Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова нежно се грижи за своите постари слуги

Јехова нежно се грижи за своите постари слуги

Јехова нежно се грижи за своите постари слуги

„Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (ЕВР. 6:10).

1, 2. а) На што те потсетува побелената коса на некој брат или сестра? б) Како гледа Јехова на постарите христијани?

КОГА ќе ти падне погледот врз побелените коси на постарите во собранието, дали ти доаѓа на ум еден извештај од библиската книга Даниел? Во едно видение што му го дал на Даниел, Јехова Бог се претставил себеси со седа коса. Даниел напишал: „Додека гледав, беа поставени престоли и Прадревниот седна. Облеката му беше бела како снег, а косата на главата како чиста волна“ (Дан. 7:9).

2 Природната, односно чистата волна, обично има топла бела боја. Според тоа, белата коса и титулата „Прадревниот“ ни го свртуваат вниманието на долговечноста и мудроста на Бог, поради кои тој ја заслужува нашата најдлабока почит. Тогаш, како гледа Прадревниот, Јехова, на постарите мажи и жени кои верно му служат? Божјата реч вели дека „седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста“ (Изр. 16:31). Значи, ако еден верен христијанин има седа, односно бела коса — што е знак на зрелост — тој изгледа прекрасно во Божји очи. Дали и ти гледаш на постарите браќа и сестри како што гледа Јехова?

Зошто се скапоцени?

3. Зошто постарите соверници се скапоцени за нас?

3 Во таквите сакани постари слуги на Бог спаѓаат и членовите на Водечкото тело на Јеховините сведоци, како и сегашни и поранешни патувачки надгледници, ревносни пионери и зрели објавители на Царството — браќа и сестри кои верно служат во нашите собранија. Можеби лично познаваш некои што со децении ревносно ја проповедаат добрата вест и чиј добар пример ги мотивира помладите и влијае врз нивниот живот. Некои постари соверници имале големи одговорности и претрпеле прогонство поради добрата вест. Јехова и „верниот и разборит роб“ многу го ценат сето она што го правеле и го прават во делото за Царството (Мат. 24:45).

4. Зошто треба да ги почитуваме постарите христијани и да се молиме за нив?

4 Ваквите верни постари Божји слуги заслужуваат да бидат ценети и почитувани од другите слуги на Јехова Бог. Всушност, Божјиот закон што бил даден преку Мојсеј ги поврзува обѕирот и почитта кон постарите со стравот од Јехова (3. Мој. 19:32). Треба редовно да се молиме за овие верни браќа и сестри и да му благодариме на Бог за трудот што со љубов го вложуваат. Апостол Павле се молел за своите мили соработници, и за младите и за постарите. (Прочитај 1. Солуњаните 1:2, 3.)

5. Каква корист може да имаме ако се дружиме со постари слуги на Јехова?

5 Освен тоа, сите во собранието имаат корист од тоа што се дружат со постарите христијани. Со своето проучување, набљудување и искуство, верните постари слуги на Јехова имаат насобрано скапоцено знаење. Низ годините научиле да покажуваат стрпливост и сочувство, и многу се радуваат кога можат да му го пренесат она што го знаат на следното поколение (Пс. 71:18). Млади, бидете мудри и црпете од овој извор на знаење исто како што би црпеле вода од длабок бунар (Изр. 20:5).

6. Како можеш да им покажеш на постарите дека навистина ги цениш?

6 Дали им ставаш до знаење на постарите дека ги цениш исто како што ги цени Јехова? Еден начин на кој можеш да го сториш ова е ако им кажеш колку многу ги сакаш затоа што му се верни на Бог и колку ти значи нивното мислење. Освен тоа, ако постапуваш во склад со она што си го научил од нив, покажуваш дека искрено ги почитуваш. Многу христијани кои сега се во поодминати години се сеќаваат на мудрите совети што во младоста ги добиле од други верни постари слуги на Бог. Тие велат дека тоа што ги примениле таквите совети многу им помогнало во животот. *

Нежно грижи се за нив на практичен начин

7. Од кого Јехова главно очекува да ја преземе грижата за постарите?

7 Бог очекува главно семејствата на постарите да се грижат за нив. (Прочитај 1. Тимотеј 5:4, 8.) Јехова се радува кога семејствата ја исполнуваат својата обврска кон постарите роднини, и така покажуваат дека се грижат за старите лица исто како што се грижи и тој. Бог им помага на овие семејства и ги благословува за нивниот труд и за сите жртви што ги прават. *

8. Зошто треба собранијата да покажат дека се грижат за постарите христијани?

8 Јехова е задоволен и кога матичното собрание им помага на верните постари лица кои имаат потреба од помош бидејќи нивното семејство не е во вистината, а во некои случаи дури и не сака да се грижи за нив (1. Тим. 5:3, 5, 9, 10). На тој начин собранијата покажуваат дека се „сочувствителни, полни со братска љубов [и] сомилосни“ кон постарите (1. Пет. 3:8). Во една своја споредба, апостол Павле рекол дека, ако еден дел од човечкото тело трпи, „сите други делови трпат со него“ (1. Кор. 12:26). Оваа споредба е убав пример и за тоа колку искрено се заинтересирани членовите на собранието за постарите меѓу нив. Кога се преземаат практични чекори и се покажува сочувство кон постарите, всушност, се почитува начелото што стои зад следниов совет што го дал Павле: „Носете ги бремињата еден на друг, и така ќе го исполните законот Христов“ (Гал. 6:2).

9. Каков товар можат да наметнат поодминатите години?

9 Каков товар носат постарите? Мнозина брзо се уморуваат. На некои им се претешки дури и најосновните работи како, на пример, да појдат на лекар, да си ги платат сметките, да ја зачистат куќата или да зготват јадење. Со годините обично се намалуваат апетитот и жедта, па затоа можеби си мислат дека не треба да јадат и да пијат толку колку што навистина им е потребно. Истото може да го чувствуваат и во однос на потребата од духовна храна. Бидејќи, поради староста, гледаат и слушаат сѐ послабо, можеби им е тешко да читаат и да ја следат духовната програма, па дури и само да се облечат за да појдат на состанок. Тогаш, што можат да сторат другите за да им помогнат на овие остарени лица?

Како да помогнеш

10. Што можат да сторат старешините за постарите да добијат практична помош?

10 Во многу собранија, браќата и сестрите се грижат за постарите на примерен начин. Тие со љубов им помагаат околу пазарењето, готвењето и чистењето. Им помагаат да проучуваат, да се подготват за состаноците и редовно да одат во служба. Помладите Сведоци одат заедно со нив и им обезбедуваат превоз. Ако постарите не можат да излезат од дома, се поврзуваат телефонски со состаноците или, пак, им се снима програмата. Секогаш кога е можно, старешините водат сметка да се направат практични чекори за да се задоволат потребите на постарите во нивното собрание. *

11. Раскажи како едно семејство му помогнало на еден постар брат.

11 И секој од нас лично може да им укаже гостопримство и да покаже великодушност. Откако му умрела жената, еден постар брат не можел повеќе да ја плаќа киријата што ја покривале со нејзината пензија. Тој и жена му ја проучувале Библијата со едно семејство — татко, мајка и две ќерки на тинејџерска возраст — кое имало голема куќа. Тие му отстапиле две соби, и тој се преселил кај нив. Цели 15 години, јаделе и се смееле заедно и уживале во братска наклоност. Помладите научиле многу од неговата вера и од богатото искуство, а тој уживал во радосното дружење. Овој постар брат живеел со нив сѐ до својата смрт на 89 години. Семејството сѐ уште му благодари на Бог за многуте благослови што ги добило од дружењето со него. Тие ‚не ја загубиле својата награда‘ затоа што му помагале на еден ученик на Исус Христос (Мат. 10:42). *

12. Како би можел нежно да се грижиш за браќата и сестрите кои се во поодминати години?

12 Можеби не си во состојба да му помогнеш на некој постар брат или сестра како што помагало ова семејство, но можеби можеш да им помогнеш на постарите да појдат на состанок и во служба. Би можел да ги викнеш на гости или кога одите на излет. Можеш да ги посетиш, особено ако се болни или врзани за кревет. Освен тоа, можеш и треба секогаш да постапуваш со нив како со зрели возрасни луѓе. Сѐ додека се умствено способни, постарите христијани треба да бидат вклучени во сите одлуки што се однесуваат на нив. Дури и оние што изгубиле прилично од своите умствени способности можат да почувствуваат дали другите се однесуваат кон нив со почит.

Јехова нема да го заборави она што некој го прави за него

13. Зошто е важно да бидеме обѕирни кон чувствата на постарите христијани?

13 Многу е важно да бидеме обѕирни кон чувствата на постарите. На мнозина од нив им е многу тешко затоа што не се во можност да го прават сето она што го правеле кога биле помлади и поздрави. На пример, една сестра, која ревносно му служела на Јехова околу 50 години и била општ пионер, сериозно се разболела и многу ѝ е тешко да оди на состаноци. Кога ја споредила својата поранешна служба со своите сегашни ограничувања, таа почнала да плаче. Со наведната глава, низ солзи рекла: „Веќе ништо не правам“.

14. Какво охрабрување можат да најдат постарите Јеховини слуги во псалмите?

14 Ако си постар, дали понекогаш и тебе те измачуваат такви болни чувства? Има ли, можеби, моменти кога ти се чини дека Јехова те оставил? Можно е и псалмистот да имал слични чувства кога навлегол во години, бидејќи го молел Јехова: „Немој да ме отфрлиш на старост! Кога ќе ме издаде силата, немој да ме оставиш!.. Не оставај ме ни во староста, кога ќе ми побели косата, о Боже“ (Пс. 71:9, 18). Се разбира, Јехова немал намера да го остави писателот на тој псалм, а нема да те остави ни тебе. Во еден друг псалм, Давид изразил доверба дека Бог му помага. (Прочитај Псалм 68:19.) Биди уверен дека, ако си верен постар христијанин, Јехова е со тебе и ќе продолжи да ти помага од ден на ден.

15. Што може да им помогне на постарите да останат позитивни?

15 Јехова никогаш не го заборава сето она што вие, постари негови Сведоци, сте го направиле и сѐ уште го правите за Негова слава! „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“, вели Библијата (Евр. 6:10). Затоа, немојте да дозволите да развиете негативен став и погрешно да мислите дека веќе не сте корисни за Јехова затоа што сте во поодминати години. Трудете се да ги замените депресивните и песимистички мисли со позитивно размислување. Радувајте се поради сегашните благослови и поради вашата надеж за иднината! Нашиот Творец ни гарантира „иднина и надеж“ — и тоа најубавите што може да бидат! (Ерем. 29:11, 12; Дела 17:31; 1. Тим. 6:19). Размислувајте за својата надеж, трудете се да останете млади во срцето и во умот и никогаш не потценувајте ја вредноста на вашата присутност во собранието! *

16. Зошто еден постар брат размислувал да престане да служи како старешина, но како го охрабрило старешинството?

16 Да го земеме за пример Јохан, кој има 80 години и по цел ден се грижи за својата верна жена, Сани, која сега е инвалид. * Христијанските сестри се менуваат кај Сани за Јохан да може да оди на состаноци и во служба. Сепак, неодамна Јохан се почувствувал емоционално исцрпен и почнал да размислува дека веќе не треба да служи како старешина во собранието. „Зошто воопшто да служам како старешина?“ — прашал тој со очи полни со солзи. „Веќе не правам ништо корисно за собранието.“ Другите старешини во неговото собрание разговарале со него уверувајќи го дека неговото искуство и просудување многу им значи. Го поттикнале да продолжи да служи како старешина иако веќе не може да прави толку многу за собранието. Силно охрабрен од нивните зборови, Јохан продолжува да служи како старешина, на радост на собранието.

Јехова навистина се грижи

17. Какво уверување им дава Библијата на постарите христијани?

17 Библијата јасно става до знаење дека постарите можат и понатаму духовно да напредуваат и покрај проблемите што ги носи староста. Псалмистот изјавил: „Оние што се посадени во домот на Јехова... ќе цветаат и кога косата ќе им побели, јадри и свежи ќе останат“ (Пс. 92:13, 14). Апостол Павле, кој можеби се борел со некој здравствен проблем, ‚не се откажувал, дури и ако неговиот надворешен човек се распаѓал‘. (Прочитај 2. Коринќаните 4:16-18.)

18. Зошто на постарите соверници и на оние што ги негуваат им е потребна помош од другите?

18 Денес има многу примери што покажуваат дека постарите можат да „цветаат“. Сепак, тешкотиите што ги носат болеста и староста можат да ги обесхрабрат дури и оние постари лица на кои им помагаат грижливи и одговорни членови на семејството. Освен тоа, можат да се исцрпат и оние што ги негуваат. Собранието има чест и одговорност да покаже љубов на дело кон постарите и кон оние што се грижат за нив (Гал. 6:10). Кога даваме ваква помош, ние, всушност, покажуваме дека не им велиме на таквите ,да се згреат и да се наситат‘, туку навистина им помагаме на практичен начин (Јак. 2:15-17).

19. Зошто верните постари христијани можат со доверба да гледаат на иднината?

19 Иако поодминатата возраст може донекаде да влијае врз активностите на христијаните, времето не ја намалува љубовта што Јехова ја чувствува кон своите лојални постари слуги. Напротив, сите тие верни христијани се скапоцени во негови очи и тој никогаш нема да ги остави (Пс. 37:28; Иса. 46:4). Јехова ќе ги поддржува и ќе ги води сѐ додека се живи (Пс. 48:14).

[Фусноти]

^ пас. 6 Види ја статијата „Остарените христијани — благослов за младите“, во Стражарска кула од 1 јуни 2007 год.

^ пас. 7 Види го 15. поглавје од книгата Тајната на семејната среќа, со наслов: „Да ги почитуваме нашите остарени родители“.

^ пас. 10 Во некои земји, можеби ќе може да им се помогне на остарените да добијат социјална помош од државата. Види ја статијата „Бог се грижи за постарите“, во Стражарска кула од 1 јуни 2006 год.

^ пас. 15 Види ја статијата „Украсот од бела коса“, во Стражарска кула од 15 март 1993 год.

^ пас. 16 Имињата се сменети.

Како би одговорил?

• Зошто верните постари христијани се скапоцени за тебе?

• Како можеме нежно да се грижиме за постарите соверници?

• Што може да им помогне на постарите Јеховини слуги да бидат позитивни?

[Прашања]

[Слики на страница 18]

Членовите на собранието многу ги ценат постарите