Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Верата и стравот од Бог ни влеваат храброст

Верата и стравот од Бог ни влеваат храброст

Верата и стравот од Бог ни влеваат храброст

„Биди храбар и силен... со тебе е Јехова, твојот Бог“ (ИСУС НАВИН 1:9).

1, 2. а) Од човечка гледна точка, какви шанси за победа над Ханаанците имале Израелците? б) Во што го уверил Јехова Исус Навин?

ВО 1473 година пр.н.е., Израелците биле спремни да влезат во Ветената земја. Во врска со тешкотиите што им претстоеле, Мојсеј го потсетил народот: „Денес преминуваш преку Јордан за да влезеш во таа земја и да освоиш народи помоќни и поголеми од тебе, градови големи и до небо утврдени, голем народ со висок раст, синови на Енак... за кои чу дека се зборува: ‚Кој може да се одржи пред синовите на Енак?‘“ (5. Мојсеева 9:1, 2). Да, за тие џиновски војници се зборувало насекаде! Освен тоа, некои ханаански народи имале добро опремени војски, со коњи и коли што имале железни сечила на тркалата (Судиите 4:13).

2 Од друга страна, пак, Израелците биле само робови кои штотуку поминале 40 години во пустината. Затоа, од човечка гледна точка, немале никакви шанси да победат. Сепак, Мојсеј имал вера — тој можел да „гледа“ како Јехова ги води (Евреите 11:27). „Јехова, твојот Бог, оди пред тебе“, му рекол Мојсеј на народот. „Ќе ги истреби и ќе ги покори пред тебе“ (5. Мојсеева 9:3; Псалм 33:16, 17). По смртта на Мојсеј, Јехова го уверил Исус Навин дека ќе му помага, велејќи му: „Стани, помини преку овој Јордан, ти и целиот овој народ, во земјата што им ја давам ним, на синовите на Израел! Никој не ќе може да се одржи пред тебе во сите денови на твојот живот. Јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеј“ (Исус Навин 1:2, 5).

3. Што му помогнало на Исус Навин да има вера и да биде храбар?

3 За да добие помош и водство од Јехова, Исус Навин морал да го чита и длабоко да размислува за Божјиот закон и да се држи за него. „Тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“, рекол Јехова. „Ти заповедам уште еднаш: биди храбар и силен! Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова, твојот Бог, каде и да појдеш!“ (Исус Навин 1:8, 9). Бидејќи Исус Навин го слушал Бог, тој бил храбар, силен и успешен. Меѓутоа, повеќето Израелци од неговата генерација не го слушале Бог. Затоа не биле успешни и умреле во пустината.

Еден безверен народ не е доволно храбар

4, 5. а) Каква разлика може да се направи помеѓу ставот на десетте извидници и ставот на Исус Навин и Халев? б) Како реагирал Јехова кога народот не покажал доволно вера?

4 Четириесет години претходно, кога Израел првпат се нашол во близината на Ханаан, Мојсеј испратил 12 мажи за да ја извидат земјата. Десет од нив се вратиле исплашени. „Сите луѓе што ги видовме во неа се луѓе со необично крупна става“, велеле тие. „Таму видовме џинови, синови на Енак, од џиновски род [нефили, фуснота]. Ни се чинеше дека спрема нив сме како скакулци.“ Дали биле џинови „сите луѓе“, а не само синовите на Енак? Не. Дали синовите на Енак биле потомци на нефилите, кои живееле пред Потопот? Се разбира дека не! Сепак, поради ваквите извртувања на работите, низ логорот се раширил страв. Народот дури и сакал да се врати во Египет, во земјата каде што биле робови! (4. Мојсеева 13:31 — 14:4).

5 Двајца од извидниците, Исус Навин и Халев, имале силна желба да влезат во Ветената земја. ‚Можеме да ги изедеме Ханаанците како леб‘, рекле тие. „Нивното засолниште отстапило од нив, а со нас е Јехова. Не плашете се од нив!“ (4. Мојсеева 14:9). Дали Исус Навин и Халев немале никаква основа за оптимизам? Се разбира дека имале! Исто како и сите други Израелци, тие виделе кога Јехова го понижил моќниот Египет и неговите богови со тоа што им ги нанел Десетте неволји. Потоа виделе како Јехова ги удавил во Црвеното Море фараонот и неговата војска (Псалм 136:15). Јасно е дека немало никаков изговор за стравот што го покажале десетте извидници и оние што потпаднале под нивно влијание. „До кога нема да ми веруваат и покрај сите чуда што ги направив меѓу нив?“, рекол Јехова, покажувајќи дека е длабоко повреден (4. Мојсеева 14:11).

6. Каква е врската помеѓу храброста и верата, и како може да се види тоа во денешно време?

6 Јехова јасно кажал што лежи во коренот на проблемот — плашливоста на луѓето покажала дека тие немаат доволно вера. Да, верата и храброста се тесно поврзани, и тоа толку многу што апостол Јован можел да го напише следново во врска со христијанското собрание и неговата духовна војна: „Ова е победата која го победи светот: нашата вера“ (1. Јованово 5:4). Денес, благодарение на верата како онаа на Исус Навин и Халев, добрата вест за Царството ја проповедаат во целиот свет преку шест милиони Сведоци на Јехова, и млади и стари, и силни и немоќни. Ниеден непријател не успеал да ја замолкне оваа силна, храбра војска (Римјаните 8:31).

Не ‚се повлекувај‘

7. Што значи ‚да се повлечеш‘?

7 Јеховините слуги денес храбро ја проповедаат добрата вест затоа што се истомисленици со апостол Павле, кој напишал: „Ние не сме од оние што се повлекуваат, па одат во пропаст, туку од оние што веруваат и си го спасуваат животот“ (Евреите 10:39). ‚Да се повлечеш‘, како што спомнал Павле, не значи само привремено да се уплашиш од нешто, бидејќи на многу верни слуги на Бог понекогаш им било страв (1. Самоилова 21:12; 1. Царевите 19:1-4). Еден речник на библиски зборови објаснува дека тој израз значи „да отстапиш назад“, да „попуштиш во вистината“. Истиот речник додава дека ‚да се повлечеш‘ можеби е метафора што пренесува слика на „спуштање на бродското едро и забавување“ во Божјата служба. Се разбира, оние што имаат цврста вера не ни помислуваат да „забават“ кога ќе се појават проблеми — сеедно дали се работи за прогонство, слабо здравје или некое друго искушение. Наместо тоа, продолжуваат да му служат на Јехова, свесни дека тој многу се грижи за нив и ги знае нивните ограничувања (Псалм 55:22; 103:14). Дали и ти имаш таква вера?

8, 9. а) Како им ја зајакнал Јехова верата на првите христијани? б) Што можеме да направиме за да си ја зајакнеме верата?

8 Едно време апостолите почувствувале дека немаат доволно вера, па затоа му рекле на Исус: „Дај ни уште вера“ (Лука 17:5). Оваа нивна искрена молба била услишена, особено на Педесетница 33 година од н.е., кога врз учениците бил излеан свет дух што им бил ветен и им помогнал подлабоко да ги разберат Божјата реч и намера (Јован 14:26; Дела 2:1-4). Кога верата им била зајакната, учениците почнале една проповедничка кампања со која добрата вест допрела до „сите суштества под небото“ и покрај тоа што имало противење (Колошаните 1:23; Дела 1:8; 28:22).

9 За да си ја зајакнеме верата и да напредуваме во службата, и ние мораме да го проучуваме Светото писмо, да размислуваме за него и да се молиме за свет дух. Само ако ја врежеме Божјата вистина во умот и во срцето — како што направиле Исус Навин, Халев и христијаните од првиот век — ќе имаме вера која ни ја дава храброста што ни е потребна за да ја водиме нашата духовна борба и да победиме (Римјаните 10:17).

Не е доволно само да се верува дека постои Бог

10. Што опфаќа вистинската вера?

10 Како што покажале верните луѓе од минатото, за да имаме вера што влева храброст и истрајност не е доволно само да веруваме дека постои Бог (Јаков 2:19). Потребно е да го запознаеме Јехова како личност и да имаме потполна доверба во него (Псалм 78:5-8; Изреки 3:5, 6). Таквата вера значи да веруваме со сето срце дека држењето на Божјите закони и начела е за наше најголемо добро (Исаија 48:17, 18). Исто така, верата значи да бидеме сосема уверени дека Јехова ќе ги исполни сите свои ветувања и ќе ги ‚награди оние што ревносно го бараат‘ (Евреите 11:1, 6; Исаија 55:11).

11. На кој начин Исус Навин и Халев биле благословени за нивната вера и храброст?

11 Таквата вера постојано расте. Таа се зголемува додека ја применуваме вистината во нашиот живот, додека ‚ги вкусуваме‘ благословите и ‚го гледаме‘ одговорот на нашите молитви, и додека на разни други начини го чувствуваме Јеховиното водство во нашиот живот (Псалм 34:8; 1. Јованово 5:14, 15). Можеме да бидеме сигурни дека верата на Исус Навин и Халев се зајакнала додека ја вкусувале Божјата добрина (Исус Навин 23:14). Размисли за следново: Тие останале живи за време на 40-годишното талкање низ пустината, како што им ветил Бог (4. Мојсеева 14:27-30; 32:11, 12). Учествувале во шестгодишното освојување на Ханаан. И на крајот, имале долг живот и добро здравје, па дури и добиле свое лично наследство. Јехова навистина ги наградува оние што му служат верно и храбро! (Исус Навин 14:6, 9-14; 19:49, 50; 24:29).

12. На кој начин Јехова ‚ја прави величествена својата Реч‘?

12 Милоста што ја покажал Бог кон Исус Навин и Халев нѐ потсетува на следниве зборови на псалмистот: „Својата реч ја направи повеличествена од своето име“ (Псалм 138:2). Кога Јехова ќе се заколне во своето име дека ќе исполни некое ветување, исполнувањето на она што го ветил е ‚величествено‘ во таа смисла што ги надминува сите очекувања (Ефешаните 3:20). Да, Јехова никогаш не ги разочарува оние што му служат со радост (Псалм 37:3, 4).

Човек што ‚му угодил на Бог‘

13, 14. Зошто на Енох му биле потребни вера и храброст?

13 Можеме да научиме многу за верата и за храброста ако размислиме за примерот што го дал еден друг претхристијански сведок — Енох. Уште пред да почне да пророкува, Енох веројатно знаел дека неговата вера и храброст ќе бидат испитани. Како? Затоа што Јехова кажал во еденската градина дека ќе постои непријателство, или омраза, помеѓу оние што му служат на Бог и оние што му служат на Сатана Ѓаволот (1. Мојсеева 3:15). Енох исто така знаел дека оваа омраза се појавила на самиот почеток од човечката историја, кога Каин го убил својот брат Авел. Всушност, нивниот татко, Адам, живеел речиси уште 310 години откако бил роден Енох (1. Мојсеева 5:3-18).

14 Меѓутоа, и покрај таквите околности, Енох храбро ‚одел со вистинскиот Бог‘ и ги осудил ‚дрските зборови‘ што ги кажувале луѓето против Јехова (1. Мојсеева 5:22; Јуда 14, 15). Изгледа дека поради тоа што бестрашно му служел на вистинскиот Бог, Енох си стекнал многу непријатели и животот му бил во опасност. Во овој случај, Јехова го поштедил својот пророк од смртните маки. Откако му открил на Енох „дека му угодил на Бог“, Јехова ‚го пренел‘ од живот во смрт, можеби за време на еден пророчки транс (Евреите 11:5, 13; 1. Мојсеева 5:24).

15. Каков убав пример им дал Енох на Јеховините слуги денес?

15 Веднаш откако го спомнал пренесувањето на Енох, Павле повторно нагласил колку е важна верата, велејќи: „А без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евреите 11:6). Да, верата му дала на Енох храброст да оди со Јехова и да ги објавува неговите пресуди во еден безбожен свет. Во тоа Енох ни дал добар пример. Ние имаме слична задача во еден свет што се противи на обожавањето на вистинскиот Бог и што е исполнет со секаква злоба (Псалм 92:7; Матеј 24:14; Откровение 12:17).

Храброст што произлегува од стравот од Бог

16, 17. Кој бил Авдија, и во каква ситуација се нашол?

16 Освен верата, има уште една особина што ни помага да бидеме храбри, а тоа е стравот од Бог. Да го разгледаме извонредниот пример на еден богобојазлив човек што живеел во времето на пророкот Илија и на царот Ахав, кој владеел над северното царство Израел. За време на царувањето на Ахав, обожавањето на Ваал навлегло во северното царство и се раширило во невидени размери. Всушност, 450 пророци на Ваал и 400 пророци на обредниот дирек, кој бил фалусен симбол, ‚јаделе на трпезата на Језавела‘, жената на Ахав (1. Царевите 16:30-33; 18:19).

17 Како безмилосен непријател на Јехова, Језавела се обидела да го искорени од земјата обожавањето на вистинскиот Бог. Таа убила некои од Јеховините пророци, а се обидела да го убие дури и Илија, кој по Божја наредба избегал од другата страна на Јордан (1. Царевите 17:1-3; 18:13). Можеш ли да си замислиш колку било тешко да се биде на страната на чистото обожавање во северното царство во тоа време? А уште потешко ќе ти било ако си работел во царската палата! Во таква ситуација се нашол богобојазливиот Авдија, * кој бил управител на домот на Ахав (1. Царевите 18:3).

18. Што било исклучително кај Авдија како обожавател на Јехова?

18 Без сомнение Авдија бил и претпазлив и внимателен додека му служел на Јехова. Сепак, не правел компромиси. Всушност, во 1. Царевите 18:3 стои: „Авдија се боеше многу од Јехова“. Да, Авдија многу се плашел од Бог! Ваквиот оправдан страв, пак, му влевал исклучителна храброст, како што можело да се види веднаш откако Језавела ги убила пророците на Јехова.

19. Како ја покажал Авдија својата храброст?

19 Во Библијата читаме: „Кога Језавела ги убиваше Јеховините пророци, Авдија зеде сто пророци и ги скри, по педесет во една пештера, па им носеше леб и вода“ (1. Царевите 18:4). Како што можеш да си замислиш, многу било опасно тајно да се хранат стотина мажи. Не само што Авдија морал да внимава да не го фатат Ахав и Језавела, туку морал да внимава да не го откријат ни 850-те лажни пророци што доаѓале во палатата. Освен тоа, многуте обожаватели на лажни богови во земјата, од селани до кнезови, несомнено би ја искористиле секоја прилика да го разоткријат Авдија и со тоа да ја стекнат наклоноста на царот и царицата. Сепак, токму пред носот на сите овие идолопоклоници, Авдија храбро водел грижа за Јеховините пророци. Колку силен може да биде стравот од Бог!

20. Како му помогнал на Авдија стравот од Бог, и како ти помага неговиот пример?

20 Бидејќи Авдија покажал храброст што му ја влеал неговиот страв од Бог, Јехова го штител од неговите непријатели. Во Изреки 29:25 стои: „Кој се тресе од страв од човек, си поставува замка, а кој се надева на Јехова, ќе биде заштитен“. Авдија не бил нешто повеќе од другите луѓе — и тој се плашел да не го фатат и убијат, исто како што би се плашеле и ние (1. Царевите 18:7-9, 12). Сепак, стравот од Бог му влеал храброст да совлада секаков страв од човек. Авдија е добар пример за сите нас, особено за оние што ја ризикуваат својата слобода, па дури и својот живот, додека му служат на Бог (Матеј 24:9). Да, сите да му служиме на Јехова „со страв и со страхопочит“ (Евреите 12:28).

21. Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Верата и стравот од Бог не се единствените особини што ни помагаат да бидеме храбри — љубовта може да биде уште поголема сила. „Бог не ни даде дух кој нѐ прави плашливи, туку дух кој ни дава сила, љубов и разборитост“, напишал Павле (2. Тимотеј 1:7). Во следната статија ќе видиме како може љубовта да ни помогне да му служиме храбро на Јехова во овие особено тешки последни денови (2. Тимотеј 3:1).

[Фуснота]

^ пас. 17 Не станува збор за пророкот Авдија.

Можеш ли да одговориш?

• Што им помогнало на Исус Навин и на Халев да бидат храбри?

• Што вклучува вистинската вера?

• Зошто Енох можел бестрашно да ги објавува Божјите осуди?

• Како стравот од Бог ни помага да бидеме храбри?

[Прашања]

[Слика на страници 16 и 17]

Јехова му заповедал на Исус Навин: „Биди храбар и силен“

[Слика на страница 18]

Авдија се грижел за Божјите пророци и ги штител

[Слики на страница 19]

Енох смело ја кажувал Божјата реч