Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што мислел апостол Павле кога рекол дека жените треба ‚да молчат во собранијата‘?

На христијанското собрание во Коринт Павле му напишал: „Како и во сите собранија на светите, жените во собранијата нека молчат, зашто не им е дозволено да зборуваат“ (1. Коринќаните 14:33, 34). За точно да разбереме што мислел со ова, ќе биде добро да го разгледаме контекстот на советот на Павле.

Во 1. Коринќаните 14. поглавје, Павле зборува за работи што се поврзани со христијанските состаноци. Тој објаснил за што треба да се зборува на тие состаноци и дал упатства како да бидат организирани (1. Коринќаните 14:1-6, 26-34). Освен тоа, ја истакнал целта на христијанските состаноци — „за да биде изградено и собранието“ (1. Коринќаните 14:4, 5, 12, 26).

Упатството на Павле да „молчат“ се појавува три пати во 1. Коринќаните 14. поглавје. Тоа секој пат се однесува на различна група во собранието, но во сите случаи е дадено од една иста причина — сѐ да „се случува пристојно и уредно“ (1. Коринќаните 14:40).

Прво, Павле рекол: „Ако некој зборува на јазик, тоа нека биде ограничено најмногу на двајца или тројца, и тоа по ред; и некој нека преведува. А ако нема преведувач, нека молчи во собранието и нека си зборува на себеси и на Бог“ (1. Коринќаните 14:27, 28). Тоа не значи дека тоа лице никогаш не смеело да зборува на состаноците, туку дека понекогаш требало да молчи. Впрочем, целта на состаноците — христијаните да се изградуваат едни со други — немало да се постигне ако тој би зборувал на јазик што никој не го разбира.

Второ, Павле изјавил: „Нека зборуваат двајца или тројца пророци, а другите нека го просудуваат значењето. Но, ако некому му дојде откровение додека седи таму, првиот нека молчи“. Ова не значело дека првиот пророк не требало никогаш да зборува на состаноците, туку дека понекогаш требало да молчи. Така оној што имал чудесно откровение можел да му се обрати на собранието со што ќе се постигнела целта на состанокот — „сите да бидат охрабрени“ (1. Коринќаните 14:26, 29-31).

Трето, Павле им се обратил само на христијанките кога рекол: „Жените во собранијата нека молчат, зашто не им е дозволено да зборуваат, туку нека бидат подложни, како што вели и Законот“ (1. Коринќаните 14:34). Зошто Павле им го заповедал ова на сестрите? За да се одржи редот во собранието. Тој вели: „Ако, пак, сакаат да научат нешто, дома нека ги прашуваат своите мажи, бидејќи е срамно жена да зборува во собранието“ (1. Коринќаните 14:35).

Можеби некои сестри го оспорувале она што било речено во собранието. Советот на Павле им помогнал на сестрите да го избегнуваат таквиот бунтовен дух и понизно да ја прифатат својата положба во начелото за поглаварство што го одредил Јехова, особено во врска со своите сопрузи (1. Коринќаните 11:3). Освен тоа, ако молчеле, сестрите ќе покажеле дека немаат амбиции да бидат учители во собранието. Кога му пишувал на Тимотеј, Павле покажал дека би било непристојно некоја жена да ја преземе улогата на учител: „На жената не ѝ дозволувам да поучува или, пак, да спроведува авторитет над мажот, туку нека молчи“ (1. Тимотеј 2:12).

Дали тоа значи дека христијанките никогаш не смеат да зборуваат на христијанските состаноци? Не. Во деновите на Павле, имало прилики кога христијанките, можеби поттикнати од светиот дух, се молеле или пророкувале во собранието. Во тие прилики, покажувале дека се свесни за својата положба со тоа што носеле покривало на главата * (1. Коринќаните 11:5). Покрај тоа, и во времето на Павле и денес, сестрите заедно со браќата се поттикнати да даваат јавна изјава на својата надеж (Евреите 10:23-25). Освен што го прават тоа во службата, сестрите ја објавуваат својата надеж и ги охрабруваат другите и за време на собраниските состаноци, со тоа што даваат добро обмислени коментари кога е тоа предвидено и со тоа што ги прифаќаат задачите да учествуваат во презентации или ученички говори.

Според тоа, христијанките „молчат“ со тоа што не ја преземаат улогата на маж и учител во собранието. Тие не поставуваат прашања со кои можат да го поткопаат авторитетот на оние што поучуваат. Со тоа што ја исполнуваат својата исправна улога во собранието, христијанките многу придонесуваат за една атмосфера на мир во која сѐ „се случува за изградување“ (1. Коринќаните 14:26, 33).

[Фуснота]

^ пас. 10 Во денешно време, зрелите сестри го прават тоа кога, поради околностите, мораат да заменуваат некој крстен маж во рамките на собранието (Види во Стражарска кула од 15 јули 2002 година, 26. страница).