‚Прејдете и помогнете ни‘
Објавителите на Царството известуваат
‚Прејдете и помогнете ни‘
ВО ЈУЛИ 2000, во Австрија, Германија и Швајцарија беше упатен повик Сведоци што зборуваат германски да се преселат во Боливија. Зошто? Бидејќи во зафрлените земјоделски населби кои се во радиус од 300 километри од Санта Круз (Боливија), менонитите, кои зборуваат германски, покажуваа вистински интерес за Библијата.
Околу 140 Сведоци се оѕваа на повикот. Некои отидоа на неколку седмици, други на година или повеќе. Со тоа, тие покажаа дух сличен на духот на мисионерите од првиот век кои го послушале повикот: „Прејди во Македонија и помогни ни“ (Дела 16:9, 10).
Како е да се работи на тоа подрачје? Еден старешина во локалното собрание објаснува: „Патувањето до една од 43-те менонитски населби може да трае и до осум часа, по неасфалтирани патишта со возило со погон на четири тркала. За да се посетат најоддалечените места честопати се потребни четири дена, а некои вечери треба и да се спие во шатори. Но, секако дека напорот се исплати зашто речиси никој од овие луѓе ја нема чуено добрата вест“.
Во почетокот, за многу од менонитите тие посети не беа добредојдени. Но, постојаните напори им помогнаа да сфатат што имаат Сведоците да им понудат. На пример, еден земјоделец рекол дека веќе една година го чита списанието Разбудете се! Потоа додал: „Знам дека многу луѓе овде не се согласуваат со она што го велите, но јас верувам дека тоа е вистината“. Во една друга населба, еден човек рекол: „Некои од моите соседи велат дека сте лажни пророци, други велат дека вие ја имате вистината. Сакам самиот да откријам“.
Сега во Боливија има собрание на германски јазик со 35 објавители, вклучувајќи и 14 полновремени евангелизатори. Досега, 14 поранешни менонити станале објавители на Царството, а 9-мина други редовно ги посетуваат состаноците. Еден постар човек, кој неодамна се крстил, рекол: „Јасно го гледаме Јеховиното водство. Тој испрати искусни браќа и сестри што зборуваат германски за да ни помогнат. Многу сме благодарни“. Седумнаесетгодишната ќерка на овој човек, која исто така е крстена, додала: „Одушевеноста на младите браќа и сестри што дојдоа овде е заразна. Повеќето од нив се пионери кои ги трошат своето време и пари за да им помагаат на другите. Тоа ме тера и јас да сакам да го правам истото“.
Навистина, оние што вложија напор да ‚прејдат‘ за да помогнат, жнеат голема радост и задоволство.