Прашања од читателите
Прашања од читателите
Како „богатството на сите народи“ доаѓа во ‚Домот‘ на чистото обожавање? (Агеј 2:7).
Преку пророкот Агеј, Јехова прорекол: „Ќе ги стресам сите народи, за да дојде богатството на сите народи, и ќе го наполнам со слава овој Дом“ (Агеј 2:7). Дали „богатството на сите народи“, односно луѓето со искрени срца, го прифаќаат вистинското обожавање затоа што се стресени „сите народи“? Одговорот е „не“.
Забележи што ги стресува, или потресува народите и до што ќе води тоа. Библијата вели дека народите „се бунат... племињата замислуваат суети“ (Псалм 2:1). ‚Суетите‘ кои ги „замислуваат“, или за кои размислуваат народите, е нивната желба да ја задржат својата власт. Ништо не ги потресува повеќе од каква и да е закана за нивната власт.
Тоа што Јеховините сведоци по целиот свет проповедаат за Божјето Царство кое веќе е воспоставено е една таква закана. Всушност, месијанското Царство на Бог во рацете на Исус Христос „ќе ги разбие и ќе ги уништи сите [човечки] царства“ (Даниел 2:44). Оваа порака на осуда која е вклучена во она што го проповедаме, ги потресува народите (Исаија 61:2). А бидејќи се проповеда на сѐ повеќе луѓе и сѐ почесто, народите се сѐ повеќе потресени. Но, што навестува растресувањето што е проречено во Агеј 2:7?
Во Агеј 2:6 читаме: „Зашто Господ над војските зборува вака: ‚За малку, и Јас ќе ги растресам небесата и земјата, и морето и копното‘“. Цитирајќи од овој стих, апостол Павле напишал: „[Тој] ветува, велејќи: ‚Уште еднаш ќе ја раздвижам не само земјата туку и небото‘. А изразот „уште еднаш“ го означува отстранувањето на она што е затресено како нешто што е направено, за да остане она што не е затресено [Царството]“ (Евреите 12:26, 27). Да, целиот денешен поредок ќе биде затресен и отстранет за да му го отстапи местото на новиот свет што ќе го создаде Бог.
Луѓето со искрено срце се привлечени кон вистинското обожавање, но не затоа што народите се стресени, или потресени. Тие се привлечени токму од она што ги потресува народите, односно светското дело на проповедање за Божјето Царство што веќе е воспоставено. Оние што се исправно наклонети кон обожавањето на вистинскиот Бог ги привлекува објавувањето на ‚вечната добра вест‘ (Откровение 14:6, 7).
Пораката за Царството е порака за суд, но и порака за спасение (Исаија 61:1, 2). Како резултат на тоа што се проповеда оваа порака се исполнуваат два аспекта: се растресуваат народите низ целиот свет и се собираат пожелните работи од народите на слава на Јехова.