Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„И понатаму стекнувајте моќ во Господ“

„И понатаму стекнувајте моќ во Господ“

И понатаму стекнувајте моќ во Господ“

„И понатаму стекнувајте моќ во Господ и во моќта на неговата сила“ (ЕФЕШАНИТЕ 6:10).

1. а) Каква несекојдневна борба се одиграла пред околу 3.000 години? б) Зошто победил Давид?

ПРЕД околу 3.000 години, двајца борци застанале еден наспроти друг на бојното поле, меѓу две спротивставени војски. Помладиот од нив бил еден млад овчар по име Давид. Пред него стоел Голијат, човек со несекојдневна сила и става. Оклопот му тежел околу 57 килограми и носел огромно копје и голем меч. Давид не носел никаков оклоп, а единствено оружје му била праќката. Филистејскиот џин Голијат се навредил што Израелецот кој го прифатил неговиот предизвик е уште дете (1. Самоил 17:42—44). На набљудувачите и од двете страни, резултатот сигурно им изгледал очигледен. Но, битката не ја добиваат секогаш храбрите, односно силните (Проповедник 9:11). Давид победил затоа што се борел со сила од Јехова. „Господ е господар на битката“, рекол тој. Библискиот извештај вели дека ‚Давид со камче и праќка го победил Филистеецот‘ (1. Самоил 17:47, 50).

2. Во каква борба се вклучени христијаните?

2 Христијаните не учествуваат во дословна војна. Но, иако се во мир со сите луѓе, сепак водат една духовна битка против многу моќни противници (Римјаните 12:18). Во последното поглавје од своето писмо до Ефешаните, Павле опишува една борба во која се вклучени сите христијани. Тој напишал: „Ние не водиме борба против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12).

3. Според Ефешаните 6:10, што ни треба за да бидеме сигурни дека ќе успееме?

3 Тие „зли духовни сили“ се Сатана и демоните кои сакаат да ни го уништат односот со Јехова Бог. Бидејќи тие се многу посилни од нас, се наоѓаме во слична ситуација како Давид, и не можеме да успееме ако не се потпреме на силата од Бог. Навистина, Павле нѐ поттикнува ‚и понатаму да стекнуваме моќ во Господ и во моќта на неговата сила‘ (Ефешаните 6:10). Откако го дава овој совет, апостолот ги опишува духовните подготовки и христијанските особини што ни помагаат да извојуваме победа (Ефешаните 6:11—17).

4. Кои две главни точки ќе бидат разгледани во оваа статија?

4 Сега да испитаме што вели Библијата во врска со силата и тактиките на нашиот непријател. Потоа ќе разгледаме каква одбранбена стратегија треба да примениме за да се заштитиме. Ако ги следиме упатствата на Јехова, можеме да бидеме сигурни дека нашите непријатели нема да триумфираат над нас.

Борба против злите духовни сили

5. Како начинот на којшто е опишана борбата на оригиналниот јазик во Ефешаните 6:12 ни помага да ја сфатиме стратегијата на Сатана?

5 Павле објаснува дека „водиме борба . . . против злите духовни сили на небесните места“. Главниот зол дух, се разбира, е Сатана Ѓаволот, „владетелот на демоните“ (Матеј 12:24—26). На оригиналниот јазик, Библијата ја споредува нашата борба со борење, или борба гради в гради. Во древна Грција, во натпреварите по борење, секој натпреварувач се обидувал да го исфрли противникот од рамнотежа и да го собори на земјата. На сличен начин, Ѓаволот сака да ја изгубиме духовната рамнотежа. Како може да нѐ натера на тоа?

6. Покажи од Библијата кои различни тактики може да ги користи Сатана за да ни ја поткопа верата.

6 Ѓаволот може да дејствува како змија, како разрикан лав, па дури и како ангел на светлината (2. Коринќаните 11:3, 14; 1. Петрово 5:8). Може да ги користи луѓето за да нѐ прогонува или за да нѐ обесхрабри (Откровение 2:10). Бидејќи целиот свет е во негови раце, Сатана може да ги употреби желбите и привлечните работи во светот за да нѐ фати во замка (2. Тимотеј 2:26; 1. Јованово 2:16; 5:19). Може да ги користи световните или отпадничките размислувања за да нѐ измами, како што ја измамил и Ева (1. Тимотеј 2:14).

7. Какви ограничувања имаат демоните, и кои предности ги имаме ние?

7 Иако оружјето и моќта на Сатана и неговите демони можеби изгледаат застрашувачки, сепак имаат и свои ограничувања. Овие зли духови не можат на сила да нѐ натераат да правиме злобни работи што не му се угодни на нашиот небесен Татко. Ние сме лица со слободна волја и имаме контрола над нашите мисли и постапки. Освен тоа, не сме сами во нашата борба. И за нас денес важи она што важело за Елисеј: „Ги има повеќе со нас отколку со нив“ (2. Цареви 6:16). Библијата нѐ уверува дека ако му се подложиме на Бог и ако му се спротивставиме на Ѓавлот, тој ќе избега од нас (Јаков 4:7).

Свесни за намерите на Сатана

8, 9. На какви испити го ставил Сатана Јов за да го скрши неговиот интегритет, и со каква духовна опасност се соочуваме денес?

8 Не сме во незнаење за намерите на Сатана зашто Библијата ни ги разоткрива неговите основни тактики (2. Коринќаните 2:11). Против праведниот човек Јов, Ѓаволот употребил тешки економски проблеми, смрт на саканите, противење од семејството, физичко страдање и неоснована критика од лажни пријатели. Јов паднал во депресија и мислел дека Бог го напуштил (Јов 10:1, 2). Иако можеби Сатана директно не предизвикува вакви проблеми денес, сепак многу христијани се погодени од такви неволји, коишто Ѓаволот може да ги искористи во своја корист.

9 Духовните опасности се сѐ побројни во ова време на крајот. Живееме во свет во кој материјалистичките стремежи ги истиснуваат духовните цели. Медиумите постојано го прикажуваат вонбрачниот секс како извор на среќа а не на јадови. И повеќето луѓе станале „љубители на уживања наместо љубители на Бог“ (2. Тимотеј 3:1—5). Доколку не ‚водиме тешка борба за верата‘, ваквиот начин на размислување може да ја доведе во опасност нашата духовна рамнотежа (Јуда 3).

10-12. а) Кое е едно предупредување што го дал Исус во својата илустрација за сејачот? б) Објасни како можат да бидат задушени духовните вредности.

10 Една од најуспешните тактики на Сатана е потполно да нѐ преокупира со овој свет и со неговите материјалистички стремежи. Во својата ислустрација за сејачот, Исус предупредил дека во некои случаи „тегобната грижа на овој систем на работи и измамничката моќ на богатството ја задушуваат речта [за Царството]“ (Матеј 13:18, 22). Грчкиот збор што овде е преведен со „задушува“ значи „задавува до смрт“.

11 Во тропските шуми може да се најде еден вид смоква (фикус ауреа). Таа расте бавно и се извива околу стеблото на дрвото-домаќин. Малку по малку, ластарот го обвиткува дрвото-домаќин со корењата што му стануваат сѐ појаки. Многубројните корења на овој вид смоква постепено почнуваат да ги впиваат речиси сите хранливи состојки од почвата околу коренот на дрвото, а најзината крошна, пак, не пропушта светлина до дрвото-домаќин. На крајот, дрвото-домаќин умира.

12 На сличен начин, тегобните грижи на овој систем на работи и трката по богатство и удобен живот можат постепено да црпат сѐ повеќе и повеќе од нашето време и енергија. Кога вниманието ни е свртено кон работите од овој свет, лесно може да го занемариме личното проучување на Библијата и да почнеме редовно да ги пропуштаме христијанските состаноци, со што ќе бидеме отсечени од духовната храна. Материјалистичките цели ќе ги заменат духовните активности и на крајот ќе станеме лесен плен за Сатана.

Мораме да стоиме цврсто

13, 14. Каков став треба да заземеме кога Сатана се бори против нас?

13 Павле ги поттикнал соверниците ‚цврсто да стојат против Ѓаволовите сплетки‘ (Ефешаните 6:11). Се разбира, ние не можеме да ги уништиме Ѓаволот и неговите демони. Бог му ја дал таа задача на Исус Христос (Откровение 20:1, 2). Меѓутоа, додека да биде Сатана отстранет, мораме ‚цврсто да стоиме‘ за да не подлегнеме на неговите напади.

14 И апостол Петар нагласил колку е важно да стоиме цврсто против Сатана. „Бидете трезвени, будно пазете“, напишал Петар. „Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта. Но, заземете свој став против него, цврсти во верата, знаејќи дека, што се однесува до страдањата, истите работи ја снаоѓаат целата заедница од ваши браќа по светот“ (1. Петрово 5:8, 9). Всушност, поддршката од нашите духовни браќа и сестри ни е неопходна за да стоиме цврсто кога Ѓаволот нѐ напаѓа како разрикан лав.

15, 16. Дај библиски пример за да покажеш како може поддршката од соверниците да ни помогне да остенеме цврсти.

15 Кога во африканската савана се слуша рикање на лав некаде во близина, антилопите веројатно веднаш ќе се пуштат во бег сѐ додека не се безбедни. Но, слоновите ни даваат пример за меѓусебна поддршка. Книгата Слонови — нежните џинови на Африка и Азија (Elephants​—Gentle Giants of Africa and Asia) објаснува: „Еден начин на одбрана што едно типично стадо слонови често го користи е возрасните слонови да направат обрач со своите тела, при што тие се свртени нанадвор од каде што доаѓа опасноста, а малите слончиња се заштитени внатре во обрачот“. Кога ќе се соочат со таков приказ на сила и поддршка, лавовите ретко напаѓаат дури и мали слончиња.

16 Слично на тоа, кога ни се заканува опасност од Сатана и од неговите демони, и ние треба да останеме заедно, рамо до рамо со нашите браќа кои се цврсти во верата. Павле потврдил дека одредени сохристијани се покажале како „зајакнувачка помош“ за него додека бил во затвор во Рим (Колошаните 4:10, 11). Грчкиот збор преведен со „зајакнувачка помош“ се појавува само еднаш во Грчките христијански списи. Според Толковниот речник на зборови од Стариот и Новиот завет (Expository Dictionary of New Testament Words) од Вајн, „една глаголска форма на зборот означува лекарства што ја смируваат иритацијата“. Како некоја маст што ја смирува болката, поддршката од зрелите обожаватели на Јехова може да ни ја олесни болката што е предизвикана од емоционално или физичко страдање.

17. Што може да ни помогне да му бидеме верни на Бог?

17 Охрабрувањето од сохристијаните денес може да ја зајакне нашата решеност верно да му служиме на Бог. Особено христијанските старешини се желни да дадат духовна помош (Јаков 5:13—15). Меѓу она што придонесува за нашата верност спаѓаат редовното проучување на Библијата и присуството на христијанските состаноци, собири и конгреси. Нашиот близок однос со Бог ни помага да му останеме верни. Всушност, јадеме ли, пиеме ли, или правиме што и да е друго, треба да сакаме сѐ да правиме за Божја слава (1. Коринќаните 10:31). Се разбира, за да продолжиме по патот што му е угоден на Јехова, неопходно е да му се молиме и да се потпреме на него (Псалм 37:5).

18. Зошто не треба да се откажеме дури и кога тешките околности ни ја црпат силата?

18 Понекогаш нападите на Сатана доаѓаат кога не се чувствуваме духовно јаки. Еден лав ги напаѓа слабите животни. Семејните проблеми, економските тешкотии или некоја болест можат да ни ја исцрпат духовната сила. Но, да не се откажеме да го правиме она што му е угодно на Бог, зашто Павле вели: „Кога сум слаб, тогаш сум моќен“ (2. Коринќаните 12:10; Галатите 6:9; 2. Солуњаните 3:13). Што мислел Павле со ова? Сакал да каже дека моќта од Бог може да ги надомести нашите човечки слабости доколку му се обратиме на Јехова за сила. Победата на Давид над Голијат покажува дека Бог може да го зајакне и го зајакнува својот народ. Денешните Сведоци на Јехова можат да потврдат дека во време на најтешка криза ја почувствувале зајакнувачката рака на Бог (Даниел 10:19).

19. Дај пример за да покажеш како може Јехова да ги зајакне своите слуги.

19 Во врска со поддршката што Бог им ја дал, еден брачен пар напишал: „Низ годините, му служевме на Јехова како маж и жена, добивме многу благослови и запознавме многу прекрасни луѓе. Исто така Јехова нѐ обучи и нѐ зајакна успешно да ги поднесеме тешкотиите. Како Јов, не сфаќавме секогаш зошто некои работи се случуваат, но знаевме дека Јехова е секогаш тука да ни помогне“.

20 Кој библиски доказ покажува дека Јехова секогаш го поддржува својот народ?

20 Јеховината рака не е прекратка за да го поддржи и да го зајакне својот верен народ (Исаија 59:1). Псалмистот Давид пеел: „Господ ги поткрепува сите кои паѓаат и Тој ги исправа наведнатите“ (Псалм 145:14). Навистина, нашиот небесен Татко „секој ден ни го носи товарот“ и ни го дава она што навистина ни треба (Псалм 68:19NW).

Ни треба „потполната воена опрема од Бог“

21. Како истакнал Павле дека ни е потребна духовна воена опрема?

21 Разгледавме некои од методите на Сатана и видовме дека треба да останеме цврсти и покрај неговите напади. Сега мораме да разгледаме една друга важна подготовка што ќе ни помогне успешно да ја одбраниме нашата вера. Во своето писмо до Ефешаните, Павле двапати спомнал еден важен фактор што ќе ни помогне да останеме црсти наспроти сплетките на Сатана и да успееме во нашата борба против злите духовни сили. Павле напишал: „Облечете ја потполната воена опрема од Бог за да можете цврсто да стоите против Ѓаволовите сплетки . . . Земете ја потполната воена опрема од Бог за да можете да се спротивставите во зол ден и, откако темелно сте извршиле сѐ, цврсто да стоите“ (Ефешаните 6:11, 13).

22, 23. а) Што спаѓа во нашата духовна опрема? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

22 Да, мораме да ја носиме „потполната воена опрема од Бог“. Кога го пишувал писмото до Ефешаните, Павле бил чуван од римски војник кој можеби понекогаш носел потполна воена опрема. Меѓутоа, инспирацијата од Бог било она што го поттикнало апостолот да расправа за воената опрема што му е неопходна на секој слуга на Јехова.

23 Во оваа опрема што ни ја дава Бог спаѓаат особините што еден христијанин мора да ги има, како и духовните подготовки што ги прави Јехова. Во следната статија ќе го разгледаме секој дел од духовната опрема. Тоа ќе ни помогне да одредиме колку сме опремени за нашата духовна војна. Во исто време, ќе видиме на кој начин примерот на Исус Христос ни помага успешно да му се спротивставиме на Сатана Ѓаволот.

Како ќе одговориш?

• Каква борба водат сите христијани?

• Опиши некои тактики на Сатана.

• Како може да нѐ зајакне поддршката од соверниците?

• На чија сила мораме да се потпираме, и зошто?

[Прашања]

[Слики на страница 11]

Христијаните ‚водат борба против зли духовни сили‘

[Слика на страница 12]

Грижите на овој систем можат да ја задушат речта за Царството

[Слика на страница 13]

Сохристијаните можат да бидат „зајакнувачка помош“

[Слика на страница 14]

Го молиш ли Бог за сила?