќи го ова начело на ум ќе ни биде полесно да се извиниме за неправдата што некој смета дека сме му ја нанеле.

Потребна е искреност

Меѓутоа, некои луѓе претерано ги употребуваат зборовите со кои се изразува извинување. На пример, во Јапонија зборот сумимасен, типичен израз што се користи за извинување, се слуша илјадници пати. Дури може да се употреби и за да се искаже благодарност, укажувајќи на чувство на непријатност што не може да се возврати покажаната наклоност. Поради неговата разноликост, некои може да сметаат дека зборот се употребува премногу често и може да се прашуваат дали оние што го кажуваат се навистина искрени. Формите на извинување изгледа премногу се употребуваат и во други култури.

На кој и да било јазик, кога се извинуваш, важно е да бидеш искрен. Начинот на изразување и тонот на гласот треба да покажуваат искрено жалење. Во Проповедта на гората, Исус Христос ги поучил своите ученици: „Едноставно вашиот збор Да нека значи да, вашето Не, не; зашто што е повеќе од тоа, од злобниот е“ (Матеј 5:37). Ако се извинуваш, мисли го тоа! Да илустрираме: Еден човек што на аеродром стоел во редицата пред шалтерот за пријавување се извинил кога со својот куфер ја поттурнал жената што чекала зад него. Неколку минути подоцна, кога редицата се помрднала, куферот повторно ја закачил жената. Уште еднаш, човекот љубезно се извинил. Кога истото се случило по третпат, придружникот на жената што патувал со неа му рекол дека ако навистина го мисли она што го вели, треба да се погрижи куферот да не ја закачи жената повторно. Да, искреното извинување треба да биде проследено со решеност да не се повтори грешката.

Ако сме искрени, нашето извинување ќе вклучува признавање на каква и да е грешка, барање прошка, и напор, колку што е можно, да се поправи штетата. Од своја страна, оној што бил навреден треба спремно да му прости на покајничкиот престапник (Матеј 18:21, 22; Марко 11:25; Ефешаните 4:32; Колошаните 3:13). Затоа што и двете страни се несовршени, помирувањето можеби нема секогаш да оди мазно. Сепак, зборовите на извинување имаат силна моќ за помирување.

Кога извинувањето не е на место

Иако изразите на каење и жалење имаат смирувачки ефект и придонесуваат за мир, една мудра личност избегнува да користи такви изрази кога тоа не е на место. Претпостави си, на пример, дека проблемот го вклучува интегритетот кон Бог. Кога Исус бил на Земјата, ‚се понизил и станал послушен сѐ до смрт, да, до смрт на маченички столб‘ (Филипјаните 2:8). Меѓутоа, тој не се извинил за своите верувања за да си го олесни страдањето. И, Исус не се извинил кога првосвештеникот барал: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си ти Христос, Синот Божји!“ Наместо плашливо да се извини, Исус храбро одговорил: „Ти самиот го рече тоа. Но јас ви велам: Отсега ќе го видите Синот човечки како седи откај десницата на моќта и како доаѓа на облаците небесни“ (Матеј 26:63, 64). На Исус никогаш не му ни паднала на ум мислата да го задржи мирот со првосвештеникот на сметка на интегритетот кон својот Татко, Јехова Бог.

Христијаните им укажуваат почит и чест на луѓето што имаат авторитет. Сепак, не мора да се извинуваат поради својата послушност кон Бог и поради љубовта кон своите браќа (Матеј 28:19, 20; Римјаните 13:5—7).

Никакви пречки за мир

Сите ние денес правиме грешки затоа што од нашиот предок Адам сме наследиле несовршеност и грев (Римјаните 5:12; 1. Јованово 1:10). Грешната состојба на Адам била резултат на неговата побуна против Творецот. Меѓутоа, Адам и Ева првобитно биле совршени и безгрешни, и Бог ветил повторно да ги врати луѓето во таа состојба на совршенство. Тој ќе го избрише гревот и сите негови последици (1. Коринќаните 15:56, 57).

Само помисли што ќе значи тоа! Во својот совет за користењето на јазикот, Исусовиот полубрат Јаков рекол: „Ако некој не се спрепнува во збор, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело“ (Јаков 3:2). Еден совршен човек може да го контролира својот јазик и затоа не мора да се извинува за неговото погрешно користење. Тој е ‚способен да го заузда целото свое тело‘. Колку ќе биде прекрасно кога ќе станеме совршени! Тогаш нема повеќе да има пречки за мир помеѓу поединци. Меѓутоа, ако во меѓувреме искрено и соодветно се извиниме за направената грешка, тоа многу ќе придонесе за да се твори мир.

[Фуснота]

^ пас. 8 Можно е Павле да не го препознал првосвештеникот поради лошиот вид.

[Слика на страница 5]

Што можеме да научиме од примерот на Павле?

[Слика на страница 7]

Кога сите ќе бидат совршени, нема да има никакви пречки за мир