Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали се грижиш за другите како што се грижи Јехова?

Дали се грижиш за другите како што се грижи Јехова?

Дали се грижиш за другите како што се грижи Јехова?

„СИТЕ свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Колку срдечна покана! Јехова Бог лично се грижи за својот народ. Можеме да се чувствуваме сигурни додека тој нѐ чува во својата прегратка.

И ние треба со љубов да се грижиме за другите и да го покажеме тоа на дело. Сепак, бидејќи сме несовршени, мора да внимаваме на некои замки кога покажуваме интерес за другите. Пред да разгледаме некои од тие замки, да видиме како Јехова се грижи за својот народ.

За да ни долови како Бог се грижи за нас, псалмистот Давид ја употребил следнава споредба со пастир: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува. На зелени пасишта ми дава да се одморам, ме води на почивалишта обилни со вода. Ми ја крепи душата... Дури и да тргнам низ долината на густата темнина, нема да се плашам од зло, зашто ти си со мене“ (Псалм 23:1-4).

Бидејќи и самиот бил пастир, Давид знаел што значи човек да се грижи за стадото. Пастирот ги штити овците од грабливци, како што се лавовите, волците и мечките. Тој го чува стадото да не се распрсне, ги бара изгубените овци, ги носи изморените јагниња во прегратка и се грижи за болните и повредените. Секој ден го носи стадото на поило. Ова не значи дека пастирот го контролира секој чекор на овците. Тие имаат извесна слобода да се движат каде што сакаат, но сепак се заштитени.

На ист начин, Јехова се грижи за својот народ. Апостол Петар објаснил: ‚Божјата сила ве чува‘. Во овој случај „ве чува“ буквално значи „бдее над вас“ (1. Петрово 1:5). Бидејќи е искрено заинтересиран за своите слуги, Јехова постојано бдее над нас, и спремен е да ни помогне во секое време, кога и да побараме помош од него. Но, со оглед на тоа што нѐ создал како суштества со слободна волја, Јехова не се меша во сите наши постапки и одлуки. Како би можеле да се угледаме на Јехова во тој поглед?

Да бидеме како Бог кога се грижиме за своите деца

„Синовите се наследство од Јехова.“ Затоа, од родителите се очекува да ги заштитуваат и да се грижат за своите деца (Псалм 127:3). Ова може да го прават така што ќе ги поттикнат децата да си кажат што мислат и како се чувствуваат, и врз основа на тоа ќе одлучат како да постапуваат со нив. Ако родителите се обидуваат да го контролираат секој чекор на децата и воопшто не ги земаат предвид нивните желби, тоа е исто како еден пастир да ги води овците со узда. Ниту еден пастир не се грижи за стадото на таков начин ниту, пак, Јехова се грижи така за нас.

Марико * признава: „Со години само им велев на своите деца: ‚Прави го ова‘, ‚Не прави го тоа‘. Мислев дека, како родител, јас сум должна да постапувам така со нив. Никогаш не ги пофалував и речиси воопшто и не разговарав вистински со нив“. Иако ќерката на Марико со часови зборувала на телефон со своите другарки, разговорите со мајка ѝ не траеле долго. „Потоа сфатив во што е разликата“, продолжува Марико. „Кога зборуваше со другарките, ќерка ми користеше изрази за да покаже дека ги разбира, како, на пример: ‚Да, имаш право‘ или ‚И јас така‘. И јас почнав да користам слични изрази за да дознаам како се чувствува и што мисли ќерка ми и набрзо нашите разговори станаа подолги и попријатни.“ Одовде се гледа колку, всушност, е важна добрата комуникација, која обично не е еднострана туку е обострана.

Родителите треба да ги поттикнат своите деца да си кажат што чувствуваат и што мислат, а децата треба да сфатат дека родителската грижа им служи како заштита. Библијата ги советува децата да ги слушаат родителите, и потоа објаснува зошто: „За да ти биде добро и да останеш долго на земјата“ (Ефешаните 6:1, 3). На оние деца што цврсто се увериле дека подложноста кон родителите е за нивно добро им е полесно да бидат послушни.

Кога се грижиме за Јеховиното стадо

И во христијанското собрание се гледа дека Јехова со љубов се грижи за нас. Како Глава на собранието, Исус Христос им дава налог на старешините да се грижат за неговото стадо (Јован 21:15-17). Грчкиот збор за надгледник е поврзан со еден глагол што значи: „внимателно чува“. Петар нагласува како треба да се прави тоа, и на старешините им го дава следниов совет: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо; не како да господарите над оние што се Божја сопственост, туку бидете му пример на стадото“ (1. Петрово 5:2, 3).

Задачата на старешините е, всушност, слична со задачата на пастирите. Христијанските старешини треба да се грижат за оние што се духовно болни и да ги исправаат за да живеат според праведните мерила. Старешините се одговорни да ги организираат активностите во собранието, да ги планираат состаноците, и да се грижат за редот во собранието (1. Коринќаните 14:33).

Но, горенаведените зборови на Петар предупредуваат дека постои опасност старешините да почнат да ‚господарат‘ над собранието. Можно е еден старешина така да постапува со стадото ако почне да поставува непотребни правила. Од голема желба да ја исполни својата обврска да го заштити стадото, тој може да претера во некои работи. Во едно собрание на Истокот, старешините поставиле правила за тоа како да се поздравуваат со другите во Салата на Царството — на пример, кој прв да зборува — и сметале дека следењето на тие правила ќе придонесе за мирот во собранието. Иако нивните мотиви, без сомнение, биле добри, дали тие се грижеле за Божјиот народ на ист начин како што се грижи Јехова? Следниве значајни зборови на апостол Павле покажуваат како размислувал тој во врска со ова: „Не велам дека ние сме господари на вашата вера, туку дека сме ваши соработници за да бидете радосни, бидејќи со вашата вера стоите“ (2. Коринќаните 1:24). Јехова има доверба во својот народ.

Освен тоа што не поставуваат правила без библиска основа, грижливите старешини покажуваат дека се вистински заинтересирани со тоа што не откриваат доверливи информации. Тие се свесни за предупредувањето од Бог: „Не откривај ги туѓите тајни“ (Изреки 25:9).

Апостол Павле го споредил собранието од помазани христијани со човечко тело: „Бог го составил телото... за да нема поделба во телото, туку деловите еднакво да се грижат еден за друг“ (1. Коринќаните 12:12, 24-26). Грчкиот израз кој е преведен со „еднакво да се грижат еден за друг“ буквално значи „да бидат загрижени еден за друг“. Членовите на христијанското собрание треба да бидат длабоко заинтересирани еден за друг (Филипјаните 2:4).

Како можат вистинските христијани да покажат дека се „загрижени еден за друг“? Така што ќе се молат за другите членови од собранието, а и практично ќе им помагаат на оние на кои им е потребна помош. Ова ќе го извлече доброто од другите. Да видиме како на Тадатака му помогнала ваквата грижа што му била покажана со љубов. Тој имал 17 години кога се крстил и бил единствениот во семејството кој му служел на Јехова. Сега раскажува: „Едно семејство во собранието честопати ме покануваше кај нив на ручек и на дружење. Скоро секое утро наминував кај нив кога одев на училиште за да го разгледаме заедно дневниот стих од Библијата. Ми даваа совети за тоа како да излезам на крај со проблемите на училиште и заедно се молевме за тие проблеми. Од ова семејство научив што значи да се даваш за другите“. Тадатака сега го применува она што го научил — служи во една од подружниците на Јеховините сведоци.

Апостол Павле предупредил дека постои опасност да паднеме во една посебна замка доколку премногу се интересираме за другите. Тој спомнал дека некои жени почнале да „озборуваат, [да] се мешаат во туѓи работи и [да] зборуваат што не би требало“ (1. Тимотеј 5:13). Иако е на место да се интересираме за другите, мораме да внимаваме да не ја преминеме границата и да почнеме да се мешаме во нивните лични работи. Ако претерано се интересираме за другите би можеле да ‚зборуваме што не би требало‘ како, на пример, да ги осудуваме другите.

Да не заборавиме дека, иако сме христијани, сите ние сме различни — секој си има свој начин на кој си ги организира работите, секој има своја омилена храна и омилена разонода. Сѐ додека не се кршат библиските начела, секој од нас има слобода да одлучува што ќе прави. Павле ги советувал христијаните во Рим: „Повеќе да не се осудуваме еден со друг... Да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Римјаните 14:13, 19). Ќе покажеме дека искрено се интересираме за другите во собранието ако сме спремни да им помагаме, а не да им се мешаме во нивните работи. Ако на ваков начин се грижиме еден за друг, љубовта и единството ќе цветаат и во семејството и во собранието.

[Фуснота]

^ пас. 9 Некои имиња се сменети.

[Слика на страница 19]

Пофали ги децата и покажи дека ги разбираш. Така ќе ги поттикнеш да кажат што мислат и како се чувствуваат