Древните писари и Божјата реч
Древните писари и Божјата реч
ХЕБРЕЈСКИТЕ СПИСИ биле завршени некаде кон крајот на петтиот век пр.н.е. Во следните векови, еврејски книжевници, особено соферимите и подоцна масоретите, многу совесно се грижеле за зачувување на точноста на хебрејскиот текст. Меѓутоа, најстарите библиски книги датираат од времето на Мојсеј и Исус Навин, илјада години пред појавата на соферимите. Материјалот на кој биле пишувани овие книги бил подложен на оштетување, па затоа свитоците морале да се препишуваат повеќе пати. Што знаеме за работата на писарите во тој ран период? Дали во древниот Израел имало вешти препишувачи?
Најстарите библиски ракописи што ги имаме денес се делови од свитоците од Мртвото Море, а некои од нив датираат од третиот и од вториот век пр.н.е. „Постари примероци од кој и да е дел од Библијата немаме на располагање“, објаснува професор Ален Р. Милард, истражувач на полето на јазиците и археологијата на Блискиот Исток. Тој додава: „Соседните култури можат да ни покажат како работеле древните писари, и таквите сознанија можат да помогнат во проценката на хебрејскиот текст и на неговата историја“.
Првите писари
Пред четири илјади години, во Месопотамија се пишувале историски, религиозни, правни, академски и литературни текстови. Писарските школи цветале, и еден од предметите што се учеле во нив било прецизното препишување на постоечките текстови. Денешните истражувачи наоѓаат само минимални промени во вавилонските текстови што повеќе пати биле препишувани во текот на еден или повеќе милениуми.
Писарството не било ограничено само на Месопотамија. Во The Oxford Encyclopedia of Archaeology in the Near East стои: „Еден вавилонски писар од средината на вториот милениум пр.н.е. веројатно бил добро запознаен со методите на работа во сите писарски центри во Месопотамија, Сирија, Ханаан, па дури и во Египет“. *
Писарскиот занает бил многу ценет во Египет во времето на Мојсеј. Писарите постојано препишувале литературни дела. Таквата дејност е прикажана на декорациите на египетските гробници стари повеќе од четири илјади години. Енциклопедијата што веќе ја цитиравме го вели следново за древните писари од тој ран период: „До вториот
милениум пр.н.е., тие создале збирка од литературни дела во кои биле опишани големите цивилизации на Месопотамија и Египет и во кои бил утврден начинот на работа на професионалниот писар“.Овој „начин на работа“ вклучувал употреба на колофони, односно на белешки што се додавале на крајот на главниот текст. Тие ги содржеле имињата на писарот и на сопственикот на испишаната плочка, датумот, изворот на оригиналот што бил препишан на плочката, бројот на редови итн. Многу често писарот додавал: „Препишано и проверено според оригиналот“. Овие детали покажуваат дека древните препишувачи обрнувале големо внимание на точноста.
Професор Милард, цитиран претходно, вели: „Може да се согледа дека процесот на препишување вклучувал проверка и коригирање, процес што се состоел од методи кои спречувале да се прават грешки. Некои од нив, особено броењето на редовите или на зборовите, се користеле и во традициите на масоретите во раниот Среден век“. Значи, во времето на Мојсеј и Исус Навин, на Средниот Исток веќе владеел ставот дека книжевните дела треба да се препишуваат грижливо и прецизно.
Дали и во Израел имало вешти препишувачи? Што велат доказите што ги содржи самата Библија?
Писарите во древниот Израел
Мојсеј израснал како член на фараоновото домаќинство (2. Мојсеева 2:10; Дела 7:21, 22). Според египтолозите, образованието што го стекнал Мојсеј вклучувало изучување на египетското писмо и барем некои од вештините на писарите. Во својата книга Israel in Egypt, професорот Џејмс К. Хофмаер вели: „Имаме причина да веруваме во библиските преданија според кои Мојсеј знаел да ги запишува настаните, да пишува патеписи и да врши други писарски работи“. *
5. Мојсеева 1:15, каде што Мојсеј запишал: „Така ги зедов поглаварите од вашите племиња... и ви ги поставив за илјаданачалници, стотници, педесетници, десетници и за управители на вашите племиња“. Кои биле тие службеници?
Во Библијата се спомнува дека и други лица во древниот Израел биле вешти во писарскиот занает. Според The Cambridge History of the Bible, Мојсеј „поставил писмени службеници... да ги запишуваат одлуките и други работи“. Овој заклучок се темели наХебрејскиот збор за „службеник“ се појавува повеќе пати во библискиот текст кога се зборува за времето на Мојсеј и Исус Навин. Различни стручни лица објаснуваат дека овој збор значи „секретар за запишување“, „оној што ‚пишува‘ или ‚запишува‘“, и „службено лице што му помага на судијата како секретар“. Тоа што повеќепати се појавува овој хебрејски збор покажува дека во Израел имало прилично многу такви секретари и дека тие имале многу задолженија во раното раководење на израелскиот народ.
Третиот пример се однесува на израелските свештеници. Во Encyclopaedia Judaica стои дека нивните „верски и секуларни обврски налагале да бидат писмени“. На пример, Мојсеј им заповедал на синовите на Леви: „На крајот од секоја седма година,.. читај го овој закон пред сите Израелци“. Свештениците го чувале официјалниот примерок од Законот. Тие го овластувале и го надгледувале неговото препишување (5. Мојсеева 17:18, 19; 31:10, 11).
Размисли за тоа како бил направен првиот примерок на Законот. Во последниот месец од својот живот, Мојсеј им рекол на Израелците: „Кога ќе го преминете Јордан во земјата што ти ја дава Јехова, твојот Бог, постави си големи камења и варосај ги. И напиши ги на нив сите зборови на овој закон“ (5. Мојсеева 27:1-4). По уништувањето на Ерихон и на Гај, Израелците се собрале кај планината Евал, која се наоѓала среде Ветената земја. Таму Исус Навин навистина ‚го препишал законот на Мојсеј‘ врз камењата на еден жртвеник (Исус Навин 8:30-32). Тоа покажува дека луѓето знаеле и да пишуваат и да читаат. Ова значи дека древните Израелци ги имале знаењата и вештините што биле потребни за да ги зачуваат точно своите свети текстови.
Веродостојноста на Светото писмо
По времето на Мојсеј и Исус Навин биле напишани уште многу други свитоци од Хебрејските списи, и од нив биле направени рачно препишани примероци. Кога тие примероци ќе се распаднеле или ќе се оштетеле поради влагата и мувлата, морале да се заменат. Овој процес на препишување траел со векови.
И покрај тоа што препишувачите на Библијата биле многу внимателни, неизбежно било да се вовлечат некои грешки. Но, дали грешките на препишувачите значително го промениле текстот на Библијата? Не. Гледано во целина, тие грешки се незначителни и не влијаат врз целокупната точност на Библијата, како што докажува внимателното споредување на древните ракописи.
За христијаните, гледиштето на Исус Христос за раните библиски книги е потврда дека е точен текстот на Светото писмо. Изразите како што се „Зарем не сте читале во книгата на Мојсеј?“ и „Зарем Мојсеј не ви го даде Законот?“ покажуваат дека во очите на Исус биле веродостојни рачно препишаните примероци што постоеле кога тој бил на Земјата (Марко 12:26; Јован 7:19). Освен тоа, Исус ја потврдил веродостојноста на целокупните Хебрејски списи кога рекол: „Мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“ (Лука 24:44).
Значи, имаме причини да бидеме уверени дека Светото писмо е точно пренесено од древните времиња. Вистина е она што го рекол вдахновениот пророк Исаија: „Тревата се суши, цветот венее, но речта на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:8).
[Фусноти]
^ пас. 6 Исус Навин, кој живеел во средината на вториот милениум пр.н.е., спомнува еден ханаански град наречен Киријат-Сефер, што значи „Град на книгата“ или „Град на писарот“ (Исус Навин 15:15, 16).
^ пас. 12 Дека Мојсеј пишувал правни работи, може да се прочита во 2. Мојсеева 24:4, 7; 34:27, 28 и 5. Мојсеева 31:24-26. Дека напишал песна, се спомнува во 5. Мојсеева 31:22, а дека пишувал за патувањето низ пустината, се спомнува во 4. Мојсеева 33:2.
[Слика на страница 18]
Еден египетски писар додека си ја врши својата работа
[Слика на страница 19]
Најстарите библиски книги датираат од времето на Мојсеј