„Бидете гостољубиви еден кон друг“
„Бидете гостољубиви еден кон друг“
ФИВА, христијанка од првиот век, имала еден проблем. Патувала од Кенхреја во Грција за Рим, но не ги познавала соверниците во тој град (Римјаните 16:1, 2). „Римскиот свет [во тоа време] бил злобен и суров“, вели библискиот преведувач Едгар Гудспид, „и добро било познато дека гостилниците не се место за една чесна жена, особено не за една христијанка.“ Тогаш, каде можела Фива да преноќи?
Во библиски времиња луѓето многу патувале. Исус Христос и неговите ученици патувале за да ја проповедаат добрата вест низ Јудеја и Галилеја. Набрзо потоа, христијанските мисионери, како што бил Павле, ја носеле пораката до различни делови на Средоземјето, вклучувајќи го и Рим, главниот град на Римското Царство. Кога христијаните од првиот век патувале, сеедно дали на еврејска територија или не, каде престојувале? На какви тешкотии наидувале кога барале преноќиште? Што можеме да научиме од нив во врска со укажувањето гостољубивост?
„Денес морам да останам во твојата куќа“
Гостољубивоста се дефинира како „срдечно примање на гости“, и тоа одамна било карактеристика на вистинските обожаватели на Јехова. На пример, Авраам, Лот и Ревека биле гостољубиви (Битие 18:1-8; 19:1-3; 24:17-20). Раскажувајќи за својот став кон странците, патријархот Јов рекол: „Никогаш странец не ноќеваше надвор, ја отварав вратата на патникот“ (Јов 31:32).
За да им биде укажана гостољубивост од нивните сонародници, Израелците, честопати било доволно патниците да седнат на градскиот плоштад и да чекаат некој да ги покани (Судии 19:15-21). Домаќините обично им ги миеле нозете на своите гости и им нуделе храна и пиење, а обезбедувале и храна за животните (Битие 18:4, 5; 19:2; 24:32, 33). Патниците што не сакале да им бидат на товар на домаќините си ги носеле со себе потребните работи — леб и вино за себе и слама и храна за магарињата. Им било потребно само преноќиште.
Иако Библијата ретко кажува како точно Исус наоѓал преноќиште за време на неговите проповеднички патувања, тој и неговите ученици морало некаде да преспиваат (Лука 9:58). Кога го посетил Ерихон, Исус едноставно му рекол на Закхеј: „Денес морам да останам во твојата куќа“. Закхеј „со радост“ го примил својот гостин (Лука 19:5, 6). Во Витанија, Исус четопати им бил гостин на своите пријатели Марта, Марија и Лазар (Лука 10:38; Јован 11:1, 5, 18). А во Капернаум изгледа дека Исус престојувал кај Симон Петар (Марко 1:21, 29-35).
Матеј 10:9-11). Тој знаел дека поединци со искрени срца ќе ги примат неговите ученици и ќе им дадат храна, кров над главата и други работи што им се потребни.
Упатствата за служба што Исус им ги дал на своите 12 апостоли откриваат многу за тоа каков прием требало да очекуваат во Израел. Исус им рекол: „Не прибавувајте си злато, ниту сребро, ниту бакар за во појасите, ниту торба за храна за по пат, ниту две долни облеки, ниту сандали, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата храна. Во кој град или село ќе влезете, побарајте кој во него е достоен, и останете таму додека не си заминете“ (Меѓутоа, се ближело времето кога патувачките евангелизатори ќе мораат сами да си ги озбезбедат потребните работи и да си ги покриваат трошоците. Со оглед на тоа што неговите следбеници ги чекало непријателство а проповедничкото дело требало да се прошири на територии надвор од Израел, Исус рекол: „Оној кој има ќесе, нека го земе, исто така и торба за храна“ (Лука 22:36). За да се шири добрата вест, неопходно ќе било да се патува и да се преноќи некаде.
„Следете го патот на гостољубивоста“
Како резултат на релативниот мир и добрата мрежа од поплочени патишта низ Римското Царство во првиот век, луѓето многу патувале. * Големиот број патници создал голема потреба од преноќишта. Таа потреба била задоволена така што долж главните патишта имало гостилници што биле оддалечени една од друга околу еден ден патување. Меѓутоа, The Book of Acts in Its Graeco-Roman Setting (Книгата Дела во грчко-римски рамки) вели: „Она што се знае за таквите места во литературата прикажува една доста мрачна слика. Литературата што ни е на располагање и архелошките извори главно потврдуваат дека тие места биле трошни и нечисти, без речиси никаков мебел, полни со стеници, храна и пијалак со лош квалитет, газди и персонал на кои не можело да им се верува, сомнителни муштерии и, општо земено, со многу низок морал “. Нормално, еден морално чесен патник гледал, секогаш кога е можно, да не престојува во таквите гостилници.
Според тоа, не изненадува тоа што Библијата постојано ги поттикнува христијаните да си укажуваат гостољубивост еден на друг. Павле ги поттикнал христијаните во Рим: „Делете со светите според нивните потреби. Следете го патот на гостољубивоста“ (Римјаните 12:13). Тој ги потсетил еврејските христијани: „Не заборавајте ја гостољубивоста зашто преку неа, некои не знаејќи нагостија и ангели“ (Евреите 13:2). Петар ги поттикнал своите сообожаватели да ‚бидат гостољубиви еден кон друг без негодување‘ (1. Петрово 4:9).
Но, имало и ситуации кога не било на место да се укаже гостољубивост. Во врска со „секој кој се турка напред и не останува во учењето на Христос“, апостол Јован рекол: „Никогаш да не го примате во својот дом, ниту да го поздравувате. Зашто оној кој го поздравува е учесник во неговите зли дела“ (2. Јованово 9-11). За непокајничките грешници Павле напишал: „Престанете да се дружите со секој кој се вика брат, а кој е блудник или алчен или идолопоклоник или кој зборува срамотно или е пијаница или изнудувач, со таков дури и да не јадете“ (1. Коринќаните 5:11).
Натрапниците и други сигурно се обиделе да ја искористат добродушноста на вистинските христијани. Една изјава за христијанската вера што датира од вториот век од н.е., а која не е дел од Библијата и е позната како Дидахе, или Учење на дванаестте апостоли, советува дека еден патувачки проповедник може да биде примен на гости на „еден ден, или ако е потребно и на два“. Потоа, кога ќе си замине „нека не прими ништо друго освен леб . . . Ако побара пари, тогаш е лажен пророк“. Овој документ продолжува: „Ако сака да остане кај вас и има некој занает, нека работи
за својот леб. Но, ако нема занает, грижете се за него онака како што мислите дека треба, за ниеден човек да не живее меѓу вас безделнички затоа што е христијанин. А ако не сака да прави така, тогаш тој профитира од христијанството; пазете се од таквите“.Апостол Павле гледал да не им наметне скап товар на своите домаќини кога останувал на подолго во некои градови. Работел како изработувач на шатори за да се издржува (Дела 18:1-3; 2. Солуњаните 3:7-12). За да им помогнат на оние патници меѓу нив што го заслужувале тоа, изгледа дека раните христијани праќале писма со препораки, како што Павле ја препорачал Фива. „Ви ја препорачувам Фива, нашата сестра“, напишал Павле, „за да ѝ изразите добредојде во Господ . . . и да ѝ помогнете во сѐ што има потреба од вас“ (Римјаните 16:1, 2).
Благослови од укажувањето гостољубивост
Христијанските мисионери од првиот век имале доверба дека Јехова ќе се грижи за сите нивни потреби. Но, можеле ли да очекуваат соверниците да им укажат гостољубивост? Лидија ја отворила својата куќа за Павле и за други. Апостолот престојувал кај Акила и Прискила во Коринт. Еден темничар во Филипи поставил маса пред Павле и Сила. Јасон му укажал гостољубивост на Павле во Солун, Филип во Цезареја и Мнасон кога патувал од Цезареја кон Ерусалим. Кога патувал за Рим, гостољубивост му укажале браќата во Путеоли. Тие прилики сигурно духовно ги исполниле домаќините што го примиле! (Дела 16:33, 34; 17:7; 18:1-3; 21:8, 16; 28:13, 14).
Изучувачот Фредерик Ф. Брус забележува: „Единствениот мотив од којшто овие пријатели и соработници, домаќини и домаќинки помагале бил љубовта кон Павле и кон Господарот на кого му служеле. Тие знаеле дека со тоа што му служат на Павле, му служат и на Господарот“. Ова е извонреден мотив да бидеме гостољубиви.
Сѐ уште има потреба да се укажува гостољубивост. Има илјадници патувачки претставници на Јеховините сведоци на коишто соверниците им укажуваат гостољубивост. Некои објавители на Царството патуваат на свој трошок за да проповедаат на места каде што ретко достига добрата вест. Голема е наградата кога го отвараме својот дом, колку и да е скромен, за таквите лица. Срдечната гостољубивост, која можеби вклучува само еден едноставен оброк, нуди прекрасни прилики за „размена на охрабрување“ и за да покажеме љубов кон нашите браќа и кон нашиот Бог (Римјаните 1:11, 12). Таквите прилики особено ги исполнуваат домаќините зашто „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
[Фуснота]
^ пас. 11 Се проценува дека до 100 н.е. имало околу 80.000 километри поплочени римски патишта.
[Слика на страница 23]
Христијаните ‚го следат патот на гостољубивоста‘