Како може Бог, кој е совршен, да ‚жали‘?
Како може Бог, кој е совршен, да ‚жали‘?
ВО ПОГОЛЕМИОТ број случаи каде што хебрејскиот збор нашам е употребен со значење „жали“, тој се однесува на Јехова Бог. Битие 6:6, 7 вели дека ‚Господ воздивнал и се натажил [зажалил, NW] во Своето срце дека го создал човекот на земјата‘ зашто злобата на луѓето била толку голема што Бог решил да ги збрише од лицето на земјата со глобален Потоп. Ова не може да значи дека Бог зажалил во таа смисла што направил грешка во својот чин на создавање, зашто „делото Му е совршено“ (Второзаконие 32:4, 5). Жалењето е спротивно на пријатното задоволство и радувањето. Според тоа, Бог мора да жалел што, откако ги создал луѓето, нивното однесување станало толку злобно што се сметал должен (и тоа со право) да ги уништи сите луѓе освен Ное и неговото семејство. А Бог ‚не се радува на смртта на злобниот‘ (Езекиел 33:11, NW).
Cyclopaedia на Меклинток и Стронг коментира: „Се вели дека и самиот Бог се кае [нашам, жали]; но, ова може да се сфати само во смисла дека го менува односот кон своите суштества, било кога им дарува добро било кога им нанесува зло — промена во Божјиот однос која се темели на промената кај неговите суштества; и затоа, зборувајќи од човечка гледна точка, се вели дека Бог се кае“ (1894, том VIII, стр. 1042). Божјите праведни мерила остануваат постојани, цврсти, непроменливи, непоколебливи (Малахија 3:6; Јаков 1:17). Ниедна околност не може да го натера да се премисли во врска со нив, да се одврати од нив или да ги остави. Меѓутоа, ставот и реакцијата на неговите интелигентни суштества кон тие совршени мерила и кон начинот на кој Бог ги применува може да бидат или добри или лоши. Ако се добри, тоа го радува Бог; ако се лоши, предизвикува жалење. Освен тоа, ставот на луѓето може да се промени од добро на лошо или од лошо на добро, и затоа што Бог не ги менува своите мерила за да им одговараат ним, неговата радост (и благословите што доаѓаат со неа) може да се смени во жалење (и стега или казна што доаѓаат со него), или обратно. Значи, неговите судови и одлуки не се ни најмалку каприциозни, превртливи, неверодостојни или погрешни; според тоа, кај него нема никакво чудно или неурамнотежено однесување (Езекиел 18:21—30; 33:7—20).
Фактот што Јехова кажува дека ‚жали‘ поради некои свои слуги, како цар Саул, кој се одвратил од правдата, покажува дека Бог не ја предодредува иднината на таквите поединци. Жалењето на Бог поради застранувањето на Саул не значи дека тоа што Бог го избрал за цар било погрешно и дека требало да жали за тоа. Напротив, Бог сигурно жалел затоа што Саул, како човек со слободна волја, не ја искористил добро прекрасната предност и можност што Бог му ја дал, и затоа што промената кај Саул барала и промена во Божјиот однос кон него (1. Самоил 15:10, 11, 26).
Објавувајќи ја неповолната одлука на Бог во врска со Саул, пророкот Самоил изјавил дека „Силниот Израелев Светец не лаже и не се кае, зашто не е човек за да се кае“ (1. Самоил 15:28, 29). Честопати се покажува дека луѓето не си стојат на зборот, пропуштаат да ги исполнат своите ветувања или, пак, не се придржуваат за условите во нивните договори затоа што се несовршени и прават грешки во просудувањето што им донесуваат жалење. Тоа не е никогаш случај со Бог (Псалм 132:11; Исаија 45:23, 24; 55:10, 11).
На пример, Божјиот сојуз склучен помеѓу Бог и сите ‚живи суштества‘ по Потопот безусловно гарантирал дека Бог никогаш повторно нема да нанесе потоп на целата земја (Битие 9:8—17). Затоа, нема никаква веројатност Бог да се промени, или ‚да зажали‘ во поглед на тој сојуз. На сличен начин, во својот сојуз со Авраам, Бог ‚настапил со заклетва‘ како „правна гаранција“ за „на наследниците на ветувањето во поизобилна мера да им ја покаже непроменливоста на својот совет‘ (Евреите 6:13—18).
Меѓутоа, кога дава некое ветување или склучува сојуз, Бог може да постави барања, услови што треба да ги исполнат оние на кои им е дадено тоа ветување или со кои е склучен тој сојуз. Тој им ветил на Израелците дека ќе станат негова „посебна сопственост“ и ‚царство на свештеници и свет народ‘, ако верно го слушаат неговиот глас и го држат неговиот сојуз (Излез 19:5, 6). Бог верно се држел на својот дел од сојузот, но Израелците не се држеле; секогаш одново го прекршувале тој сојуз (Малахија 3:6, 7; спореди Неемија 9:16—19, 26—31). Па така, кога Бог конечно го поништил тој сојуз, го направил тоа сосема праведно, и одговорноста за тоа што не го исполнил своето ветување целосно лежела врз престапничките Израелци (Матеј 21:43; Евреите 8:7—9).
На ист начин, Бог може да ‚жали‘ и „да се откаже“ од извршувањето на некоја казна кога неговото предупредување за таа постапка доведува до промена во ставот и однесувањето на престапниците (Второзаконие 13:17; Псалм 90:13).
Спремноста на Бог да им прости на оние што се каат, како и тоа што милостиво го отвора патот за такво простување дури и наспроти престапи што се повторуваат, дава пример за сите негови слуги (Матеј 18:21, 22; Марко 3:28; Лука 17:3, 4; 1. Јованово 1:9).