Печат што е „сопственост на Јухал“
Печат што е „сопственост на Јухал“
ВО СЕДМИОТ век пр.н.е., халдејскиот цар Навуходоносор го освоил Ерусалим, го запалил градот и ги срушил неговите ѕидови. Го заробил и го ослепел Седекија, царот на Јуда. Освен тоа, ‚вавилонскиот цар ги погубил и сите достоинственици на Јуда‘ (Еремија 39:1-8).
Еден од достоинствениците, односно од кнезовите на Јуда, кој веројатно загинал од рацете на Вавилонците, бил и Јухал, синот на Селемија. За Јухал имаме и некои понови информации. Но, пред да ги разгледаме, да видиме што вели Светото писмо за него и за условите што владееле во негово време.
„Нема да те надвладеат“
Јехова му дал задача на пророкот Еремија да пренесе една порака за суд против Јуда и Ерусалим. Бог му рекол на Еремија дека царевите, кнезовите, свештениците и народот на Јуда ќе „се борат“ против него. „Но нема да те надвладеат, зашто ‚јас сум со тебе‘“, рекол Јехова (Еремија 1:17-19).
Додека Вавилонците го држеле под опсада Ерусалим, главниот град на Јуда, царот Седекија двапати испратил гласници кај Еремија за да дознаат дали Навуходоносор ќе се повлече од градот и за да го замолат пророкот да се моли тоа да се случи. Еден од пратениците на царот бил Јухал, познат и како Јехухал. Пораката што Бог му ја кажал на Еремија била дека Вавилонците, или Халдејците, ќе го уништат градот. Секој жител на Ерусалим што ќе остане во градот ќе умре од глад, болест и меч. Но, оние што ќе им се предадат на Халдејците, ќе преживеат. Колку ли се разбесниле кнезовите на Јуда кога чуле што им кажува Еремија! (Еремија 21:1-10; 37:3-10; 38:1-3).
Јухал бил еден од кнезовите што го убедувале Седекија: „Погуби го, те молиме, овој човек [Еремија], бидејќи ги обесхрабрува воините“. Злобниот Јухал бил и меѓу оние што го фрлиле Еремија во јама со тиња, од која што подоцна пророкот бил спасен (Еремија 37:15; 38:4-6). Бидејќи Еремија го послушал Јехова, го преживеал уништувањето на Ерусалим, но изгледа дека Јухал го изгубил животот кога ѝ дошол крајот на власта во која имал доверба.
Интересен епилог
Може да се рече дека најновите информации за Јухал биле „напишани“ во Ерусалим дури во 2005 година. Археолозите копале на едно место каде што се надевале дека ќе ја најдат палатата на цар Давид. Тие пронашле една голема камена градба што мислат дека била уништена
кога Вавилонците го зазеле Ерусалим во времето на Еремија.Сѐ уште не се знае дали тоа е палатата на Давид. Сепак, археолозите откриле што претставува еден предмет што го пронашле — глинениот печат широк еден сантиметар, прикажан на 14. страница. Со него некогаш бил запечатен документ што веќе одамна се имал распаднато. Натписот гласи: „Сопственост на Јехухал, син на Селемијаху, син на Совај“. Изгледа дека овој натпис бил направен со печатот на Јехухал, или Јухал, синот на Селемија, кој му бил противник на Еремија.
Археологот Елат Масар, која го дешифрирала овој натпис, пишува дека Јехухал е само „вториот царски министер“, по Гемариј, синот на Сафан, чие име се појавува на еден печат пронајден во Давидовиот град. a
Верата во Божјата реч не зависи од тоа дали ќе се откријат некои артефакти, туку исполнувањето на вдахновените пророштва е тоа што ни дава здрав темел да веруваме во Библијата. Историските факти докажуваат дека Еремија точно го прорекол уништувањето на Ерусалим. Неславниот крај на противниците на Еремија треба да ја зајакне нашата увереност дека, ако сме верни како Еремија, нашите непријатели ‚нема да нѐ надвладеат зашто Јехова е со нас‘.
[Фуснота]
a Нешто повеќе за Гемариј и за Сафан можеш да прочиташ во статијата „Го познаваш ли Сафан и неговото семејство?“, во Стражарска кула од 15 декември 2002 година, страници 19-22.
[Слика на страница 15]
Еремија не попуштил на убедувањето да ја ублажи Божјата порака
[Извор на слика на страница 14]
Gabi Laron/Institute of Archaeology/ Hebrew University ©Eilat Mazar