Вонбиблиски осврт на народот наречен Израел
Вонбиблиски осврт на народот наречен Израел
ВО КАИРСКИОТ музеј во Египет, една гранитна плоча служи како споменик на победите на фараонот Мернепта. Според проценките на изучувачите, овој тринаесетти син на Рамзес II владеел некаде помеѓу 1212 и 1202 година пр.н.е. — при крајот на периодот на Судиите во древниот Израел. Во последните два реда на плочата на Марнепта стои: „Ханаан е ограбен на најсуров начин. Аскалон е заземен, Гезер е освоен, [а] Јаноам е срамнет со земја. Израел е запустен, неговото семе е сотрено“.
Што се мисли со зборот „Израел“ во овој контекст? Во хиероглифското писмо, при пишувањето биле додадени одредени неизговорливи знаци, наречени детерминативи, за да означат на која категорија ѝ припаѓаат зборовите. „Веднаш до трите од вкупно четирите термини — односно до Аскалон, Гезер и Јаноам — стои детерминатив кој ни кажува дека тие се градови... Но, детерминативот до Израел означува народ“ (нагласено од нас).
Од какво значење е овој текст? Хершел Шанкс, уредник и автор, одговара: „Плочата Мернепта покажува дека народот наречен Израел постоел во 1212 година пр.н.е. и дека египетскиот фараон не само што го знаел туку сметал и дека е вредно да се пофали затоа што го победил во битка“. Вилијам Г. Девер, професор по блискоисточна археологија, вели: „Плочата Мернепта недвосмислено ни кажува: Во Ханаан навистина постои народ што себеси се нарекува ‚Израел‘, па затоа е наречен ‚Израел‘ и од страна на Египќаните — кои, реално кажано, тешко дека се пристрасни кон Библијата, а и не би можеле да измислат таков специфичен и уникатен народ како ‚Израел‘ за свои лични пропагандни цели“.
Во Библијата, Израел за првпат се спомнува како име што му било дадено на патријархот Јаков. Потомството на 12-те синови на Јаков било наречено „синовите на Израел“ (Битие 32:22-28, 32; 35:9, 10). Со години подоцна, и пророкот Мојсеј и фараонот на Египет го користеле зборот „Израел“ кога зборувале за овие потомци на Јаков (Излез 5:1, 2). Плочата Мернепта е најраниот познат вонбиблиски осврт на народот наречен Израел.
[Слики на страница 24]
Плочата Мернепта
Комбинацијата од најмалку три знаци (од десно кон лево) — фрлениот стап и седнатите маж и жена — покажува дека Израел бил странски народ
[Извор на слика]
Egyptian National Museum, Каиро, Египет/Giraudon/The Bridgeman Art Library