Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што значи за тебе Христовата присутност?

Што значи за тебе Христовата присутност?

Што значи за тебе Христовата присутност?

„Кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (МАТ. 24:3).

1. Кое интересно прашање му го поставиле апостолите на Исус?

ПРЕД речиси две илјади години, четворица од апостолите му поставиле едно прашање на својот Господар Исус додека разговарале насамо со него на Маслинската Гора. Прашањето било: „Кога ќе биде тоа и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на свршетокот на овој поредок?“ (Мат. 24:3). Во ова прашање, апостолите користеле два многу интересни израза: „твојата присутност“ и „свршетокот на овој поредок“. Што значат овие изрази?

2. Што значи зборот ‚свршеток‘?

2 Да го разгледаме најпрво вториот израз. Зборот ‚свршеток‘ е превод на грчкиот збор синте́лиа. Во Преводот Нов свет, овој збор доследно се преведува со „свршеток“, додека сродниот грчки збор те́лос се преведува со „крај“. За да ја разбереме разликата во значењето на овие два збора, да разгледаме една споредба со предавање кое се одржува во Салата на Царството. Свршетокот на предавањето се однесува на заклучниот дел во кој говорникот накратко ги потсетува присутните на информациите што ги изнел пред тоа и зошто тие се важни за нив. Крајот на предавањето е кога тој ќе слезе од подиумот. На сличен начин, во Библијата, изразот „свршетокот на овој поредок“ го означува временскиот период кој води кон крајот, а го вклучува и самиот крај.

3. Кои работи се случуваат во текот на Исусовата присутност?

3 А што е со ‚присутноста‘ за која се интересирале апостолите? Ова е превод на грчкиот збор паруси́а. * Христовата паруси́а, или присутност, започнала кога Исус бил поставен за Цар на небото во 1914 год. и продолжува до и ја вклучува ‚големата неволја‘, кога тој ќе дојде да ги уништи злобните (Мат. 24:21). Во текот на оваа присутност се случуваат многу работи како, на пример, течат „последните денови“ на овој поредок, се собираат избраните и воскреснуваат за небесен живот (2. Тим. 3:1; 1. Кор. 15:23; 1. Сол. 4:15-17; 2. Сол. 2:1). Може да се каже дека периодот на „свршетокот на овој поредок“ (синте́лиа) е ист со периодот кој е означен како Христова присутност (паруси́а).

Подолг временски период

4. Каква паралела постои меѓу Исусовата присутност и настаните од времето на Ное?

4 Значи, зборот паруси́а се однесува на подолг временски период. Тоа е во согласност со она што го кажал Исус кога зборувал за својата присутност. (Прочитај Матеј 24:37-39.) Забележи дека тој не ја споредил својата присутност со релативно краткиот период кога настапил Потопот во времето на Ное. Напротив, ја споредил со прилично подолгиот период кој му претходел на Потопот. За тоа време Ное ја градел арката и проповедал, сѐ до моментот кога Потопот конечно започнал. Овие настани се одвивале во текот на повеќе децении. На сличен начин, за време на Христовата присутност ќе се случуваат повеќе настани кои ќе водат до и ќе ја вклучат и големата неволја (2. Сол. 1:6-9).

5. Како зборовите запишани во Откровение 6. поглавје покажуваат дека Исусовата присутност ќе трае подолго време?

5 И други библиски пророштва јасно покажуваат дека Христовата присутност се однесува на подолг временски период, а не само на неговото доаѓање за да ги уништи злобните. Во книгата Откровение, Исус е прикажан како јава на бел коњ и како му е дадена круна. (Прочитај Откровение 6:1-8.) Откако бил крунисан за Цар во 1914 год., Исус ‚излегува победувајќи и тргнува во конечна победа‘. Од понатамошниот извештај се гледа дека по него излегуваат други коњаници кои јаваат на коњи со различна боја. Пророчки, овие јавачи ги претставуваат војните, гладот и болестите. Сите овие работи се случуваат во подолгиот временски период кој е означен како „последните денови“. Исполнувањето на ова пророштво го гледаме со свои очи.

6. Кои работи во врска со Христовата присутност ни се објаснети во Откровение 12. поглавје?

6 Дванаесеттото поглавје од Откровение содржи други поединости во врска со воспоставувањето на Божјето Царство на небото. Таму читаме дека во духовниот свет избувнала војна. Михаел — Исус Христос на својата небесна положба — и неговите ангели се бореле против Ѓаволот и неговите демони. Како резултат на тоа, Ѓаволот и неговите орди биле исфрлени на Земјата. Извештајот вели дека тогаш Ѓаволот многу се разгневил, „знаејќи дека има кратко време“. (Прочитај Откровение 12:7-12.) Според тоа, јасно е дека, по воспоставувањето на Христовото Царство на небото, требало да следува период на сѐ поголеми неволји за Земјата и за сите што живеат на неа.

7. За што се работи во вториот псалм, и за каква можност станува збор?

7 И вториот псалм пророчки покажува дека Исус ќе биде поставен за Цар на небесната гора Сион. (Прочитај Псалм 2:5-9; 110:1, 2.) Но, овој псалм покажува и дека ќе има еден период кога на владетелите на Земјата, како и на нивните поданици, ќе им се даде можност да ѝ се подложат на Христовата власт. Тие ќе добијат совет да ‚постапат разборито‘ и да го ‚прифатат укорот‘. Да, во тоа време ќе бидат „среќни... сите на кои Бог им е засолниште“ затоа што му служат нему и на Царот што го поставил тој. Според тоа, во периодот кога Исус е присутен како цар, владетелите и нивните поданици ќе имаат можност да ги направат потребните промени (Пс. 2:10-12).

Да се препознае знакот

8, 9. Кој требало да го препознае знакот на Христовата присутност и да го разбере неговото значење?

8 Кога фарисеите го прашале кога ќе дојде Царството, Исус им одговорил дека тоа нема да дојде така што ќе можат да го видат (Лука 17:20, 21). Неверниците нема да разберат. А како и би можеле да разберат? Па, тие не сфатиле ни дека Исус е нивниот иден Цар. Тогаш, кои се тие што требало да го препознаат знакот на Христовата присутност и да го разберат неговото значење?

9 Исус рекол дека неговите ученици ќе го видат знакот. Ќе им биде толку видлив како „молњата [која] со својот блесок светнува од едниот крај на небото до другиот“. (Прочитај Лука 17:24-29.) Интересно е да се забележи дека Матеј 24:23-27 директно ја поврзува истата мисла со знакот на Христовата присутност.

Поколението што ќе го види знакот

10, 11. а) Какво беше досегашното разбирање на зборот „поколение“ од Матеј 24:34? б) До каков заклучок сигурно дошле учениците на Исус во врска со тоа кој спаѓа во ‚поколението‘?

10 Пред неколку години во ова списание беше објаснето дека „ова поколение“, кое се спомнува во Матеј 24:34, во првиот век се однесувало на поколението од неверни Евреи кои живееле во времето на Исус. * Ова објаснување изгледаше разумно бидејќи, на сите други места, Исус го користел зборот „поколение“ со негативен призвук и, во повеќето случаи, пред него употребил и негативна придавка — на пример, еднаш рекол дека тоа поколение е „зло“ (Мат. 12:39; 17:17; Мар. 8:38). Затоа се сметаше дека, во денешното исполнување на Исусовите зборови, овој израз се однесува на злобното „поколение“ од неверници кои ќе ги видат и обележјата на „свршетокот на поредокот“ (синте́лиа) и неговиот крај (те́лос).

11 Точно е дека Исус го користел зборот „поколение“ во негативна смисла кога им се обраќал или кога зборувал за злите луѓе што живееле во неговото време. Но, дали тоа важи и за изјавата што ја дал во Матеј 24:34? Сети се дека четворица негови ученици му пристапиле „насамо“ (Мат. 24:3). Со оглед на тоа што Исус не го опишал негативно „ова поколение“, неговите апостоли сигурно заклучиле дека тие, а и другите ученици на Исус, го сочинуваат ова „поколение“ што нема да помине „додека не се случи сето тоа“.

12. Како ни покажува контекстот на кого мислел Исус кога го употребил зборот „поколение“?

12 Врз која основа доаѓаме до овој заклучок? Ако внимателно го разгледаме контекстот. Во Матеј 24:32, 33 се запишани следниве зборови на Исус: „Учете од споредбата со смоквата. Кога од неа ќе потера гранка и ќе пушти лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата“. (Спореди Марко 13:28-30; Лука 21:30-32.) А потоа, во Матеј 24:34 читаме: „Вистина, ви велам, ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“.

13, 14. Зошто може да кажеме дека, кога рекол „поколение“, Исус сигурно мислел на своите ученици?

13 Исус рекол дека неговите ученици, кои набрзо потоа требало да бидат помазани со свет дух, биле оние што требало да донесат заклучоци кога ќе виделе дека се случува „сето тоа“. Значи, Исус очигледно мислел на своите ученици кога рекол: „Ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“.

14 За разлика од неверниците, учениците на Исус не само што ќе го виделе знакот туку и ќе го разбереле неговото значење. Тие ќе ‚научеле‘ нешто од обележјата на овој знак и ќе го ‚знаеле‘ нивното вистинско значење. Ќе им било сосема јасно дека Исус „е близу, пред вратата“. Иако е точно дека и неверните Евреи и верните помазани христијани го виделе делумното исполнување на Исусовите зборови во првиот век, само неговите помазани следбеници во тоа време можеле да учат од овие настани, односно можеле да го разберат вистинското значење на она што го гледале.

15. а) Кој го сочинува денешното „поколение“ за кое зборувал Исус? б) Зошто не можеме да пресметаме колку долг ќе биде периодот кога ќе живее „ова поколение“? (Види ја рамката на 25. страница.)

15 Оние што не ја гледаат духовната страна на работите денес, мислат дека знакот на Христовата присутност не се гледа. Тие велат дека сѐ си е исто како што било во минатото (2. Пет. 3:4). Од друга страна, Христовите верни помазани браќа, современата класа на Јован, го гледаат знакот како да е молња и го разбираат неговото вистинско значење. Како група, овие помазаници го сочинуваат денешното „поколение“ од современици кое нема да помине „додека не се случи сето тоа“. * Ова нѐ наведува на заклучокот дека некои Христови помазани браќа ќе бидат сѐ уште живи на Земјата кога ќе започне проречената голема неволја.

„Бдејте“

16. Што мора да прават сите ученици на Христос?

16 Сепак, не е доволно само да се препознае знакот. Исус понатаму рекол: „Ова што ви го велам вам, им го велам на сите: Бдејте!“ (Мар. 13:37). Овие зборови се од огромна важност за сите нас денес, сеедно дали сме помазаници или му припаѓаме на големото мноштво. Изминаа девет децении откако Исус бил поставен за Цар на небото во 1914 год. Колку и да ни е тешко, мора да бидеме подготвени и да бдееме. Тоа што знаеме дека Христос е невидливо присутен како Цар ни помага во ова. Освен тоа, нѐ прави свесни дека наскоро тој ќе дојде да ги уништи своите непријатели ‚во час кога не се надеваме‘ (Лука 12:40).

17. На што треба да нѐ поттикне ова разбирање, и што треба да бидеме решени да правиме?

17 Бидејќи го разбираме значењето на Христовата присутност, чувството за итност кај нас е уште посилно. Знаеме дека Исус е веќе присутен и дека владее невидливо како Цар на небото од 1914 год. Наскоро тој ќе дојде да ги уништи злите и да направи огромни промени на целата Земјина топка. Затоа треба да бидеме порешителни од кога и да е порано активно да учествуваме во делото кое тој го прорекол кога изјавил: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот [те́лос]“ (Мат. 24:14).

[Фусноти]

^ пас. 3 Подетална анализа на значењето на зборот паруси́а може да се најде во Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures, англ.), том 2, страници 676-679.

^ пас. 10 Види ја Стражарска кула од 1 ноември 1995 год., страници 11-15, 19, како и страници 30, 31 од хрватското издание на истиот број.

^ пас. 15 Изгледа дека временскиот период во кој живее „ова поколение“ е ист со периодот во кој се исполнува првото видение од книгата Откровение (Отк. 1:10 — 3:22). Ова обележје на денот на Господарот се протега од 1914 год. па сѐ до смртта и воскресението на последниот верен помазаник. (Види ја книгата Откровение — близу е величествената завршница! 24. страница, 4. пасус.)

Како би одговорил?

• Од каде знаеме дека Исусовата присутност ќе трае подолг период?

• Кој ќе го препознае знакот на Исусовата присутност и неговото значење?

• Кој го сочинува денешното „поколение“ кое се спомнува во Матеј 24:34?

• Зошто не можеме точно да пресметаме колку долг период ќе живее „ова поколение“?

[Прашања]

[Рамка на страница 25]

Може ли да пресметаме во колку долг период ќе живее „ова поколение“?

Зборот „поколение“ во Библијата обично се однесува на луѓе на различна возраст, кои живеат во ист период или за време на некој настан. На пример, во 2. Мојсеева 1:6 се вели: „На крајот умре Јосиф, а и сите негови браќа и целото она поколение“. Јосиф и неговите браќа биле на различна возраст, но биле сведоци на исти работи во текот на одреден период. Во „она поколение“ спаѓале некои од браќата на Јосиф што се родиле пред него. А некои од нив го надживеале (1. Мој. 50:24). Други од „она поколение“, како што бил Венијамин, се родиле по Јосиф и можеби продолжиле да живеат и по неговата смрт.

Според тоа, кога зборот „поколение“ се користи за да се означат луѓе што живеат во одредено време, не може да се каже точно колку долго трае тоа време. Сепак, тоа има крај и нема да биде предолго. Затоа, кога го употребил изразот „ова поколение“, кој стои во Матеј 24:34, Исус не им дал на своите ученици формула со која ќе можат да пресметаат кога точно ќе завршат „последните денови“. Напротив, нагласил дека тие нема да го знаат „тој ден и час“ (2. Тим. 3:1; Мат. 24:36).

[Слика на страници 22 и 23]

Исус е прикажан како „победува“ откако бил крунисан за Цар во 1914 год.

[Слика на страница 24]

„Ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“