Зошто да не одиме во крајности?
Зошто да не одиме во крајности?
ЈЕХОВА е најдобриот пример за урамнотеженост. „Делото му е совршено“, и неговата правда никогаш не е бесчувствителна бидејќи секогаш е придружена со милост (5. Мојсеева 32:4). Неговата љубов никогаш не е непринципиелна, бидејќи тој постапува во склад со совршени закони (Псалм 89:14; 103:13, 14). Кога биле создадени, нашите прародители биле урамнотежени во секој поглед. Не оделе во никакви крајности. Меѓутоа, откако направиле грев, настанал еден „дефект“ — несовршенството — поради кој ја изгубиле таа урамнотеженост (5. Мојсеева 32:5).
Да дадеме еден пример: Дали некогаш си се возел во автомобил или со велосипед чија гума била испакната на едно место? Поради таа деформација, возењето сигурно не било пријатно и безбедно. Таквата гума треба да се поправи пред да се испакне уште повеќе и да пукне. Слично на тоа, нашата несовршена личност е склона кон неправилности. Ако им дозволиме на тие „испакнатини“ да станат уште поголеми, нашето патување низ животот може да биде многу непријатно, па дури и опасно.
Понекогаш може да отидеме во крајност и со нашите убави особини, со нашите јаки страни. На пример, иако со Мојсеевиот закон од Израелците се барало да носат реси на скутовите од своите облеки, фарисеите што живееле во времето на Исус сакале да се издвојуваат од обичниот народ и претерано ‚ги продолжувале ресите на своите облеки‘. Тоа го правеле за да изгледаат попобожни од другите луѓе (Матеј 23:5; 4. Мојсеева 15:38-40).
Денес, некои луѓе се обидуваат да привлечат внимание врз себе на секој можен начин, макар и со тоа што ќе ги шокираат другите. Всушност, можеби тоа им е само очајнички повик: „Забележете ме! И јас постојам!“ Но, еден христијанин нема да ги задоволи своите вистински потреби ако оди во крајности во облекувањето, ставот и постапките.
Урамнотежено гледиште кон работата
Кои и да сме и каде и да живееме, задоволувачката работа е едно нешто што ни помага да водиме смисловен живот. Создадени сме со желба таквата работа да ни причинува задоволство (1. Мојсеева 2:15). Затоа, Библијата ја осудува мрзливоста. Апостол Павле јасно рекол: „Ако некој не сака да работи, нека и не јаде!“ (2. Солуњаните 3:10). Всушност, со несериозниот став кон работата не само што ќе станеме сиромашни и незадоволни туку и нема да му бидеме мили на Бог.
Многу луѓе одат во другата крајност и стануваат работохоличари, или зависници од работата, кои намерно ѝ робуваат на работата. Излегуваат од дома рано наутро и се враќаат доцна навечер, и можеби си мислат дека нивната работа е во најдобар интерес на семејството. Сепак, можеби токму нивните семејства се жртви на таквата посветеност на работата. Една домаќинка, чиј сопруг често останува прекувремено на работа, вели: „Со задоволство би дала сѐ што имам во оваа луксузна куќа само за да може маж ми да биде овде со мене и со децата“. Оние што намерно работат премногу треба сериозно да размислат за она што го рекол цар Соломон од свое лично искуство: „А кога се осврнав на сите свои дела што ги Проповедник 2:11).
направија рацете мои и на целата напорна работа во која се трудев, увидов дека сѐ беше суета и трчање по ветар“ (Да, кога станува збор за работата, не треба да одиме ниту во едната ниту во другата крајност. Треба да бидеме вредни работници, но во исто време не смееме да заборавиме дека, ако ѝ станеме робови на работата, ќе ја изгубиме радоста, а можеби и уште многу други нешта (Проповедник 4:5, 6).
Не оди во крајности во разонодата
Во врска со нашиве времиња, во Библијата е проречено: „Луѓето... повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:2, 4). Трката по задоволство станала една од најефикасните методи на Сатана да ги одвлече луѓето од Бог. Рекреацијата и забавата, како што се екстремните спортови во кои се качува адреналинот, стануваат сѐ попопуларни. Списокот на вакви активности станува сѐ подолг, а бројот на луѓе што се занимаваат со нив е сѐ поголем. Зошто ваквите спортови се толку популарни? Многу луѓе, незадоволни од својот секојдневен живот, бараат начин да доживеат сѐ поголема возбуда. Но, за да ја почувствуваат таа возбуда, треба да се изложуваат на сѐ поголеми ризици. Совесните христијани не се занимаваат со ризични спортови затоа што тие го ценат животот како дар, како и Оној што ни го подарил (Псалм 36:9).
Кога Бог ги создал првите маж и жена, каде ги сместил? Во градината Еден, што на изворниот јазик значи „задоволство“, или „радост“ (1. Мојсеева 2:8). Тоа јасно покажува дека задоволството и радоста во животот биле дел од Јеховината намера за луѓето.
Исус ни дал совршен пример за урамнотежено гледиште кон разонодата. Тој бил сосема посветен на вршењето на Јеховината волја и ни за момент не престанал да живее според Божјите закони и начела. Одвојувал време за оние на кои им требало помош, дури и кога бил уморен (Матеј 14:13, 14). Да, Исус прифаќал покани на оброци и одвојувал време за одмор и освежување. Се разбира, знаел дека некои непријатели го критизирале затоа што го правел сето тоа. Тие рекле: „Гледај, ненаситник и пијаница“ (Лука 7:34; 10:38; 11:37). Но, Исус не сметал дека вистинската побожност значи човек да се откаже од сите задоволства во животот.
Јасно е дека ќе биде мудро да избегнуваме секаква крајност во врска со разонодата. Ако во животот ни се најважни задоволството и рекреацијата, никогаш нема да бидеме вистински среќни. Како последица од тоа, може да се случи да ги запоставиме поважните работи, вклучувајќи го и нашето пријателство со Бог. Сепак, не треба да се откажеме од сите задоволства, ниту да ги критикуваме оние што на еден урамнотежен начин уживаат во животот (Проповедник 2:24; 3:1-4).
Биди среќен живеејќи урамнотежено
Ученикот Јаков напишал: „Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2). Можеби гледаме дека ова важи и за нас додека се трудиме да не одиме во крајности. Што може да ни помогне да останеме урамнотежени? Па, треба да си ги препознаеме своите јаки и слаби страни. Не е лесно да бидеме објективни. Би можеле да одиме во некоја крајност без да бидеме свесни за тоа. Затоа, ќе биде мудро да останеме близу до другите зрели христијани и да слушаме урамнотежени совети (Галатите 6:1). Би можеле да побараме такви совети од некој доверлив пријател или од некој искусен старешина во собранието. Заедно со Светото писмо, таквите библиски совети можат да ни послужат како „огледало“ за да провериме како изгледаме навистина во очите на Јехова (Јаков 1:22-25).
За среќа, не сме осудени на живот во кој ќе одиме од една крајност во друга. Ако вложиме труд и ако бараме помош од Јехова, можеме да бидеме урамнотежени и среќни. Така, може да ни се подобри односот со христијанските браќа и сестри, и можеме да им бидеме уште подобар пример на оние на кои им проповедаме. А што е најважно од сѐ, ќе бидеме уште послични на Јехова — нашиот урамнотежен Бог кој многу нѐ сака (Ефешаните 5:1).
[Извор на слика на страница 28]
©Greg Epperson/age fotostock