Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Чувајте се од секаква лакомост“

„Чувајте се од секаква лакомост“

„Чувајте се од секаква лакомост“

„Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (ЛУКА 12:15).

1, 2. а) Што обично им е најважно на луѓето денес? б) Како би можеле таквите ставови да влијаат и врз нас?

ПАРИ, имот, углед, добро платена работа, семејство — ова се само некои работи што за повеќето луѓе се мерило за успех или гаранција за сигурна иднина. По сѐ изгледа, и во богатите и во сиромашните земји, на мнозина им е најважно само да стекнат материјално богатство и да бидат некој и нешто во општеството. Од друга страна, интересот за духовни работи — ако воопшто и го имаат — многу брзо се губи.

2 Токму тоа било проречено во Библијата. Во неа пишува: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:1-5). Бидејќи секојдневно живееме со такви луѓе, ние како вистински христијани сме под постојан притисок и самите да почнеме да размислуваме и да живееме како нив. Што ќе ни помогне да му се спротивставиме на светот кој се обидува ‚да нѐ набие во својот калап‘? (Римјаните 12:2, The New Testament in Modern English од Џ. Б. Филипс).

3. Кој совет што го дал Исус ќе го разгледаме сега?

3 Исус Христос, кој е ‚Главен Застапник и Усовршител на нашата вера‘, ни дал незаборавни поуки во врска со оваа работа (Евреите 12:2). Во една прилика, кога тој му зборувал за длабоки духовни работи на мноштвото луѓе што биле собрани околу него, еден човек го прекинал со следново барање: „Учителе, речи му на брат ми да го подели наследството со мене!“ Исус му одговорил така што му дал еден сериозен совет, кој важел и за него и за другите што слушале. Тој строго ги предупредил да се чуваат од лакомост, и нагласил колку може да биде опасна лакомоста кажувајќи една споредба која ги навела да се подзамислат. Добро е сериозно да го сфатиме советот што Исус го дал во оваа прилика и да размислиме зошто ќе биде корисно да го примениме во својот живот (Лука 12:13-21).

Неумесно барање

4. Зошто не било на место тоа што човекот го прекинал Исус?

4 Пред да биде прекинат од овој човек, Исус ги советувал своите ученици и другите луѓе што го слушале да се чуваат од лицемерство и да имаат храброст да го признаат единството со Синот човечки, а им кажал и дека ќе добијат помош од светиот дух (Лука 12:1-12). Се разбира, ова биле многу важни работи за кои неговите ученици требало сериозно да размислат. И одеднаш, среде еден таков длабок говор, човекот го прекинал Исус и побарал од него да посредува во една семејна расправија околу имот! Сепак, ние можеме да извлечеме една важна поука од ова.

5. Што открило за човекот прашањето што му го поставил на Исус?

5 Се вели дека „се познава каков е некој човек по она за што размислува додека слуша некоја верска поука“. Додека Исус зборувал за сериозни духовни работи, човекот што му го поставил прашањето веројатно размислувал што може да направи за да стекне извесна финансиска добивка. Не е наведено дали тој имал оправдана причина да се жали во врска со наследството што требало да се подели. Можеби само се обидел да ги искористи авторитетот и угледот на Исус како мудар судија во меѓучовечките односи (Исаија 11:3, 4; Матеј 22:16). Како и да е, неговото прашање открило дека тој длабоко во себе имал еден сериозен проблем — не ги ценел духовните работи. Зарем ова не е добра причина и самите да се преиспитаме? На пример, кога сме на христијанските состаноци, мислите можат многу лесно да ни залутаат или да ни отидат на она што планираме да го правиме по состанокот. Наместо да ни се случи вакво нешто, треба внимателно да ја слушаме програмата и да размислуваме на кој начин можеме да го примениме она што се кажува за да го подобриме својот однос со нашиот небесен Татко, Јехова Бог, и со нашите христијански браќа (Псалм 22:22; Марко 4:24).

6. Зошто Исус одбил да го направи она што човекот го побарал од него?

6 Без разлика што го поттикнало овој човек да побара една таква работа, Исус одбил да му го исполни барањето. Наместо тоа, му рекол: „Човеку, кој ме поставил мене да судам или да делам меѓу вас?“ (Лука 12:14). Кога го рекол ова, Исус се осврнал на една работа што луѓето околу него многу добро ја знаеле. Според Мојсеевиот закон, во градовите биле поставувани судии за да донесуваат пресуди токму во такви случаи (5. Мојсеева 16:18-20; 21:15-17; Рут 4:1, 2). Исус, од друга страна, бил заинтересиран за многу поважни работи — да сведочи за вистината за Царството и да ги поучи луѓето за Божјата волја (Јован 18:37). Следејќи го неговиот пример, и ние не дозволуваме да нѐ одвлечат секојдневните проблеми туку ги користиме своето време и сила да ја проповедаме добрата вест и да ‚правиме ученици од луѓето од сите народи‘ (Матеј 24:14; 28:19).

Чувај се од лакомост

7. Со кои проникливи зборови Исус навлегол во коренот на проблемот?

7 Со оглед на тоа што можел да ги прочита најскриените намери на срцето, Исус знаел дека станува збор за нешто посериозно штом човекот побарал од него да му посредува во таа лична работа. Затоа, наместо едноставно да му го одбие барањето, Исус навлегол во коренот на проблемот, велејќи: „Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).

8. Што е лакомоста, и до што може да води?

8 Лакомоста не е само желба да се имаат пари или други работи со кои навистина можат да се задоволат извесни потреби. Таа е претерана желба за богатство или за материјални работи. Може да биде и незаситен, алчен порив да поседуваме нешто — кое можеби му припаѓа на некој друг — само колку да го имаме, а не затоа што ни е потребно, и притоа воопшто не водиме сметка како ќе се чувствуваат другите. Лакомецот дозволува работите што ги посакува толку да завладеат со неговите мисли и постапки што, во суштина, тие стануваат негов бог. Сети се, апостол Павле рекол дека лакомоста е исто што и идолопоклонството, а идолопоклониците нема да го наследат Божјето Царство (Ефешаните 5:5; Колошаните 3:5).

9. По што сѐ може да се биде лаком? Наведи некои примери.

9 Интересно е тоа што Исус рекол да се чуваме од „секаква лакомост“. Може да се биде лаком по различни работи. Во последната од десетте заповеди се набројани некои од нив. Таму стои: „Не посакувај ја куќата на својот ближен! Не посакувај ја жената на својот ближен, ниту неговиот роб, ниту неговата робинка, ниту неговиот бик, ниту неговото магаре, ниту што и да е друго кое му припаѓа на твојот ближен!“ (2. Мојсеева 20:17). Во Библијата има многу примери на лица кои направиле тежок грев поради тоа што се лакомеле по нешто. Сатана бил првиот што се полакомил по нешто што му припаѓало на некој друг. Тој ги посакал славата, честа и власта што му припаѓаат само на Јехова (Откровение 4:11). Ева посакала сама да одлучува што е добро, а што зло. Бидејќи била измамена на ваков начин, човечкиот род се нашол на патот на гревот и смртта (1. Мојсеева 3:4-7). Демоните биле ангели кои станале незадоволни од ‚својата првобитна положба, па го напуштиле своето вистинско живеалиште‘ за да добијат нешто кое немале право да го имаат (Јуда 6; 1. Мојсеева 6:2). Помисли и на Валаам, Ахан, Гиезиј и Јуда. Наместо да бидат задоволни со она што го имале, тие дозволиле ненаситната желба за материјални работи да ги наведе да ја злоупотребат својата положба. Тоа ги одвело во пропаст и уништување.

10. Како можеме да го послушаме советот на Исус и да ‚бидеме претпазливи‘?

10 Сосема е на место што, пред да го даде предупредувањето во врска со лакомоста, Исус рекол „бидете претпазливи“. Зошто? Затоа што многу лесно забележуваме дека некој друг е алчен или лаком, но многу ретко ќе признаеме дека и ние сме такви. Меѓутоа, апостол Павле истакнува дека „љубовта кон парите е корен на секакви зла“ (1. Тимотеј 6:9, 10). А ученикот Јаков објаснува дека погрешната желба „кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:15). Во склад со советот што го дал Исус, треба да ‚бидеме претпазливи‘ и, наместо да гледаме дали другите се лакоми, треба самите да се преиспитаме за да видиме што се крие во нашето срце. Ова ќе ни помогне ‚да се чуваме од секаква лакомост‘.

Живот полн со изобилство

11, 12. а) Какво предупредување дал Исус во врска со лакомоста? б) Зошто треба да му обрнеме внимание на предупредувањето што го дал Исус?

11 Има уште една причина зошто мора да се чуваме од лакомост. Забележи што рекол Исус потоа: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Навистина вреди да им обрнеме внимание на овие зборови во ова време на материјализам, кога луѓето сметаат дека богатството и изобилството се предуслови за среќа и успех. Всушност, со оваа изјава, Исус јасно кажал дека смислата и задоволството во животот не доаѓаат и не зависат од материјалните работи, сеедно колку некој ги има.

12 Сепак, некои можеби нема да се согласат со ова. Веројатно мислат дека на оној што е материјално добро ситуиран животот му е поудобен и попријатен па, според тоа, и поисполнет. Затоа, целото свое време и сите свои сили ги трошат за да заработат пари со кои ќе можат да купат сѐ што ќе посакаат. Си мислат дека тоа ќе им донесе подобар живот. Но, гледајќи така на работите, ја промашуваат поентата на она што го кажал Исус.

13. Кој урамнотежен став треба да го имаме кон животот и материјалните работи?

13 Исус не зборувал за тоа дали е исправно или погрешно некој да живее во изобилство, туку сакал да нагласи дека животот на еден човек не зависи од „она што го поседува“, односно од она што веќе го има. Всушност, сите знаеме дека за да преживееме, односно да се одржиме во живот, не ни е потребно многу. Ни треба малку храна, нешто облека и покрив над глава. Богатите ги имаат овие работи во изобилство, а сиромашните можеби мака мачат за да си го извадат лебот. Но, кога ќе дојде смртта, нема богати и сиромаси — сите се исти (Проповедник 9:5, 6). Според тоа, за да може еден човек да води навистина смисловен и исполнет живот, не може и не треба да се потпре само на работите што ги стекнал или што ги поседува. Ова ќе ни стане појасно ако разгледаме што мислел Исус кога рекол ‚живот‘.

14. На што се однесува зборот „живот“ кој се користи во библискиот извештај?

14 Кога Исус рекол дека ‚животот не произлегува од она што некој го поседува‘, зборот што во евангелието на Лука е преведен со „живот“ (грчки: зои́) не се однесува на начинот на живот, туку на самиот живот, живот во апсолутна смисла на зборот. * Исус сакал да каже дека, сеедно дали сме богати или сиромашни и сеедно дали живееме во раскош или едвај врзуваме крај со крај, ние немаме целосна контрола над тоа колку долго ќе живееме и дали воопшто ќе бидеме живи утре. Во својата Проповед на гората, Исус рекол: „Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку?“ (Матеј 6:27). Библијата јасно покажува дека само Јехова е „изворот на животот“ и само тој може да им го даде на верните „вистинскиот живот“, односно „вечниот живот“ — бескраен живот на небото или на Земјата (Псалм 36:9; 1. Тимотеј 6:12, 19).

15. Зошто мнозина се потпираат на материјалните поседи?

15 Од зборовите на Исус јасно се гледа колку е лесно луѓето да стекнат изопачено или извртено гледиште за животот. Сеедно дали се богати или сиромашни, сите луѓе се несовршени и ги чека ист крај. Мојсеј, кој живеел многу одамна, забележал: „Деновите наши траат седумдесет години, а кај силните — осумдесет, но исполнети се само со неволји и тешкотии, зашто брзо поминуваат, и ние одлетуваме“ (Псалм 90:10; Јов 14:1, 2; 1. Петрово 1:24). Затоа, луѓето што не се пријатели со Бог честопати го усвојуваат ставот „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“, за кој зборувал и апостол Павле (1. Коринќаните 15:32). Други, пак, кои се свесни колку е несигурен животот и колку брзо поминува, се обидуваат да најдат сигурност и стабилност во материјалните поседи. Можеби си мислат дека, ако имаат многу материјални, опипливи работи, животот на некој начин ќе им биде посигурен. Затоа макотрпно работат за да натрупаат богатство и поседи, и се залажуваат дека тие работи ќе им донесат сигурност и среќа (Псалм 49:6, 11, 12).

Сигурна иднина

16. Од што не зависи квалитетот на животот?

16 Можеби е точно дека, ако имаме повисок животен стандард — изобилство храна, облека, свој дом и други удобности — животот може да ни биде попријатен или, пак, ќе можеме да си дозволиме подобра здравствена нега и така да си поживееме уште некоја година. Сепак, дали таквиот живот е навистина поисполнет и посигурен? Квалитетот на животот не се мери со бројот на годините што некој ќе ги проживее или со материјалните добра што ќе ги поседува или ќе ги користи. Апостол Павле предупредил колку е опасно човек да се потпира на овие работи. Тој му го напишал следново на Тимотеј: „На оние што се богати во сегашниов свет заповедај им да не бидат вообразени и да не се потпираат на несигурното богатство, туку на Бог, кој богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“ (1. Тимотеј 6:17).

17, 18, а) На кои извонредни примери во врска со ставот кон материјалните добра треба да се угледаме? б) Која споредба на Исус ќе ја разгледаме во следната статија?

17 Не е мудро да се потпираме на богатството бидејќи тоа е ‚несигурно‘. Патријархот Јов бил многу богат, но кога неочекувано бил погоден од неволји, богатството не можело да му помогне — исчезнало прекуноќ. Она што му помогнало да ги поднесе сите неволји и тешкотии било неговото цврсто пријателство со Бог (Јов 1:1, 3, 20-22). Авраам не дозволил големите поседи да го спречат да прифати една тешка задача од Јехова, и бил благословен со тоа што станал „татко на многу народи“ (1. Мојсеева 12:1, 4; 17:4-6). Навистина вреди да се угледаме на овие и на други вакви примери. Сеедно дали сме млади или стари, треба да се преиспитаме за да видиме што навистина ни е важно во животот и на што се потпираме (Ефешаните 5:10; Филипјаните 1:10).

18 Зборовите што Исус ги кажал во врска со лакомоста и исправното гледиште за животот се навистина значајни и поучни. Но, Исус имал да каже уште нешто и затоа продолжил да раскажува една длабока споредба за еден неразумен богат човек. Каква врска има таа споредба со нашиот живот денес, и што можеме да научиме од неа? Одговорот ќе го добиеме во следната статија.

[Фуснота]

^ пас. 14 Еден друг грчки збор што се преведува со „живот“ е би́ос, од кои се изведени и македонските зборови „биографија“ и „биологија“. Според еден речник, би́ос се однесува на „должината или траењето на животот“, „начинот на живот“ и „средствата за живот“ (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words).

Како би одговорил?

• Што учиме од тоа што Исус одбил да стори нешто во врска со барањето на еден човек од мноштвото?

• Зошто мора да се чуваме од лакомост, и како можеме да го сториме тоа?

• Зошто животот не зависи од материјалните поседи?

• Што може да ни помогне да водиме вистински исполнет и сигурен живот?

[Прашања]

[Слика на страница 23]

Зошто Исус одбил да го исполни барањето на еден човек?

[Слика на страница 23]

Лакомоста може да има страшни последици

[Слики на страница 25]

Како Авраам покажал дека има исправен став кон материјалните работи?