Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Колку е скапоцен твојот живот?

Колку е скапоцен твојот живот?

Колку е скапоцен твојот живот?

ОД ЕДНА страна, безброј животи биле жртвувани во Првата светска војна во Европа. Од друга страна, пак, биле вложени неверојатни напори да се спасат неколку животи на Антарктикот. Англиско-ирскиот истражувач Ернест Шекелтон и неговата посада доживеале несреќа кога нивниот брод, Endurance, удрил во санта мраз и потонал. Шекелтон успеал да ги извлече своите луѓе на безбедно — безбедно до некој степен — на Островот на слоновите во јужниот Атлантски Океан. Но, сѐ уште им се заканувала страшна опасност.

Шекелтон сфатил дека единствената надеж да преживеат била да испрати луѓе што ќе побараат помош од една станица за лов на китови која се наоѓала на островот Јужна Џорџија. Овој остров бил оддалечен околу 1.100 километри, а на Шекелтон му останал само еден чамец за спасување долг околу 7 метри што успеале да го спасат од потонатиот брод. Нивните шанси биле многу слаби.

Сепак, на 10 мај 1916, по 17 морничави денови, Шекелтон и неколкумина други од посадата пристигнале до Јужна Џорџија. За несреќа, ужасните услови на морето ги принудиле да се закотват на погрешната страна од островот. До нивното крајно одредиште ги чекал пат од 30 километри низ непознати планини прекриени со снег. И покрај сите, навидум несовладливи, тешкотии — температури под нулата и без соодветна опрема за планинарење — Шекелтон и неговите луѓе стигнале на своето одредиште и, на крајот, успеале да ги спасат и другите што останале заглавени на Островот на слоновите. Зошто Шекелтон толку многу се намачил да ги спаси? Биографот Роланд Хантфорд пишува: „Негова единствена цел [била] да го извлече жив и последниот човек од својата посада“.

„Ништо не недостига“

Што им помогнало на луѓето на Шекелтон да не паднат во тежок очај додека седеле стиснати еден до друг и чекале на „едно оголено и недостапно парче карпа и мраз долго 30 километри“? Довербата дека нивниот водач ќе го одржи своето ветување и дека ќе ги спаси.

Човештвото денес во голема мера потсетува на тие луѓе што биле заглавени на Островот на слоновите. Мнозина живеат во неверојатно тешки услови и се борат за гол живот. Сепак, можат да имаат потполна доверба дека Бог ќе ‚го спаси страдалникот‘ од угнетување и неволји (Јов 36:15). Биди уверен дека за Бог животот на секој човек е скапоцен. „Повикај ме во тежок ден“, вели Јехова Бог, Творецот, и „ќе те ослободам“ (Псалм 50:15).

Дали ти е тешко да веруваш дека лично ти си му скапоцен на Творецот? Ти — само еден меѓу милијардите луѓе што живеат на Земјата? Тогаш, забележи што напишал пророкот Исаија во врска со милијардите ѕвезди што постојат во милијардите галаксии во огромниот универзум што нѐ опкружува. Читаме: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига“ (Исаија 40:26ПСП).

Дали сфаќаш што значи ова? Нашиот Сончев систем е само едно мало делче од нашата галаксија Кумова слама, која брои најмалку 100 милијарди ѕвезди. А колку други галаксии постојат? Никој не може со сигурност да каже, но некои проценуваат дека ги има околу 125 милијарди. Колку мора да е запрепастувачки голем бројот на ѕвезди во сите нив! Сепак, Библијата ни кажува дека Творецот на универзумот ја знае секоја одделна ѕвезда по име.

„Вам сите влакна на главата ви се изброени“

‚Но‘, можеби некој ќе приговори, ‚тоа што ги знае имињата на милијарди ѕвезди — или милијарди луѓе — не мора да значи дека тој и се грижи за нив како поединци.‘ Во еден компјутер што има доволно голема меморија можат да се внесат имињата на милијарди луѓе. На никој не би му паднало на памет да каже дека компјутерот се грижи за тие лица. Меѓутоа, Библијата покажува дека Јехова Бог не само што ги знае имињата на милијарди луѓе, туку и се грижи за нив како поединци. ‚Фрлете ја сета своја тегобна грижа на него‘, напишал апостол Петар, ‚зашто тој се грижи за вас‘ (1. Петрово 5:7).

Исус Христос рекол: „Не се продаваат ли две врапчиња за една паричка од мала вредност? Па сепак ниедно од нив нема да падне на земја, а вашиот Татко да не знае за тоа. А вам сите влакна на главата ви се изброени. Затоа, не плашете се: Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Матеј 10:29⁠-31). Забележи дека Исус не рекол дека Бог едноставно е свесен за тоа што се случува со врапчињата и со луѓето. Тој рекол: „Вие сте повредни од многу врапчиња“. Зошто си повреден? Затоа што си создаден „во Божјиот лик“ — со потенцијал да развиваш и да покажуваш морални, умствени и духовни особини кои се одраз на Божјите сопствени возвишени особини (Битие 1:26, 27).

„Производ на интелигентна активност“

Не дозволувај да бидеш прелажан од тврдењата на луѓето што негираат дека постои Творец. Според нив, ти си производ на слепи, безлични сили на природата. Тие тврдат дека, не само што не си направен „во Божји лик“, туку воопшто не се разликуваш од кој и да било друг животински вид на оваа планета — според тоа, не се разликуваш ни од врапчињата.

Дали ти е логично дека животот едноставно настанал по пат на случајност, или како резултат на дејството на некоја слепа сила? Според молекуларниот биолог Мајкл Џ. Бехе, „неверојатно комплицираните биохемиски процеси“ што управуваат со животот придонесуваат таа идеја да биде потполно бесмислена. Тој вели дека биохемиските докази водат до неизбежниот заклучок дека „животот на Земјата на своето најосновно ниво . . . е производ на интелигентна активност“ (Darwin’s Black Box​—The Biochemical Challenge to Evolution [Црната кутија на Дарвин — биохемискиот предизвик на еволуцијата]).

Библијата ни го кажува истото — дека животот на Земјата на сите нивоа е производ на интелигентна активност. Ни кажува и дека Изворот на сета таа интелигентна активност е Јехова Бог, Творецот на универзумот (Псалм 36:9; Откровение 4:11).

Иако мораме да живееме во свет кој е исполнет со болка и страдање, не дозволувај тој факт да те натера да веруваш дека не постои Творец и Конструктор на Земјата и на целиот живот на неа. Имај на ум две основни вистини. Едната е дека Бог не го создал несовршенството што постои околу нас. Втората е дека нашиот Творец има добри причини зошто привремено дозволува тоа да постои. Како што честопати било истакнато во ова списание, Јехова Бог дозволува злото да постои само ограничено време — за да се расчистат еднаш засекогаш моралните спорни прашања што биле покренати кога луѓето за првпат го отфрлиле неговиот суверенитет * (Битие 3:1⁠-7; Второзаконие 32:4, 5; Проповедник 7:29; 2. Петрово 3:8, 9).

„Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува“

Се разбира, и покрај тешките услови во кои многу луѓе мора да живеат денес, животот сепак е прекрасен дар, а ние правиме сѐ што можеме за да го зачуваме. Животот што Бог го ветува за иднината е многу повеќе од борба само да се преживее во сурови и болни услови — како што им се случило на луѓето на Шекелтон на Островот на слоновите. Бог има намера да нѐ спаси од нашето сегашно болно и ништожно постоење за да можеме ‚цврсто да го зграпчиме вистинскиот живот‘ што тој уште во почетокот го имал на ум за своите човечки творби (1. Тимотеј 6:19).

Бог ќе го направи сето ова затоа што секој од нас е скапоцен во неговите очи. Тој направил подготовка неговиот Син, Исус Христос, да ја даде откупната жртва што била потребна за да нѐ ослободи од гревот, несовршенството и смртта што сме ги наследиле од нашите први родители, Адам и Ева (Матеј 20:28). „Бог толку многу го љубеше светот“, рекол Исус Христос, „што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него . . . да има вечен живот“ (Јован 3:16).

Што ќе направи Бог за оние што сега поднесуваат болка и страдање во животот? Во врска со неговиот Син, Божјата инспирирана реч ни кажува: „Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник; ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот: Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата“. Зошто ќе го направи ова? Затоа што „нивната крв [или: нивниот живот] е скапоцена во неговите очи“ (Псалм 72:12⁠-14).

Со векови, човештвото се измачува под товарот на гревот и несовршенството, како да воздивнува во големи болки и страдања. Бог дозволил да биде така само затоа што знае дека може да ја поправи секоја штета до која би довело тоа (Римјаните 8:18⁠-22). Многу скоро тој ќе почне со „обнова на сѐ“ преку владата на Царството во рацете на својот Син, Исус Христос (Дела 3:21; Матеј 6:9, 10).

Оваа обнова го вклучува и воскресението на луѓе што страдале и умреле во минатото. Тие се на сигурно место — во Божјето сеќавање (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Наскоро ќе добијат живот „во изобилие“ — вечен живот во совршенство на рајска Земја во која ќе нема болка и страдање (Јован 10:10; Откровение 21:3⁠-5). Сите живи ќе можат целосно да уживаат во животот и да ги развиваат прекрасните особини и способности кои се обележје на оние што се создадени „во Божјиот лик“.

Дали и ти ќе бидеш таму за да уживаш во животот што го ветува Јехова? Тоа зависи од тебе. Те поттикнуваме да ги искористиш подготовките што Бог ги прави за да ги излее тие благослови. На издавачите на ова списание ќе им биде мило да ти помогнат да го сториш тоа.

[Фуснота]

^ пас. 17 За детална дискусија на оваа тема, види го 8. поглавје, „Зошто Бог го допушта страдањето?“ во книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страници 4 и 5]

Луѓето од насуканата посада на Шекелтон имале доверба дека тој ќе го одржи своето ветување и дека ќе ги спаси

[Извор на слика]

© CORBIS

[Слика на страница 6]

„Вие сте повредни од многу врапчиња“