Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Посети го ова лозје“!

„Посети го ова лозје“!

„Посети го ова лозје“!

ДВАНАЕСЕТТЕ извидувачи ја изоделе Ветената земја надолж и напреку. Мојсеј им рекол да ги набљудуваат жителите и да му донесат некои земјоделски производи. Кој производ особено им го привлекол вниманието? Недалеку од Хеврон, тие нашле лозје кое раѓало толку крупно грозје што биле потребни двајца извидувачи за да носат само еден грозд. Бидејќи родот бил навистина впечатлив, извидувачите ја нарекле оваа плодна област „Есхолска Долина“, или „Грозд“ (Броеви 13:21-24).

Во 19 век, еден посетител на Палестина известил: „Есхол, или Долината на грозјето... сѐ уште е прекриена со лозја, а грозјето е најкрупното и најубавото во Палестина“. Иако лозјата во Есхол биле подобри од сите други, во библиски времиња убаво грозје се раѓало во поголемиот дел од Палестина. Некои египетски записи покажуваат дека и фараоните увезувале вино од Ханаан.

„Карпестите ридови со нивната посна песоклива почва, изложеноста на сонце, летната топлина и брзото истекување на водата од зимските врнежи се заедничките фактори што ја прават [Палестина] во прв ред земја на винови лози“, објаснува книгата Природата во библиско време (The Natural History of the Bible). Исаија ни кажува дека на одредени подрачја имало засадено дури и по илјада лози (Исаија 7:23).

„Земја на винови лози“

Мојсеј им рекол на Израелците дека ќе се населат во земја „на винови лози, на смокви и калинки“ (Второзаконие 8:8). Според Baker Encyclopedia of Bible Plants, „во древна Палестина имало толку многу винови лози што во повеќето, ако не и во сите ископини на градови се пронајдени семки од грозје“. Лозите во Ветената земја биле толку родни што дури и во 607 година пр.н.е., кога војските на Навуходоносор ја опустошиле Јуда, луѓето што останале во земјата ‚набрале мошне многу грозје и други овошки‘ (Еремија 40:12; 52:16).

За да произведат големи количества вино, земјоделците во Израел требало добро да се грижат за своето лозје. Во книгата на Исаија се објаснува дека обично пред да ја посади својата „благородна лоза“, еден лозар во Израел ќе прекопал едно парче земја на падината на некој рид и ќе ги исчистел од него сите поголеми камења. Потоа можеби ќе го оградел земјиштето со ѕид од тие камења. Таквиот ѕид би послужил како заштита за неговото лозје да не биде изгазено од стока, а до некоја мера го штител и од лисиците, дивите свињи и крадците. Можеби ќе направел и винско гмечало и ќе изградел мала кула како место што нудело свежина за време на бербата, кога лозите требало добро да се чуваат. Само откако ги направил сите овие работи, лозарот можел да очекува богат род (Исаија 5:1, 2). *

За да има добра берба, лозарот редовно ги режел лозите, со што се зголемувала родноста, и го прекопувал земјиштето за да ги исплеви коровот, дивите рози и трњето. Понекогаш, во летните месеци, тој дури и го наводнувал лозјето, особено ако пролетните дождови биле слаби (Исаија 5:6; 18:5; 27:2-4).

Гроздоберот на крајот на летото бил време на кое сите му се радувале (Исаија 16:10). Три псалми во натписот ја содржат фразата „Со гетска свирка“ или „На гетски свиралки“ (Псалми 8, 81 и 84). Овој музички израз, за кој не се знае со сигурност што значи, во Септуагинтата е преведен со „винско гмечало“, и можеби покажува дека Израелците ги пееле овие псалми за време на гроздоберот. Иако грозјето главно се користело за правење вино, Израелците го јаделе и свежо или го сушеле, а сувото грозје најверојатно и го пресувале во пити (2. Самоил 6:19; 1. Летописи 16:3).

Израелското лозје

Во Библијата, Божјиот народ е неколкупати опишан како лозје — соодветна споредба кога ќе се земе предвид колку било важно виното за Израелците. Во Псалм 80, Асаф го споредил израелскиот народ со лоза што Јехова ја посадил во Ханаан. Била подготвена почва за да може лозата на Израел да пушти корен и да зајакне. Но, со текот на годините, заштитната ограда околу неа се урнала. Народот повеќе не верувал во Јехова, и тој престанал да го штити. Како што дивината од гората запустува едно лозје така непријателските народи постојано го одземале богатството на Израел. Асаф го молел Јехова да му помогне на народот и да му ја врати славата што претходно ја имал. „Посети го ова лозје“, сесрдно го молел тој (Псалм 80:8-15).

Исаија го споредил „Израелевиот дом“ со лозје кое постепено почнало да раѓа „диво грозје“ (Исаија 5:2, 7). Дивото грозје е многу помало од одгледуваното и зрното има многу малку месо, практично целото е полно со семки. Дивото грозје не може да се користи за правење вино или за јадење — соодветен симбол на отпадничкиот народ, чии плодови се состоеле од беззаконие наместо од праведност. Овој безвреден род не бил по вина на Лозарот. Јехова направил сѐ што може за да му помогне на народот да роди исправен плод. „Што можев уште да направам за Своето лозје па што веќе не го направив?“ — прашува тој (Исаија 5:4).

Бидејќи Израел бил како неродно лозје, Јехова ги предупредил дека ќе ја разурне заштитната ограда што ја изѕидал околу својот народ. Повеќе нема да го реже или да го копа своето симболично лозје. Ќе ги нема пролетните дождови, кои се пресудни за приносот, и целото ќе зарасте во трниште и трње (Исаија 5:5, 6).

Мојсеј прорекол дека отпадништвото на Израел ќе биде причина дури и нивното дословно лозје да се исуши. „Ќе посадиш лозје и ќе го обработуваш, но вино нема да пиеш ниту ќе собереш нешто, зашто црв ќе ги јаде“ (Второзаконие 28:39). Кога во стеблото ќе влезе црв и ќе ја изеде неговата внатрешност, лозата се суши за неколку дена (Исаија 24:7).

„Вистинската лоза“

Како што Јехова го споредил дословниот Израел со лозје така и Исус употребил една слична споредба. За време на Тајната вечера, како што ја нарекуваат мнозина, Исус им рекол на своите ученици: „Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот“ (Јован 15:1). Своите ученици Исус ги споредил со прачките на една лоза. Како што прачките на една дословна лоза црпат сила од главното стебло така и учениците на Исус мора да останат обединети со него. „Одвоени од мене не можете да направите воопшто ништо“, рекол Исус (Јован 15:5). Лозарите одгледуваат лозје заради неговиот плод, и Јехова очекува неговиот народ да донесува духовен плод. Ова му носи задоволство и го прославува Бог, Лозарот (Јован 15:8).

Кај дословното лозје, родот зависи од чистењето и режењето, и Исус ги вклучил овие две работи во она што го кажал. Оној што го реже може да реши да го направи тоа двапати годишно за да добие колку што е можно повеќе род. Во текот на зимските месеци, лозјето може да биде прилично многу изрежано. Лозарот ги отсекува повеќето прачки што израснале претходната година. Најверојатно ќе остави само три-четири поголеми прачки на стеблото, со по еден до два зелени ластари на секоја од нив. Овие ластари, кои се слични на оние од претходната година, ќе станат прачки на кои ќе се роди плодот следното лето. Кога ќе заврши со режењето, лозарот ги гори одрежаните гранки.

Исус вака го опишува ова строго режење: „Ако некој не останува во обединетост со мене, тој се исфрла надвор како гранка и се суши; таквите гранки ги собираат и ги фрлаат в оган и ќе изгорат“ (Јован 15:6). Иако по ова режење лозјето изгледа како да останало без прачки, напролет следи уште едно посебно режење.

„Секоја гранка на мене која не носи плод, тој ја отстранува“, рекол Исус (Јован 15:2). Ова може да се однесува на едно подоцнежно режење, откако никнал главниот род и малите гровчиња добро се познаваат. Режачот внимателно ги проверува сите зелени ластари што никнале за да види кој од нив има род, а кој е јалов. Ако останат на лозата, јаловите ластари ќе продолжат да влечат хранливи материи и вода од стеблото. Затоа, режачот ги одрежува овие ластари, и на тој начин хранливите состојки што ги црпи лозата ќе ги користат само родните ластари.

На крајот, Исус се осврнува на процесот на чистење. „Секоја која носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод“ (Јован 15:2). Откако ќе ги отстрани јаловаците, режачот внимателно го проверува секој роден ластар. Близу до основата на родниот ластар секогаш ќе најде нови фиданчиња, кои исто треба да се отстранат. Ако ги остави да растат, тие ќе го шмукаат сокот од лозата, кој инаку е неопходен извор на влага за грозјето. Покрај тоа, може да бидат отстранети и некои големи листови што спречуваат младото грозје да го пече сонце. Сите овие чекори им помагаат на родните ластари да донесат богат род.

‚Донесувајте многу плод‘

Овие фигуративни прачки на „вистинската лоза“ ги претставуваат помазаните христијани. Сепак, и ‚другите овци‘ мора да покажат дека се продуктивни ученици на Исус (Јован 10:16). И тие можат да донесуваат „многу плод“ и да го прослават својот небесен Татко (Јован 15:5, 8). Исусовата споредба со вистинската лоза нѐ потсетува дека, дали ќе бидеме спасени, зависи од тоа дали ќе останеме во обединетост со Христос и дали ќе донесуваме добар духовен плод. Исус рекол: „Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“ (Јован 15:10).

Во времето на Захарија, Бог му ветил на верниот остаток од Израелци дека повторно „лозата ќе роди грозје, земјата ќе дава посеви, а небото ќе ја дава својата роса“ (Захарија 8:12). Лозјето е исто така употребено во описот на Божјиот мир што ќе владее меѓу луѓето за време на Христовото илјадагодишно владеење. Михеј прорекол: „Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските“ (Михеј 4:4).

[Фуснота]

^ пас. 7 Според Encyclopaedia Judaica, лозарите во Израел најмногу ја саделе лозата што раѓала црвено-црно грозје, познато под името сорек, очигледно истото што се спомнува во Исаија 5:2. Од ова грозје се правело слатко црвено вино.

[Слика на страница 18]

Неодамна исушена лоза

[Слика на страница 18]

Зимско режење

[Слика на страница 18]

Горење на фрлените прачки