Потрагата по добра влада
Потрагата по добра влада
„Сѐ поголемата меѓусебна зависност во светот предизвика низа глобални проблеми што поединечните држави веќе не можат самите да ги решат. Со сѐ поголемите опасности и предизвици со кои се соочува човештвото можеме да се справиме само со светска соработка“ (Гулам Умар, пакистански политички аналитичар).
СВЕТОТ денес е полн со парадокси. И покрај материјалното изобилство околу нив, мнозина одвај врзуваат крај со крај. Оваа генерација на компјутери без сомнение е најобразованата и најдобро информираната генерација воопшто, сепак сѐ повеќе луѓе тешко можат да најдат сигурна работа. Иако се чини дека луѓето имаат поголема слобода од кога и да било порано, милиони живеат во атмосфера на страв, несигурност и неизвесност. Можеби насекаде околу нас има примамливи можности, но поради корупцијата и беззаконието, како во високите така и во ниските општествени слоеви, мнозина се без надеж.
Обемот на проблемите со кои се соочува човештвото е толку огромен што далеку го надминува она со што една нација, па дури и група нации би можеле да се справат. Затоа, голем број набљудувачи заклучиле дека за светскиот мир и безбедност да станат реалност, сите нации мораат да се обединат под една влада. На пример, Алберт Ајнштајн долго застапувал една таква идеја. Во 1946 тој изјавил: „Цврсто сум уверен дека повеќето народи во светот повеќе би сакале да живеат во мир и безбедност . . . Желбата на човештвото за мир може да се оствари само ако се создаде една светска влада“.
По пет децении, оваа важна потреба сѐ уште не е задоволена. Наведувајќи ги предизвиците на 21 век, еден коментар во весникот Le Monde од Париз (Франција) забележува: „Се работи за тоа да се создаде правен, административен и уставен темел за една меѓународна влада која ќе биде способна веднаш да интервенира, каде и да било во светот, во случај на етнички масакр. Се работи за тоа да се прифати идејата дека отсега натаму Земјата е една земја“. Кој или што има моќ и способност да го направи тоа за да му обезбеди мирна иднина на човештвото?
Дали Обединетите нации се одговорот?
Мнозина ја полагаат својата надеж за светски мир во Организацијата на Обединетите нации. Дали ОН се владата што може да донесе вистински мир и безбедност во светот? Без сомнение, има доволен број убедливи политички говори што звучат охрабрувачки и што ветуваат многу. На пример, во „Милениумската декларација“ од 2000 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја донесе оваа свечена одлука: „Нема да ги штедиме напорите да
ги ослободиме нашите народи од злото на војната, сеедно дали е внатрешна или меѓу држави, која одзеде повеќе од 5 милиони животи во изминатава деценија“. Таквите изјави им донесоа слава и восхит на ОН од многу страни, како и Нобеловата награда за мир за 2001. Оддавајќи им на тој начин чест на ОН, норвешкиот одбор за Нобелова награда изјави дека „единствениот прооден пат кон мир и соработка е преку Обединетите нации“.И покрај сево ова, дали Организацијата на Обединетите нации, основана во 1945, се покажала како влада што е способна да донесе вистински и траен светски мир? Не, бидејќи себичноста и националистичките аспирации на нејзините земји членки осуетиле голем број од нејзините напори. Според јавното мнение, како што рекол еден уредник на еден весник, ОН не се ништо повеќе од „барометар за глобалното мислење“ и дека „нивниот дневен ред е полн со прашања за кои се дебатира со години и тоа со мал, ако и воопшто има некаков напредок кон решение“. Останува прашањето: Дали нациите во светот еден ден навистина ќе се обединат?
Библијата открива дека тоа единство ќе биде постигнато наскоро. Како ќе се случи тоа? И која влада ќе го направи тоа? За да добиеш одговор, те молиме, прочитај ја следната статија.
[Слика на страница 3]
Ајнштајн ја застапувал потребата од една светска влада
[Извор на слика]
Ајнштајн: U.S. National Archives photo