Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Премостување на разликите во Панама

Премостување на разликите во Панама

Премостување на разликите во Панама

„ПАНАМА, мост на светот.“ Пред половина век, ова мото беше спомнато во една популарна радиоемисија во оваа централно-американска земја. Денес, тоа ги одразува чувствата што мнозина ги имаат кон неа.

Панама служи како еден вид мост меѓу Северна и Јужна Америка. Освен тоа, еден дословен мост што ги спојува двете Америки се протега од едниот до другиот брег на познатиот Панамски Канал. Каналот, кој претставува несекојдневен инженерски потфат, ја пресекува земјата спојувајќи ги Атланскиот и Тихиот Океан. Ова им овозможува на прекуокеанските бродови од целиот свет да го скратат пловењето од неколку денови или седмици на само неколку часови. Да, Панама навистина служи како еден важен мост за поголемиот дел од светот.

Мост и мешавина од култури

Во Панама се измешани луѓе со најразновидно национално и етничко потекло. Овие луѓе, заедно со разните групи на староседелци, создале една разноликост од население кое живее во сите делови на оваа убава земја. Сепак, можно ли е да се премостат општествените, културните, верските и јазичните разлики што се резултат на разноликоста, и луѓето да се обединат во размислувањата и целите на темел на бесценетите вистини кои се наоѓаат во Божјата реч?

Да, можно е. Од зборовите на апостол Павле, запишани во Ефешаните 2:17, 18, гледаме дека христијаните од првиот век — како Евреи така и не-Евреи — успеале да го постигнат токму тоа, врз основа на обединувачкото дејство на жртвата на Христос. Павле напишал: „Дојде [Исус] и ви ја објави добрата вест на мирот вам кои сте далеку, и мир на оние кои се близу, зашто преку него ние, обата народа, имаме пристап кај Таткото преку еден дух“.

На сличен начин, и денес Јеховините сведоци им ја објавуваат во Панама „добрата вест на мирот“ на поединци и групи кои дошле оддалеку, и во духовна и во дословна смисла. Оние што „му пристапуваат“ на Јехова живеат обединето, и ова е вистински благослов за нив. Како резултат на тоа, во Панама се основани собранија на шест јазици — шпански, кантонски, панамски знаковен јазик, англиски, и два староседелски јазика, куна и нгобере (гуаими). Многу е охрабрувачки да се види како членовите на овие јазични групи обединето го обожаваат Јехова.

Се премостуваат разликите во комарка

Народот Нгобе е најголемиот од осумте староседелски народи во Панама. Овој народ го сочинуваат околу 170.000 припадници, а поголемиот број од нив живеат во една пространа област која неодамна беше наречена комарка, што значи резерват. Голем дел од оваа област се состои од карпести планини покриени со џунгли до кои може да се стигне само ако се оди пеш, како и од убаво крајбрежје до кое се стигнува од морето. Луѓето најчесто живеат покрај реките, кои овозможуваат лесен транспорт, но живеат и покрај брегот. Голем дел од населението во комарка успева да врзе крај со крај работејќи на плантажите со кафе во планинските предели, и занимавајќи се со риболов или земјоделие. Мнозина припаѓаат на црквите на христијанскиот свет. Но, има и припадници на една локална вера која е наречена Мама Тата. Други одат кај месните сукии (врачови) за да ги излечат кога се болни или кога мислат дека се напаѓани од зли духови. Иако многумина зборуваат шпански, најшироко прифатен е јазикот нгобере.

Со веслање до срцата на луѓето

Јеховините сведоци сфаќаат дека не е важно да се всади вистината само во умот туку и во срцето на луѓето. Ако вистината им е во срцето, тие ќе бидат поттикнати да ги направат потребните промени во својот живот за да постапуваат според библиските начела. За таа цел, специјалните пионери што беа доделени да служат во осум делови на резерватот започнаа да го учат јазикот нгобере, со помош на еден од локалните Сведоци кој го зборува овој јазик.

Моментално во областа има 14 собранија со одличен потенцијал за пораст. На пример, пред неколку години еден пар специјални пионери, Димас и Гизела, беа доделени во едно мало собрание од четириесетина луѓе на крајбрежјето на Тобобе. Не им беше лесно да се навикнат на честите возења во кану за да можат да стигнат до понизните луѓе крај брегот на Атлантикот. Открија дека мирните води на океанот можат многу брзо да се претворат во смртоносни бранови. Честопати чувствуваа болка во рацете и во грбот по долгото веслање од едно до друго село. А учењето на локалниот јазик си беше приказна за себе. Но, нивните жртви и нивната истрајност беа наградени кога, во 2001 година, 552 лица присуствуваа на одбележувањето на Христовата смрт.

Од другата страна на заливот, спроти Тобобе, се наоѓа селото Пунта Ескондида. Едно време, кога дозволуваа временските услови, една група објавители редовно пловеа со чамец низ овој залив за да присуствуваат на состаноците во Тобобе и, според извештаите, постоеше голема веројатност во оваа област да се оформи собрание. Затоа Димас и Гизела беа замолени да се префрлат во Пунта Ескондида. За помалку од две години, групата во Пунта Ескондида стана собрание со 28 објавители, а на јавното предавање секоја седмица имаше во просек по 114 присутни. Во 2004 година, ова ново собрание беше пресреќно што на одбележувањето на Христовата смрт дојдоа 458 лица.

Се пребродува јазот на неписменоста

На многу искрени луѓе им беше помогнато да стекнат близок однос со Јехова со тоа што научија да читаат и да пишуваат. Ова беше случај и со Фермина, млада жена од планинскиот предел на комарка. Мисионерите што проповедале во зафрленото подрачје каде што живеела Фермина виделе дека таа многу внимателно ја слуша пораката за Царството. Кога ѝ понудиле да ја проучува Библијата, одговорила дека би сакала да научи нешто повеќе. Меѓутоа, имало еден проблем. Иако зборувала и шпански и нгборе, не знаела ни да чита ни да пишува на ниеден од овие јазици. Една мисионерка се понудила да ја научи да чита и пишува со помош на брошурата Посвети се на читањето и пишувањето. *

Фермина многу брзо ги сфаќала работите, со жар се подготвувала за лекциите, секогаш ги пишувала домашните работи и трудољубило вежбала правилно да пишува. За една година, напредувала до тој степен што можела да почне да ја проучува брошурата Ти можеш да бидеш Божји пријател! * Кога почнале да се одржуваат состаноци, Фермина била секогаш присутна. Но, бидејќи нејзиното семејство било сиромашно, таа немала пари за превоз за да доаѓа на состаноците заедно со своите деца. Една од пионерките, која била свесна во какви услови живее Фермина, ѝ дала предлог да изработува и да продава традиционална облека што ја носат жените во Нгобе. Фермина ја послушала и, иако имала и други материјални потреби, парите што ги заработувала на овој начин ги користела само за да оди на христијанските состаноци. Таа сега живее во друго место заедно со своето семејство, и продолжува духовно да напредува. Среќни се не само затоа што повеќе не се неписмени туку, што е многу поважно, затоа што го запознале Јехова.

Се надминува препреката да им се проповеда на глувите лица

Во Панама, многу семејства во кои некој има оштетен слух обично се срамат. Во некои случаи таквите се оставени без никакво образование. Многу глуви лица се чувствуваат занемарени и исклучени од општеството, и доста тешко е да се комуницира со нив.

Со оглед на тоа, стана јасно дека мора да се стори нешто за да им се пренесе добрата вест и на луѓето со оштетен слух. Охрабрени од патувачкиот надгледник, група ревносни пионери и други објавители се зафатија со учење на панамскиот знаковен јазик. Нивната ревност беше наградена.

Во втората половина на 2001 година, во градот Панама беше оформена група на знаковен јазик. На состаноците имаше по дваесеттина присутни. Како што почнуваа подобро да го владеат јазикот, браќата и сестрите можеа да им сведочат на многу луѓе што за првпат ја „слушаа“ вистината од Библијата на својот јазик. Многу Сведоци чии деца имаат оштетен слух исто така почнаа да присуствуваат на овие состаноци и увидоа дека нивните деца полесно ги разбираат библиските учења и се повоодушевени од вистината. Во повеќето случаи, и самите родители го научија знаковниот јазик и така сега можат многу подобро да комуницираат со своите деца. Родителите можат да им помагаат на децата во духовен поглед, и ова ги зајакнува семејствата. Елза и нејзината ќерка Ираида се добар пример за ова.

Една сестра што ѝ помагала на групата на знаковен јазик чула за Ираида, ја посетила и ѝ ја оставила брошурата Радувај се засекогаш на животот на Земјата! * На Ираида многу ѝ се допаднало она што го дознала за новиот свет од сликите во брошурата. Со таа брошура започнале да ја проучуваат Библијата. Откако ја проучиле оваа публикација, почнале да ја проучуваат брошурата Што бара Бог од нас? * Тогаш Ираида ја замолила мајка ѝ да ѝ помага да се подготвува за проучувањето и да ѝ ги објасни работите.

Елза имала два проблема: бидејќи не била Сведок не ја знаела библиската вистина, и не го разбирала знаковниот јазик. Некои ѝ рекле дека не треба да комуницира со ќерка ѝ со знакови туку дека Ираида мора да научи да зборува. Како последица од тоа, тие двете малку комуницирале како мајка и ќерка. Трогната од молбата на Ираида да ѝ помогне, Елза побарала и таа да ја проучува Библијата и замолила една сестра од собранието да ѝ помогне во тоа. Таа раскажува: „Побарав да проучувам само заради своето дете, зашто никогаш ја немав видено Ираида толку да му се радува на нешто“. Елза почнала да проучува заедно со својата ќерка и го научила знаковниот јазик. Бидејќи почнала да ѝ посветува повеќе време, нивната комуникација дома се подобрила. Ираида почнала да внимава со кого се дружи, и сѐ повеќе време поминувала со другите од собранието. Сега и двете редовно доаѓаат на христијанските состаноци. Елза неодамна се крсти, а Ираида е на пат да го стори истото. Елза вели дека првпат во животот ја запознава својата ќерка и дека сега можат да си разговараат за голем број важни работи што многу им значат и на двете.

Групата на знаковен јазик, која во април 2003 година стана собрание, сега порасна на околу 50 објавители на Царството, но на состаноците доаѓа многу поголем број. Повеќе од третина се глуви. Други групи на знаковен јазик се оформени во три града надвор од главниот град на Панама. Иако претстои уште многу работа на ова поле, нема сомнение дека е направен еден огромен чекор за да се премости јазот на „тишината“ меѓу глувите лица со искрени срца и Јехова Бог, нивниот Творец што многу ги сака.

Ваквите резултати се чести во Панама. Иако луѓето припаѓаат на различни култури, зборуваат разни јазици и имаат најразлично потекло, мнозина се обединиле за да го обожаваат единствениот вистински Бог. Вистината за Јехова Бог успеала да ги премости разликите во оваа земја, која мнозина ја сметаат за „мост на светот“ (Ефешаните 4:4).

[Фусноти]

^ пас. 15 Издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 16 Издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 21 Издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 21 Издадена од Јеховините сведоци.

[Карти на страница 8]

(Види во публикацијата)

КАРИПСКО МОРЕ

ПАНАМА

Тобобе

ТИХИ ОКЕАН

Панамски Канал

[Слика на страница 8]

Жени од народот Куна со таписерии

[Слика на страница 9]

Мисионерка проповеда на жена од народот Нгобе

[Слика на страница 10]

Сведоци од Нгобе влегуваат во кану за да одат на Посебниот собир

[Слики на страница 11]

Со библиската вистина се премостуваат културните и јазичните разлики во Панама

[Слика на страница 12]

Проучување на „Стражарска кула“ на знаковен јазик

[Слика на страница 12]

Елза и ќерка ѝ имаат смисловна комуникација

[Извори на слики на страница 8]

Брод и жени од народот Куна: © William Floyd Holdman/Index Stock Imagery; село: © Timothy O’Keefe/Index Stock Imagery