Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали заветите дадени на Бог секогаш обврзуваат?
Во Библијата, завет е свечено ветување што му се дава на Бог за да се направи нешто, да се даде принос, да се стапи во некоја служба или позиција, или да се воздржи од одредени работи што сами по себе не се незаконски. Библијата содржи извештаи за завети што биле условни на тој начин што вклучувале ветување да се следи некој одреден правец доколку прво Бог направел нешто. На пример, Ана, мајката на пророкот Самоил, ‚се заветувала вака: „Господи над воинствата! Ако . . . не ја заборавиш својата слугинка та ѝ дадеш на својата слугинка машко дете, јас ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава“‘ (1. Самоил 1:11). Библијата, исто така, зборува за заветите како за доброволни. Колку обврзуваат заветите дадени на Бог?
„Кога ќе му заветуваш нешто на Бога“, вели цар Соломон од древниот Израел, „исполни го тоа веднаш.“ Тој додава: „Исполни го секој свој завет. Подобро е да не се заветува отколку да се заветува, а да не се исполни заветот“ (Проповедник 5:3, 4). Законот што им бил даден на Израелците преку Мојсеј велел: „Кога ќе му заветуваш некаков завет на Господа, на својот Бог, не двоуми се да го исполниш. Навистина, Господ, твојот Бог, ќе го бара од тебе; и ќе имаш грев“ (Второзаконие 23:21). Очигледно, давањето завет на Бог е сериозна работа. Тоа треба да се направи од добра причина, и оној што го дава не треба да се сомнева во својата способност да исполни сѐ што ветува во заветот. Инаку, подобро воопшто да не се заветува. Меѓутоа, штом ќе се дадат, дали сите завети обврзуваат?
Што ако некој завет барал од некого да направи нешто за што подоцна се дознало дека не е во склад со Божјата волја? Што ако тоа бил завет што на некој начин би го поврзал вистинското обожавање со неморал? (Второзаконие 23:18). Јасно, таквиот завет не обврзува. Освен тоа, под Мојсеевиот закон, завет даден од жена можел да биде поништен од нејзиниот татко или од нејзиниот сопруг (Броеви 30:3—15).
Исто така, размисли и за случајот на некој поединец што му дал завет на Бог да остане самец, но сега е во дилема. Неговиот завет го довел во таква позиција што чувствува дека ако го исполни, тоа ќе го доведе близу до точката да ги прекрши божествените мерила што се однесуваат на моралот. Треба ли да настојува да го исполни својот завет? Зарем не би било подобро да се заштити од тоа да стане виновен за неморал така што нема да го исполни својот завет и наместо тоа ќе преколнува за Божјата милост и ќе моли за простување затоа што не го исполнил? Само тој самиот може да одлучи за тоа. Ниеден друг човек не може да одлучи за него.
Што ако некој даде завет за кој подоцна ќе сфати дека бил даден избрзано? Треба ли и понатаму да се труди да го исполни заветот? На Јефтај не му било лесно да го исполни заветот што му го дал на Бог, но сепак совесно го направил тоа (Судии 11:30—40). Нечиј пропуст да исполни некој завет може да доведе до тоа Бог да се „разгневи“ и да го уништи она што тој поединец го постигнал (Проповедник 5:5). Доколку исполнувањето на некој завет се сфати несериозно, како последица на тоа Бог може да ја повлече својата наклоност.
Исус Христос рекол: „Едноставно вашиот збор Да нека значи да, вашето Не, не; зашто што е повеќе од тоа, од злобниот е“ (Матеј 5:37). Еден христијанин мора да води сметка не само да ги исполни заветите на Бог туку да се покаже достоен и во сите свои зборови — и кон Бог и кон луѓето. Што ако се најде во незгодна ситуација затоа што со некоја друга личност склучил договор што во почетокот изгледал добар, но откако подобро го испитал се чини глупав? На таквите работи не треба да гледа несериозно. Но, ако отворено подискутира, другиот поединец може да одлучи да го ослободи од обврската (Псалм 15:4; Пословици 6:2, 3).
За што треба главно да бидеме заинтересирани во врска со заветите и сите други работи? Секогаш да се трудиме да задржиме добар однос со Јехова Бог.
[Слики на страници 30 и 31]
Ана не се двоумела да го исполни својот завет
[Слики на страници 30 и 31]
Иако било тешко, Јефтај го исполнил својот завет