Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања
Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања
„Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни“ (ИСУС НАВИН 23:14).
1. Кој бил Исус Навин, и што направил кон крајот на својот живот?
ИСУС НАВИН бил енергичен и бестрашен воен заповедник, верен и беспрекорен човек. Тој му бил десна рака на Мојсеј и лично Јехова го избрал за да го изведе израелскиот народ од застрашувачката пустина и да го одведе во земјата во која течеле мед и млеко. Кон крајот на својот живот, овој многу почитуван човек одржал еден трогателен проштален говор пред старешините во Израел. Без сомнение, тој говор им ја зајакнал верата на оние што го слушале, а може да ја зајакне и твојата вера.
2, 3. Каква била ситуацијата во Израел кога Исус Навин им се обратил на израелските старешини, и што им рекол?
2 Замисли си ја следнава сцена што е опишана во Библијата: „Помина многу време откако Јехова му даде на Израел да си отпочине од сите околни непријатели, и Исус Навин остаре и навлезе во години. Затоа Исус Навин го свика целиот Израел, ги свика неговите старешини — поглаварите, судиите и управителите — па им рече: ‚Јас остарев и навлегов во години‘“ (Исус Навин 23:1, 2).
3 Во тоа време, Исус Навин имал речиси 110 години. Тој живеел во едно од највозбудливите времиња во историјата на Божјиот народ. Бил очевидец на многу моќни дела што ги направил Бог и видел како се исполниле многу ветувања што ги дал Јехова. Бидејќи со свои очи го видел сето ова, со апсолутна увереност можел да каже: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Исус Навин 23:14).
4. Што им ветил Јехова на Израелците?
4 Кои Јеховини ветувања се исполниле во времето кога живеел Исус Навин? Ќе разгледаме три ветувања што Јехова им ги дал на Израелците. Прво, Бог им ветил дека ќе ги избави од ропството. Второ, им ветил дека ќе ги заштити. И трето, ветил дека ќе се грижи за нив. Јехова му дал слични ветувања и на својот народ во денешно време, а ние сме сведоци дека тие се исполнуваат во текот на нашиот живот. Но, пред да разгледаме што прави Јехова во денешно време, да видиме што направил во времето на Исус Навин.
Јехова го избавува својот народ
5, 6. Како Јехова ги избавил Израелците од Египет, и што покажал со тоа?
5 Кога Израелците повикале кон Бог да ги избави од ропството во Египет, Јехова ги чул (2. Мојсеева 2:23-25). Кај грмушката што горела, Јехова му рекол на Мојсеј: „Слегов да ги избавам [мојот народ] од египетската рака и да ги одведам од таа земја во добра и пространа земја, во земја во која тече мед и млеко“ (2. Мојсеева 3:8). Колку возбудливо било да се види како Јехова ги исполнува овие зборови! Кога фараонот одбил да ги пушти Израелците да заминат од Египет, Мојсеј му рекол дека Бог ќе ја претвори во крв водата на реката Нил. Јехова си стоел на зборот. Водата на Нил навистина била претворена во крв. Рибите изумреле и луѓето не можеле да ја пијат таа вода (2. Мојсеева 7:14-21). Фараонот не попуштил, и затоа Јехова му нанел уште девет неволји, но пред секоја од нив му кажал што го чека (2. Мојсеева, поглавја 8-12). Откако во десеттата неволја биле убиени сите првороденци во Египет, фараонот им заповедал на Израелците да заминат — и тие не чекале да им каже двапати! (2. Мојсеева 12:29-32).
6 Откако на овој начин ги избавил Израелците од Египет, Јехова ги посвоил како свој избран народ. Со тоа Јехова се прославил како Бог кој ги исполнува своите ветувања и секогаш си стои на зборот. Освен тоа, ова било доказ дека Јехова е помоќен од боговите на другите народи. Кога читаме за тоа избавување, нашата вера станува уште посилна. А замисли си како се чувствувале оние што го виделе со свои очи! Исус Навин се уверил од прва рака дека Јехова навистина е „Севишен над целата земја“! (Псалм 83:18).
Јехова го штити својот народ
7. Како Јехова ги заштитил Израелците од војската на фараонот?
7 А дали Јехова го исполнил своето второ ветување — дека ќе го штити својот народ? Ова било дел од Јеховиното ветување дека ќе ги избави Израелците од Египет и ќе ги одведе во Ветената земја. Сети се дека разбеснетиот фараон тргнал по нив со својата силна војска, која била опремена со стотици бојни коли. Колку мора да бил сигурен во својата победа овој вообразен човек, особено кога му изгледало дека Израелците се нашле фатени во стапица помеѓу планините и морето! Но, во тој момент, Бог ги зел работите во свои раце и го заштитил својот народ на тој начин што поставил облак меѓу двата табора. Од страната на Израелците имало светлина, но од страната на Египќаните било мрачно и тие не можеле да му се приближат на израелскиот табор. Во исто време, Мојсеј го испружил стапот и водите на Црвеното Море се разделиле. Сувото морско дно било излез за Израелците, но стапица за Египќаните. Јехова ѝ задал последен удар на моќната војска на фараонот, а го заштитил својот народ од сигурен пораз (2. Мојсеева 14:19-28).
8. Како Јехова ги штител Израелците: а) во пустината, и б) при влегувањето во Ветената земја?
8 Откако го преминале Црвеното Море, Израелците талкале низ ‚големата и застрашувачка пустина, во која имало змии отровници и скорпии и жедна земја без вода‘ (5. Мојсеева 8:15). Јехова и таму го штител својот народ. А што се случило кога стигнале на прагот на Ветената земја? Силните ханаански војски им го препречиле патот. Меѓутоа, Јехова му рекол на Исус Навин: „Стани, помини преку овој Јордан, ти и целиот овој народ, во земјата што им ја давам ним, на синовите на Израел! Никој не ќе може да се одржи пред тебе во сите денови на твојот живот. Јас ќе бидам со тебе како што бев со Мојсеј. Нема да те напуштам и нема да те оставам“ (Исус Навин 1:2, 5). Јехова го одржал и ова ветување. За приближно шест години, Исус Навин поразил 31 цар и освоил голема територија од Ветената земја (Исус Навин 12:7-24). Ова би било невозможно доколку Јехова не го штител својот народ.
Јехова се грижи за својот народ
9, 10. Како Јехова се грижел за својот народ во пустината?
9 Сега да го разгледаме третото ветување што го дал Јехова — дека ќе се грижи за својот народ. Кратко откако ги избавил од Египет, Бог им ветил на Израелците: „Еве, ќе пуштам да ви паѓа леб од небото. Народот нека оди и нека си собере секој ден онолку колку што му треба за денот“. Како што рекол, така и сторил — секој ден им пуштал „леб од небото“. „Кога го видоа, синовите на Израел се прашуваа еден со друг: ‚Што е ова?‘“ Тоа било мана, односно лебот што им го ветил Јехова (2. Мојсеева 16:4, 13-15).
10 Цели 40 години додека Израелците биле во пустината, Јехова се грижел за нив и им давал храна и вода. Се погрижил дури и облеката да не им се изветви и нозете да не им отекуваат (5. Мојсеева 8:3, 4). Исус Навин го видел сето тоа. Јехова ги одржал своите ветувања — го избавил својот народ, го штител и се грижел за него.
Избавување во денешно време
11. Што се случило во Бруклин (Њујорк) во 1914 год., и за што дошло време тогаш?
11 Што можеме да кажеме за нашево време? Утрото во петок, на 2 октомври 1914 год., Чарлс Тејз Расел, кој во тоа време раководел со делото на Истражувачите на Библијата, влегол во трпезаријата во Бетелот во Бруклин (Њујорк). „Добро утро на сите“, ги поздравил со весел глас. А потоа, пред да седне, радосно изјавил: „Времињата на незнабошците завршија; времето на нивните цареви истече“. Пак дошло време Јехова, Севишниот Господар на целата вселена, да дејствува во корист на својот народ. И, тој повторно стапил на сцена!
12. Како Јехова го избавил својот народ во 1919 год., и што следело потоа?
12 Само пет години подоцна, Јехова го избавил својот народ од „Големиот Вавилон“, моќното светско царство на лажната религија (Откровение 18:2). Иако малкумина од нас биле очевидци на тоа возбудливо избавување, сите сме сведоци на она што следело потоа. Јехова го обнови чистото обожавање и ги обединува оние што копнеат да му служат. Токму ова било претскажано преку пророкот Исаија: „Во последните денови, гората на Јеховиниот дом ќе стои цврсто над планинските врвови и ќе се возвишува над ридовите, и сите народи ќе се слеваат кон неа“ (Исаија 2:2).
13. Каков пораст имало кај Јеховиниот народ откако си ја запознал вистината?
13 Зборовите на Исаија не останале неисполнети. Во 1919 год., остатокот од помазаници започна храбро да сведочи низ целиот свет и тоа го возвиши обожавањето на вистинскиот Бог. Во 1930-тите стана јасно дека се собираат и ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Прво беа собрани илјадници, потоа стотици илјади, а денес милиони застануваат на страната на вистинскиот Бог! Во едно видение што го добил апостол Јован, тие се опишани како ‚големо мноштво луѓе, кои никој не може да ги изброи, од сите народи и племиња и народности и јазици‘ (Откровение 7:9). Што си доживеал ти во текот на твојот живот? Колку Јеховини сведоци имаше во светот кога ти ја запозна вистината? Денес на Јехова му служат повеќе од 6.700.000 луѓе. Кога го избавил својот народ од Големиот Вавилон, Јехова отворил пат за овој голем пораст што сега го гледаме во целиот свет.
14. Какво избавување ни претстои во иднина?
14 Но, ни претстои уште едно избавување, избавување од кое ќе биде засегнат секој човек на Земјата. Јехова уште еднаш ќе ја покаже својата моќ на неверојатен начин кога ќе ги уништи сите свои противници, а ќе ги избави своите слуги и ќе ги воведе во еден нов свет во кој ќе живее праведноста. Колку ќе биде возбудливо да се види крајот на злото и да се дочека осамнувањето на највеличествената ера во човечката историја! (Откровение 21:1-4).
Како Јехова нѐ штити денес
15. Зошто има потреба од Јеховината заштита во денешно време?
15 Како што видовме, на Израелците од времето на Исус Навин им била потребна заштита од Јехова. Зарем на Јеховиниот народ денес не му е потребна иста таква заштита? Секако! Исус ги предупредил своите следбеници: „Од луѓето ќе трпите неволји и ќе ве убиваат, и сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (Матеј 24:9). Низ годините, Јеховините сведоци во многу земји претрпеле жестоко противење и сурово прогонство. Но, Јехова докажал дека е со својот народ (Римјаните 8:31). Неговата Реч нѐ уверува дека ништо — ‚никакво оружје направено против нас‘ — нема да го запре делото на проповедање и поучување за Царството (Исаија 54:17).
16. Какви докази имаш дека Јехова го штити својот народ?
16 Иако светот ги мрази слугите на Јехова, нивниот број расте. Неговите Сведоци ги има во 236 земји, и тоа е навистина
непобитен доказ дека Јехова е со нас за да нѐ штити од сите оние што сакаат да нѐ уништат или да нѐ замолкнат. Можеш ли да се сетиш на имињата на некои моќни политички и верски водачи што во текот на твојот живот жестоко го угнетуваа Божјиот народ? Што се случи со нив? Каде се сега? Повеќето од нив ги нема, како што го нема ни фараонот од времето на Мојсеј и на Исус Навин. А што е со Божјите слуги кои умреле верни на Бог во нашево време? Тие се на сигурно — Јехова ги чува во своето сеќавање. Тоа е најбезбедното место каде што би можеле да бидат. Со право можеме да кажеме дека Јехова си стои на зборот и го штити својот народ.Јехова се грижи за својот народ денес
17. Какво ветување дал Јехова во врска со духовната храна?
17 Јехова се грижел за својот народ во пустината, а се грижи и за своите слуги денес. „Верниот и разборит роб“ ни дава духовна храна (Матеј 24:45). Ни го разјаснува значењето на многу работи од Библијата кое со векови било чувано во тајност. Еден ангел му рекол на Даниел: „Затвори ги овие зборови и запечати ја книгата до времето на крајот! Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи“ (Даниел 12:4).
18. Зошто може да се каже дека вистинското знаење се умножило денес?
18 Сега живееме во времето на крајот и вистинското знаење навистина се умножило. Насекаде во светот, под водство на светиот дух, оние што ја сакаат вистината го запознаваат вистинскиот Бог и неговите намери. Денес, во секој дел на Земјината топка, луѓето можат да ја читаат Библијата, како и најразлични публикации што им помагаат да ги разберат скапоцените вистини што ги содржи таа. Да ја земеме, на пример, содржината на книгата Што навистина учи Библијата? *‚ која се користи за проучување со заинтересираните. Некои од поглавјата во оваа публикација се: „Која е вистината за Бог?“, „Каде се мртвите?“, „Што е Божјето Царство?“, и „Зошто Бог ги допушта страдањата?“ Луѓето со векови ги барале одговорите на овие прашања. Сега секој може да ги дознае. Дури и по долги векови во кои луѓето тапкале во духовна темнина и биле изложени на отпадничките учења на христијанскиот свет, Божјата реч опстанала и им дава сила на сите што копнеат да му служат на Јехова.
19. Кои ветувања се исполниле пред твои очи, и што заклучуваш од тоа?
19 Без сомнение, и ние можеме од лично искуство да кажеме: ‚Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ни ги даде Јехова, нашиот Бог. Сѐ ни се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето‘ (Исус Навин 23:14). Јехова навистина ги избавува, ги штити и се грижи за своите слуги. Можеш ли да наведеш макар едно негово ветување што не се исполнило во свое време? Такво ветување не постои. Мудро постапуваме што имаме доверба во непогрешливата Божја реч.
20. Зошто можеме со доверба да ја очекуваме иднината?
20 Што ни носи иднината? Јехова ни кажува дека повеќето од нас можат да се надеваат дека ќе живеат на Земјата, која ќе биде претворена во прекрасен рај. Само малкумина од нас имаат надеж да владеат со Христос на небото. Но, без оглед на нашата надеж, имаме добри причини да му останеме верни на Бог, како што му бил верен и Исус Навин. Доаѓа денот кога нашите надежи ќе се остварат. Тогаш ќе се сетиме на сите ветувања што ги дал Јехова, па и ние ќе речеме: ‚Сѐ се исполни‘!
[Фуснота]
^ пас. 18 Издадена од Јеховините сведоци.
Можеш ли да објасниш?
• Кои ветувања што ги дал Јехова се исполниле пред очите на Исус Навин?
• Кои Божји ветувања се исполниле пред твои очи?
• Во што можеме да бидеме сигурни во врска со Божјата реч?
[Прашања]
[Слика на страница 23]
Јехова интервенирал за да го избави својот народ
[Слика на страница 23]
Како Јехова го заштитил својот народ кај Црвеното Море?
[Слика на страница 24]
Како Јехова се грижел за својот народ во пустината?
[Слики на страница 25]
Јехова се грижи за својот народ денес