Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Задоволување на една потреба во Македонија

Задоволување на една потреба во Македонија

Задоволување на една потреба во Македонија

„ПРЕЈДИ во Македонија и помогни ни“ (Дела 16:9). Овие зборови, кои ги кажал еден човек што му се појавил во визија на апостол Павле, откриле дека имало потреба да се објави добрата вест за Божјето Царство на ново подрачје, во градови што денес се наоѓаат во Грција.

Денес, во Македонија има еден Јеховин сведок на секој 1.840⁠-ти жител. Многу луѓе никогаш не чуле за Јехова Бог. Да, постои итна потреба луѓето во Македонија да ја слушнат пораката на мир (Матеј 24:14).

Бог го отвори патот за да се задоволи таа потреба. Еден ден, во ноември 2003 година, канцеларијата на Јеховините сведоци во Македонија прими неочекуван телефонски повик. Македонскиот центар за меѓународна соработка им упати покана на Сведоците да постават свој штанд на тридневниот саем, кој требаше да започне на 20 ноември, со цел да ги презентираат своите верувања. Каква извонредна прилика беше ова да се достигнат илјадници луѓе што никогаш порано не ја чуле добрата вест за Царството!

Доброволците ги засукаа ракавите за да го подготват и да го постават штандот на кој беа изложени најразлични публикации на Јеховините сведоци што се издадени на македонски јазик. На штандот имаше поединечни примероци од публикациите за да можат посетителите да си земат од сѐ што ги интересира. Ова им даде прилика на многу луѓе да можат бесплатно да се напијат од освежувачките духовни води (Откровение 22:17).

Посетителите покажаа посебен интерес за публикации што ги засегаа нив лично како, на пример, за книгите Младите прашуваат — делотворни одговори и Тајната на семејната среќа. a Деведесет и осум лица оставија адреса и побараа Јеховините сведоци да дојдат кај нив. Мнозина имаа пофални зборови за благородното дело што го вршат Сведоците, како и за високиот квалитет на литературата.

Еден човек се приближи до штандот водејќи го за рака своето синче, и праша дали има литература за деца. Сведоците му ја покажаа публикацијата Моја книга со библиски приказни. b Тој почна да ја разгледува и возбудено праша колку чини. Кога слушна дека образовното дело на Јеховините сведоци во целост се поддржува со доброволни прилози, се воодушеви (Матеј 10:8). Му ја покажа книгата на синчето, и рече: „Колку убава книга! Тато ќе ти чита од неа секој ден!“

На штандот застана и еден професор по филозофија. Тој многу се интересираше за религијата воопшто и за верувањата на Јеховините сведоци. Додека ја разгледуваше книгата Човештвото во потрага по Бог, c професорот рече: „Навистина многу логичен начин да се изнесе едно градиво! Токму како што сум замислувал дека треба да се подредат работите“. Подоцна, некои од неговите студенти дојдоа на штандот и побараа да земат лични примероци од книгата што ја доби професорот. Сакаа да ја прочитаат истата книга, бидејќи претпоставуваа дека ќе користи материјал од неа на своите часови.

За некои луѓе, оваа изложба значеше контакт со библиските вистини за првпат во нивниот живот. Во салата влезе да разгледува и една група глувонеми тинејџери. Едниот од Сведоците накратко им кажа за што станува збор со помош на една девојка која им објаснуваше на знаковен јазик. Користејќи ги сликите во книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, d тој им објасни дека Исус ги лекувал болните, меѓу кои и глувонемите. Им беше многу мило кога „слушнаа“ за библиското ветување дека наскоро Исус ќе ги излекува луѓето што денес живеат на Земјата. Мнозина од нив со задоволство зедоа библиска литература, а беа направени подготовки и да ги посети еден Сведок што го знае јазикот на глувонемите.

Освен на македонски, литература имаше и на албански, англиски и турски. Еден човек што не зборуваше македонски побара литература на англиски. Откако зеде од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, спомна дека зборува турски. Кога му беше покажана литература и на турски, просто не можеше да си поверува на очите! Виде дека Јеховините сведоци сакаат да им помогнат на сите луѓе.

Какво прекрасно сведоштво беше дадено во оваа прилика, и колку беше охрабрувачки да се види дека толку многу луѓе покажуваат интерес за библиската вистина! Да, Јехова го отвори патот за добрата вест за Царството да продолжи и понатаму да се шири низ Македонија.

[Фусноти]

a Сите се издадени од Јеховините сведоци.

b Сите се издадени од Јеховините сведоци.

c Сите се издадени од Јеховините сведоци.

d Сите се издадени од Јеховините сведоци.

[Рамка/слики на страница 9]

ИСТОРИСКИ НАСТАН!

На 17 мај 2003 година, беше направен огромен чекор напред во напорите да се шири добрата вест за Божјето Царство. На тој ден беше свечено отворена канцеларија на Јеховините сведоци во Скопје. Изградбата траеше две години, при што постоечките објекти беа проширени четирикратно.

Во склоп на комплексот се наоѓаат три згради во кои се сместени административниот оддел и канцелариите за превод, како и просториите за живеење, кујната и пералницата. Говорот за свеченото отворање го одржа Гај Пирс, член на Водечкото тело. На програмата за отворањето присуствуваа делегати од десет земји. Сите беа среќни што можеа да ги видат прекрасните нови згради.

[Карта на страници 8 и 9]

(Види во публикацијата)

БУГАРИЈА

МАКЕДОНИЈА

Скопје

АЛБАНИЈА

ГРЦИЈА

[Слика на страница 8]

Скопје, Македонија