Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ти е реално воскресението?

Дали ти е реално воскресението?

Дали ти е реално воскресението?

„Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (ДЕЛА 24:15).

1. Зошто изгледа дека смртта не може да се избегне?

„ВО ОВОЈ свет ништо не е сигурно освен смртта и даноците.“ Некои велат дека овие зборови, што во 1789 год. ги запишал американскиот државник Бенџамин Франклин, се многу паметни. Но, многу нечесни луѓе го прикриваат данокот за да избегнат да го платат. Сепак, смртта не може да се избегне. Без помош од страна, никој од нас не може да ѝ побегне. Таа ни е зад петици на сите. Со незаситен глад, гробот ги проголтува оние што многу ги сакаме (Изреки 27:20). Но, да разгледаме една утешна мисла.

2, 3. а) Зошто смртта не е толку неизбежна како што си мислат многу луѓе? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Јеховината реч ни дава сигурна надеж дека ќе има воскресение, односно дека луѓето повторно ќе живеат. Ова не е само сон, и никој и ништо во вселената не може да го спречи Јехова да ни ја оствари ваквата надеж. Сепак, за некои луѓе смртта не е толку неизбежна како што си мислат многумина. Зошто? Затоа што едно неброено „големо мноштво луѓе“ ќе ја преживее „големата неволја“ што ќе дојде наскоро (Откровение 7:9, 10, 14). Тие ќе продолжат да живеат, и ќе можат да живеат вечно. Значи, за нив смртта не е неизбежна. Освен тоа, ‚смртта ќе биде уништена‘ (1. Коринќаните 15:26).

3 Треба да бидеме уверени дека ќе има воскресение, исто како што бил уверен и апостол Павле, кој рекол: „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Да разгледаме три прашања во врска со воскресението. Прво, зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе има воскресение? Второ, како може тебе лично да те утеши надежта во воскресение? И трето, како може оваа надеж да влијае врз твојот живот сега?

Сигурно ќе има воскресение

4. Зошто воскресението е неопходно за да се исполни Јеховината намера?

4 Има многу фактори што покажуваат дека сигурно ќе има воскресение. Прво, тоа е неопходно за да се исполни Јеховината намера. Како што знаеш, Сатана ги навел луѓето на грев, а неизбежна последица од гревот била смртта. Затоа, кога зборувал за Сатана, Исус рекол: „Тој е човекоубиец откако се побуни“ (Јован 8:44). Но, Јехова ветил дека неговата организација на небото, која е споредена со ‚жена‘, ќе добие „потомство“ кое ќе ѝ ја смачка главата на „празмијата“ и со тоа потполно ќе го уништи Сатана (1. Мојсеева 3:1-6, 15; Откровение 12:9, 10; 20:10). Како што Јехова постепено откривал сѐ повеќе за својата намера во врска со тој Месијански потомок, станало јасно дека овој потомок ќе направи нешто повеќе отколку само да го уништи Сатана. Божјата реч вели: „Затоа дојде Синот Божји, да ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8). Смртта, до која довел гревот што сме го наследиле од Адам, е најголемото дело на Сатана што Јехова има намера да го поништи преку Исус Христос. За да се постигне тоа, Исусовата откупна жртва и неговото воскресение се од пресудна важност (Дела 2:22-24; Римјаните 6:23).

5. Зошто со воскресението ќе се прослави Јеховиното име?

5 Јехова е решен да го прослави своето свето име. Сатана го оцрнувал Божјето име и ширел лаги. Излажал дека Адам и Ева ‚нема да умрат‘ ако земат од плодот што им го забранил Бог (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:4). Оттогаш, Сатана продолжил да шири слични лаги, како што е лажното учење дека душата ја преживува смртта на телото. Меѓутоа, благодарение на воскресението, Јехова ќе ги разоткрие сите такви лаги. Засекогаш ќе докаже дека само тој може да зачува нечиј живот и да го врати.

6, 7. Какви се Јеховините чувства во врска со воскресението на луѓето, и од каде го знаеме тоа?

6 Јехова копнее да ги воскресне луѓето. Библијата јасно покажува какви се Јеховините чувства во врска со воскресението. На пример, размисли за следниве зборови што бил вдахнат да ги каже верниот Јов: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак? Ќе чекам во сите дни од времето што ми е одредено [од принудната работа, фуснота], додека не дојде моето ослободување. Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (Јов 14:14, 15). Што значат овие зборови?

7 Јов знаел дека, откако ќе умре, ќе треба да чека извесно време во смртен сон. Тоа време го сметал за ‚принудна работа‘, период кога морал да чека за да биде ослободен. Јов бил сосема сигурен дека ќе дочека такво ослободување. Потполно му било јасно дека ќе биде спасен. Зошто? Затоа што знаел какви биле Јеховините чувства, дека ќе ‚копнее‘ повторно да го види својот верен слуга. Да, Бог едвај чека да ги врати во живот сите праведни луѓе. Исто така, Јехова ќе им даде можност и на други луѓе да живеат вечно во рај на Земјата (Лука 23:43; Јован 5:28, 29). Бидејќи тоа е Божја волја, зар има некој што може да го спречи да ја исполни?

8. На кој начин Јехова ни гарантирал дека ќе ја оствари нашата надеж во воскресение?

8 Нашата надеж за иднината е загарантирана со воскресението на Исус. Кога Павле одржал еден говор во Атина, рекол: „[Бог] определи ден во кој науми да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одреди за тоа, а сето тоа го потврди пред сите луѓе така што го воскресна од мртвите“ (Дела 17:31). Некои од оние што го слушале говорот на Павле се исмевале кога го чуле како зборува за воскресение. Меѓутоа, други поверувале. Можеби вниманието им го привлекла мислата дека е дадена гаранција дека ќе се оствари ваквата надеж. Кога Јехова го воскреснал Исус, го направил најголемото чудо. Го вратил во живот својот мртов Син како моќно духовно суштество (1. Петрово 3:18). Воскреснатиот Исус добил уште повисока положба отколку онаа што ја имал во своето претчовечко постоење. Бесмртен и по моќ веднаш по Јехова, Исус сега може да извршува прекрасни задачи, кои ќе му ги даде неговиот Татко. Преку Исус, Јехова ги извршува сите други воскресенија — како оние за живот на небото така и оние за живот на Земјата. Самиот Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 5:25; 11:25). Воскреснувајќи го својот Син, Јехова им гарантирал на сите оние што му се верни дека ќе им ја оствари надежта во воскресение.

9. На кој начин она што е запишано во Библијата ни потврдува дека навистина ќе има воскресение?

9 Воскресенијата биле извршени пред очевидци и за нив пишува во Божјата реч. Извештајот во Библијата содржи детален опис на осум случаи кога воскреснале лица што биле вратени во живот како луѓе на Земјата. Овие чуда не биле извршени тајно туку јавно, честопати пред очевидци. Исус го воскреснал Лазар, кој бил мртов четири дена, пред цело мноштво ужалени луѓе — без сомнение роднините, пријателите и соседите на покојникот. Овој доказ дека Исус бил испратен од Бог бил толку силен, што ни Исусовите верски непријатели не одрекле дека Лазар воскреснал. Наместо тоа, сковале завера да го убијат не само Исус туку и Лазар! (Јован 11:17-44, 53; 12:9-11). Да, можеме да бидеме уверени дека сигурно ќе има воскресение. Бог се погрижил да бидат запишани случаите на воскресение во минатото за да нѐ утеши и за да ни ја зајакне верата.

Утеха преку надежта во воскресение

10. Што ќе ни помогне да се утешиме од библиските извештаи за лица што воскреснале?

10 Дали копнееш по утеха кога гледаш како смртта се заканува да покоси нечиј живот? Еден сигурен извор на утеха може да се најде во извештаите за воскресенијата што се запишани во Библијата. Додека ги читаш тие извештаи, длабоко размислувај за нив и замислувај си го она што се случило. Така надежта во воскресение ќе ти стане пореална (Римјаните 15:4). Овие извештаи не се измислени приказни. Настаните што се опишани навистина им се случиле на вистински луѓе како нас, кои навистина живееле во места што постојат и ден-денес. Да се осврнеме накратко на еден пример — првото воскресение што е запишано во Библијата.

11, 12. а) Каква трагедија ја снаоѓа вдовицата од Сарепта, и како реагира таа во почетокот? б) Каква моќ му дал Јехова на Илија за да може да направи чудо за вдовицата?

11 Претстави си ја следнава сцена. Неколку недели пророкот Илија е гостин кај вдовицата од Сарепта и живее во горната соба на нејзината куќа. Настапиле тешки времиња. Таа област ја зафаќаат суша и глад. Многу луѓе умираат. Јехова веќе го употребил Илија за да направи едно чудо што траело еден подолг период и со тоа ја наградил верата на оваа сиромашна вдовица. Нејзе и нејзиното синче ги чека глад, зашто им останало храна само уште колку за еден оброк, па тогаш Јехова му дал на Илија моќ да направи чудо и таа да има брашно и масло кои не се трошеле. Но, по некое време вдовицата доживува трагедија. Детето ненадејно се разболува, и кратко потоа го испушта својот последен здив. Колку ли е скршена вдовицата! Доволно е лошо тоа што живее без сопруг кој ќе ја штити и ќе ѝ помага, а сега го изгубила и своето единствено дете. Во својата болка таа дури и ги обвинува Илија и неговиот Бог, Јехова! Што ќе стори сега пророкот?

12 Илија не ја прекорува вдовицата што неправедно го обвинува. Наместо тоа, ѝ вели: „Дај ми го син ти“. Откако го однел мртвото дете во таванската соба, Илија без престан се моли да му се врати животот на детето. На крајот, Јехова дејствува! Замисли си ја радоста на лицето на Илија кога гледа како градите на детето се креваат бидејќи се исполниле со воздух! Потоа детето ги отвора очите, кои зрачат со живот. Илија ѝ го носи детето на мајката и ѝ вели: „Еве, син ти е жив!“ Тешко дека можат да се најдат зборови со кои ќе се опише нејзината радост. Таа вели: „Сега знам навистина дека си Божји човек и дека е вистинита Јеховината реч во твојата уста“ (1. Царевите 17:8-24). Нејзината вера во Јехова и во оние што тој ги испраќа е посилна од кога и да е порано.

13. Зошто е утешно и за нас денес тоа што Илија го воскреснал синот на една вдовица?

13 Сигурно црпиш голема утеха додека размислуваш за овој настан. Сосема е јасно дека Јехова може да го порази нашиот непријател, смртта! Само помисли на денот кога илјадници луѓе ќе бидат радосни исто колку таа вдовица откако ќе настапи сеопштото воскресение на мртвите! И на небото ќе владее огромна радост кога Јехова со големо задоволство ќе му даде заповед на својот Син да почне да ги воскреснува луѓето низ целата Земја (Јован 5:28, 29). Дали смртта ти одзела некој од најмилите? Прекрасно е да се знае дека Јехова може да ги врати мртвите во живот, и дека навистина ќе го стори тоа!

Твојата надеж и твојот живот денес

14. Како може да влијае врз твојот живот надежта во воскресение?

14 Како може надежта во воскресение да влијае врз твојот живот уште денес? Можеш да црпиш сила од оваа надеж кога си во неволји, кога имаш проблеми, кога трпиш прогонство или кога си во опасност. Сатана сака толку да се исплашиш од смртта што ќе бидеш спремен да се откажеш од својата верност за едно празно ветување дека ќе се спасиш. Не заборавај дека Сатана му рекол на Јехова: „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“ (Јов 2:4). Со овие зборови Сатана го наклеветил секого од нас, вклучувајќи те и тебе. Вистина ли е дека ќе престанеш да му служиш на Бог кога ќе се најдеш во опасност? Ако размислуваш за надежта во воскресение, ќе станеш цврсто решен да продолжиш да ја вршиш волјата на твојот небесен Татко.

15. Кога сме во опасност, како можат да нѐ утешат Исусовите зборови од Матеј 10:28?

15 Исус рекол: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата. Туку плашете се повеќе од оној што може да ги погуби и душата и телото во геената“ (Матеј 10:28). Нема потреба да се плашиме од Сатана или од луѓето што се на негова страна. Точно е дека некои имаат моќ да наштетат, дури и да предизвикаат нечија смрт. Меѓутоа, и најлошото нешто што можат да го направат е само привремено. Јехова може да ја поправи и навистина ќе ја поправи секоја штета што им е нанесена на неговите верни слуги, макар и со тоа што ќе ги воскресне. Само Јехова заслужува да имаме страв од него, да чувствуваме длабока страхопочит кон него. Единствено тој има моќ да му го одземе некому животот и секаква надеж дека некогаш повторно ќе живее, уништувајќи ги и телото и душата во геена. Сепак, Јехова не сака да ти се случи тоа (2. Петрово 3:9). Бидејќи веруваме во воскресение, ние како Божји слуги можеме секогаш да бидеме уверени дека ќе бидеме спасени. Сѐ додека сме верни, можеме да се надеваме на вечен живот, и тоа со ништо не можат да го спречат ниту Сатана ниту оние што се на негова страна (Псалм 118:6; Евреите 13:6).

16. На кој начин нашето гледиште за воскресението ни помага да одредиме што да ни биде најважно во животот?

16 Ако ни е реална надежта во воскресение, таа може да влијае врз нашиот став кон животот. Сфаќаме дека, „било да живееме било да умираме, на Јехова му припаѓаме“ (Римјаните 14:7, 8). Затоа, кога одредуваме што ќе ни биде најважно во животот, го прифаќаме советот на Павле: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Римјаните 12:2). Многу луѓе избезумено се обидуваат да си ја исполнат секоја своја желба, да ја постигнат секоја своја амбиција и да направат сѐ што ќе посакаат. Бидејќи сметаат дека животот е краток, речиси очајнички се обидуваат да си ги дозволат сите задоволства, а ако имаат некаква религија, таа сигурно не е во склад со ‚совршената Божја волја‘.

17, 18. а) На кој начин Јеховината реч потврдува дека човечкиот живот е краток, но каква иднина ни посакува Бог? б) Зошто сме поттикнати секојдневно да го славиме Јехова?

17 Точно е дека животот е краток. ‚Брзо поминува, и ние одлетуваме‘, можеби за 70-тина или 80-тина години (Псалм 90:10). Луѓето доаѓаат и си одат како зелената трева, како минлива сенка, како здив (Псалм 103:15; 144:3, 4). Но, Бог немал намера човекот да созрева и да учи неколку децении, а потоа следните неколку децении да опаѓа, да добива разни болести и на крајот да умре. Јехова ги создал луѓето со желба да живеат вечно. „Вечноста им ја ставил на луѓето в срце“, ни вели Библијата (Проповедник 3:11). Дали Бог е суров и нѐ создал со таква желба, за потоа да не ни ја исполни? Не, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Со воскресението, тој ќе им овозможи вечен живот на луѓето што умреле.

18 Благодарение на надежта во воскресение, можеме да имаме сигурна иднина. Нема потреба избезумено да се трудиме да го достигнеме максималното од она за што сме способни. Нема потреба „во потполност“ да го искористиме овој свет што е на умирање (1. Коринќаните 7:29-31; 1. Јованово 2:17). За разлика од оние што немаат вистинска надеж, ние имаме еден прекрасен дар: Знаеме дека, ако му останеме верни на Јехова, ќе можеме вечно да го славиме Бог и да уживаме во животот. Затоа, секојдневно да го фалиме Јехова, кој ни гарантира дека сигурно ќе има воскресение!

Како би одговорил?

• Какви чувства треба да разбуди во нас надежта во воскресение?

• Кои работи покажуваат дека сигурно ќе има воскресение?

• Каква утеха можеме да црпиме од надежта во воскресение?

• Како може надежта во воскресение да влијае врз начинот на кој живееш?

[Прашања]

[Слика на страница 28]

Јов знаел дека Јехова копнее да ги воскресне праведните

[Слика на страница 29]

„Еве, син ти е жив!“