Животот — безвреден или бесценет?
Животот — безвреден или бесценет?
„Бидејќи човекот е создаден според Божјиот лик, кога ќе се одземе човечки живот, се уништува најскапоценото и најсветото нешто на светот“ (The Plain Man’s Guide to Ethics — Водич по етика за обичниот човек, од Вилијам Беркли).
‚НАЈСКАПОЦЕНОТО нешто на светот.‘ Дали и ти гледаш така на животот? Ако тргнеме од тоа како луѓето се однесуваат, очигледно е дека мнозина не го делат мислењето на овој писател. Милиони животи биле безмилосно згаснати од насилни луѓе кои себично гледале да си ги остварат своите лични цели без око да им трепне за доброто на ближниот (Проповедник 8:9).
Безвредни и за еднократна употреба
Типичен пример за ова е Првата светска војна. Во текот на тој страотен конфликт, одново и одново „беа жртвувани човечки тела без никаква смисла“, вели историчарот А. Џ. П. Тејлор. Во своето настојување да стекнат престиж и слава, воените лидери ги користеа војниците како да беа безвредни и како да беа само за еднократна употреба. Во битката за Верден во Франција имаше повеќе од половина милион жртви. „Немаше ништо посебно [некаква стратешка предност] што можеше да се добие или да се изгуби“, пишува Тејлор, „само да се убиваат луѓе и да се стекне слава“ (The First World War — Првата светска војна).
Ваквиот презир кон вредноста на животот е раширен до ден-денес. Изучувачот Кевин Бејлс истакнува дека во последно време, „наглиот пораст на населението го преплавува светскиот пазар на трудот со милиони сиромашни и ранливи луѓе“. Тие се впуштаат во доживотна битка со единствена цел да опстанат во еден угнетувачки трговски систем во кој „животот станува евтин“.
Оние што ги искористуваат ваквите луѓе, вели Бејлс, ги третираат скоро како робови — „алатки за еднократна употреба што им служат само за да им донесат профит“ (Disposable People — Луѓе за еднократна употреба).
„Трчање по ветер“
Има многу други причини зошто милиони луѓе се чувствуваат потполно безвредни и очајни, мислејќи дека никому не му е гајле дали се живи или мртви. Освен војни и неправди, човештвото денес го измачуваат и суши, глад, болести, смртни случаи и безброј други работи. Поради сето ова луѓето се прашуваат дали воопшто вреди да се живее (Проповедник 1:8, 14).
Се разбира, сите не живеат во крајна сиромаштија и не поднесуваат страдања. Но, дури и оние што ќе ги избегнат најтешките неволји честопати ќе го кажат она што го рекол и цар Соломон од древниот Израел, кој прашал: „Зашто, што добива човекот за својот напор и труд што ги поднесува под сонцето?“ Кога ќе размислат како стојат работите, мнозина сфаќаат дека поголемиот дел од она што го направиле било „суета и трчање по ветер“ (NW) (Проповедник 2:22, 26).
„И тоа ли е сѐ?“, прашуваат мнозина кога ќе се свртат наназад да видат што направиле во животот. Да, колкумина се оние што на крајот навистина ќе бидат ‚стари и задоволни‘ од животот како што бил патријархот Авраам? (Битие 25:8, NW). Кај мнозина останува да тлее чувството на бесмисленост. Сепак, животот не мора да биде бесмислен. Бог го смета животот на секој човек за скапоцен и сака секој од нас да води еден навистина смисловен и задоволувачки живот. Како ќе се оствари ова? Да разгледаме што има да каже на оваа тема нашата следна статија.