Дали вистината раѓа плод кај оние што ги поучуваш?
Дали вистината раѓа плод кај оние што ги поучуваш?
КОГА младиот Ерик рекол дека повеќе не сака да биде познат како Јеховин сведок, неговите родители биле скршени. Воопшто не забележале дека се спрема такво нешто. Како дете, Ерик учествувал во семејната библиска студија, присуствувал на христијанските состаноци и учествувал во делото на проповедање заедно со собранието. Изгледало, така да се каже, дека е во вистината. Но сега, кога си заминал, неговите родители сфатиле дека библиската вистина не била во него. Тоа ги шокирало и ги разочарало.
Други доживуваат слични чувства на загуба кога некој што го поучуваат за Библијата неочекувано ќе прекине да проучува. Во такви моменти честопати се прашуваат: ‚Зошто не забележав дека се спрема вакво нешто?‘ Па, можно ли е да се одреди дали вистината раѓа плод кај оние што ги поучуваме пред да се случи духовна катастрофа? Во врска со тоа, како можеме да бидеме сигурни дека вистината дејствува кај нас, како и кај оние што ги поучуваме? Во својата позната парабола за сејачот, Исус ни помогнал да дојдеме до одговорот на овие прашања.
Вистината мора да допре до срцето
„Семето е речта Божја“, рекол Исус. „А што се однесува до она кое е [посеано] на добра почва, тоа се оние кои, откако ја чуле речта со извонредно и добро срце, ја задржуваат и донесуваат плод со истрајност“ (Лука 8:11, 15). Значи, пред да може да даде резултати кај оние што ги поучуваме, вистината за Царството мора прво да пушти корен во нивното фигуративно срце. Исус нѐ уверил дека, како добро семе на добра почва, штом вистината ќе допре до добро срце, веднаш ќе има ефект и ќе почне да раѓа плодови. Што треба да бараме?
Мораме да обрнеме внимание на особините во срцето, а не само на она што се гледа однадвор. Тоа што некој одржува рутина во обожавањето не открива секогаш што навистина се случува во неговото срце (Еремија 17:9, 10; Матеј 15:7-9). Мораме да погледнеме подлабоко. Треба да има јасна промена во желбите, мотивите и приоритетите на тоа лице. Треба да ја развие новата личност која е во склад со Божјата волја (Ефешаните 4:20-24). Да илустрираме: Кога Солуњаните ја чуле добрата вест, Павле вели дека веднаш ја прифатиле како реч Божја. Но, она што му докажало дека вистината „дејствува во [нив]“ биле истрајноста, верноста и љубовта што ги покажале подоцна (1. Солуњаните 2:13, 14; 3:6).
Се разбира, што и да има ученикот во срцето, порано или подоцна ќе се види по неговото однесување, како што покажува и примерот на Ерик (Марко 7:21, 22; Јаков 1:14, 15). За жал, додека да станат очигледни нечии лоши карактеристики, може веќе да биде доцна. Значи, предизвикот е да се обидеме да увидиме извесни слабости пред да станат духовни камења на спрепнување. Треба да најдеме начин да погледнеме внатре во фигуративното срце. Како можеме да го направиме тоа?
Учи од Исус
Се разбира, Исус можел точно да го чита срцето (Матеј 12:25). Никој од нас не го може тоа. Сепак, тој ни покажал дека и ние можеме да увидиме нечии желби, мотиви и приоритети. Како што еден квалификуван доктор користи разни дијагностички техники за да види што не е во ред со дословното срце на пациентот, така и Исус ја употребил Божјата реч за да ‚ги исцрпи‘ и да ги разоткрие „мислите и намерите на срцето“, дури и кога сѐ уште не биле забележливи (Пословици 20:5; Евреите 4:12).
На пример, во една прилика Исус му помогнал на Петар да си увиди една слабост што подоцна навистина станала камен на спрепнување. Исус знаел дека Петар го сака. Всушност, тој штотуку му ги доверил „клучевите на царството“ (Матеј 16:13-19). Но, Исус знаел и дека Сатана им имал фрлено око на апостолите. Во деновите пред нив, требало да се соочат со силен притисок да направат компромис. Очигледно Исус увидел дека некои од неговите ученици имале слабости во верата. Затоа не се стегал да им каже на што треба да поработат. Разгледај како ја вовел таа тема.
Матеј 16:21 [ДХК] вели: „Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици, дека беше потребно . . . да пострада . . . и да биде убиен“. Забележи дека Исус не само што им кажал, туку им покажал што ќе му се случи. Најверојатно користел библиски стихови, како што се Псалм 22:14-18 или Исаија 53:10-12, кои укажуваат дека Месијата мора да страда и да умре. Во секој случај, со тоа што читал или цитирал директно од Светото писмо, Исус им дал прилика на Петар и на другите да одговорат од срце. Како ќе реагираат на изгледот за прогонство?
Изненадува тоа што, сеедно колку смел и ревносен се покажал Петар, неговиот избрзан одговор во оваа прилика открил една сериозна маана во неговото размислување. „Биди љубезен спрема себеси, Господи“, рекол тој, „такво нешто воопшто нема да те снајде.“ Очигледно дека начинот на којшто размислувал Петар бил погрешен, зашто Исус истакнал дека Петар ‚не мислел Божји мисли, туку човечки‘ — сериозна грешка што можела да доведе до тешки последици. Но, што направил Исус? Откако го прекорил Петар, нему и на останатите апостоли им рекол: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи“. Осврнувајќи се на мислите од Псалм 49:8 и 62:12, љубезно ги потсетил дека нивните вечни изгледи не зависат од луѓе, кои не можат да обезбедат спасение, туку од Бог (Матеј 16:22-28).
Иако Петар подоцна привремено подлегнал на стравот и трипати се одрекол од Исус, без сомнение овој и други разговори му помогнале да се подготви за брзо да закрепне во духовен поглед (Јован 21:15-19). Само 50 дена подоцна, Петар смело застанал пред мноштвото луѓе во Ерусалим за да посведочи за воскресението на Исус. Во седмиците, месеците и годините што следеле, смело се соочил со постојани апсења, тепања и затворања, со што оставил извонреден пример на бестрашна беспрекорност (Дела 2:14-36; 4:18-21; 5:29-32, 40-42; 12:3-5).
Што учиме од ова? Можеш ли да видиш што направил Исус за да исцрпи и открие што имал Петар во срцето? Прво, избрал соодветни стихови за да го усмери вниманието на Петар на она што конкретно го загрижувало. Потоа, му дал прилика на Петар да одговори од срце. На крајот, дал понатамошен библиски совет за да му помогне да ги смени размислувањето и чувствата. Можеби сметаш дека ти не можеш да поучуваш
така, но да разгледаме две искуства што покажуваат на кој начин можат подготовката и довербата во Јехова да му помогнат на секого од нас да го следи примерот на Исус.‚Да се исцрпи‘ она што е во срцето
Кога еден христијанин дознал дека неговите два сина, од коишто едниот е прво а другиот второ одделение, зеле бомбонче од масата на наставничката, ги седнал и разговарал со нив. Наместо да го смета тоа само за невина детска палавштина, таткото раскажува: „Се обидов ‚да исцрпам‘ од нивното срце што ги мотивирало да ја направат таа лоша работа“.
Таткото им рекол на момчињата да се сетат што му се случило на Ахан, како што е запишано во Исус Навин 7. поглавје. Момчињата веднаш ја сфатиле поентата и си ја признале грешката. Совеста веќе ги мачела. Затоа, татко им им го прочитал стихот од Ефешаните 4:28 каде што се вели: „Кој крадел повеќе да не краде, туку нека работи напорно . . . за да има да му даде нешто на оној кој има потреба“. Тоа што татко им ги натерал да купат бомбонче и да ѝ го вратат на наставничката му дало уште поголема јачина на библискиот совет.
„Се обидувавме да ги искорениме сите лоши мотиви веднаш штом ќе ги забележевме“, вели таткото, „и да ги замениме со добри и чисти мотиви на тој начин што разговаравме со децата.“ Со тоа што при поучувањето на своите деца го следеле примерот на Исус, со текот на времето овие родители сигурно виделе добри резултати. На крајот и двата сина биле поканети да станат членови на персоналот во главното седиште во Бетелот во Бруклин, каде што едниот од нив, по 25 години, сѐ уште служи.
Разгледај како една христијанка можела да ѝ помогне на една жена што ја поучувала за Библијата. Оваа жена доаѓала на состаноците и учествувала во службата, и веќе имала изразено желба да се крсти. Но, изгледа дека премногу се потпирала на самата себе, а не на Јехова. „Бидејќи не беше мажена, стана многу понезависна отколку што беше свесна за тоа“, си спомнува оваа христијанка. „Бев загрижена дека или физички не ќе може да издржи или духовно ќе пропадне.“
Затоа, оваа христијанка презела иницијатива и аргументирала со својата интересентка за Матеј 6:33, охрабрувајќи ја да ги промени своите приоритети, да го стави Царството на прво место и да има доверба дека Јехова ќе изнајде најдобар начин да ги реши работите. Отворено ја прашала: „Дали поради тоа што живееш сама понекогаш ти е тешко да се потпреш на другите, па дури и на Јехова?“ Жената признала дека речиси престанала да се моли. Тогаш објавителката ја охрабрила да го послуша советот од Псалм 55:22 [NW] и да го фрли своето бреме на Јехова, зашто како што нѐ уверува 1. Петрово 5:7, ‚тој се грижи за тебе‘. Овие зборови ѝ го трогнале срцето. Христијанката вели: „Тоа беше еден од ретките моменти кога ја видов да плаче“.
Нека вистината дејствува во тебе
Кога гледаме како оние што ги поучуваме реагираат на библиската вистина, тоа ни носи голема радост. Меѓутоа, ако сакаме да успеат нашите напори да им помогнеме на другите, мораме и самите да оставиме добар пример (Јуда 22, 23). Сите треба да ‚продолжиме да работиме на своето спасение со страв и трепет‘ (Филипјаните 2:12). Во тоа е вклучено редовно да пуштаме светлината од Библијата да свети во нашето срце и да ги бараме ставовите, желбите и склоностите што можеби треба да се поправат (2. Петрово 1:19).
На пример, дали твојата ревност за христијанските активности се намалила во скоро време? Ако да, зошто? Една причина може да биде тоа што премногу се потпираш на себеси. Како можеш да одредиш дали е тоа случај? Прочитај Агеј 1:2-11 и искрено размисли за аргументите што Јехова им ги изнел на Евреите што се вратиле во својата татковина. Потоа, запрашај се: ‚Дали сум претерано загрижен за финансиска сигурност и материјални удобности? Дали навистина верувам дека Јехова ќе се грижи за моето семејство ако ги ставам духовните работи на прво место? Или, пак, мислам дека најпрво морам да си се погрижам за себе?‘ Ако треба да го промениш начинот на размислување или чувствата, не двоуми се да го сториш тоа. Советите од Библијата, како што се советите од Матеј 6:25-33, Лука 12:13-21 и 1. Тимотеј 6:6-12, ни даваат темел на којшто можеме да имаме урамнотежено гледиште за материјалните работи и поседи, темел што ни обезбедува постојани благослови од Јехова (Малахија 3:10).
Ваквото искрено самоиспитување може да нѐ отрезни. Во емоционален поглед, може да биде тешко да си признаеме извесни слабости кога некој ќе ни укаже на нив. Сепак, кога од љубов ќе преземеш иницијатива да му помогнеш на твоето дете, на лицето кое го поучуваш за Библијата или дури и да си помогнеш себеси — сеедно колку лична или осетлива можеби е работата — најверојатно го правиш првиот чекор кон тоа да го спасиш неговиот или својот живот (Галатите 6:1).
Но, што ако се чини дека твоите напори не даваат добри резултати? Не се предавај брзо. Да се исправи едно несовршено срце може да биде деликатна работа за која е потребно време и за која понекогаш требаат живци. Но, може да донесе и големо задоволство.
Младиот Ерик, што беше спомнат во почетокот, на крајот се вразумил и повторно почнал да ‚оди во вистината‘ (2. Јованово 4). „Му се вратив на Јехова дури кога сфатив што изгубив“, вели тој. Со помош од родителите, Ерик сега верно му служи на Бог. Иако едно време му сметале постојаните напори на неговите родители да го натераат да си го испита срцето, сега длабоко го цени она што го направиле. „Моите родители се прекрасни“, вели тој. „Никогаш не престанаа да ме сакаат.“
Израз на љубов е кога ја разлеваме светлината од Божјата реч врз срцата на оние што ги поучуваме (Псалм 141:5). Продолжи да го испитуваш срцето на твоите деца и на оние што ги поучуваш за Библијата за да видиш дали новата христијанска личност навистина почнува да се раѓа во нив. Нека вистината дејствува во другите и во тебе така што ‚исправно ќе ракуваш со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15).
[Слика на страница 29]
Зборовите на Исус откриле една слабост на Петар
[Слика на страница 31]
Користи ја Библијата за го ‚да исцрпиш‘ она што е во срцето