Избрани стихови од книгата Изреки
Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Изреки
СОЛОМОН, царот на древниот Израел, ‚изрекол три илјади мудри изреки‘ (1. Царевите 4:32). Можеме ли и ние да дојдеме до овие мудри изреки? Да, можеме. Во библиската книга Изреки, завршена околу 717 година пр.н.е., се запишани многу од Соломоновите изреки. Само за последните две поглавја се смета дека имаат други писатели — Агур, синот на Јакеј, и царот Лемуел. Меѓутоа, некои мислат дека името Лемуел е друго име за Соломон.
Вдахновените пословици собрани во книгата Изреки имаат двојна цел — „човекот да стекне мудрост и да прими поука“ (Изреки 1:2). Овие изреки ни помагаат да стекнеме мудрост, која претставува способност јасно да ги согледаме работите и да го примениме она што го знаеме за да ги решиме проблемите. Тие може и да нѐ дисциплинираат, односно да ни дадат морална поука. Тоа што ќе им посветиме внимание на изреките и што ќе ги прифатиме советите што ни се дадени преку нив, може да влијае на нашето срце, да нѐ направи посреќни и успешни (Евреите 4:12).
‚СТЕКНИ МУДРОСТ И ПРИФАТИ ГИ ОПОМЕНИТЕ‘
„Вистинската мудрост гласно вика на улица“ вели Соломон (Изреки 1:20). Зошто треба да го слушаме нејзиното гласно и јасно викање? Второто поглавје изнесува многу користи од стекнувањето мудрост. Третото поглавје ни кажува како да станеме блиски со Јехова. Потоа, Соломон вели: „Мудроста е најважна. Стекни мудрост и со сиот свој имот стекни разборитост. Прифати ги опомените, не пуштај ги“ (Изреки 4:7, 13).
Што ќе ни помогне да се спротивставиме на неморалот во светот околу нас? Петтото поглавје од книгата Изреки одговара: развивај способност да расудуваш и препознај на кој начин светот се обидува да те заведе. Размисли и за високата цена што ќе му ја платиш на неморалот. Следното поглавје нѐ опоменува на постапките и ставовите кои можат да го загрозат нашето пријателство со Јехова. Седмото поглавје на извонреден начин опишува како постапува една неморална личност. Во 8. поглавје, на фасцинантен начин е прикажана вредноста на мудроста и на она на кое таа нѐ повикува. Деветтото поглавје, кое претставува еден поттикнувачки заклучок на изреките кажани во претходните поглавја, е напишано во облик на возбудлива споредба што нѐ мотивира да се трудиме да станеме мудри.
Одговорени библиски прашања:
1:7; 9:10 — Како стравот од Јехова е „првото нешто кое е потребно за да се стекне знаење“ и „првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост“? Без стравот од Јехова не можеме да имаме знаење, зашто тој е Творецот на сѐ и авторот на Светото писмо (Римјаните 1:20; 2. Тимотеј 3:16, 17). Тој е самиот Извор на сето вистинско знаење. Според тоа, првото нешто што е потребно за да се стекне знаење е страхопочитта кон Јехова. Стравот од Бог е исто така и почеток на мудроста, затоа што без знаење не може да имаме мудрост. Освен тоа, оној што нема страв од Јехова, без разлика колкаво знаење има, нема да го користи за да му оддаде чест на Творецот.
5:3 — Зошто, во фуснотата на овој стих, за блудницата се вели дека е „жена од друга земја“? Изреки 2:16, 17 ја опишува ‚жената од друга земја‘ како некој што „го заборава сојузот на својот Бог“. Секој што обожавал лажни богови или избрал да не го почитува Мојсеевиот закон, што значи и блудниците, бил нарекуван туѓинец (Еремија 2:25; 3:13).
7:1, 2 — Што е вклучено во „моите зборови“ и „моите заповеди“? Во нив, покрај библиските учења, се вклучени и семејните правила, или барања, кои ги поставуваат родителите за доброто на членовите на семејството. Младите треба да се придржуваат кон нив, како и кон библиските учења што ги добиваат од родителите.
8:30 — Кој е ‚вештиот градител‘? Персонифицираната мудрост се нарекува себеси вешт градител. Покрај тоа што служи за дословно да ни ги објасни карактеристиките на мудроста, оваа персонификација фигуративно се однесува на Божјиот првороден Син, Исус Христос, во неговото претчовечко постоење. Долго пред да се роди како човек на нашава планета, тој бил создаден како ‚почетокот на Божјиот творечки пат‘ (Изреки 8:22). Како „вешт градител“, тој вредно работел со својот Татко за време на создавањето на сѐ што постои (Колошаните 1:15-17).
9:17 — Што е „крадената вода“, и зошто е „слатка“? Со оглед на тоа што Библијата го споредува уживањето во интимните односи во бракот со пиење свежа изворска вода, крадената вода ги претставува тајните неморални сексуални односи (Изреки 5:15-17). На оној што го прави тоа таквата вода му изгледа слатка кога ќе помисли дека никој нема да го открие.
Поуки за нас:
1:10-14. Треба да се пазиме од грешниците, да не нѐ намамат да тргнеме по нивните лоши патишта со тоа што ќе ни ветуваат богатство.
3:3. Треба многу да ги цениме добрината и вистината и јасно да ги покажуваме, како што би покажале еден скапоцен ѓердан. Исто така, треба да ги врежеме овие особини на нашето срце, правејќи ги неодвоив дел од нашата личност.
4:18. Духовното знаење доаѓа постепено. За да останеме на светлина, мора да останеме понизни и благи.
5:8. Мора да се тргаме што подалеку од сѐ што има неморално влијание, кое може да дојде преку музиката, забавата, интернет или преку книги и списанија.
5:21. Дали оној што го сака Јехова би го трампал добриот однос со него за некакво кратко задоволство? Се разбира дека не! Најсилниот поттик да останеме морално чисти лежи во свесноста дека Јехова гледа што правиме и дека нѐ смета за одговорни за нашите постапки.
6:1-5. Колку убав совет ни е даден во овие стихови да не ‚гарантираме‘, односно да не прифаќаме немудра финансиска обврска во нечија корист! Ако, откако добро сме ги испитале работите, сме согледале дека она што сме го презеле е немудро, без одложување треба да го ‚опсипуваме својот ближен‘ со постојани молби и да направиме сѐ што можеме за да ги исправиме работите.
6:16-19. Овде се наоѓаат седум основни категории во кои е вклучен речиси секој вид грешење. Треба да развиеме омраза кон нив.
6:20-24. Воспитувањето врз основа на Библијата може да го заштити детето од замката на сексуалниот неморал. Родителите не треба несовесно да ја извршуваат оваа своја должност.
7:4. Треба да развиеме љубов кон мудроста и разборитоста.
ПОЕДИНЕЧНИ ИЗРЕКИ КАКО ИЗВОР НА ВОДСТВО
Остатокот од Соломоновите изреки се концизни поединечни изреки. Изнесени главно преку контрасти, паралели и споредби, тие ни даваат силни поуки во врска со нашето однесување, зборување и став.
Од 10. до 24. поглавје е нагласена вредноста од страхопочитта кон Јехова. Изреките во наредните поглавја, од 25 до 29, се препишани од „луѓето на Езекија, царот на Јуда“ (Изреки 25:1). Овие изреки нѐ учат да се потпираме на Јехова и ни даваат други важни поуки.
Одговорени библиски прашања:
10:6, фуснота — Како „устата на злите крие насилство“? Ова може да се однесува на слаткоречивиот говор зад кој злобните ја кријат својата расипана намера да им напакостат на другите. Или, пак, тоа што обично другите се непријателски расположени кон злите и им се обраќаат со одбивност, ги замолкнува.
10:10 — Како оној што „намигнува пакосно со окото“ нанесува болка? Човек што е „никаквец“ може не само да се послужи со ‚расипано зборување‘ туку и да се обиде да ги скрие своите мотиви со говорот на телото, како што е, на пример, ‚намигнувањето со око‘ (Изреки 6:12, 13). Ваквата измама може да создаде огромен психички притисок кај неговата жртва.
10:29 — Што е „Јеховиниот пат“? Ова се однесува на начинот на кој Јехова постапува со човештвото, а не на правецот на живот што треба да го следиме ние. Начинот на кој Бог постапува со луѓето за непорочните значи безбедност, но за злите уништување.
11:31 — Зошто злиот треба да биде награден повеќе од праведникот? Овде наградата се мери со степенот на казна што ќе си ја добие секој. Кога греши праведникот, како награда за своите грешки си добива некоја дисциплинска мерка, или казна. Злиот намерно греши и одбива да се поправи. Затоа, тој заслужува и си добива построга казна.
12:23 — Како некој „го крие своето знаење“? Тоа не значи дека оној што го крие знаењето воопшто не го покажува, туку дека го покажува одмерено, не истакнувајќи го упадливо со тоа што се фали со него.
14:17 — Во која смисла „човекот што размислува е омразен“? Хебрејскиот израз „размислува“ може да значи или проникливо или злобно размислување. Човекот што им мисли лошо на другите е, се разбира, омразен. Но омразен е и проникливиот човек, кој, откако внимателно размислил, избира да ‚не биде дел од светот‘ (Јован 15:19).
18:19 — Како „навредениот брат е потврд од утврден град“? Како еден силен град што се наоѓа под опсада, таквата личност може решително да одбива да попушти. Препирката меѓу него и оној што му згрешил може лесно да стане исто толкава пречка како што е ‚резето на кула‘.
Поуки за нас:
10:11-14. За нашите зборови да бидат изградувачки, нашиот ум треба да го полниме со исправно знаење, нашето срце треба да биде мотивирано од љубов, а сѐ што излегува од нашата уста треба да биде водено од мудроста.
10:19; 12:18; 13:3; 15:28; 17:28. Кога зборуваме, да зборуваме малку и промислено.
11:1; 16:11; 20:10, 23. Јехова сака да сме чесни во нашите деловни односи.
11:4. Глупаво е да трчаме по материјално богатство на сметка на личната библиска студија, присуството на состаноци, молитвата и службата на проповедање.
13:4. Не е доволно само да имаме ‚желба‘ за некоја одговорна положба во собранието или за живот во новиот свет. Треба да сме и трудољубиви и марливо да се трудиме да исполниме сѐ што се бара од нас.
13:24; 29:15, 21. Ако вистински го сака своето дете, родителот нема да го разгалува и лесно да поминува преку неговите грешки. Наместо тоа, таткото или мајката ќе преземат поправни мерки за да ги искоренат таквите грешки пред тие да пуштат длабоки корени во детето.
14:10. Бидејќи чувствата што ги носиме во себе не можат секогаш точно да се опишат, ниту, пак, може секогаш другите да ги разберат, емоционалното олеснување што може да го добиеме од другите си има своја граница. Можеби ќе треба да претрпиме некои тешкотии така, што ќе се потпреме единствено на Јехова.
15:7. Не треба одеднаш да истураме врз некого сѐ што знаеме, исто како што земјоделецот не го фрла сето семе на едно место. Мудриот го расејува своето знаење малку по малку, како што наложуваат потребите.
15:15; 18:14. Позитивниот став ќе ни помогне да најдеме причини за радост дури и кога се наоѓаме во тешка ситуација.
17:24. Наместо да бидеме како „безумникот“, чии очи и ум талкаат наместо да се сконцентрираат на оние работи што се важни, треба да стекнеме разборитост за да можеме да постапуваме мудро.
23:6-8. Треба да пазиме да не почнеме лицемерно да покажуваме гостопримство.
27:21. Пофалбата може да ни открие какви сме навистина. Ако пофалбата нѐ прави свесни дека благодарноста за нашиот успех ја заслужува Јехова и ако нѐ охрабрува да продолжиме да му служиме, покажуваме дека сме понизни. Кога пофалбата раѓа во нас чувство дека сме подобри од другите, тогаш ни недостасува понизност.
27:23-27. Преку еден опис на пастирењето, овие изреки нагласуваат колку вреди човек да е задоволен со едноставен живот кој ни го овозможува нашиот вреден труд. Тие треба особено да ја врежат во нас потребата да се потпреме на Бог. a
28:5. Ако ‚го бараме Јехова‘ на тој начин што ќе му се молиме и ќе ја проучуваме неговата Реч, ќе ‚разбираме сѐ‘ што е потребно за прифатливо да му служиме.
„ВАЖНИ ПОУКИ“
Библиската книга Изреки завршува со две „важни поуки“ (Изреки 30:1; 31:1). Преку споредби кои поттикнуваат на размислување, пораката на Агур ја покажува ненаситноста на алчниот и покажува колку е тешко да се разоткрие како еден заводник уверува една девојка. b Исто така, таа предупредува да не се самовозвишуваме и да не зборуваме гневно.
Важните поуки што ги добил Лемуил од својата мајка содржат јасни совети во врска со употребата на вино и опојни пијалаци, како и во врска со праведното судење. Описот на добрата жена завршува со изјавата: „Дајте ѝ од плодовите на рацете нејзини, и делата нејзини нека ја фалат на градските порти“ (Изреки 31:31).
Стекнувај мудрост, прифати дисциплинска мерка, развивај страв од Бог, потпирај се на Јехова. Какви вредни поуки извлекуваме од вдахновените изреки! Затоа, да го примениме нивниот совет и со тоа да ја искусиме среќата што ја има „човекот што се бои од Јехова“ (Псалм 112:1).
[Фусноти]
a Види Стражарска кула од 1 август 1991, 31. страница.
b Види Стражарска кула од 1 јули 1992 година, 31. страница.
[Слики на страница 16]
Јехова е Изворот на сето вистинско знаење
[Слика на страница 18]
Што значи да се ‚сее знаење‘?