Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Силна светлина“ врз Библијата од најстарата библиотека во Русија

„Силна светлина“ врз Библијата од најстарата библиотека во Русија

„Силна светлина“ врз Библијата од најстарата библиотека во Русија

ДВАЈЦА изучувачи се во потрага по древни библиски ракописи. Секој од нив патува низ пустини и пребарува пештери, манастири и древни живеалишта во карпите. По многу години, нивните патишта се вкрстуваат во најстарата јавна библиотека во Русија, каде што се наоѓаат некои од највозбудливите откритија на библиски текстови во светот. Кои биле тие луѓе? Како дошло до тоа богатството што го откриле на крајот да се најде во Русија?

Древните ракописи во одбрана на Божјата реч

За да се запознаеме со еден од овие двајца изучувачи, мораме да се вратиме во почетокот на 19. век, кога низ Европа засилено почнала да се шири интелектуалната револуција. Тоа било период на научен и културен напредок, во кој се ширело едно скептично гледиште во врска со традиционалните верувања. Вишите критичари се обидувале да ја поткопаат веродостојноста на Библијата. Всушност, изучувачите изразувале сомневања во врска со точноста на самиот библиски текст.

Некои луѓе што искрено биле на страната на Библијата сфатиле дека точноста на Божјата реч без никакво сомнение ќе ја потврдат уште некои нови работи што ќе застанат во нејзина одбрана — како, на пример, сѐ уште неоткриените древни библиски ракописи. Кога би можеле да се најдат ракописи што се постари од оние што постоеле во тоа време, тие би послужиле како неми сведоци за точноста на библискиот текст, иако долго време постојано се правеле обиди да се уништи или да се изврти она што е запишано во Библијата. Таквите ракописи исто така ќе помогнеле да се откријат оние неколку места каде што во текстот бил вметнат неточен превод.

Некои од најжестоките дебати во врска со веродостојноста на Библијата се воделе во Германија. Таму, еден млад професор го напуштил својот удобен живот на академски граѓанин за да појде на едно патување со кое ќе стигне до едно од најголемите откритија на сите времиња, откритие поврзано со Библијата. Се викал Константин фон Тишендорф, изучувач на Библијата кој, благодарение на тоа што го отфрлил вишиот критицизам, постигнал значаен успех во одбраната на точноста на библискиот текст. Неговото прво патување во пустината Синај во 1844 година имало неверојатен успех. Кога случајно погледнал во корпата за отпадоци во еден манастир, видел еден прастар примерок на Септуагинтата — грчки превод на Хебрејските списи, најстариот што воопшто е пронајден!

Радосен, Тишендорф успеал да земе 43 пергаменти. Иако бил уверен дека во манастирот имало уште, кога отишол таму по вторпат, во 1853 година, нашол само еден фрагмент. Каде биле другите? Бидејќи повеќе немал финансиски средства, Тишендорф побарал финансиска помош од еден богат покровител, и одлучил повторно да ја напушти татковината за да тргне во потрага по древни ракописи. Но, пред да тргне на оваа мисија, сакал да му се обрати на царот на Русија.

Царот е заинтересиран

Можеби Тишендорф се прашувал на каков прием ќе наиде тој, како протестантски изучувач, во Русија, голема земја каде што била раширена руската православна религија. За среќа, Русија била влезена во една добра ера на промени и реформи. Благодарение на тоа што му се придавала голема важност на образованието, во 1795 година царицата Катерина II (позната и како Катерина Велика) ја основала Царската библиотека во Санкт Петербург. Како прва јавна библиотека во Русија, таа им овозможила на милиони луѓе да имаат пристап до неверојатно многу информации.

Фалена како една од најубавите библиотеки во Европа, Царската библиотека имала и еден недостаток. И педесет години по основањето, оваа библиотека содржела само шест хебрејски ракописи. Не можела да биде во чекор со сѐ поголемиот интерес во Русија за изучувањето на библиските јазици и преводи. Катерина II испратила изучувачи во европските универзитети за да го учат хебрејскиот јазик. Откако се вратиле во својата земја, во најголемите богословии во Русија почнале да се отвораат курсеви по хебрејски јазик, а за првпат руските изучувачи почнале да работат на еден точен превод на Библијата од древен хебрејски на руски јазик. Но, се појавил проблем кога немале доволно средства и наишле на противење од страна на конзервативните црковни водачи. За оние што го барале библиското спознание, вистинското просветлување допрва требало да започне.

Царот, Александар II, веднаш сфатил колку ќе вреди мисијата на Тишендорф и се согласил да му биде покровител. И покрај тоа што некои „љубоморно и фанатично се противеле“, Тишендорф се вратил од својата мисија на Синај со останатите фрагменти од Септуагинтата. * Подоцна тие биле наречени Синајски кодекс (Codex Sinaiticus), и до ден-денес тој е еден од најстарите библиски ракописи што постојат. Кога се вратил во Санкт Петербург, Тишендорф побрзал во резиденцијата на царот, во Царската зимска палата. Му предложил на царот да финансира „еден од најголемите потфати за анализа и проучување на Библијата“ — едно отпечатено издание на штотуку пронајдениот ракопис, кое подоцна било сместено во Царската библиотека. Царот веднаш се согласил, а радосниот Тишендорф подоцна напишал: „Провидението ѝ ја дало на нашава ера . . . Синајската Библија, да ни фрли јасна и силна светлина за тоа кој е точниот текст на Божјата пишана реч, и да ни помага да ја браниме вистината благодарение на тоа што ќе утврдиме како точно гласи таа“.

Скапоцените фрагменти од Крим

Во почетокот спомнавме уште еден изучувач што бил во потрага по скапоцените фрагменти од Библијата. Кој бил тој? Неколку години пред Тишендорф да се врати во Русија, Царската библиотека добила една толку неверојатна понуда што царот веднаш се заинтересирал и многу изучувачи од цела Европа дошле во Русија. Едвај можеле да си веруваат на очите. Пред нив се наоѓала една огромна збирка од ракописи и други материјали. Имало неверојатни 2.412 примероци, вклучувајќи и 975 стари ракописи и свитоци. Меѓу нив имало и 45 библиски ракописи што датирале од времето пред десеттиот век. Колку и да изгледало неверојатно, сите тие ракописи ги имал собрано речиси сам некој човек по име Абрахам Фиркович, караит кој тогаш имал над 70 години! Но, кои биле караитите? *

Ова прашање многу го заинтересирало царот. Русија ги проширила своите граници, во кои влегла и територија што претходно им припаѓала на други држави. Така, на империјата ѝ припаднале и некои нови етнички групи. Живописниот регион на Крим, на бреговите на Црното Море, бил населен со луѓе што изгледало дека се Евреи, но имале турски обичаи и зборувале јазик што бил од истата фамилија со татарскиот. Овие караити потекнувале од Евреите што биле прогонети во Вавилон по уништувањето на Ерусалим во 607 година пр.н.е. Меѓутоа, за разлика од рабинските Евреи, тие го отфрлиле Талмудот и ставиле најголем акцент на читањето на Светото писмо. Караитите од Крим со душа чекале да му изнесат на царот докази дека се разликуваат од рабинските Евреи и со тоа да добијат поинаков статус. Покажувајќи му ги древните ракописи што им припаѓале на караитите, тие се надевале дека ќе докажат дека потекнуваат од Евреите што имигрирале на Крим по изгнанството во Вавилон.

Кога Фиркович тргнал во својата потрага по древни записи и ракописи, почнал од живеалиштата во карпите на Крим, во Чуфут-Кале. Во тие мали куќички изградени од камени блокови искршени од карпите, живееле и го обожавале Бог многу генерации караити. Караитите никогаш не ги уништувале трошните примероци од Светото писмо во кои се појавувало Божјето име, Јехова, бидејќи сметале дека тоа би било сквернавење. Ракописите внимателно биле сместени во едно мало складиште наречено гениза, што на хебрејски јазик значи „скривница“. Бидејќи караитите имале длабока почит кон Божјето име, ретко ги преместувале таквите пергаменти.

Фиркович, на кого воопшто не му сметал правот што со векови се таложел, внимателно ги пребарал тие генизи. Во една од нив го пронашол прочуениот ракопис од 916 година од н.е. Наречен Петербуршки кодекс на доцните пророци, тој е еден од најстарите примероци на хебрејските списи што постојат.

Фиркович успеал да собере многу ракописи, и во 1859 година одлучил да ѝ ја понуди својата голема колекција на Царската библиотека. Во 1862 година, Александар II помогнал да се купи збирката за да ѝ припадне на библитеката. Платил 125.000 рубљи, што тогаш било огромна сума. Во тоа време, целиот буџет на библиотеката не изнесувал повеќе од 10.000 рубји годишно! Во збирката спаѓал и прочуениот Ленинградски кодекс (B 19A). Тој датира од 1008 година и е најстар комплетен примерок на Хебрејските списи во целиот свет. Еден изучувач забележал дека тој е „веројатно најважниот древен ракопис на Библијата, бидејќи го дал темелот за повеќето современи изданија на Библијата на хебрејски јазик во кои има и критички осврт“. (Види ја и придружната рамка.) Истата година, 1862, бил издаден и Синајскиот кодекс на Тишендорф, и целиот свет со радост го дочекал неговото издавање.

Духовно просветлување во денешно време

Библиотеката што денес е позната како Национална библиотека на Русија сега поседува една од најголемите колекции на древни ракописи во светот. * Следејќи ги промените во руската историја, името на библиотеката било менувано седум пати во период од два века. Едно добро познато име е Државна јавна библиотека Салтикоф-Шчедрин. Иако оваа библиотека не ја одминал метежот што го донел 20-тиот век, нејзините ракописи останале неоштетени во двете светски војни и во опсадата на Ленинград. Каква корист имаме ние од тие стари ракописи?

Древните ракописи се веродостојна основа врз која биле направени многу современи преводи на Библијата. Тие им овозможуваат на искрените луѓе што ја бараат вистината да имаат еден поточен превод на Светото писмо. И Синајскиот и Ленинградскиот кодекс имаат скапоцен придонес во New World Translation of the Holy Scriptures, кој го издадоа Јеховините сведоци и кој во целост беше објавен во 1961 година. На пример, Biblia Hebraica Stuttgartensia и Кителовата Biblia Hebraica, што ги користеше Одборот за преводот Нов свет, се темелат на Ленинградскиот кодекс и во оригиналниот текст 6.828 пати го користат тетраграматонот, односно Божјето име.

Релативно малку читатели на Библијата знаат дека многу ѝ должат на една тивка библиотека во Санкт Петербург и на нејзините ракописи, од кои некои го носат поранешното име на тој град, Ленинград. Сепак, најмногу му должиме на авторот на Библијата, Јехова, кој ни дава духовна светлина. Затоа, псалмистот го молел: „Испрати ги Својата светлина и вистина: нека ме водат“ (Псалм 43:3).

[Фусноти]

^ пас. 11 Тој донел и еден комплетен примерок на христијанските грчки списи што датираат од четвртиот век од н.е.

^ пас. 13 За повеќе информации во врска со караитите, види ја статијата „Караитите и нивната потрага по вистината“, во изданието на Стражарска кула од 15 јули 1995.

^ пас. 19 Поголемиот дел од Синајскиот кодекс му бил продаден на Британскиот музеј. Во Националната библитека на Русија останале само фрагменти.

[Рамка на страница 13]

БОЖЈЕТО ИМЕ — ПОЗНАТО И УПОТРЕБУВАНО

Во својата мудрост, Јехова се погрижил неговата Реч, Библијата, да биде зачувана до денешно време. Нејзиното зачувување се должи и на препишувачите што марливо работеле низ вековите. Најпосветени меѓу нив биле масоретите, вешти хебрејски препишувачи што биле активни од шестиот до десеттиот век од н.е. Древниот хебрејски јазик се пишувал без самогласки. Од таа причина, како што минувало времето се зголемувала опасноста да се изгуби исправниот изговор зашто арамејскиот јазик го заменил хебрејскиот. Масоретите измислиле еден систем на означување на самогласки што се додавале во библискиот текст за да се означи исправниот изговор на хебрејските зборови.

Значајно е тоа што според масоретските ознаки за самогласките во Ленинградскиот кодекс, тетраграматонот — четирите хебрејски согласки од кои се состои Божјето име — може да се изговара како Јехвах, Јехвих и Јеховах. Денес „Јехова“ и „Јахве“ се најпознатите начини на кои се изговара тоа име на македонски јазик. Божјето име било жив, познат термин за писателите на Библијата и за другите луѓе во старо време. Денес, Божјето име е познато и го користат милиони луѓе што признаваат дека ‚единствено Јехова е Севишниот над целата земја‘ (Псалм 83:18NW).

[Слика на страница 10]

Просторијата со стари ракописи во Националната библиотека

[Слика на страница 11]

Царицата Катерина II

[Слики на страница 11]

Константин фон Тишендорф (во средина) и Александар II, царот на Русија

[Слика на страница 12]

Абрахам Фиркович

[Извор на слика на страница 10]

Двете слики: National Library of Russia, St. Petersburg

[Извори на слики на страница 11]

Катерина II: National Library of Russia, St. Petersburg; Александар II: Од книгата Spamers Illustrierte Weltgeschichte, Лајпциг, 1898