Се сеќаваш ли?
Се сеќаваш ли?
Уживаше ли во читањето на последните неколку броеви од Стражарска кула? Тогаш види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
• Што можеме да научиме од Исусовата споредба за упорниот домаќин? (Лука 11:5-10)
Оваа споредба покажува каков став треба да имаме кога се молиме. Треба да се молиме упорно, или постојано, особено за Божјиот свет дух (Лука 11:11-13) (15.12., страници 20-22).
• Што учиме од Исусовата споредба во врска со една вдовица и еден судија? (Лука 18:1-8)
Оваа споредба ја нагласува потребата од молитва. За разлика од судијата, Јехова е праведен и сака да ни помогне. Освен тоа, треба да имаме вера како вдовицата од споредбата (15.12., страници 26-28).
• Зошто апостол Павле им рекол на христијаните во Коринт ‚широко да ги отворат своите срца‘? (2. Коринќаните 6:11-13)
Изгледа дека некои во Коринт не ги ценеле соверниците, биле тесногради и со неблагодарно срце. Треба да се трудиме искрено да ги цениме своите соверници, и освен тоа да бидеме отворени за нови пријателства (1.1., страници 9-11).
• За какво обележување со печат станува збор во Откровение 7:3?
Кога Бог ги помазува христијаните со свет дух, тие го добиваат првиот печат. Но, во Откровение 7:3 се зборува за трајно обележување со печат, кога таквите помазаници потполно ја докажале својата лојалност (1.1., страници 30, 31).
• Што можат да научат родителите од библискиот извештај за Самоил?
Како прво, тие треба да ги поучуваат своите деца за Божјата реч, исто како што го поучувале Самоил неговите родители. Освен тоа, треба да ги охрабруваат своите деца животна определба да им биде да му служат на Јехова (15.1., страница 16).
• Како покажуваме дека сме среќни додека чекаме на Јехова?
Ние ‚го очекуваме... Јеховиниот ден‘, со душа го чекаме олеснувањето што ќе настапи кога тој ќе ги уништи сите безбожници (2. Петрово 3:7, 12). Но, иако Јехова едвај чека да му стави крај на злото, тој се воздржува со цел да ги спаси христијаните на начин што ќе го прослави неговото име. Треба да имаме доверба дека Јехова знае кога е вистинското време да дејствува, а во меѓувреме, треба активно да го славиме него (Псалм 71:14, 15) (1.3., страници 17, 18).
• Дали Ное во арката зел по седум од сите видови чисти животни или по седум двојки?
На Ное му било кажано да ‚земе со себе по седум‘ чисти животни (1. Мојсеева 7:1, 2). На хебрејски, изразот „по седум“ буквално гласи „седум седум“. Тој начин на зборување не значи седум двојки, што може да се види од други библиски стихови. Ное очигледно зел по седум животни, три двојки и уште едно што подоцна можел да го принесе како жртва (1. Мојсеева 8:20) (15.3., страница 31).
• Зошто христијаните треба да ‚го набљудуваат‘ исходот од верното однесување на старешините кои предводат?
Апостол Павле нѐ повикува внимателно да ‚го набљудуваме‘ исходот од верното однесување на старешините и да го следиме нивниот пример на вера (Евреите 13:7). Ова го правиме затоа што Божјата реч така бара. Исто така, убедени сме дека старешините искрено се грижат за сите работи поврзани со Царството и ни го мислат најдоброто (1.4., страница 28)