Дополнете го своето спознание со самосовладување
Дополнете го своето спознание со самосовладување
‚Дополнете го своето спознание со самосовладување‘ (2. ПЕТРОВО 1:5—8).
1. На која неспособност се резултат многу човечки проблеми?
ВО ТЕКОТ на една голема кампања против дрогата, младите во Соединетите Држави биле советувани: „Само речи ‚не‘“. Колку би било поубаво кога секој би рекол ‚не‘, не само на дрогата туку и на претераното пиење, на немудриот или неморален начин на живот, на нечесните практики во бизнисот и на „желбите на телото“! (Римјаните 13:14). Сепак, кој може да тврди дека е секогаш лесно да се рече ‚не‘?
2. а) Кои библиски примери покажуваат дека не е ништо ново тоа што е тешко да се рече ‚не‘? б) На што треба да нѐ охрабрат овие примери?
2 Бидејќи на сите несовршени луѓе им е тешко да покажуваат самосовладување, треба да сме заинтересирани да научиме како да ја добиеме која и да е лична битка со која ќе се соочиме. Библијата ни кажува за луѓе во минатото што настојувале да му служат на Бог, но понекогаш им било тешко едноставно да речат ‚не‘. Сети се на Давид и неговиот грев кога направил прељуба со Витсавеа. Тоа водело до смртта на нивното дете што го зачнале во прељуба, како и до смртта на маж ѝ на Витсавеа. И двете жртви биле невини (2. Самоил 11:1—27; 12:15—18). Помисли и на апостол Павле, кој отворено признал: „Зашто доброто што го сакам не го правам, туку злото што не го сакам, тоа го вршам“ (Римјаните 7:19). Дали понекогаш чувствуваш слична фрустрација? Павле продолжил: „Јас навистина уживам во Божјиот закон според човекот кој сум однатре, но во своите членови гледам еден друг закон кој војува против законот на мојот ум и ме заробува под законот на гревот што е во моите членови. Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од телото кое е подложно на оваа смрт?“ (Римјаните 7:22—24). Библиските примери треба да ја зајакнат нашата решеност никогаш да не се откажеме во нашата борба да стекнеме поголемо самосовладување.
Самосовладување, лекција што треба да се научи
3. Објасни зошто не можеме да очекуваме да ни биде лесно да покажуваме самосовладување.
3 Самосовладувањето, кое ја вклучува способноста да се рече ‚не‘, е спомнато во 2. Петрово 1:5—7 заедно со верата, доблеста, спознанието, истрајноста, побожната оддаденост, братската наклоност и љубовта. Ниедна од овие други пожелни особини не е сосема вродена. Тие мора да се негуваат. За да се покажуваат во значителна мера, потребни се решителност и напор. Според тоа, треба ли да очекуваме дека ќе ни биде полесно да покажуваме самосовладување?
4. Зошто мнозина мислат дека немаат проблем со самосовладувањето, но што всушност покажува тоа?
4 Точно, можеби милиони луѓе сметаат дека немаат проблем со самосовладувањето. Во животот прават што сакаат, свесно или несвесно однесувајќи се во склад со она што им го диктира нивното несовршено тело и не обрнувајќи големо внимание на последиците — како за нив лично така и за другите (Јуда 10). Недостигот на способност и спремност да се рече ‚не‘ е многу поочигледен денес од кога и да е порано. Тоа е показател дека навистина живееме во „последните денови“ за кои зборувал Павле кога претскажал: „Ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви, љубители на пари, вообразени, надуени, хулители . . . без самосовладување“ (2. Тимотеј 3:1—3).
5. Зошто Јеховините сведоци се заинтересирани за самосовладувањето, и кој совет сѐ уште важи?
5 Јеховините сведоци се сосема свесни за предизвикот што им го наметнува потребата од самосовладување. Исто како Павле, тие се свесни за битката помеѓу желбата да му угодат на Бог живеејќи според неговите мерила, и правецот што нивното несовршено тело ги тера да го заземат. Затоа, долго време се интересирале како да ја добијат оваа жестока битка. Во 1916, едно од првите изданија на списанието што го читаш сега, зборувало за „исправниот правец што треба да го заземеме за да стекнеме контрола над себеси, над нашите мисли, над нашите зборови и над нашето однесување“. Тоа советувало да мислиме на Филипјаните 4:8. Божјиот совет во тој стих сѐ уште важи, иако првобитно бил даден пред околу 2.000 години и веројатно е потешко да се следи денес отколку тогаш или во 1916. Сепак, христијаните упорно настојуваат да им речат ‚не‘ на световните желби, свесни дека со тоа му велат ‚да‘ на својот Творец.
6. Зошто немаме причина да очајуваме додека негуваме самосовладување?
6 Самосовладувањето е спомнато во Галатите 5:22, 23 како еден од ‚плодовите на светиот дух‘. Ако ја покажуваме оваа особина заедно со ‚љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, љубезноста, добротата, верата и благоста‘, ќе имаме голема корист. Како што објаснил Петар, тоа ќе нѐ спречи да станеме „било неактивни било бесплодни“ во нашата служба за Бог (2. Петрово 1:8). Но, не треба да очајуваме ниту да се осудуваме ако не успееме да ги покажуваме овие особини толку брзо и толку потполно како што би сакале. Веројатно си забележал дека на училиште еден ученик учи побрзо од друг. Или, пак, на работното место еден човек ја учи новата задача побрзо од колегите. На сличен начин, некои учат да ги покажуваат христијанските особини побрзо од други. Најважно е постојано да ги негуваме побожните особини најдобро што можеме. Ова можеме да го правиме на тој начин што целосно ќе ја искористиме помошта што ја дава Јехова преку својата Реч и преку собранието. Брзината со која ќе ја постигнеме нашата цел не е толку важна колку што се важни одлучните напори постојано да напредуваме.
7. Што покажува дека самосовладувањето е важно?
7 Иако е наброено како последно од особините што ги создава духот, самосовладувањето воопшто не е помалку важно од другите особини. Напротив. Треба да имаме на ум дека сите ‚дела на телото‘ би можеле да се избегнат ако имаме совршено самосовладување. Сепак, несовршените луѓе се склони да подлегнат на некои од „делата на телото . . . блуд, нечистота, распуштено однесување, идолопоклонство . . . спиритизам, непријателства, кавги, љубомора, изливи на гнев, препирки, поделби, секти“ (Галатите 5:19, 20). Затоа, мораме постојано да водиме битка, да бидеме решени да ги искорениме негативните склоности како од срцето така и од мислите.
Некои водат потешка борба
8. Поради кои фактори на некои им е особено тешко да покажуваат самосовладување?
8 На некои христијани им е потешко да покажуваат самосовладување отколку на други. Зошто? За тоа може да придонесе воспитувањето од родителите или искуствата во минатото. Ако нам не ни е проблем да негуваме и да покажуваме самосовладување, тоа е причина за радост. Но, секако дека треба да бидеме сочувствителни и да покажуваме разбирање во односите со оние на кои им е потешко да ја покажуваат оваа особина, дури и ако нам лично ни задава проблем тоа што тие не покажуваат доволно самосовладување. Со оглед на нашата несовршеност, кој од нас има причина да покаже став на самоправедност? (Римјаните 3:23; Ефешаните 4:2).
9. Какви слабости имаат некои, и кога тие слабости ќе бидат сосема победени?
9 Да илустрираме: Можеби знаеме дека некои сохристијани што престанале да пушат или да користат „рекреативни“ дроги понекогаш сѐ уште имаат силна желба да го прават тоа. На други, пак, им е тешко да си постават граници колку да јадат или колку алкохол да пијат. На трети им е проблем да внимаваат на јазикот, па затоа често се спрепнуваат во зборови. За да се справат со ваквите недостатоци, потребно е трудољубиво да се напрегаат да негуваат самосовладување. Зошто? Во Јаков 3:2 реалистично се признава: „Сите ние се спрепнуваме многу пати. Ако некој не се спрепнува во збор, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело“. Други имаат силна желба да се коцкаат. На трети можеби им е тешко да си го контролираат наравот. Можеби ќе им треба време да научат успешно да се справат со овие или со слични слабости. Иако сега можеме да постигнеме значителен напредок, неисправните желби ќе бидат трајно искоренети дури кога ќе станеме совршени. Во меѓувреме, тоа што ќе настојуваме да покажуваме самосовладување ќе ни помогне да не се вратиме на грешниот начин на живот. Додека продолжува битката, да си помагаме еден на друг да не се откажеме (Дела 14:21, 22).
10. а) Зошто на некои им е особено тешко да покажуваат самосовладување во поглед на сексот? б) Каква голема промена направил еден брат? (Види ја рамката на 16. страница.)
10 Друго поле на кое на некои им е тешко да покажуваат самосовладување е во поглед на сексот. Сексуалноста кај човекот е дел од тоа како нѐ создал Јехова Бог. Сепак, на некои им е особено тешко да го држат сексот на исправно место, во склад со Божјите мерила. Тоа може да им стане уште потешко затоа што имаат необично силен сексуален нагон. Живееме во свет што е луд по секс и на многу начини ги разгорува пламењата на страста. Тоа може да биде голем проблем за христијаните што сакаат да останат самци — барем извесно време — за да му служат на Бог без да им пречат работите што се поврзани со бракот (1. Коринќаните 7:32, 33, 37, 38). Но, во склад со библискиот поттик дека ‚е подобро да стапат во брак отколку да се распалуваат од страст‘, тие може да одлучат да стапат во брак, што секако е чесно. Во исто време, тие се решени да стапат во брак „само во Господ“, како што советува Писмото (1. Коринќаните 7:9, 39). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова се радува што тие се заинтересирани да ги поддржат неговите праведни начела. За нивните сохристијани е радост да се дружат со вистински обожаватели што имаат толку високи морални мерила и интегритет.
11. Како можеме да им помогнеме на некој брат или сестра што се заинтересирани да стапат во брак, но сѐ уште не успеале?
11 Што ако некој не може да си најде партнер што му одговара? Замисли си само колку може да биде исфрустриран некој што сака да стапи во брак, но уште не успеал! Можеби гледа како неговите пријатели стапуваат во брак и дека до извесна мера се среќни, додека тој сѐ уште бара партнер што му одговара. На некои што се во таква ситуација може да им стане проблем нечистата навика на мастурбирање. Како и да е, ниеден христијанин не сака ненамерно да го обесхрабри оној што се бори да остане чист. Би можеле ненамерно да обесхрабриме некого ако даваме необѕирни коментари како, на пример: „Кога ќе се омажиш (или ожениш)?“ Тоа можеби не се кажува со лоша намера, но колку само би било подобро да покажуваме самосовладување на тој начин што ќе внимаваме на јазикот! (Псалм 39:1). Оние од нас што остануваат чесни додека се самци заслужуваат најискрени пофалби. Наместо да речеме нешто што би можело да обесхрабри, можеме да се трудиме да охрабриме. На пример, би можеле да се потрудиме да ги вклучиме и самците кога некоја мала група зрели поединци ќе се соберат на оброк или на изградувачко христијанско дружење.
Самосовладување во бракот
12. Зошто е потребно дури и оние што се во брак да покажуваат извесно самосовладување?
12 Тоа што некој е во брак не ја отстранува само по себе потребата од самосовладување кога станува збор за сексот. На пример, сексуалните потреби на сопругот и сопругата може многу да се разликуваат. Или, пак, поради физичката состојба на едниот партнер, понекогаш може да биде тешко, па дури и невозможно тие да имаат нормални сексуални односи. Можеби поради некои претходни искуства, на едниот партнер може да му биде тешко да ѝ биде послушен на опомената: „Мажот нека ѝ го дава на својата жена она што ѝ е должен, а исто така и жената на мажот“. Во таква ситуација, другиот партнер можеби ќе треба да покажува додатно самосовладување. Но, и двајцата можат да го имаат на ум советот што Павле љубезно им го дал на христијаните што се во брак: „Не лишувајте се од тоа еден со друг, освен по заедничка согласност на одредено време, за да посветите време за молитва и повторно да се состанете, за да не ве искуша Сатана поради вашиот недостиг на воздржливост“ (1. Коринќаните 7:3, 5).
13. Што можеме да направиме во корист на оние што се борат да покажуваат самосовладување?
13 Колку само благодарни можат да бидат брачните двојки ако научат да покажуваат исправно самосовладување во овој најинтимен однос! Во исто време, ќе биде добро да покажат разбирање кон сообожавателите што сѐ уште се борат да ја покажуваат оваа особина на тоа поле. Никогаш не треба да заборавиме да го молиме Јехова да им даде на нашите духовни браќа увид, храброст и одлучност да продолжат да се борат да покажуваат самосовладување и да преземат чекори да ги победат неисправните желби (Филипјаните 4:6, 7).
И понатаму помагајте си
14. Зошто треба да постапуваме сочувствително и да покажуваме разбирање кон сохристијаните?
14 Понекогаш може да ни биде тешко да покажуваме разбирање кон сохристијаните што се борат да покажуваат самосовладување на некое поле што нам воопшто не ни е проблем. Но, луѓето се различни по природа. Некои веднаш се водат по емоции; други не. На некои им е релативно лесно да се контролираат, и ним самосовладувањето не им причинува голем проблем. На други им е потешко. Сепак, не заборавај дека лицето што се бори не е лоша личност. На сохристијаните им е потребно нашето разбирање и сочувство. А и ние самите сме среќни додека и понатаму покажуваме милост кон оние што сѐ уште се борат да покажуваат самосовладување во поголема мера. Тоа можеме да го видиме од Исусовите зборови што се запишани во Матеј 5:7.
15. Зошто зборовите од Псалм 130:3 се утешни во поглед на самосовладувањето?
15 Никогаш не сакаме да донесеме погрешен суд за некој сохристијанин што можеби во некоја прилика ќе пропушти да ја покаже христијанската личност. Колку само е охрабрувачки да се знае дека, освен тоа што ја гледа таа една прилика кога можеби сме потфрлиле, Јехова ги гледа многуте други прилики кога не сме потфрлиле, дури и ако сохристијаните не забележале ниедна од нив. Многу е утешно да ги имаме на ум зборовите од Псалм 130:3: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане?“
16, 17. а) Како можеме да ги примениме стиховите во Галатите 6:2, 5 во поглед на самосовладувањето? б) Што ќе разгледаме како следно во врска со самосовладувањето?
16 За да му угодиме на Јехова, сите ние мораме да негуваме самосовладување, но можеме да бидеме уверени дека нашите христијански браќа ќе ни помогнат. Иако секој од нас мора да го носи сопствениот товар на одговорност, сепак сме поттикнати да си помагаме еден на друг да се справиме со слабостите (Галатите 6:2, 5). Можеме многу да го цениме родителот, сопружникот или пријателот што нѐ спречува да одиме на места каде што не би требало да одиме, да гледаме работи што не би требало да ги гледаме или да правиме нешто што не би требало да го правиме. Тој ни помага да покажуваме самосовладување, способност да речеме ‚не‘ и да си стоиме на тоа!
17 Можеби многу христијани се согласуваат со она што го разгледавме досега во врска со самосовладувањето, но можеби сметаат дека тие лично треба многу да се подобрат. Тие би сакале поцелосно да покажуваат самосовладување, толку колку што мислат дека е разумно да се очекува од несовршените луѓе. Дали и ти мислиш така? Тогаш, што можеш да направиш за да го негуваш овој плод на Божјиот дух? И како може тоа да ти помогне да ги постигнеш твоите долгорочни цели како христијанин? Да го разгледаме тоа во следната статија.
Дали се сеќаваш?
Зошто самосовладувањето е . . .
• важно да го негуваат христијаните?
• особен предизвик за некои?
• неопходно во бракот?
• особина што можеме да си помогнеме да ја негуваме?
[Прашања]
[Рамка/слика на страница 16]
Тој научил да рече ‚не‘
Еден Јеховин сведок што живее во Германија бил вработен како службеник за технички комуникации. Неговата работа била да следи околу 30 различни програми на радио и телевизија. Кога имало пречки, морал да го насочи вниманието на таа програма за да го открие проблемот. Тој вели: „Изгледаше како пречките секогаш да се појавуваа баш во погрешно време, токму тогаш кога се прикажуваа сцени со насилство или секс. Ми се чинеше дека лошите сцени ми остануваат во главата со денови, ако не и со седмици, како да ми беа врежани во мозокот“. Тој признава дека тоа влијаело негативно врз неговата духовност: „Прилично сум избувлив, па затоа сцените со насилство ми отежнуваа да покажувам самосовладување. Сцените со секс предизвикаа напнатост помеѓу мене и жена ми. Секојдневно водев битка. За да не ја изгубам битката, одлучив да побарам нова работа, дури и ако тоа значеше помала плата. Неодамна успеав да најдам нова работа. Желбата ми се исполни“.
[Слики на страница 15]
Спознанието што сме го стекнале со проучување на Библијата ни помага да покажуваме самосовладување