Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова ми помогна да ги надминам животните притисоци

Јехова ми помогна да ги надминам животните притисоци

Животна приказна

Јехова ми помогна да ги надминам животните притисоци

РАСКАЖАЛ ДЕЈЛ ИРВИН

„ОСУМ, И ПОЛНА КАПА! ЧЕТВОРКАТА ДОБРО ГИ ЗАПОСЛИ ТАТО И МАМА.“ Ова беше насловот на статијата во еден локален весник, во кој пишуваше за четворката што го дуплираше бројот на деца во нашето семејство. Кога бев млад не ми паѓаше на памет ни да се женам, а камоли да имам деца. Но сега ете ме — татко на осум деца!

РОДЕН сум во 1934 година, во градот Мариба, Австралија, како последно од трите деца. Подоцна нашето семејство се пресели во Бризбен, каде што мајка ми во неделите предаваше веронаука во Методистичката црква.

Во почетокот на 1938 година, локалните весници известија дека на Џозеф Ф. Ратерфорд, од светското седиште на Јеховините сведоци, можеби ќе му биде забрането да влезе во Австралија. „Зошто му прават така на човекот?“ — го праша мајка ми Сведокот што дојде на врата некое време потоа. Сведокот ѝ одговори: „Зар Исус не рекол дека луѓето ќе ги прогонуваат неговите следбеници?“ Потоа мајка ми ја зеде брошурата Лек (Cure) што ѝ ја понуди, во која беа истакнати многуте разлики меѓу вистинската и лажната религија. * Воодушевена од брошурата, мајка ми нѐ зеде со неа нас, децата, и појде на следниот состанок на Јеховините сведоци, во недела. Од почеток татко ми многу се противеше, но потоа почна по мајка ми повремено да испраќа до некој од браќата список со библиски прашања. Братот ќе му ги напишеше одговорите на темел на Библијата и ќе ѝ ги дадеше на мајка ми да му ги однесе.

Една недела, на состанокот дојде со нас и татко ми со намера да го изрази своето незадоволство од Сведоците. Но, откако поразговара со патувачкиот надгледник, кој беше во посета на собранието токму тогаш, татко ми го промени својот став и дури дозволи нашиот дом да се користи како место за седмично проучување на Библијата, наменето за интересентите од нашата област.

Во септември 1938 година, моите родители се крстија. Ние децата се крстивме во декември 1941 година, на народниот конгрес кој се одржа во Харгреив паркот во Сиднеј (Нов Јужен Велс). Јас имав седум години. Оттогаш редовно одев во служба на проповедање со моите родители. Во тоа време, Сведоците одеа од куќа до куќа носејќи со себе преносни фонографи, на кои им пуштаа на луѓето снимени библиски говори.

Еден Сведок на кој сѐ уште живо се сеќавам е Берт Хортон. Тој имаше автомобил со озвучување — опремен со јаки засилувачи и со голем звучник поставен на покривот. Беше интересно да се работи со него, особено за едно дете, како што бев јас. На пример, често се случуваше, откако ќе пуштевме некој говор од врвот на некое ритче, да видиме како кон нас ита полициски автомобил. Берт брзо ќе ја исклучеше опремата, ќе возеше до друго ритче на неколку километри оддалеченост, и ќе пуштеше друго предавање. Од Берт и од други верни, храбри браќа како него, научив многу за довербата во Јехова и за храброста (Матеј 10:16).

На 12 години, редовно сведочев самиот по завршувањето на училишните часови. Еднаш запознав едно семејство што се презиваше Адсхед. Со текот на времето и таткото и мајката, како и нивните осум деца и многу внуци ја прифатија вистината. Му благодарам на Јехова што допушти јас, едно обично дете, да ѝ помогне на оваа фина фамилија да ја запознае библиската вистина (Матеј 21:16).

Посебни одговорности уште од млади години

На 18 години станав полновремен пионер и бев доделен во Мејтленд (Нов Јужен Велс). Во 1956 година бев повикан да служам во подружницата на Австралија во Сиднеј. Од вкупно дваесетина што работеа таму, околу една третина беа помазаници, со надеж да владеат со Христос во неговото небесно Царство. Колкава чест беше да се работи заедно со нив! (Лука 12:32; Откровение 1:6; 5:10).

Мојата одлука никогаш да не се оженам брзо испари кога ја видов Џуди Хелберг, привлечна пионерка која беше повикана во подружницата за привремено да ми помогне околу работата на еден поголем проект. Се засакавме, и две години подоцна се венчавме. Потоа започнавме со покраинска служба, што значи секоја седмица посетувавме по едно собрание на Јеховините сведоци за да ги охрабриме браќата.

Во 1960 година, Џуди ја роди нашата прва ќерка, Ким. Денес, ако некој има дете, автоматски значи дека прекинува со покраинската служба и останува да живее на едно место. Но, на наше големо изненадување, нам ни предложија да продолжиме да ги посетуваме собранијата. По многу молитви, го прифативме предлогот, и следните седум месеци Ким пропатува 13.000 километри заедно со нас во автобус, авион и воз додека ги посетувавме собранијата раштркани на голема раздалеченост во Квинсленд и на Северната територија. Тогаш немавме автомобил.

Секогаш престојувавме кај некој од браќата и сестрите. Поради тропската клима, спалните соби тогаш имаа завеси наместо врати, што дополнително нѐ вознемируваше кога Ким ќе плачеше навечер. На крајот, одговорноста да се грижиме и за бебето и за задачата испадна претешка. Затоа се населивме во Бризбен, и јас започнав да работам како изработувач на фирми и реклами, еден вид комерцијално сликање. Две години по раѓањето на Ким, добивме уште едно девојче, Петина.

Да се излезе на крај со трагедија

Во 1972 година, кога децата беа на 12 и 10 годишна возраст, Џуди умре од Хочкинова болест, еден вид лимфом. Оваа загуба беше речиси неподнослива за нашето семејство. Сепак, додека Џуди беше болна и по нејзината смрт, Јехова нѐ тешеше преку својата Реч, својот свет дух и братството. Исто така, сила ни даде и Стражарската кула што ја добивме веднаш по трагедијата. Таа содржеше една статија која зборуваше за личните искушенија, вклучувајќи го и жалењето по некој што сме го изгубиле, и објаснуваше како искушенијата можат да ни помогнат да ги развиеме особините што Бог сака да ги имаме, како што се истрајноста, верата и верноста кон него * (Јаков 1:2-4).

Откако умре Џуди, јас и децата станавме многу поблиски. Но, морам да признаам, за мене претставуваше вистинска борба обидот да бидам и татко и мајка. Сепак, моите две прекрасни девојчиња многу ми ја олеснија работата.

Повторно во брак и со поголемо семејство

По некое време повторно се оженив. Со втората сопруга, Мери, имавме многу допирни точки. И неа ѝ умрел сопругот од Хочкинова болест. И таа имаше две ќерки — Колин и Џенифер. Колин беше околу три години помала од Петина. Значи, во нашето семејство сега имаше четири девојчиња, на возраст од 14, 12, 9 и 7 години.

Со Мери одлучивме во почетокот, сѐ додека децата нѐ се чувствуваат послободни и природно нѐ почнат да го слушаат другиот родител, секој од нас да биде одговорен за дисциплинирањето на своите биолошки деца. Во односот меѓу нас, како маж и жена, за мене и Мери важеа две важни правила. Прво, никогаш не ги изнесувавме меѓусебните недоразбирања пред децата, и второ, во склад со библиското начело што стои во Ефешаните 4:26, разговаравме сѐ додека не ги решевме работите до крај — дури и ако тоа траеше со часови.

Сите се вклопивме неочекувано добро во нашиот нов тип на семејство, но сеќавањето на оние што ги загубивме не избледи преку ноќ. На пример, понеделник навечер ѝ беше на Мери „ноќ за плачење“. По семејното проучување на Библијата, откако децата ќе си легнеа, чувствата што Мери дотогаш ќе ги задушуваше во себе, често ќе испливаа на површина.

Мери сакаше и ние двајцата да имаме едно дете. За жал, имаше спонтан абортус. Кога Мери повторно забремени, нѐ очекуваше големо изненадување. Прегледот со ултразвук откри дека не носеше едно бебе, туку четири! Бев во шок и неверие. Јас, на мои 47 години, наскоро ќе бидам татко на осум деца! Четворката се роди со царски рез на 14 февруари 1982 година, на 32 седмици. По редослед на раѓање, тоа беа Клинт, тежок килограм и шестотини грама; потоа Синди, килограм и деветстотини грама; па Џереми, килограм и четиристотини грама; и на крај Данет, килограм и седумстотини грама. Немаше ни две што беа исти.

Веднаш откако се породи Мери, нејзиниот лекар дојде и седна крај мене.

„Загрижен си како ќе ги пораснеш децата?“ — ме праша.

„Па“, реков, „низ вакво нешто немам минато досега.“

Она што го рече потоа навистина ме зачуди и ме охрабри.

„Твоето собрание нема да те остави“, рече. „Само да се потсопнеш, и сто луѓе ќе ти притрчаат на помош!“

Во огромна мера, благодарение на овој акушер и на неговиот медицински тим, четири разумно здрави бебиња тргнаа од болницата кон дома за само два месеца.

Не е лесно да се подига четворка

За да има ред, Мери и јас направивме 24 часовен распоред. Четирите постари ќерки ни беа од огромна помош во улога на дадилки. А се покажаа точни и зборовите на лекарот — само да се ‚потсопневме‘ и собранието притрчуваше да помогне. Кратко време пред тоа, еден долгогодишен пријател, Џон Мекартур, ги организираше Сведоците што беа занаетчии да ја прошират нашата куќа. Кога се родија бебињата, една група сестри ни помагаа околу нив. Сите овие љубезни дела беа доказ на христијанска љубов на дело (1. Јованово 3:18).

Може да се каже дека, на некој начин, нашите четири бебиња беа „собраниски бебиња“. До ден-денес, тие ги чувствуваат како дел од семејството многуте драги браќа и сестри што ни помогнаа. Што се однесува до Мери, таа се докажа како извонредна сопруга и мајка која несебично се грижи за своите деца. Таа навистина го спроведуваше на дело она што го имаше научено од Божјата реч и организација. Не постојат подобри совети! (Псалм 1:2, 3; Матеј 24:45).

Христијанските состаноци и проповедањето продолжија да бидат важен дел од нашата седмична рутина, иако претставуваше вистинска борба да се успее во тоа со четири бебиња. Во моментот се покажа како благослов тоа што два брачни пара со кои ја проучувавме Библијата љубезно прифатија тоа да го правиме кај нас дома. Иако ова ни беше од голема помош, Мери понекогаш беше толку уморна што во текот на проучувањето ќе заспиеше, заедно со едно од бебињата во своите раце. И двата пара станаа наши духовни браќа и сестри.

Духовна обука уште од мали нозе

Уште пред да проодат бебињата, Мери, постарите ќерки и јас ги носевме во служба на проповедање. Кога проодуваа, јас и Мери ќе земевме по две, така што не ни претставуваа товар. Всушност, честопати токму поради нив ќе започневме разговор со некои пријателски расположени луѓе. Еден ден сретнав еден човек кој тврдеше дека, на сите што се родени под извесен хороскопски знак и во одреден ден, однапред им е одредено каква личност ќе бидат. Не навлегов подлабоко во разговорот, само го прашав дали може повторно да навратам малку подоцна тоа претпладне. Се согласи, а јас се вратив заедно со мојата четворка. Додека зачудено ги гледаше, јас ги наредив по редослед на раѓање. Потоа пријателски поразговаравме, не само околу нивните очигледни физички разлики туку и околу големите разлики во нивната личност, што ја сруши неговата теорија. „И јас баш на тебе најдов да ти ја изнесам мојата теорија “, рече. „Изгледа ќе морам малку повеќе да ги испитам работите, нели?“

Кога проодуваа, увидовме дека им беше потешко да го послушаат карањето за нивното лошо однесување кога беа сите заедно, па затоа ги каравме сам по сам. Но, научија дека за сите нив важеа истите правила. Кога на училиште се најдоа во ситуации во кои мораа да одлучат на темел на својата совест, цврсто се придржуваа за библиските мерила и си даваа поддршка еден на друг, а Синди им беше портпарол. Наскоро стана јасно дека четворката е сила со која нема играње.

Нивните тинејџерски години бараа Мери и јас да им помагаме во вообичаената борба да останат лојални на Јехова. Можеме само да кажеме дека ќе беше многу потешко да ја немавме поддршката што со многу љубов ни ја даде нашето собрание и изобилната духовна храна што ја добивавме од видливиот дел на Јеховината организација. Се трудевме редовно да ја проучуваме Библијата како семејство и отворено да разговараме за сѐ, макар што не беше секогаш лесно. Но, напорот се исплати, зашто сите осум деца одбраа да му служат на Јехова.

Тешкотии со поодминатите години

Низ годините, служев во најразлични својства во организацијата: собраниски старешина, надгледник на градот и заменик покраински надгледник. Служев и како член на локалниот Одбор за контактирање со болници, чија функција е да им помага на лекарите да соработуваат со пациентите што се Сведоци кога станува збор за трансфузија на крв. Исто така, државата ме постави за матичар, и 34 години ја имав таа чест, така што одржав околу 350 говори за венчавање, од кои шест на своите ќерки.

Постојано му благодарам на Јехова за верната поддршка што низ годините ја добив најпрво од Џуди, а потоа од Мери (Изреки 31:10, 30). Додека ме поддржуваа во обврските што ги имав како собраниски старешина, тие истовремено беа убав пример во службата на проповедање и помогнаа да вградиме во своите деца духовни особини.

Во 1996 година ми најдоа една болест на мозокот што предизвикува тресење на рацете и ми ја нарушува рамнотежата. Затоа, повеќе не можев да изработувам фирми и реклами. Но, и понатаму многу ме радува службата на Јехова, иако ја вршам со забавено темпо. Позитивното во сето тоа е што почнав да чувствувам поголемо сочувство кон постарите.

Кога ќе размислам за својот живот, благодарен сум му на Јехова што секогаш бил тука да ми помогне мене или на моето семејство да ги надминеме многуте животни притисоци со радост (Исаија 41:10). И јас и Мери, заедно со нашите осум деца, исто така сме му благодарни на нашето прекрасно семејство од духовни браќа и сестри. Сите покажаа љубов на толку многу начини што не би можеле да ги наброиме (Јован 13:34, 35).

[Фусноти]

^ пас. 6 Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.

^ пас. 17 Види во Стражарска кула од 15 март 1972 година, страници 174-180 (нема на македонски).

[Слика на страница 12]

Со мама, постариот брат Гарт и сестра ми Дон, спремни за пат на конгресот во Сиднеј во 1941

[Слика на страница 13]

Со Џуди и Ким како бебе, кога служев како покраински надгледник во Квинсленд

[Слика на страница 15]

По раѓањето на четворката, постарите четири девојчиња и собранието заеднички ни помагаа