Војната го промени својот лик
Војната го промени својот лик
ВОЈНАТА отсекогаш била сурова. Отсекогаш ги уништувала животите на војниците и отсекогаш им носела страдање на цивилите. Но, во изминативе години, војната го промени својот лик. Во која смисла?
Денешните војни се главно граѓански војни — војни помеѓу спротивставени групи граѓани од иста земја. А граѓанските војни честопати траат подолго, оставаат поголеми трауми кај населението и ги уништуваат земјите повеќе отколку кога се водат војни помеѓу нации. „Граѓанските војни се сурови, крвави акции, а последици од нив се илјадници мртви, сексуални напади, присилно бегство и, во најекстремните случаи, геноцид“ забележува шпанскиот историчар Хулиан Казанова. И навистина, кога ѕверствата ги врши сосед против сосед, можеби ќе требаат векови за да се залечат раните.
По завршувањето на Студената војна, водени се релативно малку војни помеѓу војските на различни нации. „Сите, освен три, од поголемите вооружени судири забележани помеѓу 1990 и 2000 беа внатрешни“, известува Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања.
Точно, внатрешните судири можеби изгледаат помалку опасни и можеби во голема мера меѓународните медиуми ги игнорираат, но болката и уништувањето што се последица од ваквите војни во секој случај се разорни. Милиони луѓе умреле во внатрешни судири. Всушност, во текот на последните две децении, во само три земји растргнати од војна — Авганистан, Демократска Република Конго и Судан — речиси пет милиони луѓе ги изгубија своите животи. На Балканот, жестоките етнички борби ги одзедоа животите на речиси 250.000 луѓе, а во долготрајното герилско војување во Колумбија умреа 100.000 луѓе.
Суровоста на граѓанската војна никаде не е толку очигледна како во последиците што ги има врз децата. Според високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, во текот на последниве десет години, повеќе од два милиона деца ги изгубија животите во граѓански судири. Други шест милиони беа ранети. Сѐ поголем број деца стануваат војници. Едно дете-војник вели: „Ме обучија. Ми дадоа пушка. Земав дрога. Убивав цивили. Многу. Тоа беше само војна . . . Јас само извршував наредби. Знаев дека тоа е лошо. Јас не сакав да биде така“.
Во земјите каде што граѓанската војна станала нешто сосема вообичаено, многу деца растат без никогаш да видат мир. Живеат во свет каде што училиштата се уништени и каде што дијалогот се одвива со пушки. Четиринаесетгодишната Дуња вели: „Беа убиени толку многу луѓе . . . Повеќе не можеш да го чуеш пеењето на птиците, само звукот на деца што плачат по мајката или таткото што ги изгубиле, по братот или по сестрата“.
Кои се причините?
Што го разгорува огнот на ваквите сурови граѓански војни? Етничката и племенската
омраза, религиозните разлики, неправдата и политичките превирања се значајни фактори. Друга коренска причина е алчноста — алчноста по моќ и по пари. Политичките водачи, честопати мотивирани од алчност, ја поттикнуваат омразата која ги разгорува борбите. Еден извештај издаден од Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања вели дека многу учесници во вооружените судири „се мотивирани од лична добивка“. Извештајот додава: „Алчноста се покажува во многу облици, од трговија со дијаманти со големи размери од страна на воените и политичките водачи до пљачкање во селски рамки од страна на млади луѓе со пушки“.Можноста лесно да се набави евтино но смртоносно оружје придонесува за крвопролевањето. Причина за смртта на околу 500.000 жртви годишно — главно жени и деца — е таканареченото рачно оружје. Во една африканска земја, автоматска пушка AK-47 може да се купи за иста цена како и една кокошка. За жал, на некои места пушките почнува да ги има во исто толкав број колку и овие домашни птици. Се проценува дека сега низ светот има 500 милиони рачно и лесно оружје — по 1 на секои 12 лица.
Дали жестоките граѓански судири ќе станат обележје на 21 век? Можат ли да се контролираат граѓанските војни? Дали луѓето некогаш ќе престанат да се убиваат? Следната статија ќе одговори на овие прашања.
[Рамка на страница 4]
Трагичниот данок на граѓанските војни
Во граѓанските војни во кои се користи оружје со ниска технологија но кои сепак се сурови, 90 проценти од жртвите не се војници туку цивили. „Очигледно е дека во сѐ повеќе случаи децата се цел, а не случајни жртви на вооружените судири“, забележува Граса Машел, експерт на генералниот секретар на Обединетите нации за влијанието на вооружените судири врз децата.
Силувањето станало воена тактика. Во некои области растргнати од војна, бунтовниците ја силуваат речиси секоја млада девојка што ќе ја најдат во селата што ги освојуваат. Целта на тие силувачи е да шират паника или да ги уништат семејните врски.
Како последица од војните следат глад и болести. Граѓанската војна значи дека ќе се посеат и ќе се пожнеат малку приноси, дека ќе функционираат, ако воопшто функционираат, малку медицински служби и дека само мал дел од меѓународната помош ќе стигне до оние на кои им треба. Едно проучување во врска со една граѓанска војна во Африка откри дека 20 проценти од жртвите умреле од болест а 78 проценти од глад. Само 2 проценти умреле како директна последица од борбите.
Во просек, секои 22 минути некој губи екстремитет или го губи животот стапнувајќи на копнена мина. Се проценува дека 60 до 70 милиони копнени мини се поставени во повеќе од 60 земји.
Луѓето се принудени да бегаат од своите домови. Низ светот сега има 50 милиони бегалци и раселени лица — половина од нив се деца.
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Дете: Фотографија на Chris Hondros/Getty Images
[Извор на слика на страница 3]
Фотографија на Chris Hondros/Getty Images