Прашања од читателите
Прашања од читателите
Зошто на израелските мажи им било дозволено да се женат со заробените туѓинки кога во Мојсеевиот закон било заповедано да не се склучува брак со извесни туѓинци? (Второзаконие 7:1—3; 21:10, 11).
Причината зошто ова било дозволено најверојатно била поврзана со посебни околности. Јехова им заповедал на Израелците да ги уништат градовите на седум нации во земјата Ханаан, така што ќе ги убијат сите нивни жители (Второзаконие 20:15—18). Во случајот со другите нации, единствените преживеани возрасни лица биле заробените девици (Броеви 31:17, 18; Второзаконие 20:14). Еден Израелец можел да се ожени со таква жена, но само ако таа преземела одредени мерки.
Во врска со мерките што се барале од една таква жена, Библијата вели: „Нека ја избричи главата, нека ги потсече ноктите, и нека ја отфрли облеката во која беше заробена. Нека помине цел месец во твојот дом, оплакувајќи ги татка си и мајка си. Потоа можеш да ѝ пристапиш како маж, и нека ти стане жена“ (Второзаконие 21:12, 13).
Една заробена девица со која некој Израелец сакал да се ожени морала да си ја избричи главата. Сечењето на косата било знак на жалење и мака (Исаија 3:23). На пример, кога патријархот Јов ги изгубил сите свои деца и целиот имот, си ја исекол косата во знак на жалење (Јов 1:20). Исто така, туѓинката морала ‚да си ги исече ноктите до живец‘ така што дури и кога би ѝ биле лакирани, рацете не би изгледале привлечно (Второзаконие 21:12, Knox). Што била ‚облеката во која била заробена‘ што оваа заробеничка морала да ја отфрли? Било обичај жените од паганските градови на кои им претстоел пораз да се облечат во најубавата облека. Тоа го правеле со надеж дека ќе им се допаднат на освојувачите. Заробената жена што жалела морала ја отфрли таквата облека.
Заробената жена која требало да му стане сопруга на некој Израелец требало еден месец да ги оплакува своите сакани што загинале. Уништувањето на поразените градови било толку темелно што целото нејзино семејство и луѓето со коишто контактирала веќе не биле живи. Бидејќи израелските војници ги уништиле киповите на нејзините богови, нејзините предмети на обожавање повеќе ги немало. Месецот на жалење служел и како период на прочистување во текот на кој заробената жена прекинувала со сите одлики на нејзиното поранешно религиозно обожавање.
Меѓутоа, ситуацијата била поинаква во случајот на туѓинките општо земено. Во врска со тоа, Јехова заповедал: „Не земај жена од нив, не мажи ја својата ќерка за нивниот син, ниту жени го својот син за нивна ќерка“ (Второзаконие 7:3). Зошто било дадено ова ограничување? Второзаконие 7:4 вели: „Зашто тоа би ги одвратило твоите синови од Мене; за да им служат на други богови“. Значи, забраната била дадена со цел да ги заштити Израелците од религиозно загадување. Меѓутоа, туѓинката што се наоѓала во ситуација каква што е опишана во Второзаконие 21:10—13 не претставувала таква закана. Сите нејзини роднини биле мртви, а ликовите што ги претставувале нејзините богови биле уништени. Таа немала никаков контакт со оние што практикувале лажна религија. Во такви околности, на еден Израелец му било дозволено да се ожени со некоја туѓинка.