Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Христос — главна тема на пророштвата

Христос — главна тема на пророштвата

Христос — главна тема на пророштвата

„Сведочењето за Исус е тоа што инспирира на пророкување“ (ОТКРОВЕНИЕ 19:10).

1, 2. а) Почнувајќи од 29 од н.е., каква одлука стоела пред Израел? б) Што ќе биде разгледано во оваа статија?

СЕ НАОЃАМЕ во 29 година н.е. Во Израел врие од разговори околу ветениот Месија. Службата на Јован Крстител го зголемила чувството на исчекување (Лука 3:15). Јован одрекува дека тој е Христос. Наместо тоа, укажувајќи на Исус од Назарет, вели: „Посведочив дека тој е Божјиот Син“ (Јован 1:20, 34). Набрзо, мноштвото го следи Исус за да го слуша неговото поучување и за да биде излекувано.

2 Во наредните месеци, Јехова дава брдо докази што се однесуваат на неговиот Син. Оние што го проучувале Светото писмо и што ги виделе делата на Исус имаат цврст темел за да положат вера во него. Меѓутоа, Божјиот народ на сојузот, општо земено, нема вера. Само малкумина увидуваат дека Исус е Христос, Синот Божји (Јован 6:60⁠-69). Што ќе направеше ти да живееше во тоа време? Ќе беше ли поттикнат да го прифатиш Исус како Месија и ќе станеше ли негов верен следбеник? Разгледај ги доказите што самиот Исус ги дава за својот идентитет кога е обвинет дека го прекршува Сабатот, и забележи ги подоцнежните докази што ги дава за да ја зајакне верата на своите верни ученици.

Самиот Исус дава докази

3. Кои околности го натерале Исус да даде докази за својот идентитет?

3 Сега е 31 година од н.е. и е време за Пасхата. Исус е во Ерусалим. Штотуку излекува еден човек што 38 години бил болен. Меѓутоа, Евреите го прогонуваат затоа што го излекувал на Сабат. Исто така, го обвинуваат за хулење и сакаат да го убијат зашто го нарекува Бог свој Татко (Јован 5:1⁠-9, 16⁠-18). Во своја одбрана Исус изнесува три цврсти докази што би ги увериле Евреите со искрени срца во неговиот вистински идентитет.

4, 5. Која била целта на службата на Јован, и колку успешно ја извршил?

4 Прво, Исус укажал на сведоштвото на неговиот предвесник, Јован Крстител, велејќи: „Вие испративте луѓе кај Јован, и тој посведочи за вистината. Тој човек беше светилка која гори и свети, а вие за кратко време сакавте многу да се радувате во неговата светлина“ (Јован 5:33, 35).

5 Јован Крстител бил „светилка која гори и свети“ во таа смисла што, пред Ирод неправедно да го затвори, го исполнил налогот од Бог да го подготви патот за Месијата. Јован рекол: „Дојдов да крштавам во вода за да му се покаже [Месијата] на Израел . . . Го видов духот како слегува од небото како гулаб, и остана на него. И јас не го знаев, но Оној кој ме испрати да крштавам во вода, ми рече: ‚На кого ќе видиш дека слегува духот и останува на него, тој е кој крштава во свет дух‘. И го видов тоа, и посведочив дека тој е Божјиот Син“ * (Јован 1:26⁠-37). Јован конкретно го идентификувал Исус како Божјиот Син — ветениот Месија. Сведоштвото на Јован било толку јасно што околу осум месеци по неговата смрт, голем број Евреи со искрено срце признале: „Сѐ што рече Јован за овој човек, беше вистина“ (Јован 10:41, 42).

6. Зошто делата на Исус требало да ги уверат луѓето дека тој има поддршка од Бог?

6 Понатаму, Исус користи уште еден доказ за да потврди дека тој е овластениот Месија. Тој укажува на своите добри дела како на доказ дека има поддршка од Бог. „Јас го имам сведоштвото што е поголемо од Јовановото“, вели, „зашто токму делата што мојот Татко ми ги додели да ги извршам, самите дела што ги вршам сведочат за мене дека Таткото ме испрати“ (Јован 5:36). Дури ни непријателите на Исус не можеле да го побијат овој доказ, кој вклучувал голем број чуда. „Што да правиме, бидејќи овој човек прави многу знаци?“ се прашувале некои од нив подоцна (Јован 11:47). Меѓутоа, некои поволно реагирале и рекле: „Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе знаци отколку што направи овој?“ (Јован 7:31). Оние што го слушале Исус биле во многу поволна ситуација да увидат дека Синот ги има особините на Таткото (Јован 14:9).

7. Како сведочат Хебрејските списи за Исус?

7 На крајот, Исус го свртува вниманието на еден непобитен доказ. „Писмото . . . токму тоа сведочи за мене“, вели тој и додава: „Ако му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и мене, зашто тој пишуваше за мене“ (Јован 5:39, 46). Се разбира, Мојсеј бил само еден од многуте претхристијански сведоци што пишувале за Христос. Нивните ракописи вклучуваат стотици пророштва и детални родословија, и сите тие укажуваат на Месијата (Лука 3:23⁠-38; 24:44⁠-46; Дела 10:43). А што е со Мојсеевиот закон? „Законот стана наш воспитувач кој води до Христос“, напишал апостол Павле (Галатите 3:24). Да, „сведочењето за Исус е тоа што инспирира [или, е целата тенденција, намера и цел] на пророкување“ (Откровение 19:10).

8. Зошто многу Евреи не поверувале во Месијата?

8 Зарем сите овие докази — јасното сведоштво на Јован, моќните дела на Исус и неговите особини како Божјите, како и огромното сведоштво од Светото писмо — не те уверуваат дека Исус бил Месијата? Секој што имал искрена љубов кон Бог и кон неговата Реч веднаш ќе го увидел тоа и ќе практикувал вера во Исус како ветениот Месија. Но, во Израел, општо земено, немало таква љубов. На своите противници Исус им рекол: „Добро знам дека вие во себе немате љубов кон Бог“ (Јован 5:42). Наместо ‚да ја бараат славата која е од единствениот Бог‘ тие ја ‚прифаќале славата еден од друг‘. Не е ни чудо што не се слагале со Исус, на кого, како и на неговиот Татко, му се гадело од таквиот начин на размислување! (Јован 5:43, 44; Дела 12:21⁠-23).

Зајакнати од една пророчка визија

9, 10. а) Зошто времето кога им бил даден знак на Исусовите ученици било правото време? б) Кое истакнато ветување им го дал Исус на своите ученици?

9 Минало повеќе од една година откако Исус ги дал овие докази дека тој е Месијата. Пасхата во 32 од н.е. дошла и прошла. Мнозина што поверувале престанале да го следат, веројатно поради прогонството, материјализмот или животните грижи. Други можеби биле збунети или разочарани затоа што Исус одбил луѓето да го направат цар. Кога еврејските верски водачи го предизвикале, тој одбил да даде знак од небото со кој би добил лична слава (Матеј 12:38, 39). Ова можеби збунило некои луѓе. Освен тоа, Исус почнал да им разоткрива на своите ученици нешто што ним им било тешко да го сфатат — „мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините и од главните свештеници и од книжниците и да биде убиен“ (Матеј 16:21⁠-23).

10 Уште девет-десет месеци, ќе дојде време „[Исус] да си оди од овој свет кај Таткото“ (Јован 13:1). Длабоко загрижен за своите лојални ученици, Исус на некои од нив им го ветува токму она што одбил да им го даде на безверните Евреи — знак од небото. „Навистина ви велам“, вели Исус, „некои од оние кои стојат овде воопшто нема да вкусат смрт додека најпрво не го видат Синот човечки како доаѓа во своето царство“ (Матеј 16:28). Очигледно, Исус не вели дека некои од неговите ученици ќе живеат сѐ до воспоставувањето на Месијанското Царство во 1914. Исус има на ум да им даде на своите тројца најблиски ученици спектакуларна претслика на неговата слава во царска моќ. Оваа визија е наречена визија на преобразувањето.

11. Опиши ја визијата на преобразувањето.

11 Шест дена подоцна, Исус ги зема со себе Петар, Јаков и Јован и одат на една висока планина — веројатно на некој гребен на планината Хермон. Таму, Исус ‚се преобразува пред нив, и лицето му свети како сонцето, и горните облеки му стануваат сјајни како светлина‘. Се појавуваат и пророците Мојсеј и Илија и разговараат со него. Овој извонреден настан веројатно се одигрува ноќе, поради што е особено живописен. Всушност, толку е реален што Петар се понудува да подигне три шатори — по еден за Исус, за Мојсеј и за Илија. Додека Петар сѐ уште зборува, ги прекрива еден светол облак и еден глас од облакот вели: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив; него слушајте го“ (Матеј 17:1⁠-6).

12, 13. Какво влијание имала визијата на преобразувањето врз учениците на Исус, и зошто?

12 Точно, Петар неодамна изјавил дека Исус е „Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:16). Но, замисли си да чуеш како Бог лично го изјавува тоа, потврдувајќи ги идентитетот и улогата на својот помазан Син! Колку им ја зајакнува верата на Петар, Јаков и Јован оваа визија на преобразувањето! Сега, кога нивната вера е толку зајакната, тие се подобро подготвени за она што ги чека и за важната улога што ќе ја имаат во идното собрание.

13 Преобразувањето остава траен впечаток врз учениците. Повеќе од 30 години подоцна, Петар пишува: „[Исус] прими чест и слава од Бог, Таткото, кога преку величествената слава до него дојдоа овие зборови: „Ова е мојот син, мојот љубен, кого самиот сум го одобрил“. Да, овие зборови ги чувме како дојдоа од небото додека бевме со него на светата гора“ (2. Петрово 1:17, 18). И Јован е исто толку трогнат од овој настан. Повеќе од 60 години откако се одиграл, изгледа дека тој укажува на него со зборовите: „Ја гледавме неговата слава, слава каква што му припаѓа на единороден син од татко“ (Јован 1:14). Сепак, преобразувањето не е последната визија што ќе ја добијат следбениците на Исус.

Понатамошно просветлување за оние што му се лојални на Бог

14, 15. Во која смисла апостол Јован требало да остане додека не дојде Исус?

14 Откако воскреснал, Исус им се појавува на своите ученици покрај Галилејското Море. Таму му вели на Петар: „Ако е моја волја [Јован] да остане додека не дојдам, што те засега тоа тебе?“ (Јован 21:1, 20⁠-22, 24). Дали овие зборови укажуваат дека апостол Јован ќе ги надживее другите апостоли? Изгледа да, зашто тој верно продолжува да му служи на Јехова речиси уште 70 години. Меѓутоа, оваа изјава на Исус кажува и нешто повеќе.

15 Изразот, „додека не дојдам“ нѐ потсетува на тоа кога Исус укажал дека „Синот човечки . . . доаѓа во своето царство“ (Матеј 16:28). Јован останува додека Исус не дојде во таа смисла што подоцна му е дадена пророчка визија за тоа како Исус доаѓа во царска моќ. При крајот на неговиот живот, додека е во изгнанство на островот Патмос, Јован го добива Откровението со сите негови вчудовидувачки пророчки знаци за настаните што треба да се случат во „Господовиот ден“. Јован е толку трогнат од овие спектакуларни визии што кога Исус вели: „Да; доаѓам бргу“, Јован извикува: „Амин! Дојди, Господи Исусе“ (Откровение 1:1, 10; 22:20).

16. Зошто е важно да продолжиме да си ја зајакнуваме верата?

16 Луѓето со искрени срца од првиот век го прифаќаат Исус како Месија и веруваат во него. Со оглед на сѐ поголемиот недостиг на вера околу нив, делото што мораат да го вршат и испитите што стојат пред нив, на оние што стануваат верници им треба зајакнување. За да ги охрабри своите лојални следбеници, Исус дал многу докази дека тој е Месијата и дал пророчки визии што давале објаснување. Денес, ние сме длабоко навлезени во „Господовиот ден“. Наскоро, Христос ќе го уништи целокупниот злобен систем на работи на Сатана и ќе го избави Божјиот народ. И ние мораме да си ја зајакнеме верата така што потполно ќе ги користиме сите подготовки што Јехова ги прави за наше духовно добро.

Сочувани низ темнина и неволја

17, 18. Каква остра разлика имало во првиот век помеѓу следбениците на Исус и оние што се противеле на Божјата намера, и каков бил исходот за секоја група?

17 По смртта на Исус, учениците смело се послушни на неговата заповед да сведочат за него „како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). И покрај налетите од насилство, Јехова го благословува новоформираното христијанско собрание со духовно просветлување и со голем број нови ученици (Дела 2:47; 4:1⁠-31; 8:1⁠-8).

18 Од друга страна, пак, изгледите на оние што се противат на добрата вест стануваат сѐ помрачни. „Патот на нечесните е како темнина“, вели Пословици 4:19. „Не знаат на што ќе се сопнат.“ ‚Темнината‘ станува погуста во 66 н.е., кога римските војски го опсадуваат Ерусалим. Откако без некаква очигледна причина привремено ќе се повлечат, Римјаните се враќаат во 70 н.е. и овојпат го разоруваат градот. Според еврејскиот историчар Јосиф, загинуваат повеќе од еден милион Евреи. Меѓутоа, верните христијани го избегнуваат тоа. Зошто? Затоа што, кога првата опсада се повлекува, тие се покоруваат на заповедта на Исус да бегаат (Лука 21:20⁠-22).

19, 20. а) Зошто Божјиот народ нема причина за страв додека сегашниов систем се ближи кон својот крај? б) Каков значаен увид му дал Јехова на својот народ во децениите пред 1914?

19 Нашата ситуација е слична. Претстојната голема неволја ќе го означи крајот на целокупниот злобен систем на Сатана. Но, Божјиот народ не треба да се плаши, зашто Исус ветил: „Гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 28:20). За да им ја зајакне верата на своите рани ученици и да ги подготви за она што ги чека, Исус им дал претслика за својата небесна слава како месијански Цар. Како е денес? Во 1914, таа претслика станала стварност. И колку таа стварност му ја зајакнала верата на Божјиот народ! Таа ветува прекрасна иднина, и Јеховините слуги постепено добивале сѐ поголем увид во неа. Среде денешниот свет што запаѓа во сѐ поголема темнина, „праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден“ (Пословици 4:18).

20 Дури и пред 1914, една мала група помазани христијани почнала да ги разбира важните вистини за враќањето на Господарот. На пример, тие сфатиле дека враќањето ќе биде невидливо, како што укажале двата ангела што во 33 од н.е. им се појавиле на учениците додека Исус се вознесувал на небото. Откако еден облак го скрил Исус од очите на учениците, ангелите рекле: „Овој Исус кој беше земен од вас на небото, така ќе дојде, на истиот начин како што го видовте да заминува на небото“ (Дела 1:9⁠-11).

21. За што ќе се дискутира во наредната статија?

21 Заминувањето на Исус го виделе само неговите лојални следбеници. Како што било случај со преобразувањето, и овој настан не предизвикал никакво внимание во јавноста. Светот, општо земено, не бил ни свесен што се случило. Истото требало да се случи и кога Исус ќе се врател со царска моќ (Јован 14:19). Само неговите верни помазани ученици ќе увиделе дека тој е присутен како Цар. Во следната статија ќе видиме како тој увид требало да изврши длабоко влијание врз нив и да достигне кулминација со тоа што ќе се собират милиони лица што ќе станат земни поданици на Исус (Откровение 7:9, 14).

[Фуснота]

^ пас. 5 Изгледа дека при крштавањето на Исус само Јован го чул гласот на Бог. Евреите на коишто Исус им се обраќа ‚ниту некогаш го чуле [Божјиот] глас ниту го виделе неговиот лик‘ (Јован 5:37).

Се сеќаваш ли?

• Какви докази дал Исус за да покаже дека тој е Месијата кога бил обвинет за прекршување на Сабатот и за хулење?

• Како им користело преобразувањето на раните ученици на Исус?

• Што мислел Исус кога рекол дека Јован ќе остане додека тој не дојде?

• Која претслика станала стварност во 1914?

[Прашања]

[Слики на страница 10]

Исус укажал дека тој е овластениот Месија

[Слика на страница 12]

Визијата на преобразувањето ја зајакнала верата

[Слика на страница 13]

Јован требало да остане додека не ‚дојде‘ Исус