Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добрата вест донесува плод на Сао Томе-и-Принсипе

Добрата вест донесува плод на Сао Томе-и-Принсипе

Добрата вест донесува плод на Сао Томе-и-Принсипе

ПОВЕЌЕТО луѓе веројатно не ни чуле за Сао Томе-и-Принсипе. Овие острови обично не се рекламираат во туристичките брошури. На картата на светот изгледаат како мали точки сместени во Гвинејскиот Залив на западниот брег на Африка — Сао Томе речиси на самиот екватор а Принсипе малку посевероисточно. Поради дождливата, влажна клима има многу обилни дождовни шуми кои ги покриваат планинските венци што се издигаат на височина од над 2.000 метри.

Овие тропски острови, опколени со сини води и плажи со палми, се населени со пријатни, срдечни луѓе, чие мешано африканско и европско потекло довело до една пријатна мешавина од култури. Населението, кое брои 170.000 жители, се занимава со главниот производ за извоз, какао, или со земјоделство и риболов. Во последниве години, тешко е да се дојде дури и до секојдневната основна храна.

Меѓутоа, последната деценија на 20 век беше сведок на еден настан што многу влијаеше врз животот на сѐ поголемиот број луѓе на овие острови. Во јуни 1993, Јеховините сведоци беа законски регистрирани од владата на Сао Томе-и-Принсипе, ставајќи му на тој начин крај на едно долго и честопати тешко поглавје од историјата на Јеховините сведоци на овие острови.

Семе посеано во тешкотии

Изгледа дека првиот Сведок дошол во оваа земја на почетокот на 1950-те, кога затвореници од другите португалски колонии во Африка биле испратени да работат во работни логори на овие острови. Сведокот, еден африкански пионер, или полновремен министер, бил депортиран од Мозамбик затоа што ја проповедал добрата вест за Царството во таа земја. Овој изолиран Сведок постојано сведочел и за шест месеци имало уште 13 други што учествувале во ширењето на добрата вест. Подоцна, и други Сведоци под исти околности пристигнале од Ангола. Додека биле во затвор, ја користеле секоја прилика да ја споделат добрата вест со локалното население.

До 1966, сите браќа што отслужувале затворска казна во Сао Томе се вратиле на африканското копно. Малата група објавители што останале смело продолжиле. Биле прогонувани, тепани и затварани затоа што се состанувале заедно да ја проучуваат Библијата, а немало никој да ги посети или да ги охрабри. Земјата добила независност од Португалија во 1975 и семето на вистината за Царството полека но сигурно почнало да дава плод.

Ширење и изградба

Истиот месец кога Јеховините сведоци беа законски регистрирани, во 1993, имаше најголем број од 100 објавители на Царството. Истата таа година, од Португалија дојдоа специјални пионери. Со напорите што ги вложија да научат португалски креолски јазик им омилеа на локалното население. Тогаш, стана приоритет да се најде парче земја за Сала на Царството. Кога слушна за оваа потреба, една сестра по име Марија подари половина од својот имот на кој беше нејзината мала куќичка. Парцелата беше доволно голема за една пространа Сала на Царството. Марија не знаела дека затоа што нема живи роднини некои амбициозни градежни фирми го имале на око овој имот. Еден ден, еден истакнат бизнисмен дошол да разговара со Марија.

„Не е добро она што го слушам за тебе!“ ја предупредил. „Слушам дека си го подарила својот имот. Зарем не знаеш дека вреди многу пари затоа што се наоѓа баш во градот?“

„Кога би Ви го понудила Вам, колку би ми платиле?“ го прашала Марија. Кога човекот не одговорил, Марија продолжила: „Дури и кога би ми ги дале сите пари во светот нема да бидат доволно, зашто парите не можат да купат живот.“

„Немаш деца, нели?“ прашал човекот.

За да го заврши разговорот, Марија рекла: „Земјата му припаѓа на Јехова. Тој ми ја позајми на неколку години и сега јас му ја враќам. Се радувам на изгледот да живеам вечно“. Потоа го прашала: „Вие немате да ми понудите вечен живот, нели?“ Без да каже збор, човекот се свртел и си заминал.

Резултатот е една прекрасна двоспратна зграда изградена со помош на квалификувани браќа од Португалија. Има голем подрум, пространа Сала на Царството и соби за живеење. Исто така има училница во која се одржуваат школите за старешини, за слуги помошници и за пионери. Сега две собранија ги одржуваат своите состаноци таму и таа претставува одличен образовен центар на чистото обожавање во главниот град.

Во Ме-Соши имаше едно собрание со 60 ревносни објавители. Бидејќи состаноците се одржуваа во една импровизирана Сала на Царството што се наоѓаше на една плантажа со банани, потребата од соодветна Сала на Царството стана очигледна. Ова му беше дадено на знаење на градското собрание и соработливите власти ни понудија едно добро парче земја на главната улица. Со помош од браќата од Португалија, кои користеа метод на брза градба, за два месеца беше изградена прекрасна Сала на Царството. Локалното население не можеше да верува на она што го гледаше. Еден архитект од Шведска, кој беше вклучен во друг градежен проект во градот, беше вчудовиден кога ги виде браќата и сестрите во акција. „Ова е неверојатно!“ забележа тој. „Јеховините сведоци овде во Ме-Соши користат метод на брза градба! Вака треба да го организираме и нашиот проект.“ Салата на Царството беше свечено отворена на 12 јуни 1999, а имаше 232 присутни. Салата стана главна атракција за посетителите на градот Ме-Соши.

Историски конгрес

Историски настан за Јеховините сведоци во Сао Томе-и-Принсипе беше тридневниот обласен конгрес „Божествена поука“ во јануари 1994 — прв на овие острови. Се одржа во најубавиот климатизиран аудиториум во земјата. Можеш ли да си ја замислиш радоста на 116-те објавители на Царството кога видоа толпа од 405 луѓе и кога за првпат гледаа библиски драми и добија конгресни изданија? За крштавањето на 20 предадени лица послужи една тропска плажа.

Една новост што го привлече вниманието на јавноста беа уникатните значки што ги носеа делегатите. Присуството на 25 гости од Португалија и Ангола му даде меѓународен вкус на конгресот. Брзо се разви една врска на срдечна христијанска љубов, и на крајот на последната сесија, кога се збогуваа, по лицата на многумина се тркалаа солзи (Јован 13:35).

Новинари од Националното радио дојдоа и го интервјуираа надгледникот на конгресот. Исто така пренесуваа извадоци од неколку говори. Тоа навистина беше историски настан, кој на овие верни Сведоци што долго време беа изолирани им ја направи Јеховината видлива организација многу поблиска.

Се донесува плод на слава на Јехова

Кога пораката за Царството донесува плод, таа создава добро однесување што му носи слава и чест на Јехова (Тит 2:10). Една тинејџерка уживала во она што го учела на нејзината библиска студија секоја седмица. Меѓутоа, татко ѝ ѝ забранил да присуствува на собраниските состаноци. Кога со почит му ја објаснила важноста на христијанските состаноци и својата желба да присуствува на нив, тој веднаш ја избркал од дома. Изгледа си мислел дека таа ќе го направи истото што го прават многу други млади луѓе — набрзо ќе почне да живее со некој маж што материјално ќе се грижи за неа. Кога татко ѝ дознал дека води примерен, чист живот како христијанка, бил поттикнат повторно да ја прими дома и да ѝ даде целосна слобода да му служи на Јехова.

Друг пример е примерот на водачот на една музичка група. Тој се разочарал од својот неморален начин на живот. Додека барал смисла во животот, Сведоците стапиле во контакт со него. Кога почнал да живее според моралните мерила на Библијата, станал главна тема на разговор во градот. Набрзо увидел потреба да му стави крај на лошото друштво (1. Коринќаните 15:33). Потоа го презел важниот чекор да се крсти во симбол на своето предание на Јехова.

Неколку млади лица ја барале вистинската религија. Нивната потрага ги довела до дискусии со пасторите на неколку евангелистички групи, но последица од тоа била уште поголема збунетост и разочарување. Како резултат на тоа, станале насилни скитници и се потсмевале на сѐ што било поврзано со религијата.

Еден ден, еден Јеховин сведок, мисионер, тргнал да води библиска студија и поминал покрај местото каде што биле овие млади луѓе. Тие сакале мисионерот да им одговори на неколку прашања и го одвеле до еден двор каде што бил замолен да седне на едно мало столче. Потоа следел дожд од прашања на теми како што се душа, пеколен оган, живот на небо и крајот на светот. Сведокот одговорил на сите нивни прашања од Библијата што му ја позајмил водачот на бандата. Еден час подоцна, водачот по име Ло, му рекол на мисионерот: „Кога те замоливме да дојдеш и да ни одговориш на некои прашања, нашата намера беше да се подигруваме со тебе, како што правевме со луѓето од другите религии. Мислевме дека никој не може да ни ги одговори тие прашања. Но ти ги одговори, а ја користеше само Библијата! Кажи ми, како можам да научам повеќе за Библијата?“ Со Ло била започната библиска студија и наскоро почнал да доаѓа на состаноците. Набрзо потоа ја напуштил групата и се откажал од својот насилнички начин на живот. За една година му го предал својот живот на Јехова и се крстил. Сега служи како слуга помошник.

Еден локален обичај што станал длабоко вкоренет е двојките едноставно да живеат заедно без да бидат законски венчани. Многумина живеат заедно со години, а имаат и деца. Ним им е тешко да го прифатат Божјето гледиште во врска со оваа работа. Навистина е радост да се види како Божјата реч му помогнала на еден човек да ја надмине оваа пречка (2. Коринќаните 10:4—6; Евреите 4:12).

Антонио разбрал дека треба да го озакони својот брак и направил планови да го стори тоа по жетвата на пченка кога ќе има пари за свадбена гозба. Една вечер, токму пред жетвата, дошле крадци и му го украле приносот. Одлучил да почека до приносот од следната година, но пак му го украле. Кога пропаднал уште еден обид да собере средства за својата свадба, Антонио сфатил кој му е вистинскиот противник. „Сатана нема веќе да си игра со мене“, рекол. „За месец и пол ќе се венчаме, со или без гозба!“ И се венчале, а на нивно изненадување пријателите обезбедиле пилиња, патки и коза за свадбената гозба. Откако го регистрирале својот брак, Антонио и неговата сопруга — заедно со нивните шест деца — се крстиле во симбол на нивното предание на Јехова.

На островот Принсипе

Во изминативе години, 6.000-те жители на Принсипе повремено беа посетувани од покраинскиот надгледник и пионери од Сао Томе. Островјаните беа многу гостољубиви и желни да го чујат она што Сведоците имаа да им го кажат. Откако прочитал еден трактат што му го оставиле, еден човек ги побарал пионерите следниот ден и им се понудил да им помогне да дистрибуираат уште трактати. Пионерите му објасниле дека тоа е дело што тие треба да го завршат, но човекот инсистирал да ги придружува од врата до врата за да може да ги запознае со домаќините и за да им препорача да ги сослушаат внимателно. Човекот на крај си отишол, но прво ги пофалил пионерите за важното дело што го вршат.

Во 1998, двајца пионери од Сао Томе се преселија во Принсипе и набрзо водеа 17 домашни библиски студии. Делото продолжи да се шири и наскоро во просек имаше по 16 присутни на Собраниска студија на книга, а повеќе од 30 на јавното предавање. Потребата од место за состанување беше изнесена пред градското собрание и, за среќа, им беше дадено парче земја на кое ќе се гради Сала на Царството. Браќата од Сао Томе доброволно се пријавија да изградат мала Сала на Царството во која има и стан за двајца специјални пионери.

Без сомнение, добрата вест донесува многу плод и пораст на овие далечни острови (Колошаните 1:5, 6). Во јануари 1990 во Сао Томе-и-Принсипе имаше 46 објавители. Во текот на 2002 службена година беше постигнат највисок број од 388 објавители! Повеќе од 20 проценти од објавителите се во полновремена служба, а се водат околу 1.400 домашни библиски студии. На Меморијалот 2001 имаше највисок број од 1.907 присутни. Да, на овие тропски острови речта на Јехова брзо се движи и се слави (2. Солуњаните 3:1).

[Рамка/слика на страница 12]

Популарни радио емисии

Една публикација што многу се цени на овие острови е Младите прашуваат — делотворни одговори. a Секои две седмици, на Националното радио се емитува 15-минутна програма со истиот наслов. Колку е само возбудливо кога водителот ќе праша: „Млади, како знаете дали е тоа вистинска љубов или заљубеност?“, и потоа чита извадок од книгата! (Види го 31. поглавје.) Во слична емисија се презентираат избрани делови од книгата Тајната на семејната среќа. b

[Фусноти]

a Издадени од Јеховините сведоци.

b Издадени од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 9]

Прва Сала на Царството во Сао Томе во 1994

[Слики на страница 10]

1. Брзо изградената Сала на Царството во Ме-Соши

2. Историскиот обласен конгрес се одржа во овој аудиториум

3. Среќните кандидати за крштавање на конгресот

[Извор на слика на страница 8]

Земја: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.