Животинскиот свет го велича Јехова
Животинскиот свет го велича Јехова
ВЕЛИЧЕСТВЕНОСТА на Јехова се гледа во животинскиот свет. Бог добро се грижи за животните, исто како што добро се грижи и за луѓето (Псалм 145:16). Сигурно би згрешиле ако му наоѓаме маана на нивниот и на нашиот Творец! Иако Јов бил чесен човек, тој ‚се правел поправеден од Бога‘. Затоа, Јов морал да научи некои работи! (Јов 32:2, ПСП; 33:8-12; 34:5).
Примерите што се земени од животинскиот свет му покажале на Јов дека луѓето немаат право да ги доведуваат во прашање Божјите постапки. Ова ќе ни стане многу јасно кога ќе поразговараме за тоа што му рекол Јехова на својот слуга Јов!
Не им треба помош од човек
Јов не можел да му ги одговори на Бог прашањата во врска со животните (Јов 38:39-41). Јасно е дека Јехова се грижи за лавот и за гавранот без да има потреба да му помогне некој човек. Иако гавраните летаат насекаде за да си најдат храна, тие всушност ја добиваат храната од Бог (Лука 12:24).
Јов немал што да каже кога Бог му поставил прашања во врска со дивите животни (Јов 39:1-8). Ниеден човек не може да ги заштити дивите кози и срните. Тешко е дури и да се дојде во близина на дивите кози! (Псалм 104:18). Со инстинкт што го добила од Бог, срната се повлекува во шумата кога треба да роди. Добро се грижи за своите срнчиња, но кога тие ‚ќе зајакнат, ги остава и не им се враќа‘. Тогаш срнчињата си живеат самостојно.
Зебрата слободно скита насекаде, а пустинската рамница е дом на дивото магаре. Јов не би можел да го користи дивото магаре за да го натовари. Тоа е во потрага по „секакво зеленило“, пребарувајќи ги височините за да најде паша. Ова животно нема да ја замени својата слобода за полесно да добие храна во градовите. „Му се потсмевнува на шумот на градовите“ бидејќи дивото магаре веднаш бега ако некој човек навлезе во неговата територија.
Потоа Бог го спомнал биволот (Јов 39:9-12). Во врска со него, англискиот археолог Остин Лејард напишал: „Поради тоа што биволот е често прикажуван на релјефите, изгледа дека се сметал за подеднакво голем и величествен плен како лавот. Често може да се види како царот се бори со него, а војниците го бркаат и јавајќи и пеш“ (Nineveh and Its Remains, 1849, том 2, страница 326). Сепак, ниеден мудар човек не се обидува да му стави оглав на неприпитомливиот див бик (Псалм 22:21).
Крилестите суштества го величаат Јехова
Потоа Бог му поставува на Јов прашања во врска со крилестите суштества (Јов 39:13-18). Штркот лета високо со своите силни крилја (Еремија 8:7). Иако нојот мавта со крилјата, тој не може да лета. За разлика од штркот, нојот не ги полага своите јајца во гнездо што го направил на дрво (Псалм 104:17). Тој копа дупка во песокот и таму ги остава своите јајца. Но, оваа птица не си ги напушта јајцата. Затрупани во песок, јајцата стојат на соодветна температура, а за нив се грижат и мажјакот и женката.
Можеби ни се чини дека нојот ‚е лишен од памет‘ затоа што изгледа дека бега кога ќе почувствува опасност од некој грабливец. Меѓутоа, во Енциклопедија на библиските животни (An Encyclopedia of Bible Animals) стои: „Ова е техника на одвлекување на вниманието: [ноевите] ќе станат впечатливи и ќе замавнат со крилјата за да го привлечат вниманието на животното или на човекот што им се заканува, а со тоа ги оддалечуваат од јајцата“.
Како нојот „му се потсмева на коњот и коњаникот“? Во Енциклопедија на светот (The World Book Encyclopedia) стои: „Нојот не може да лета, но познат е по својата брзина на копно.
Неговите долги нозе можат да направат чекори долги и по 4,6 метри, и да развијат брзина од 64 километри на час“.Бог му дава сила на коњот
Потоа Бог му поставува на Јов прашања во врска со коњот (Јов 39:19-25). Во минатото, војниците се бореле јавајќи на коњ, а коњите ги влечеле бојните коли со јавач и можеби уште два војника. Нестрплив да започне борбата, еден коњ ’рже и удира со копитата по земјата. Не се плаши и не бега пред меч. На звукот на трубата, коњот реагира како да вели: „Ха!“ Тргнува напред, ‚голтајќи ги пространствата‘. Сепак, коњот го слуша својот јавач.
Во еден сличен опис, археологот Лејард напишал: „Иако арапската кобила е кротка како јагне и ѝ треба само узда, кога ќе го чуе воениот повик на племето и ќе го види растрепереното копје на својот јавач, очите ѝ севнуваат, црвените како крв носалки широко ѝ се отвораат, вратот елегантно ѝ се свиткува и опашката и гривната ѝ се креваат лелеејќи се на ветрот“ (Discoveries Among the Ruins of Nineveh and Babylon, 1853, страница 330).
Размисли за соколот и за орелот
Јехова го свртува вниманието и на некои други птици (Јов 39:26-30). Соколот ‚лета и ги шири своите крилја кон југ‘. Во Гинисовата книга на рекорди сивиот сокол е наведен како птица што лета најбрзо, и пишува дека тој достигнува „рекордна брзина кога се спушта од големи височини за да ја обележи својата територија, или кога фаќа плен во воздух“. Оваа птица има достигнато брзина од 349 километри на час спуштајќи се под агол од 45 степени!
Орлите летаат со брзина од преку 130 километри на час. Јов направил една споредба — колку брзо лета еден орел што бара плен, толку брзо минува и животот (Јов 9:25, 26). Бог ни дава сила да издржиме, како да сме качени на неуморните крилја на орелот во лет (Исаија 40:31). Додека лета, орелот ги користи столбовите од топол воздух што се крева нагоре. Оваа птица кружи во нив и тие ја издигнуваат сѐ повисоко. Кога ќе достигне извесна височина, лета до следниот воздушен столб и може со часови да остане да лебди со минимална потрошувачка на енергија.
Орелот „си свива гнездо врз височината“, во недостижните високи места, сместувајќи ги своите малечки надвор од опасност. Тој го прави тоа инстинктивно, затоа што Јехова го создал така. А со видот што му го дал Бог, „неговите очи гледаат далеку“. Благодарение на способноста брзо да го смени фокусот на своите очи, орелот го држи на око својот плен или мршата за време на еден долг лет. Орелот ги јаде лешовите на мртвите животни, па затоа „каде има убиени, таму е и тој“. Оваа птица фаќа мали животни и им ги носи на своите орлиња.
Јехова го прекорува Јов
Пред да му постави на Јов уште прашања во врска со животните, Бог го прекорил. Како реагирал Јов? Се понизил и спремно прифатил и други совети (Јов 40:1-14).
Во овој момент од инспирираниот извештај за она што му се случило
на Јов, учиме една многу важна лекција: Ниеден човек нема право да му наоѓа маана на Семоќниот. Треба да зборуваме и да постапуваме онака како што му е угодно на нашиот небесен Татко. Освен тоа, најважно треба да ни биде да се посвети Јеховиното име и да се оправда неговата севишност.Нилскиот коњ го слави Бог
Повторно свртувајќи го своето внимание на животните што ги создал, Бог му поставил на Јов прашања за нилскиот коњ (Јов 40:15-24). Еден нилски коњ може да биде долг 4 до 5 метри и да тежи до 3.600 килограми. „Неговата сила е во бедрата“ — задните мускули од телото. Дебелата кожа на неговиот стомак е вистинска скапоценост додека кратконогиот нилски коњ го влече своето тело по камењата на речните корита. Сигурно човекот не може да се рамни со еден нилски коњ, кој има огромно тело, огромна уста и јаки вилици.
Нилскиот коњ излегува од реката за да се гоштава со зелената трева. А изгледа како да му треба зеленилото на една цела планина за да се најаде! Секој ден во неговиот стомак завршуваат 90-180 килограми растенија. Кога ќе се најаде, нилскиот коњ легнува под лотосите или во сенката на тополите. Ако се преплави реката во која што живее, нилскиот коњ може да ја држи главата над водата и да плива спроти поплавата. Кога би се нашол пред огромната уста на нилскиот коњ и неговите големи заби, Јов сигурно не би се осмелил да го прободе неговиот нос со стрела.
Крокодилот му носи фалба на Бог
Потоа Јов чул нешто за крокодилот (Јов 41:1-34). Можел ли да направи од крокодилот играчка за деца? Секако дека не! Средбите со ова суштество секогаш биле опасни. Навистина, ако еден човек се обиде да го потчини крокодилот, веројатно ќе следи толку голема борба што човекот никогаш повторно не би се осмелил на такво нешто!
Кога крокодилот ќе ја подигне главата над водата на изгрејсонце, неговите очи светкаат како „зорините веѓи“. Неговите крлушки се густо збиени една до друга, и во неговата кожа се вградени коскени плочки што се толку тврди што не можат да се пробијат ни со куршуми, а камоли со мечеви и копја. Крлушките на стомакот му се толку остри што изгледа како „со нив да ја оре тињата“. Кога ќе се разбесни, создава вртлог во водата што се пени како масло во котел. А поради својата големина, оклоп и оружје — страшна уста и силна опашка — крокодилот не знае за страв.
Јов се повлекува
Јов признал дека ‚зборувал, но не разбирал, за чудесата што нему му биле несфатливи‘ (Јов 42:1-3). Ја прифатил исправката од Бог, се повлекол и се покајал. Неговите пријатели биле прекорени, но тој бил многу благословен (Јов 42:4-17).
Многу е мудро да не го забораваме искуството на Јов! Ниту ние не можеме да одговориме на сите прашања што му ги поставил Бог. Меѓутоа, можеме и треба да покажеме ценење за многубројните и различни чуда на создавањето што го величаат Јехова.
[Слика на страница 13]
дива коза
[Слика на страница 13]
гавран
[Слика на страница 13]
лавица
[Слика на страница 14]
зебра
[Слика на страница 14]
Нојот заминува од своите јајца, но не ги напушта
[Слика на страница 14]
ноеви јајца
[Слика на страници 14 и 15]
сив сокол
[Извор на слика]
Сокол: © Joe McDonald/Visuals Unlimited
[Слика на страница 15]
арапска кобила
[Слика на страница 15]
златен орел
[Слика на страница 16]
нилски коњ
[Слика на страница 16]
крокодил