Како моите деца да станат вистински образовани?
Како моите деца да станат вистински образовани?
ОБРАЗОВАНИЕТО на детето може да се спореди со едно возбудливо и напорно патување. На тоа патување одите и ти и твоите деца. За тоа време, ги советуваш и со љубов ги упатуваш, и така им помагаш да чекорат напред по патеката на животот. Ги чека толку многу учење!
За да бидат потполно успешни и среќни во животот, децата мораат да развијат морални и духовни вредности и да научат што е исправно, а што погрешно. Ако го запознаат Јехова и ако го засакаат, ќе стекнат вистински вредно образование, а она што го научиле ќе им користи вечно. Што ќе научат твоите деца во голема мера зависи од тебе, како нивни родител, како и од тоа колку го ценат и го разбираат она што го учат.
На ова патување родителите ќе наидат на проблеми. Децата лесно потпаѓаат под влијание, и надвор од семејството можат да научат многу работи што воопшто не се корисни. Живееме во свет со кој владее Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Тој е заинтересиран за образованието на твоите деца, но од сосема поинакви причини. Сатана е вешт и многу искусен воспитувач — но многу злобен. Иако се преправа дека е „ангел на светлината“, сѐ што може да нѐ научи е лага и е спротивно на Јеховината реч и волја (2. Коринќаните 4:4; 11:14; Еремија 8:9). И Ѓаволот и неговите демони се мајстори за измама, и ги поттикнуваат луѓето да бидат себични, нечесни и морално расипани (1. Тимотеј 4:1).
Што да направиш за да не бидат заведени твоите деца? Како да ги научиш да го прифатат она што е вистинито и што вреди да се прифати? Важен чекор е внимателно да се преиспиташ самиот себеси. Ти треба да им дадеш добар пример. Исто така е важно да ја прифатиш одговорноста да ги поучуваш своите деца и да си одвоиш доволно време за тоа. Но, пред да разгледаме нешто повеќе околу овие работи, да видиме која е основата на вистинското образование.
Основата на вистинското образование
Можеме да учиме од израелскиот цар Соломон, еден од најмудрите луѓе што некогаш живееле. Библијата ни кажува: „Бог му даде на Соломон толку голема мудрост и разборитост и толку многу разум во срцето колку што има песок на морскиот брег. Мудроста на Соломон беше поголема од мудроста на сите луѓе на Истокот и од сета египетска мудрост“. Соломон ‚изрекол три илјади мудри изреки, а неговите песни биле илјада и пет‘. Тој имал големи познавања од областа на ботаниката и животинскиот свет (1. Царевите 4:29-34). Цар Соломон, исто така, ги надгледувал градежните проекти на Израел, во кои спаѓала и градбата на величествениот Јеховин храм во Ерусалим.
Она што Соломон го оставил запишано, на пример во книгата Проповедник, покажува дека бил човек што длабоко ја разбира човечката природа. Вдахновен од Бог, тој истакнал која е основата на вистинското образование. Соломон рекол: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне знаење“. Овој мудар цар исто така рекол: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост, а знаењето за Најсветиот донесува разборитост“ (Изреки 1:7; 9:10).
Ако имаме страв од Бог, длабоко ќе го почитуваме и нема да сакаме да направиме нешто што не му се допаѓа. Сфаќаме дека тој е Севишен и дека сме му подложни. Можеби во светот се сметаат за мудри 1. Коринќаните 3:19). На твоите деца им треба образование кое се темели на „мудроста одозгора“ (Јаков 3:15, 17).
луѓето што го потценуваат оној од кого зависи нашиот живот, но таквата мудрост е „глупост пред Бог“ (Стравот да не направиме нешто што не му се допаѓа на Јехова е тесно поврзан со нашата љубов кон него. Јехова сака неговите слуги и да имаат страв од него и да го сакаат. Мојсеј рекол: „Израеле, што бара од тебе Јехова, твојот Бог, освен да се боиш од Јехова, својот Бог, да одиш по сите негови патишта, да го сакаш Јехова, својот Бог, и да му служиш со сето свое срце и со сета своја душа, да ги држиш Јеховините заповеди и одредби, кои денес ти ги давам за твое добро?“ (5. Мојсеева 10:12, 13).
Ако во своите деца всадуваме длабока почит кон Јехова, ќе поставиме темел за образованието што ќе ги направи вистински мудри. Ако таквата почит кон Бог продолжи да расте кај нив сѐ повеќе ќе го ценат својот Творец, Изворот на сето вистинско знаење. Тоа ќе им помогне исправно да го проценат она што го учат, и да не донесат погрешни заклучоци. Ќе развијат способност да ‚разликуваат добро и зло‘ (Евреите 5:14). Таквата основа исто така ќе им помогне да останат понизни и да не го прават она што е лошо (Изреки 8:13; 16:6).
Твоите деца те гледаат!
Но, како да им помогнеме на нашите деца да го сакаат Јехова и да имаат страв од него? Одговорот на тоа прашање се наоѓа во Законот што Јехова му го дал на израелскиот народ преку пророкот Мојсеј. На родителите им било кажано: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила. И овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:5-7).
Од овие стихови родителите денес можат да извлечат неколку важни поуки. Прво: Како родител, мораш да дадеш добар пример. За да ги научиш децата да го сакаат Јехова мораш ти лично да го сакаш Бог, и неговите зборови мора да ти бидат врежани во срцето. Зошто ова е толку важно? Затоа што првенствено ти си им учител на твоите деца. Примерот што им го даваш ќе има големо влијание врз нив. И ништо нема поголемо влијание врз животот на детето од примерот на родителот.
Твоите желби, идеали, вредности и интереси можат да се видат не само по твоите зборови туку и по твоите дела (Римјаните 2:21, 22). Од мали нозе, децата учат така што внимателно ги набљудуваат своите родители. Тие забележуваат што им е важно на родителите и истите работи честопати стануваат важни и за нив. Ако ти од сѐ срце го сакаш Јехова, твоите деца ќе го препознаат тоа. На пример, ќе видат дека читањето и проучувањето на Библијата ти е важно. Ќе сфатат дека ти ги ставаш интересите на Царството на прво место во животот (Матеј 6:33). Тоа што редовно ќе присуствуваш на христијанските состаноци и ќе учествуваш во делото на проповедање за Царството ќе им покаже дека твојата света служба за Јехова ти е најважното нешто во животот (Матеј 28:19, 20; Евреите 10:24, 25).
Преземи одговорност
Друга поука што родителите можат да ја извлечат од 5. Мојсеева 6:5-7 е: Ти ја имаш одговорноста да ги поучуваш твоите деца. Кај Јеховиниот народ од старо време, родителите се грижеле за образованието на своите деца. И кај христијаните од првиот век, родителите исто така имале важна улога во образованието на своите деца (2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15). Кога им пишувал на сохристијаните, апостол Павле покажал дека особено татковците требало ‚да ги воспитуваат своите деца со стега од Јехова и да им помагаат да го усвојат неговиот начин на размислување‘ (Ефешаните 6:4).
Притиснати од потребите на денешницава, работата и другите активности што исто така бараат време и енергија, родителите можат да бидат во искушение да им го препуштат образованието на своите деца на други, како на пример, на наставниците. Но, добриот и грижлив родител не може со ништо да се замени. Никогаш не заборавај колку важна улога имаш и колкаво влијание вршиш во животот на твоето дете. Ако ти треба помош, избери ја мудро, но никогаш не ја препуштај во туѓи раце твојата света должност.
Одвој време да го воспитуваш своето дете
Уште една поука што родителите можат да ја извлечат од 5. Мојсеева 6:5-7 е: Потребни се време и труд за да се воспитуваат децата. Родителите во Израел требало да ја ‚всадат‘ Божјата вистина во своите деца. Изворниот хебрејски збор преведен со „всадува“ значи „повторува“, „постојано повторува нешто“. Тоа требало да го прават преку целиот ден — од утро до мрак, и „во својата куќа“ и ‚по патот‘. Потребни се време и труд да се поучат децата и да им се помогне да почнат да гледаат на работите и да се однесуваат на начин што ќе го радува Бог.
Значи, што можеш да направиш за да им помогнеш на твоите деца да бидат вистински образовани? Можеш многу да направиш. Научи ги да го сакаат Јехова и да имаат страв од него, односно длабоко да го почитуваат. Дај им добар пример. Преземи ја одговорноста да ги поучуваш своите деца, и одвој доволно време за тоа. Точно, не си совршен и ќе правиш грешки. Но, ако искрено се трудиш да ја вршиш Божјата волја, твоите деца најверојатно ќе бидат благодарни затоа што си се трудел и твојот труд ќе вроди плод. Во Изреки 22:6 стои: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“.
Образованието е патување кое трае цел живот. Ако ти и твоите деца го сакате Бог, ќе уживате во тоа патување низ целата вечност. Секогаш ќе има нови работи што ќе ги учиме за Јехова и за тоа како можеме да му служиме во склад со неговата намера (Проповедник 3:10, 11).
[Слика на страница 15]
Дали им ја читаш Библијата на своите деца?
[Слика на страница 16]
Одвој време да ги поучиш своите деца за Творецот