Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Повеличествен си од планините‘

,Повеличествен си од планините‘

Раскошот на Јеховиното творештво

,Повеличествен си од планините‘

ДА СЕ набљудува како сонцето изгрева од врвот на планината Фуџи е незаборавно доживување. Облеано во пламени бои, сонцето одеднаш блеснува над хоризонтот, осветлувајќи ги белиот снег и сивите вулкански карпи. Додека почнува уште еден нов ден, јасно оцртаната сенка на планината брзо се шири врз километрите ридје и долини.

Како планината Фуџи — чиешто име, кога порано се пишувало со знаци, значело „ѝ нема рамна“ — величествените планини секогаш нѐ восхитуваат. Покрај нивната огромна големина би можеле да се почувствуваме толку малечки! Планините се толку величествени што многу луѓе верувале дека на нивните највисоки врвови, честопати обвиени во магла и облаци, живееле боговите.

Единствениот Бог што го слават планинските врвови е нивниот вешт Творец, Јехова. Единствено тој „ги создава планините“ (Амос 4:13). Речиси една четвртина од земјата е планински предел, а кога ја создавал нашата планета, Бог вовел сили што на крајот создале прекрасни врвови и планински венци (Псалм 95:4). На пример, се верува дека масивите на Хималаите и на Андите биле формирани со огромни поместувања длабоко во земјата и со движење на делови од земјината кора.

Ние луѓето не сфаќаме како и зошто настанале планините. Навистина, ние не сме способни да одговориме на овие прашања што му биле поставени на праведниот Јов: „Каде беше кога [јас, Јехова] ја основав земјата . . . На што ѝ почиваат основите?“ (Јов 38:4—6).

Меѓутоа, добро знаеме дека нашиот живот зависи од планините. Тие се наречени природни извори на вода бидејќи сите големи реки се напојуваат од планинските извори и половина од светското население зависи за вода од планините (Псалм 104:13). Според списанието New Scientist, „шест од 20-те главни растенија за исхрана во светот доаѓаат од планините“. Под еколошки урамнотежените услови во Божјиот ветен нов свет ,ќе има изобилство на жито, класјето по врвовите ќе шуми‘ (Псалм 72:16; 2. Петрово 3:13).

На многумина, кога ќе се спомнат планини, на ум им доаѓаат европските Алпи. Овие врвови, вклучувајќи ја и планината Чивета што е прикажана овде, даваат прекрасно сведоштво за нивниот Творец (Псалм 98:8). Тие го фалат Јехова, оној што ,ги утврдил планините со Својата јачина‘ (Псалм 65:6). *

Раскошот на Алпите, со нивните заледени врвови и венци, падини прекриени со снег, долини и реки и со нивните ливади, навистина влева страхопочит. Цар Давид укажал на Јехова како на оној „што прави да расте трева по горите“ (Псалм 147:8).

Ридестите венци — како овие ридови на Кујлин (Кина) — можеби не изгледаат толку спектакуларно како Алпите, но тие имаат своја уникатна убавина. По должината на реката Ли, редици зашилени врвови од варовник ги воодушевуваат посетителите со својата убавина. Додека ги гледаме бистрите води што протекуваат низ овие ридови обвиени во магла, на ум можеби ќе ни дојдат зборовите на псалмистот: „Изворите [ти, Јехова] ги навртуваш во потоци, што шумат меѓу планините“ (Псалм 104:10).

Кога сфаќаме дека тие се величествен дел од љубезната подготовка на Творецот за благосостојба и радост на човештвото, има и зошто да сме воодушевени од планините. Меѓутоа, колку и да се прекрасни, планините не можат да се споредат со величественоста на Јехова. Тој навистина е „повеличествен од планините“ (Псалм 76:4).

[Фуснота]

^ пас. 8 Види Календар на Јеховините сведоци за 2004, март/април.

[Рамка/слика на страница 9]

Десет проценти од светското население живее во планинските подрачја. Но, тоа не е непремостлива пречка за оние што ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство. Овие христијански министри се доста активни во многу од подрачјата што се наоѓаат на голема надморска височина. И, „колку се прекрасни по планините нозете на гласоносецот на радоста кој разгласува мир, носи среќа и проповеда спасение“! (Исаија 52:7).

„Високите планини им даваат засолниште на дивите кози“, пеел псалмистот (Псалм 104:18). Планинските кози, како нубискиот козорог со прекрасни рогови, од сите жители на планините се најстабилни на своите нозе. Тие минуваат по рабови што се толку тесни што се чини невозможно да се поминат. Козорогот е добро оспособен за живот на непристапливи места. Делумно, ова се должи на конструкцијата на неговите копита. Расцепот на копитото може да се рашири под тежината на козата со што таа може цврсто да се фати кога стои или кога се движи по тесни карпести рабови. Навистина, козорогот е ремек дело на создавањето!

[Слика на страница 9]

Планината Фуџи (Хоншу, Јапонија)