Мажи — угледајте се на Христовото поглаварство
Мажи — угледајте се на Христовото поглаварство
„Глава на секој маж е Христос“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 11:3).
1, 2. а) По што го мерат некои успехот на еден маж? б) Зошто е многу важно да се признае дека бракот е основан од Бог?
ПО ШТО би проценил дали еден маж е успешен? По неговите интелектуални и физички способности? Според тоа дали добро заработува? Или најмногу според тоа дали покажува љубов и нежност кон својата жена и деца? Што се однесува до последнава работа, може да се рече дека на многу мажи не им е јака страна, бидејќи врз нив влијае духот на светот и човечките мерила. Зошто? Во голема мерка затоа што не го признаваат и не го применуваат водството што им го дава Основачот на бракот — Оној кој ‚од реброто што го зел од човекот направил жена и му ја довел на човекот‘ (1. Мојсеева 2:21-24).
2 Исус Христос потврдил дека е вистинит овој библиски извештај што покажува дека бракот е основан од Бог, велејќи им на оние што го критикувале: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил [во брак], човек да не разделува“ (Матеј 19:4-6). Факт е дека клучот за успешен брак лежи во тоа да се признае дека бракот е основан од Бог и дека неговиот успех зависи од тоа дали се применуваат поуките што се наоѓаат во Божјата реч, Библијата.
Клуч за да се биде успешен маж
3, 4. а) Од каде Исус знае толку многу за бракот? б) Која е симболичната жена на Исус, и како треба мажите да постапуваат со своите жени?
3 За да може еден сопруг да биде успешен, треба да проучи што рекол Исус и да постапува онака како што постапувал тој. Исус знае многу за бракот, бидејќи бил присутен кога биле создадени првите маж и жена и кога бил склопен нивниот брак. Јехова Бог му рекол: „Да направиме човек според нашиот лик, сличен на нас“ (1. Мојсеева 1:26). Да, Бог му зборувал на Оној што го имал создадено пред секое друго суштество и пред секое друго нешто и што бил „крај него како вешт градител“ (Изреки 8:22-30). Тоа е Оној што е „првороден од сѐ што е создадено“. Тој е „почетокот на Божјите дела на создавање“ и постоел дури и пред да настане целата вселена (Колошаните 1:15; Откровение 3:14).
4 Исус е наречен „Божјето Јагне“ и симболично е претставен како сопруг. Еднаш, еден ангел рекол: „Дојди, ќе ти ја покажам невестата, жената на Јагнето“ (Јован 1:29; Откровение 21:9). Која е таа невеста, односно жена? „Жената на Јагнето“ ја сочинуваат Христовите верни следбеници помазани со свет дух, кои ќе владеат заедно со него од небото (Откровение 14:1, 3). Според тоа, начинот на кој Исус постапувал со своите ученици кога бил со нив на Земјата им служи како пример на мажите за тоа како да постапуваат со своите жени.
5. Кому Исус му служи како пример?
5 Точно, во Библијата Исус е претставен како пример на кој треба да се угледаат сите негови следбеници. Во неа читаме: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Сепак, тој е пример особено за мажите. Во Библијата стои: „Глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3). Бидејќи Христос е глава на мажот, мажите треба да го следат неговиот пример. Значи, за семејството да биде успешно и среќно, мора да се примени начелото за поглаварство. За таа цел, во односот со својата жена мажот треба да постапува со исто толкава љубов како што постапува Исус со својата симболична жена, своите помазани ученици.
Како да се решаваат брачните проблеми
6. Во склад со 1. Петрово 3:7, како треба мажите да живеат со своите жени?
6 Особено во денешниов немирен свет, мажите треба да се угледаат на Исусовиот пример и да бидат стрпливи, да покажуваат љубов и цврсто да се држат за праведните начела (2. Тимотеј 3:1-5). Во врска со примерот што го дал Исус, во Библијата е запишано: „Вие, мажи, живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле“ (1. Петрово 3:7). Да, мажите треба да ги решаваат брачните проблеми во склад со она што го научиле, исто како што се справувал со тешкотиите и Исус. Тој претрпел повеќе од кој и да е друг човек, но знаел дека причината за тоа се Сатана, неговите демони и овој злобен свет (Јован 14:30; Ефешаните 6:12). Исус никогаш не се изненадувал кога ќе се појавеле неволји, па ни брачните партнери не треба да бидат изненадени кога ќе имаат „телесни неволји“. Библијата однапред кажува дека оние што стапуваат во брак треба да очекуваат дека ќе имаат такви неволји (1. Коринќаните 7:28).
7, 8. а) Што значи тоа мажите да живеат со своите жени во склад со она што го научиле? б) Зошто жените заслужуваат да бидат почитувани?
7 Библијата вели дека мажите треба да живеат со своите жени ‚во склад со она што го научиле, почитувајќи ги како послаби садови‘ (1. Петрово 3:7). Наместо сурово да господари над својата жена, како што е проречено во Библијата за мажите, мажот што постапува исправно во Божји очи ќе ја почитува жената (1. Мојсеева 3:16). Тој ќе постапува со неа како со нешто скапоцено, и никогаш нема да ја употреби својата поголема физичка сила за да ја повреди. Наместо тоа, ќе мисли на нејзините чувства и секогаш ќе се однесува со неа со ценење и достоинство.
8 Зошто е исправно мажите да ги почитуваат своите жени? Библијата го дава одговорот: „Зашто и тие со вас се наследници на незаслужениот дар на животот. Во спротивно, вашите молитви ќе наидат на препрека“ (1. Петрово 3:7). Мажите треба да сфатат дека во очите на Јехова, еден маж што го обожава Бог во ниеден поглед не е нешто подобар од жената што го обожава Бог. Жените што постапуваат исправно во Божји очи ќе бидат наградени со вечен живот исто како и мажите — а многу од нив ќе живеат дури и на небото, каде што „нема ни машко ни женско“ (Галатите 3:28). Затоа, мажите треба да имаат на ум дека за Бог е скапоцен секој што му е верен, без разлика дали е маж или жена, сопруг или сопруга, па дури и дете (1. Коринќаните 4:2).
9. а) Според она што го рекол Петар, од која причина мажите треба да ги почитуваат своите жени? б) Како Исус покажал дека ги почитува жените?
9 Потребата мажот да постапува со почит кон својата жена ја нагласил апостол Петар кога на крајот рекол: „Во спротивно, вашите молитви ќе наидат на препрека“. Колку опасна може да биде таквата препрека! Однесувањето на мажот би можело дури и да спречи да бидат чуени неговите молитви, како што им се случило на некои несовесни Божји слуги во минатото (Плач Еремиин 3:43, 44). Мудро е христијанските мажи — не само оние што се во брак туку и оние што размислуваат за брак — добро да го проучат достоинствениот начин на кој Исус постапувал со жените. Тој ги примил во групата што одела со него во служба на проповедање, и со нив постапувал љубезно и со ценење. Еднаш, Исус им открил една неверојатна вистина најнапред на некои жени, и им рекол да појдат и да им кажат и на мажите! (Матеј 28:1, 8-10; Лука 8:1-3).
Пример особено за мажите
10, 11. а) Зошто особено мажите треба добро да го проучат Исусовиот пример? б) Како треба мажите да покажат љубов кон своите жени?
10 Како што спомнавме претходно, Библијата го споредува односот на мажот кон неговата жена со односот на Христос кон неговата „невеста“, т.е. собранието од неговите помазани следбеници. Во Библијата стои: „Мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието“ (Ефешаните 5:23). Овие зборови треба да ги поттикнат мажите да разгледаат какво поглаварство, односно водство, им дал Исус на своите следбеници. Само ако го сторат тоа, мажите ќе можат добро да го следат Исусовиот пример и да им пружат на своите жени водство, љубов и грижа, како што направил Исус за собранието.
11 „Мажи, сакајте ги своите жени“, ги поттикнува Библијата христијаните, „како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Ефешаните 5:25). Во претходното поглавје од Ефешаните, „собранието“ е наречено „Христовото тело“. Ова симболично тело е составено од многу членови од двата пола, и сите придонесуваат телото да функционира добро. Се разбира, Исус е „глава на телото, на собранието“ (Ефешаните 4:12; Колошаните 1:18; 1. Коринќаните 12:12, 13, 27).
12. На кој начин Исус покажал љубов кон своето симболично тело?
12 Исус покажал љубов кон своето симболично тело, „собранието“, особено со тоа што грижливо служел во интерес на оние што станувале негови членови. На пример, кога учениците биле уморни, тој им рекол: „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“ (Марко 6:31). Кога раскажувал што правел Исус само неколку часа пред да биде погубен, еден од неговите апостоли напишал: „Бидејќи ги сакаше своите [т.е., членовите на своето симболично тело]... им покажуваше љубов до крај“ (Јован 13:1). Колку убав пример дал Исус за тоа како треба мажот да постапува со својата жена!
13. Со кои зборови мажите се советувани да ги сакаат своите жени?
13 Продолжувајќи да го користи примерот што Исус им го дал на мажите, апостол Павле ги советувал: „Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела. Кој ја сака својата жена, се сака самиот себе. Зашто, никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува, како и Христос собранието“. Павле понатаму рекол: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе“ (Ефешаните 5:28, 29, 33).
14. Како постапува мажот со своето несовршено тело, и што покажува тоа за начинот на кој треба да постапува со својата жена?
14 Размисли малку за она што го рекол Павле. Дали еден човек со здрав разум намерно ќе го повреди своето тело? Кога некој човек ќе си го удри прстот на ногата, дали го тепа затоа што се спрепнал? Се разбира дека не! Дали еден маж се понижува себеси пред пријателите или насекаде ги разгласува своите пропусти? Не! Тогаш, зошто би ја напаѓал жена си со својот јазик или на уште полош начин ако таа згреши нешто? Мажот не треба да си гледа само за својата корист, туку и за користа на својата жена (1. Коринќаните 10:24; 13:5).
15. а) Што направил Исус кога неговите ученици покажале човечка слабост? б) Што може да се научи од неговиот пример?
15 Размисли како Исус покажал колку се грижи за своите ученици ноќта пред да умре, кога тие покажале една човечка слабост. И покрај тоа што во градината Гетсиманија двапати ги опоменал да се молат, ним трипати им се случило да заспијат. Одеднаш, ги опкружиле вооружени мажи. Исус ги прашал: „Кого барате?“ Кога тие одговориле: „Исус Назареќанецот“, им одговорил: „Јас сум тој“. Свесен дека ‚дошол часот‘ на неговата смрт, им рекол: „Ако ме барате мене, пуштете ги овие да си одат!“ Исус никогаш не престанал да мисли на доброто на своите ученици — кои биле дел од неговата симболична невеста — и се погрижил да се спасат. Ако добро проучи како постапувал Исус со своите ученици, секој маж ќе најде многу начела што ќе може да ги примени во односот со својата жена (Јован 18:1-9; Марко 14:34-37, 41).
Исусовата љубов не се темели само на емоции
16. Каков бил односот помеѓу Исус и Марта, но како тој ѝ ја исправил грешката?
16 Библијата вели: „Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар“, и често одел на гости кај нив (Јован 11:5). Сепак, Исус не пропуштил да ја посоветува Марта кога обрнала преголемо внимание на еден оброк што го подготвувала, па затоа имала помалку време да ги чуе неговите духовни поуки. Тој рекол: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а малку е потребно, или само едно“ (Лука 10:41, 42). Без сомнение, на Марта не ѝ било тешко да го прифати неговиот совет затоа што знаела дека Исус има пријателски чувства кон неа. Слично, и мажите треба да бидат љубезни и нежни со своите жени и добро да бираат зборови кога разговараат со нив. Сепак, кога треба во нешто да ги исправат, на место е отворено да зборуваат за тоа со нив, како што направил Исус.
17, 18. а) Како му приговорил Петар на Исус, и зошто Петар заслужил исправка? б) Каква одговорност има сопругот?
17 Во една друга ситуација, Исус им објаснил на своите апостоли дека мора да оди во Ерусалим, каде што ќе пострада од ‚старешините, од главните свештеници и од книжниците, и ќе биде убиен и на третиот ден ќе воскресне‘. На овие зборови, Петар го тргнал Исус настрана и почнал да го прекорува, велејќи му: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе!“ Јасно, гледиштето на Петар било замаглено од емоции и затоа заслужил исправка. Исус му рекол: „Бегај од мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Матеј 16:21-23).
18 Исус само што им кажал која била Божјата волја — многу да пострада и да биде убиен (Псалм 16:10; Исаија 53:12). Затоа, воопшто не било на место Петар да му приговори на Исус. Да, на Петар требало да му се даде строга исправка, исто како што понекогаш ни треба на сите нас. Како поглавар на семејството, сопругот има авторитет и одговорност да ги исправи членовите на семејството, вклучувајќи ја и својата жена. Иако при тоа можеби ќе треба да покаже цврст став, тој ќе постапи љубезно и со љубов. Значи, исто како што Исус му помогнал на Петар исправно да гледа на работите, понекогаш и мажите ќе треба да им помогнат во тоа на своите жени. На пример, можеби мажот ќе треба љубезно да ѝ посочи на жена си зошто ќе треба да промени нешто во својата облека, во накитот или во шминката што ја користи доколку повеќе не се толку скромни како што ни се препорачува во Светото писмо (1. Петрово 3:3-5).
Добро е мажите да бидат стрпливи
19, 20. а) Кој проблем се појавил меѓу апостолите на Исус, и како постапил Исус? б) Што постигнал Исус со својата постапка?
19 Ако треба да укаже на некоја грешка, мажот не треба секогаш да очекува дека неговите искрени напори да ја поправи таа грешка ќе наидат веднаш на успех. Исус постојано требало да се труди да ги исправи ставовите на своите апостоли. На пример, меѓу нив се појавило соперништво, кое повторно дошло до израз при крајот на Исусовата служба. Тие се расправале за тоа кој од нив е поголем, односно поважен (Марко 9:33-37; 10:35-45). Кратко откако до истата расправија дошло и по вторпат, Исус направил подготовки да ја прослави својата последна Пасха насамо со нив. Кога се собрале, ниту еден од нив не се понудил да им ги измие правливите нозе на другите, што обично го правел некој од слугите. Исус бил тој што им ги измил нозете. Потоа им рекол: „Ви дадов пример“ (Јован 13:2-15).
20 Ако мажот е понизен како Исус, неговата жена веројатно добро ќе соработува со него и ќе го поддржува. Но, потребно е да биде стрплив. Нешто подоцна истата ноќ кога ја прославувале Пасхата, апостолите повторно се расправале околу тоа кој од нив е најголем (Лука 22:24). За да се променат нечии ставови и однесување, честопати треба време и промените се прават малку по малку. Сепак, голема е радоста кога ќе се постигне успех, како што било и меѓу апостолите!
21. Со оглед на денешните притисоци, на што треба да мислат и што треба да прават мажите што се во брак?
21 Денес, бракот е под поголем притисок од кога и да е порано. Мнозина повеќе не го сфаќаат сериозно својот брачен завет. Затоа, мажи, размислувајте за тоа од кого потекнува бракот. Мислете на тоа дека бракот е основан од нашиот грижлив Бог, Јехова. Тој го дал својот Син, Исус, не само како наш Откупител — наш Спасител — туку и како пример на кој треба да се угледаат мажите што се во брак (Матеј 20:28; Јован 3:29; 1. Петрово 2:21).
Како би одговорил?
• Зошто е важно да бидеме свесни од кого потекнува бракот?
• Како треба мажите да покажат љубов кон своите жени?
• Со кои постапки кон своите ученици Исус дал пример за тоа како треба мажите да спроведуваат поглаварство како неговото?
[Прашања]
[Слика на страница 14]
Зошто мажите треба да го проучат начинот на кој Исус постапувал со жените?
[Слика на страница 15]
Кога учениците биле уморни, Исус бил обѕирен
[Слика на страница 16]
Мажите треба љубезно да ги советуваат своите жени, и при тоа добро да бираат зборови