Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“

„Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“

„Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“

КОГА ќе се разбудат наутро, птиците честопати ќе поџивкаат и потоа ќе одлетаат во потрага по храна. Навечер ќе се вратат во своите гнезда, ќе поџивкаат уште малку и ќе заспијат. Во одредени сезони тие се парат, положуваат јајца и се грижат за своето потомство. И животот на другите животни се одвива по ваков лесно предвидлив образец.

Ние луѓето сме поинакви. Точно, и ние јадеме, спиеме и имаме потомство, но повеќето од нас не се задоволни само со тие работи. Сакаме да знаеме зошто сме тука. Бараме смисла во животот. Исто така сакаме да имаме надеж за иднината. Овие подлабоки потреби укажуваат на една карактеристика што е својствена само за човекот — духовноста, односно желбата да размислува за духовни работи и способноста да ги разбере.

Создадени во Божји лик

Библијата вака објаснува зошто човекот се раѓа со желба да размислува за духовни работи: „Бог го создаде човекот во Својот лик, Тој го создаде во Божјиот лик; ги создаде машко и женско“ (Битие 1:27). Тоа што сме создадени ‚во Божји лик‘ значи дека имаме способност да одразуваме некои особини на Бог, иако сме извалкани од гревот и несовршеноста (Римјаните 5:12). На пример, можеме да бидеме креативни. Исто така поседуваме одредена мера мудрост, чувство за правда и способност да покажеме самопожртвувана љубов еден за друг. Можеме и да размислуваме за минатото и да планираме за иднината (Пословици 4:7; Проповедник 3:1, 11; Михеј 6:8; Јован 13:34; 1. Јованово 4:8).

Нашата вродена желба да го обожаваме Бог најдобро покажува дека сме способни да ги разбереме духовните работи. Доколку не ја задоволиме на исправен начин потребата да бидеме блиски со нашиот Творец, нема да бидеме вистински и трајно среќни. Исус рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Меѓутоа, мораме да внимаваме да ја задоволиме таа потреба со духовните вистини — фактите за Бог, неговите мерила и неговата намера за човештвото. Каде можеме да ги најдеме тие вистини? Во Библијата.

„Твојата реч е вистина“

Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите“ (2. Тимотеј 3:16). Овие зборови на Павле се во склад со зборовите на Исус, кој во молитва кон Бог рекол: „Твојата реч е вистина“. Денес, таа Реч ни е позната како Свето писмо, или Библија, и мудро е да провериме дали нашите верувања и мерила се во склад со неа (Јован 17:17).

Кога ги споредуваме нашите верувања со оние што се во Божјата Реч, тогаш го следиме примерот на луѓето од древната Верија кои сакале да се уверат дали учењата на Павле се во склад со Светото писмо. Лука не ги критикувал Веријците, туку напротив ги пофалил за нивниот став. Тој напишал дека тие ‚ја примиле речта со најголема горливост на умот, секојдневно испитувајќи го внимателно Писмото дали е тоа така‘ (Дела 17:10, 11). Со оглед на тоа што денес има толку многу различни религиозни и морални учења, важно е да го следиме примерот на благородните Веријци.

Друг начин на кој можеме да ја препознаеме духовната вистина е да набљудуваме како таа влијае врз животот на луѓето (Матеј 7:17). На пример, оној што живее според вистината од Библијата би требало постојано да станува подобар како сопруг, како татко, како сопруга или како мајка, со што ќе придонесе да биде посреќно целото семејство, како и секој поединец во него. Исус рекол: „Среќни се оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28).

Зборовите на Исус нѐ потсетуваат на она што неговиот небесен Татко им го рекол на древните Израелци: „Јас, Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш. О да внимаваше на моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!“ (Исаија 48:17, 18). Сите што ги сакаат праведноста и добрината сигурно ќе бидат трогнати од една толку љубезна молба!

Некои повеќе сакаат „да им ги скокоткаат ушите“

Бог ја упатил таа љубезна молба до Израелците затоа што биле заведени од религиозни лаги (Псалм 106:35-40). И ние треба да се чуваме од лаги. За оние што се изјаснуваат како христијани, апостол Павле напишал: „Ќе дојде период кога нема да го поднесуваат здравото учење, туку според своите сопствени желби ќе си насоберат учители да им ги скокоткаат ушите; па ќе ги одвраќаат своите уши од вистината“ (2. Тимотеј 4:3, 4).

Религиозните водачи им ги скокоткаат ушите на луѓето со тоа што поминуваат преку постапки што ги задоволуваат грешните желби, како што се секс надвор од бракот, хомосексуалност и пијанство. Библијата јасно кажува дека оние што ги одобруваат таквите работи и оние што ги прават „нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10; Римјаните 1:24-32).

Се разбира, потребна е храброст за да се живее според мерилата од Библијата, особено кога поради тоа сме исмевани, но сепак можно е да се живее така. Меѓу Јеховините сведоци има многумина кои порано биле зависници од дрога, пијаници, блудници, улични тепачи, крадци и лажговци. Сепак, тие ја зеле при срце Божјата Реч и со помош на светиот дух направиле промени во нивните животи ‚за да одат достојно на Јехова‘ (Колошаните 1:9, 10; 1. Коринќаните 6:11). Со тоа што се во мир со Бог, тие исто така добиваат внатрешен мир и, како што ќе видиме, вистинска надеж за иднината.

Надежта за Царството

Библиската надеж дека послушните луѓе ќе живеат во траен мир ќе се исполни преку Божјето Царство. Во својата пример-молитва Исус рекол: „Нека дојде царството твое. Нека биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Да, само Божјето Царство може да гарантира дека Божјата волја ќе се врши на Земјата. Зошто? Затоа што преку тоа небесно Царство — влада што ја предводи Исус Христос — Бог ќе покаже дека има право да владее над Земјата (Псалм 2:7-12; Даниел 7:13, 14).

Како Цар на тоа Царство, Исус Христос ќе ги ослободи послушните луѓе од секаков вид на ропство, меѓу кои и од стисокот на адамскиот грев и болестите и смртта што ги носи тој грев. Откровение 21:3, 4 вели: „Гледај, Божјиот шатор е со луѓето . . . И тој [Јехова Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“.

Низ целата земја ќе владее бескраен мир. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? Причината е откриена во Исаија 11:9, каде пишува: „Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета Моја света гора: земјата ќе се исполни со знаење за Господа, како што морињата се полнат со вода“. Да, секој човек на Земјата ќе има точно спознание за Бог и ќе му биде послушен. Дали ваквата иднина те радува? Ако е така, сега е време да почнеш да го стекнуваш скапоценото „знаење за Господа“.

Дали ќе ја послушаш пораката за Царството?

Бог ќе го употреби Царството за да ги уништи делата на Сатана и да ги поучи луѓето за Своите праведни патишта. Поради тоа, воопшто не изненадува тоа што Царството е главна тема на учењето на Исус. Тој рекол: „Морам да им ја објавувам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43). Исус им заповедал на своите ученици да им ја кажуваат таа порака на другите (Матеј 28:19, 20). Тој прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Тој крај брзо се приближува. Затоа, многу е важно луѓето да ја чујат добрата вест што спасува животи!

Алберт, кој беше спомнат во претходната статија, ја слушнал пораката за Царството кога неговата сопруга и синот почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Во почетокот бил сомничав. Тој дури побарал локалниот свештеник да ги посети жена му и синот, со цел да ги разоткрие Сведоците како лажливци. Но свештеникот не сакал да се меша. Затоа Алберт одлучил да го слуша разговорот во врска со Библијата, без да учествува, за да открие некоја грешка. Било доволно само еднаш да присуствува на разговорот за веднаш да се приклучи на следниот разговор, нестрплив да научи нешто повеќе. Подоцна објаснил зошто го променил ставот. Рекол: „Токму ова го барав отсекогаш“.

Конечно, Алберт почнал да ги задоволува своите духовни потреби и никогаш не зажалил заради тоа. Вистината од Библијата му го дала она што го барал целиот живот — решение за неправдите и корупцијата што го обземаат целото општество и надеж за иднината. Библиската вистина му дала внатрешен мир. Дали се задоволени твоите духовни потреби? Можеш накратко да ги разгледаш прашањата што се наоѓаат во рамката на 6. страница. Ако сакаш дополнителни информации, Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат.

[Рамка/слики на страница 6]

ДАЛИ СЕ ЗАДОВОЛЕНИ ТВОИТЕ ДУХОВНИ ПОТРЕБИ?

Дали си задоволен со духовната храна што ја добиваш? Те покануваме да ги прочиташ следниве прашања и да ги обележиш оние што можеш точно да ги одговориш.

□ Кој е Бог и кое е неговото име?

□ Кој е Исус Христос? Зошто морал да умре? Како може да ти користи тебе неговата смрт?

□ Дали постои Ѓавол? Ако да, од каде дошол?

□ Што ни се случува кога ќе умреме?

□ Која е Божјата намера со Земјата и со човештвото?

□ Што е Божјето Царство?

□ Кои се Божјите мерила за морал?

□ Кои улоги им ги дал Бог на мажот и на жената во семејството? Кои се некои библиски начела што придонесуваат семејството да биде среќно?

Ако не си сигурен во одговорот на некое од овие прашања, можеш да побараш примерок од брошурата Што бара Бог од нас? Оваа брошура, која е издадена од Јеховините сведоци на преку 300 јазици, обработува 16 основни библиски теми и дава библиски одговор на сите прашања кои се наведени погоре.

[Слики на страница 4]

За разлика од животните, луѓето имаат духовни потреби

[Слика на страница 5]

„Ќе си насоберат учители да им ги скокоткаат ушите“ (2. Тимотеј 4:3).

[Слика на страница 7]

Преку Месијанското Божје Царство ќе биде овозможен траен мир