Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Христијани — бидете горди на тоа кои сте!

Христијани — бидете горди на тоа кои сте!

Христијани — бидете горди на тоа кои сте!

„Кој се фали, во Јехова нека се фали“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 1:31).

1. Каков очигледен тренд има во ставот на луѓето кон религијата?

 „АПАТЕИЗАМ.“ Еден коментатор што говори на верски теми неодамна го употребил овој збор за да го опише ставот што многу луѓе го имаат во врска со својата религија. Тој објаснил: „Највпечатливиот тренд во современата религија воопшто не е религија — тоа е став што најдобро може да се опише како ‚апатеизам‘ “. Разработувајќи ја таа тема, тој го дефинирал апатеизмот како „склоност да не му ја мислиш многу за твојата религија“. Многу луѓе, забележал тој, „веруваат во Бог . . . само баш и не го ставаат толку на ум“.

2. а) Зошто не изненадува тоа што луѓето станале духовно апатични? б) Каква опасност претставува незинтересираноста за вистинските христијани?

2 Оваа склоност кон апатија не ги изненадува оние што ја проучуваат Библијата (Лука 18:8). А кога станува збор за религијата воопшто, таквата незаинтересираност е за очекување. Лажната религија веќе долго време ги заведува и ги разочарува луѓето (Откровение 17:15, 16). Меѓутоа, духот на рамнодушност и недостигот од ревност што преовладуваат денес претставуваат опасност за вистинските христијани. Не смееме да си дозволиме да станеме немарни во врска со нашата вера и да ја изгубиме ревноста за службата на Бог и за библиската вистина. Исус предупредил колку е опасна таквата рамнодушност кога ги опоменал христијаните од првиот век што живееле во Лаодикија: ‚Не си ни ладен ни жежок. Да си барем ладен или жежок . . . Млак си‘ (Откровение 3:15–18).

Да сфатиме кои сме

3. Со кои аспекти од нивниот идентитет можат да се гордеат христијаните?

3 За да се борат против духовната апатија, на христијаните треба да им биде јасно кои се, и мораат во разумна мера да бидат горди на својот идентитет што ги издвојува од другите. Како слуги на Јехова и ученици на Христос, во Библијата можеме да најдеме опис за тоа кои сме ние. Ние сме „сведоци“ на Јехова, „Божји соработници“, зашто активно ја споделуваме ‚добрата вест‘ со другите (Исаија 43:10; 1. Коринќаните 3:9; Матеј 24:14). Ние сме народ во којшто сите ‚се љубат еден со друг‘ (Јован 13:34). Вистинските христијани се луѓе чија „моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14). Ние сме „светила во светот“ (Филипјаните 2:15). Се трудиме да ‚го задржиме своето добро однесување меѓу нациите‘ (1. Петрово 2:12; 2. Петрово 3:11, 14).

4. Како може еден обожавател на Јехова да одреди што не е?

4 Вистинските обожаватели на Јехова знаат и што не се тие. „Тие не се дел од светот“, како што и нивниот Водач, Исус Христос, не бил дел од светот (Јован 17:16). Тие се држат одвоени од „нациите“ кои „умствено се во темнина и отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“ (Ефешаните 4:17, 18). Како резултат на тоа, следбениците на Исус ‚се одречуваат од безбожноста и од световните желби и живеат со здрави мисли и со праведност и со побожна оддаденост среде овој сегашен систем на работи‘ (Тит 2:12).

5. Што се мисли со советот ‚да се фалиме во Јехова‘?

5 Тоа што точно знаеме кои сме и што сме и добро го сфаќаме нашиот однос со Суверениот Владетел на универзумот нѐ мотивира ‚да се фалиме во Јехова‘ (1. Коринќаните 1:31). Какво фалење е тоа? Како вистински христијани, ние сме горди што Јехова ни е Бог. Го следиме советот: „Кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ [Јехова, NW] Кој ги твори милоста, судот и правдата на земјата“ (Еремија 9:24). Ние ‚се фалиме‘ затоа што ја имаме предноста да го познаваме Бог и тој да нѐ користи за да им помагаме на другите.

Предизвикот

6. Зошто на некои им е тешко јасно да задржат на ум кои се и што се како христијани?

6 Мораме да признаеме дека не е секогаш лесно јасно да задржиме на ум кои сме и што сме како христијани. Еден млад човек што бил одгледан како христијанин се сеќава дека некое време западнал во состојба на духовна слабост: „На моменти, не ни знаев зошто сум Јеховин сведок. Бев поучуван за вистината уште од мали нозе. Понекогаш сметав дека тоа е само уште една установена, организирана религија“. Други можеби дозволиле нивниот идентитет да го обликуваат светот на забавата, средствата за јавно информирање и актуелните безбожни гледишта за животот (Ефешаните 2:2, 3). Некои христијани можеби повремено минуваат низ периоди кога немаат доверба во самите себе и кога ги преиспитуваат своите вредности и цели.

7. а) Какво самоиспитување е на место да направат слугите на Бог? б) Од каде демнее опасноста?

7 Дали е сосем погрешно ако одвреме-навреме внимателно се преиспитаме? Не. Можеби се сеќаваш дека апостол Павле ги охрабрил христијаните да продолжат да се преиспитуваат: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Коринќаните 13:5). Овде апостолот нѐ поттикнал да вложиме здрав напор за да забележиме какви и да било духовни слабости што можеби се појавиле кај нас, со цел да ги преземеме неопходните чекори за да ги поправиме тие слабости. Кога еден христијанин испитува дали е во верата, мора да одреди дали неговите зборови и постапки се во склад со она во што тврди дека верува. Но, ако не е исправно насочено, самоиспитувањето што ќе нѐ наведе да го бараме нашиот „идентитет“ или да бараме одговори надвор од нашиот однос со Јехова или надвор од христијанското собрание ќе се покаже бесмислено и може да биде смртоносно во духовен поглед. a Никогаш да не ‚доживееме бродолом во поглед на својата вера‘! (1. Тимотеј 1:19).

Не сме имуни на предизвици

8, 9. а) Како покажал Мојсеј дека нема доволно доверба во себе? б) Како му одговорил Јехова на Мојсеј? в) Како влијаат врз тебе гаранциите што ги дава Јехова?

8 Дали христијаните што повремено доживуваат чувства на сомнеж во себе треба да мислат дека се чисто промашување? Нормално дека не! Навистина, тие можат да најдат утеха во тоа што знаат дека таквите чувства не се ништо ново. И верните сведоци на Бог во минатото имале такви чувства. Да го земеме, на пример, Мојсеј, кој покажал извонредна вера, лојалност и оддаденост. Кога му била дадена една задача што му изгледала огромна, плашливо прашал: „Кој сум јас?“ (Излез 3:11). Очигледно, она што го имал на ум било ‚Јас сум никој и ништо!‘ или ‚Јас не сум кадарен!‘. Можеби неколку аспекти од неговото минато го навеле да смета дека тој не одговара за таа задача: Припаѓал на ропска нација. Бил отфрлен од Израелците. Не бил речовит говорник (Излез 1:13, 14; 2:11–14; 4:10). Бил овчар, професија што им била одвратна на Египќаните (Битие 46:34). Не е ни чудо што се почувствувал некадарен да стане ослободител на Божјиот поробен народ!

9 Јехова го охрабрил Мојсеј така што му дал две силни ветувања: „Јас ќе бидам со тебе . . . И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора“ (Излез 3:12). Бог му рекол на својот неодлучен слуга дека секогаш ќе биде со него. Освен тоа, Јехова му укажал дека дефинитивно ќе успее да го ослободи неговиот народ. Низ вековите, Бог давал слични ветувања за помош. На пример, пред да влезат во Ветената земја, преку Мојсеј им рекол на Израелците: „Охрабрете се и бидете одлучни . . . Господ [Јехова, NW], твојот Бог, доаѓа со тебе; не ќе те напушти ниту ќе те остави“ (Второзаконие 31:6). Исто така, Јехова го уверил и Исус Навин: „Никој не ќе одолее пред тебе во сите дни на твојот живот; јас ќе бидам со тебе . . . никогаш нема да те напуштам ниту ќе те оставам“ (Исус Навин 1:5). И на христијаните им ветува: „Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам“ (Евреите 13:5). Кога знаеме дека имаме ваква силна поддршка, треба да бидеме горди што сме христијани!

10, 11. Како му било помогнато на левитот Асаф да задржи исправен став за тоа колку е вредна неговата служба за Јехова?

10 Околу пет века по Мојсеј, еден верен Левит по име Асаф отворено пишувал дека не е баш сигурен дали вреди човек да се труди да живее чесно. Додека се борел да му служи на Бог и покрај испити и искушенија, Асаф гледал како некои што му се потсмеваат на Бог стануваат сѐ помоќни и поуспешни. Како влијаело тоа врз Асаф? „А мене за малку, ќе ми се сопнеа нозете“, признал тој. „За малку ќе ми се лизнеа чекорите, зашто им завидев на злочинците [фалбаџиите, NW], набљудувајќи го напредокот на грешниците.“ Почнал да се сомнева дали вреди да се биде обожавател на Јехова. „Само јас го чував напразно моето срце чисто и ги миев рацете во невиност“, си мислел Асаф. „Примав удари секој ден [Злото ме погодува по цел ден, NW]“ (Псалм 73:2, 3, 13, 14).

11 Како се справил Асаф со овие вознемирувачки чувства? Дали ги негирал? Не. Му ги кажал на Бог во молитва, како што гледаме од 73. Псалм. За Асаф, се покажала пресвртница една посета на храмското светилиште. Додека бил таму сфатил дека, сепак, најдобриот начин на живот е да се биде предаден на Бог. Кога повторно му било обновено ценењето за службата на Јехова, сфатил дека Јехова ја мрази злобата и дека во свое време ќе ги казни злобните (Псалм 73:17–19). За тоа време, Асаф уште појасно увидел кој е тој — почестен слуга на Јехова. Му рекол на Бог: „Секогаш ќе бидам со Тебе, зашто Ти ја прифати мојата десница: ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во Својата слава“ (Псалм 73:23, 24). Асаф повторно бил горд на својот Бог (Псалм 34:2).

Тие добро знаеле кои се

12, 13. Дај примери за библиски ликови што биле горди на својот однос со Бог.

12 Еден начин на којшто можеме уште подобро да знаеме кои сме и што сме како христијани е да ја испитаме и да ја имитираме верата на лојалните обожаватели, кои и покрај неволјите биле горди на својот однос со Бог. Размисли за Јосиф, синот на Јаков. Како млад, предавнички бил продаден како роб и одведен во Египет, стотици километри подалеку од неговиот богобојазлив татко и далеку од срдечната атмосфера на поддршка во неговиот дом. Додека бил во Египет, немало жив човек од кого би можел да побара совет што би бил во склад со Божјиот начин на размислување и морал да се соочи со тешки ситуации што ги ставиле на испит неговиот морал и неговата доверба во Бог. Но, очигледно вложил свесен напор никако да не заборави дека е слуга на Бог и останал верен на она што знаел дека е исправно. Бил горд што е обожавател на Јехова дури и во непријателска средина и не се стегал да каже како се чувствува (Битие 39:7–10).

13 Осум векови подоцна, едно заробено израелско девојче што му станало роб на сирискиот генерал Нееман не заборавило дека е обожавател на Јехова. Кога се појавила прилика, смело дало убаво сведоштво за Јехова и укажало дека Елисеј е пророк на вистинскиот Бог (2. Цареви 5:1–19). Со години по овој настан, иако живеел во расипана средина, младиот цар Јосиј спровел долгорочни религиозни реформи, го поправил Божјиот храм и повторно ја вратил нацијата кај Јехова. Тој бил горд на својата вера и на своето обожавање (2. Летописи, поглавја 34 и 35). Даниел и неговите тројца другари Евреи во Вавилон никогаш не заборавиле кои се тие — слуги на Јехова — и дури и кога биле под притисок и во искушение, останале беспрекорни. Очигледно, биле горди што се слуги на Јехова (Даниел 1:8–20).

Биди горд на тоа кој си

14, 15. Што е вклучено во тоа да се фалиме со нашиот христијански идентитет?

14 Успехот на овие слуги се должел на тоа што, во позитивна смисла, биле горди на својот добар однос со Бог. Како е со нас денес? Што е вклучено во тоа да се фалиме со нашиот христијански идентитет?

15 Првенствено, тоа вклучува длабока благодарност што го носиме Јеховиното име, што нѐ благословува и што нѐ прифаќа. Бог добро ги познава оние што му припаѓаат. Апостол Павле, кој живеел во време на прилично голема религиозна збрка, напишал: „Јехова ги познава оние кои му припаѓаат“ (2. Тимотеј 2:19; Броеви 16:5). Јехова се гордее со „оние кои му припаѓаат“. Тој изјавува: „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото“ (Захарија 2:8). Очигледно, Јехова нѐ сака. И од наша страна, нашиот однос со него треба да се темели на длабока љубов кон него. Павле рекол: „Ако некој го љуби Бога, него Бог го познава“ (1. Коринќаните 8:3).

16, 17. Зошто можат христијаните, и млади и стари, да бидат горди на своето духовно наследство?

16 Младите што биле воспитани како Јеховини сведоци треба да испитаат дали нивниот христијански идентитет станува посилен поради личниот однос што го имаат со Бог. Не можат да се потпрат само на верата на нивните родители. Во врска со секој Божји слуга Павле напишал: „Пред својот господар тој стои или паѓа“. Затоа Павле продолжува: „Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Римјаните 14:4, 12). Очигледно, ако само рамнодушно ја продолжиме семејната традиција, не ќе можеме долго да одржуваме близок однос со Јехова.

17 Низ историјата имало низа сведоци на Јехова. Таа се протега од верниот Авел — пред околу 60 векови — па сѐ до едно „големо мноштво“ денешни Сведоци и до мноштвата обожаватели на Јехова што ќе имаат вечна иднина (Откровение 7:9; Евреите 11:4). Ние сме сега дел од оваа долга низа од верни обожаватели. Какво скапоцено духовно наследство имаме!

18. На кој начин нашите вредности и мерила нѐ издвојуваат од светот?

18 Нашиот христијански идентитет ги вклучува и збирот од вредности, особини, мерила и одлики што нѐ идентификуваат како христијани. Тоа е „Патот“, единствениот успешен начин на живот и единствениот успешен начин да му угодиме на Бог (Дела 9:2; Ефешаните 4:22–24). Христијани, „уверувајте се во сите работи“ и „држете се цврсто за она што е добро“! (1. Солуњаните 5:21). Добро ја разбираме огромната разлика помеѓу христијанството и светот што е отуѓен од Бог. Јехова прави сосем јасна разлика меѓу вистинското и лажното обожавање. Преку својот пророк Малахија, изјавил: „Тогаш пак ќе го разликувате праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи“ (Малахија 3:18).

19. Што нема никогаш да станат вистинските христијани?

19 Бидејќи во овој збркан и збунет свет е толку важно да се фалиме со Јехова, што може да ни помогне да останеме горди, во позитивна смисла, на нашиот Бог и да задржиме силно чувство за тоа кои сме и што сме како христијани? Во наредната статија ќе најдеш корисни предлози. Додека ги разгледуваш, биди сигурен во ова: Вистинските христијани никогаш нема да станат жртви на „апатеизмот“.

[Фуснота]

a Овде се мисли само на тоа кои сме и што сме во духовен поглед. За некои што имаат проблеми со менталното здравје можеби ќе биде потребно професионално лекување.

Се сеќаваш ли?

• Како можат христијаните ‚да се фалат во Јехова‘?

• Што научи од примерот на Мојсеј и на Асаф?

• Кои библиски ликови се гордееле со својата служба за Бог?

• Што е вклучено во тоа да се фалиме со нашиот христијански идентитет?

[Прашања]

[Слика на страница 14]

Едно време, Мојсеј имал чувства на сомнеж во себе

[Слики на страница 15]

Голем број древни слуги на Јехова се гордееле со тоа кои се и што се